Приказивање постова са ознаком мајчин јазик. Прикажи све постове
Приказивање постова са ознаком мајчин јазик. Прикажи све постове

21. 2. 2014.

Меѓународен ден на мајчиниот јазик, 21 февруари

  Во чест на Денот на мајчиниот јазик, учениците од шесто одделение твореа  пишувајќи за убавините на езерото.
Ако твориш, зборуваш, пееш, мислиш, сонуваш на мајчиниот јазик, го почитуваш и за него нема опаснот од исчезнување.
Мајчиниот јазик е мој, од Давид, Амзо, Наумче, Селма, Максуд, Фатима, Амела, Тамара...
Тој е право на секој поединец во нашата Македонија.
Среќата поубаво се чувствува на мајчиниот јазик! Радоста се доживува кога ја разбираш-на мајчиниот јазик!Соништата се вистински на мајчиниот јазик!Тагата и болката полесно се поднесуваат кога ги делиш со другиот- на мајчиниот јазик!
Првиот детски збор, првата мајчина насмевка, првиот љубовен трепет вистински се доживуваат на мајчиниот јазик.Другарска кавга, трема од тест или некаков проблем полесно се решаваат на мајчиниот јазик.
Се обидуваат да  негираат, да ни  наметнуваат други туѓи јазици, да не` делат и јазично уништуваат.
Одговорот е следен:„Мајчиниот јазик е еден -македонскиот јазик!“

             Струга и езерото
Секој ден одам во Струга,
во Струга, како која нема друга.
Сонце сјае, галеби со вресок,
децата изморени легнати во песок.

Дрим и езерото полни со чиста вода,
за таа благодет, фала му на Бога.
Поетот искрен, стихови чита,
повелете, луѓе, Струга ве вика.
    -Максуд Ибушоски

    Езерска слика
Крај езеро тивко, мирно
се разлева мирис ширно
од трски, вода и плажа
убавини езерото но покажа.

Бистра вода и сончев блесок
камчиња и многу песок
А Муки гледа, на брегот стои
езерски далги на глас брои.

Езерската,пак, птица во лет
во песочна кула се сокри
го заклучи својот таен свет
 од љубопитници се покри.

Сликар да сум славен
со бои и четка главен
ќе насликам се` до збор
езерски е тоа одговор.
  -Селма, Самија, Мухамиде, Едина,  Мунира, Анеса, Амела и Мејта

       
Лебед нурнат во водата на Охридското Езеро
  Езеро
Езеро мое,езеро драго
најубав си цвет
во целиот свет.

Езерска е бајка
лебед штом видам
среќна да бидам.

Езерото приказни плете
Риби ќе ловам
со кајче ќе пловам.

Оваа слика е јасна
сонцето  грее,
а езерото нам  ни се смее.
  -Ремзија Калчиноска

   Езерска слика
Крај езеро поминав
со восхит застанав
и преполна со воздишки
од таа убавина, заминав.

Езерска далга во песна
мелем ми дава на душа
ветерчок со таа мелодија лесна
намерниик вика да слуша.

Кога ли повторно, пак,
ќе го слушнам тој езерски глас,
кога ли таа убава слика,
повторно ќе ме повика.
  -Наталија Божниќеска

Езерска музика
Во плитките места
се слуша жубор
тоа е вистинско чудо
на сината езерска вода.

Бели лебеди кружат
со кајчиња рибарски се дружат
необична тоа е ода
на сината езерска вода.

Распеани птици летаат
 дечиња радосни шетаат
дружба необична е тоа
крај сината езерска вода.
    -Семина Азизоска
„Бистро езеро гледаш белеит“

   Езерска слика
Езерото е ко сино небо
галеби како бисери нишка
бранови кои гласно ечат
како деца кога ќе заплачат.

Езерски дворци ќе отворам
на далги ќе те понесам
со лебеди ќе те пречекам
риби друшки ќе донесам.
        -Љупчо Топузоски

Езерска слика
Езерска слика една
во памет ми стои
со волшебни, нежни бои.

Кајче низ езеро плови
весело и мирно,
како птица што лета
на небото ширно.

Езерска слика една
во очи ми цвета,
како златна птица 
што позлатува кога лета.
  -Имер Дервишоски






Езерски немир

Езерска слика
Над безвременското ветрот  шета
низ бескрајноста, нежно птица лета.
Совршенството низ хоризонтот се шири
златна рамка од дното езерско  ѕирка.

Убави спомени низ него пловат,
сечие срце безгрижно го ловат.
Екот во песокот спие
лик на дете во езерото се мие.

Рака испружи да го дофатиш
совршенството и убавиот мирис,
или во безвременското ќе го оставиш.

Езерска струна високо ме крева
растреперен облак јас да допрам,
клокотот од чувствата мои,
безгрижно ме опива.

Езерото е волшебно, сјајно
тоа ми е едноставно јасно.
Сите нека слушнат и викнат
Чисто, нежно и гласно.
    -Тамара Дишлијевска

Езерска слика
Езерото со необичен сјај,
цветови расцутуваат во мај,
ластовичка песна пее,
сонцето надвор грее.

На дрвото сјаен лист,
од езерски бои чист,
во езерото болшебен сон
како сладок разигран ѕвон.
    -Цаноска Мејта

  Езерска слика
Едно рано утро
крај езеро мирно
птиците летаат
весело и ширно.

Во водата падна
еден жолт лист,
ние се шетаме
дишеме воздух чист.

Сонцето на езерото
 му се смее,
со неговите зраци
топло го грее.
  -Амзо Салоски

  Езерска убавина

Во тоа око-огледало,
во тоа гнездо и седело,
небото се загледало,
сонцето се налактило,
времето се затаило.

Од нив е бистро- огреано,
е така чисто, разлеано
и како бисер навезено,
езерото е насмеано.

Езерото е мило
езерото е драго,
тоа ми дава сила
тоа ми дава крила.
    -Фатима Усоска

Облак над езеро
Плови облак по небо ширно,
плови тивко над езеро мирно.
Побел од лебед,
побел од снег,
побел од памук-
пердувест мек.

Кога над вирот најдлабок мина,
облакот мигум се стопи, згина
облакот-лебед,
облакот-снег,
облакот-памук
нежен и мек.

Знам сега кој е,знам кај се скри!
А дали знаеш, детенце ти?
Сега под дното
езерско езди
на дланка носи
бисерни ѕвезди.
  -Самија Цаноска







21. 2. 2012.

Светски ден на мајчиниот јазик

УНЕСКО го прогласи 21 февруари за Светски ден на мајчиниот јазик, на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година. Во 2000 година тој е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам.
Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување. Според статистиката, во последните три века драматично се намалил бројот на јазици, особено на американскиот и австралискиот континент. Околу 200 земји се пред предизвикот да ги зачуваат „малите" јазици и да се погрижат тие да се употребуваат заедно со светските јазици. Покрај Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, на 26 септември се одбележува и Денот на европските јазици. Во 1998 година стапи во сила Европската повелба за заштита на регионалните и малцинските јазици со која, исто така, се потенцира лингвистичката разновидност и повеќејазичноста.
                                                  (преземено од Кирилица)
Зачувајте го мајчиниот македонски јазик како зеница во окото!

,,Македонскиот јазик треба да биде строен и изразит, да биде вистински  белег на македонската нација, зашто преку литературниот јазик се закрепнува најздраво свеста за припадност кон нацијата.Македонскиот литературен јазик треба да биде навистина македонски.“
                          (Блаже Конески)
                                     
Колку убаво се твори на мајчин јазик!!

               Без јазик си никој и ништо
        Родниот јазик е бисерен ѓердан
        од зборови -плодови сочни,
        мислите тие ти ги редат
        во слики јасни и точни.

        Тој е вруток непресушен,вечен,
        низ бистри капки-зборови тече.
        Жубори,клокоти,ѕвони,се лее
        ко јасна ѕвезда секој збор грее.

        Тој ни е завет од дедовците
        како тланикот на огништето.
        Чувај го како црнка во очите-
        без јазик си никој и ништо.
              
                                  Видое Подгорец


 Колку убаво се пее на мајчин јазик!!



 
 ,,Во македонскиот литературен јазик треба до најголем степен да се изрази неговата народна основа.Речникот на ли тературниот јазик да се збогатува со зборови од сите наши дијалекти,да се изградуваат нови зборови со живи наставки и само колку што е потребно, да се усвојуваат и туѓи зборови.“
                                                  (Блаже Конески)

Не можам, а да не се согласам со овој став на нашиот истакнат и признат научник и поет, Блаже Конески.Во ова време на компјутеризација-интернет, кога навлегувањето на туѓите зборови е лесно и некако со отворени раце прифатено, посебно од младите луѓе, многу е значајно негувањето на народниот дух и традиција во постојаното изградување на македонскиот литературен јазик.
 Често ќе слушнеме зборови како ,,маус“, ,,чет“, ,,бенчмарк“, ,,бекстејџ“, ,,лајк“, ,,постира“... што си имаат соодветни замени во нашиот мајчин јазик.
Навистина, колку јазици знаеш си побогат,но не по цена на сопствениот.
Ниту еден туѓ јазик не може да го замени мајчиниот јазик.
 ,,Учи напред книга на свој јазик,после ако имаш време,учи и на други јазици.Тој што учит книга толко на туѓ јазик,а не на својот,тој е еднаков со оној што ја отфрлјат мајка си и на место неја земат друга“.
                         (Партениј Зографски)
Мајчиниот јазик е потврда за сопствениот идентитет,за припадноста кон едно парче земја,за долгот што го имаме кон нашите прадедовци.
  ,,Јазикот е средство со кое ние дознаваме што мисли,што чувствува и што сака нашиот собеседник.Во јазикот има одделни гласовни знакови или зборови за сите мисли,чувства и желби на еден човек,затоа јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли,чувства и желби со коишто има живеано и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго.“
                                        ,,За македонцките работи“-Крсте Петков Мисирков

Колку е важно значењето на мајчиниот јазик зборува и следниот извадок од книгата:
 ,,Да сочуат некој својот народен јазик и да го бранит како светина значит да останит верен на дуот на своите предедовци и да уважаат,се',шчо имат они напраено за своето потомство.Да се откажит чоек од својот народен јазик,значит,да се откажит он и од народниот дух..“
Големите светски јазици (англискиот,францускиот,германскиот...)се изучуваат во нашите училишта  ,,рамо до рамо“ со македонскиот јазик.Бројот на часови со кои се изучуваат странските јазици речиси се изедначува со мајчиниот.Возрасната граница на изучување е намалена на шест години ,а големиот број на приватни училишта покажува дека интересот за изучување на странските јазици е голем.Овие мои забелешки не треба да бидат сфатени  како обид да се изолира една личност од богатсвото на светските јазици,туку како обид за зачувување на интегритетот на мајчиниот јазик.
Посебно поле за истражување е влијанието на социјалните мрежи врз јазикот.  Преку Интернетот информациите многу лесно доаѓаат до сите нас,а со тоа и контактот со странските јазици(посебно англискиот) е поголем.Латиницата  често е замена за кирилицата.Начинот на општење меѓу  луѓето е изменет,посебно на социјалните мрежи ,каде се' се сведува на ,,лајкови“ и ,,смајли“ и голема употреба на туѓи зборови.
 Во овој свет на различности чувањето и негувањето на мајчиниот јазик  е долг на сите нас,кои сме  обучени и професионално да го пренесуваме до нашите ученици.Пристапот и организацијата при изучувањето на македонскиот јазик треба да се промени,во смисла поголема поврзаност на сите три нивоа на изучување(основно-средно-факултет).Мој став е дека различните степени на изучување на јазикот како да се издвоени еден од друг во едно свое сопствено јадро и така функционираат.При обработката на содржините по мајчин јазик, литература,медиумска култура и изразување и творење на наставниците да им се даде поголема поддршка во врска со наставните средства(поголема техничка помош),списанија,семинари,организација на  натпревари,литературни конкурси на кои учениците со своите наставници ќе го покажат знаењето и желбата за изучување на мајчиниот јазик.Наставниците се оставени сами на себе(сами изработуваат -креираат,сами оценуваат проверуваат). Учењето низ игра со вклучување на новите технички достигнувања се уште еден начин  во утврдувањето на вистинското место на мајчиниот јазик во општеството.Значајно место по ова прашање имаат и Медиумите,кои  презентираат  незнаење на македонскиот литературен јазик,со водители  и новинари кои  зборуваат на својот дијалект.Еве,предлог за отворање  Студиска програма на која ќе се изучува само Правоговорот.
И повторно ќе се навратам на Мисирков,кој во Златната книга на македонизмот вели:
,,Милоста кон народниот јазик јет наш долг  и наше прао.Ние сме должни да милуаме нашиот јазик,зашто тој јет наш, исто така, како што ни јет наша татковината ни.“

Македонија, македонски засекогаш!!
Честит ден на мајчиниот јазик!