26. 2. 2014.

„Црни и жолти“-Славко Јаневски

         Преку стиховите на оваа збирка, авторот нѐ носи на патување низ два континента, десетина држави,  градови, нѐ пробива низ џунгли, пустини, острови, нѐ  запознава со жителите на овие места и ни покажува разни животни.

Црни и жолти е збирка со детска поезија на македонскиот писател, Славко Јаневски.
За првпат, книгата е објавена во 1967 година, а подоцна има доживеано поголем број изданија.
Збирката „ Црни и жолти“ содржи предговор со наслов „ До мојот читач, се знае - кој и да е!“, 19 песни, како и речник со објаснувања.


Содржина на збирката:
  • Пошла прва камила, пошла втора камила
  • Црн роман
  • Автара - бавтара
  • Што шепоти тревата
  • Суданска балада
  • Шах
  • Жабоци гајдамаци
  • Нхма- Кхма
  • Мудреци над мудреците
  • Ако не е вистина, голема лага е
  • Бунтот на чадорите
  • Мандаринијада
  • Песната за лебот и водата
  • Кинески театар
  • Прикаска по спротивен ред
  • Безбожна јапонска приказна
  • Песна за Јапонецот и за уште нешто
  • Абавагула и Дорефасула
  • Носорог Росоког Роногос

 Во продолжение прочитајте дел од песните!

Пошла прва камила
Пошла втора камила

Нигде тревка нигде камен,
а по некој беспат рамен
низ Нубија-кој се шири
песок под кој ветар свири
со шуплива коска мала
тажна песна тра-ла-ла-ла
одат безброј млади, стари
камилчиња,
камили и камилари...

Крај Нил, таа река света,
бела чапја со крик лета
и фараон еден стои,
од камен е, стар и престар,
но во себе везден брои:
пошла прва камила,
пошла втора камила,
пошла трета камила...

Нил се влече, свој пат знае,
во песокот живот ткае,
фараонот на трон седи-
ни се движи, ни па клепка,
бројки реди:
пошла шеста камила,
пошла седма камила,
пошла осма камила...

Со векови дните минат,
не се кинат,
па се низа
достојна за анализа,
зашто вечно ветер гони
полк облаци, браќа свои,
зашто вечно Рамзес брои -
милиони,
билиони
млади, стари
бедуини, камилчиња,
камили и камилари...

А во една таква сметка
секој лесно ќе се сплетка
и ќе падне в тежок сон.
И затоа,  браќа мои,
се` одново исто брои
камениот фараон:
пошла прва камила,
пошла втора камила,
пошла трета камила...



Црн роман
Глава прва

Африка. Село:Батала тамба.
Од него момчето Кали
поаѓа кришум без нож и ламба
ноќе по врвици мали.

Трепери шарена зебра.
Шимпанзо подава рака
по плод.Крај срнечки ребра
завива лутозаб чакал.
По него како на смена,
од кон се гласи хиена.

Бега газела на нозе тенки
пред скок на лавица стара.

Под сплет на баобаб-гранки
слон Кали се` уште бара:
четири нозе.
опаш и
глава -
црно момче на слон ќе јава.

Глава втора
Шишкото месечко в ѕвездено брашно
в мрак се проѕевува.
Под него стопати страшно
пантер заревува.
И се` штом стивна пред ревот
како пред семожна веда,
секаде - десно и лево -
момчето слонови гледа.
Пред тие сурлести глави
Кали со песна се јави:
- Косот имал слон,
слонот имал кос,
ако имав чевли
не ќе одев бос.
Ако не е јаве
ова ќе е сон,
сепак ќе сум јавач
на најголем слон.

Глава трета

В полноќ под лисната палма,
негде крај рекичка плитка,
сличен на голема чалма
злокобен питон се свиткал.
Питонот лази момчето спие -
соништа чудни под глава крие ...
Тапани.Далеку. Тихо - там-там.
Мајмун на гранка се грчи сам.
Ноќница птица се јавува...
спие ли Кали, чека ли слон,
или е изгубен в бескраен сон
и слон на сон поздравува?

Глава четврта
Светнува зорница.Потоа залез.
Ден. Ноќ. И недела... Година цела.
- Каде е, каде е, каде е Кали? -
можеби шепоти земјата врела.

В џунгла, во која тајни се кријат,
сонува сито
една преголема змија,
така наречена  питон.
Полека Конго в сончевина пливнува.
Потоа: ѕвезда се пали.
Далеку старица црно воздивнува:
-Каде е син ми Кали?
За миг и ветрот, брзоног гласник,
извици како да носи:
-Сонувам,  мајко, приказни красни
за деца црни и боси...

Тече прикаската модроок сон,
тихо за Кали што барал слон.
А дали нашол или пак крај е
на еден живот-питонот знае.


АВТАРА-БАВТАРА

Некои племенски главари,
со цилиндри, инаку боси,
двајца,
и некои кравари,
тројца,
и некои козари,
пак тројца,
и некои лозари,
двајца -
автара-бавтара,
бавтара-тавтара -
нашле две нојови јајца.

И тие сите:
лозарите,
козарите,
краварите,
и главарите
(со цилиндри, без ракавици)
ту тројца, ту двајца -
автара- бавтара,
бавтара- тавтара -
зачукале со тупаници
по двете нојови јајца.
Од такви удари,
достојни за рудари
пукале јајцата,
надошло море -
автара-бавтара
бавтара- тавтара -
до сонцето горе.

Јајцата се` поплавиле.
Поглаварите,
краварите,
козарите
и лозарите
за малку не се удавиле.


Што шепоти тревата

Ова е црнечки сон
на мало гвинејско дете
за слон по име Џон
што имал пријател верен
некаков мајмун Кон.

Банани мајмунот берел,
го хранел својот слон,
тој својот слон го хранел,
а слонот својот Кон
од диви ѕверки го бранел -
и било се` како сон.

Еднаш мајмунот Кон,
по некој скитнички план,
без својот пријател слон
пошол низ џунглата сам
под лисја - ѕвона без ѕвон.

Сведок бил ноќниот срп
и еден нилски коњ речен
зад Коновиот грб
подмолно гепард се влечел,
додека далеку Џон
сос сурла како секој слон
банани берел  в сон.

... И станало се` за миг,
паднал мајмунот Кон
в гепардски шепи, без крик.
Останал сам слонот Џон.

В џунглата пак сонце грее
додека еден слон
(секако слонот Џон)
низ сурла солзи лее
по својот пријател  Кон.
И носи в срце бол
и закана една лута
за секој гепард зол
и чува далечен сон:
- Збогум,  мој изгубен Кон!


                       
Изработки на ученици
       Шестоодделенците од ООУ „ Страшо Пинџур“, Вевчани, вредно работеа на наставното средство за делото „Црни и жолти“.









Нема коментара:

Постави коментар