28. 4. 2020.

Начински зависносложени реченици




  • Во начинската зависносложена реченица, зависната дел-реченица дава податоци за тоа како се одвива, се одвивало, или ќе се одвива дејството во главната дел-реченица.
  • Сврзници: како, како да, (како) божем, небаре, како што и сл.
  • Начинските зависносложени реченци не се одделуваат со запирка.
Примери:
1. Се однесувате како да не знаеме ништо.
2. Влезе тивко во куќата како божем бара нешто.
3. Се стрчна низ патеката небаре ѝ се вратиле силите од младоста.
4. Се однесувате како да сме сè уште деца.
5. Целата соба замириса како да е градина со мирисливи цвеќиња.
6. Ангела ќе направи како што ќе и рече мајка ѝ.
7. Детето пиеше вода како да не пиело цел ден. 
8. Замириса од кујната како божем гореше куќата.


Забелешка: Има начински зависносложени реченици кои почнуваат со без да
Без да сакам, го навредив другарот. (сепак овие реченици можеме да ги сметаме и за допусни: Иако не сакаше, го навреди другарот)


ВЕЖБИ



Роземак

Спротивни независносложени реченици



Спротивните независносложени реченици изразуваат спротивен однос меѓу содржините во дел-речениците.
  • Сврзници: а, но, ами, ама, меѓутоа, туку;
  • Пред сите сврзници за овој вид реченици се пишува запирка.
Примери:
СВРЗНИКОТ А

1. Тој сака да насмее, а расплакува. (Сл. Јаневски)
2. Прерано научив за страдањата, а радоста сè уште ја барам. (В. Подгорец)
3. Не сака да се сеќава на Ана, а често зборува за неа.
4. Се превртуваше на тревата, а никој не го гледаше.

СВРЗНИЦИТЕ НО, АМА И МЕЃУТОА

一 реченици во кои двете спротивни дејства се во потврдна форма
Примери:
1. Учениците го разбраа Диме, но сакаа да го слушнат ѝ професорот.
2. Вежбањето го исцрпува телото, ама го јакне човековиот дух.
3. Се приближи до авионот, меѓутоа се откажа од летот.

一 реченици во кои  во втората дел-реченица се јавува негација.
Примери:
1. Повикајте ги на роденденот, но не кажувајте им за изненадувањето.
2. Се обидуваше да дојде, ама  немаше вистинска храброст за тоа.
3. За роденден посака таблет, меѓутоа желбата не му се исполни.

СВРЗНИЦИТЕ АМИ И ТУКУ

一 реченици во кои првата дел-реченица е одречна, а второто дејство е она што важи.
Примери:
1. Не се смеам, туку се радувам. (Петре М. Андреевски)
2. Тој не мислеше да се смири, ами гнев го водеше напред.

ВЕЖБИ
  • Пронајди ги спротивните независносложени реченици и препиши ги!

Штурец и мравки
  Во зимно време побара штурецот од мравките некое зрно житце на заем, но тие го избркаа од својот дом.
一 Ние цело лето работевме, а ти свиреше.
Штурецот со наведната глава си заминал дома. Тој не добил храна и останал засрамен. 

  • На секоја од започнатите дел-реченици додај уште една дел-реченица за да составиш спротивна независносложена реченица (употребувај различни сврзници)
1. Детето многу се исплашило_____________________________. 
2. Отишол еден ловџија на лов ____________________________. 
3.Чашата не ја скрши Кристина_____________________________.
4. Ја најдов книгата за лектира _____________________________. 
  • Трансформирај ги составните независносложени реченици во спротивни независносложени реченици.
1. Гледам низ прозорецот и не чекам никого.
2. Гласот не му затрепери ниту имаше трема.
3. Наставникот не нè виде, та и не нè опомена.
4. Не ја чу критиката ни го интересираше таа.

21. 4. 2020.

Немаме резервна планета - лични прозни творби

  22 Април, Ден на планетата Земја

Учениците од шесто одделение твореа и создадоа прекрасни текстови полни со пораки за зачувување на нашата планета Земја.


                                         Немаме резервна планета

            Живееме во еден свет исполнет со многу случувања, намерни и ненамерни. Немаме резервна планета е наслов кој ни кажува и нѐ тера да размислиме како да ја заштитиме нашата планета. Планетата Земја е наша втора мајка која ни нуди и дава убавини, а наше е само да ги чуваме и да се грижиме за нив.
             Ние - луѓето живееме на оваа планета и многу сме неодговорни кон оваа наша убавина. Секој ден се среќаваме со случки кои не се добри за нас, случки кои човекот ги прави без да размисли каква штета си прави врз своето здравје.
Се прашувам зошто? Зошто ги сечат шумите; зошто се фрла ѓубре насекаде; зошто има најлонски кеси кои се штетни не само за луѓето туку и за животните кои живеат на оваа планета. Каде да го најдам одговорот?
Ако секој се труди барем малку да ја зачува и негува планетата Земја, таа ќе ни биде благодарна и ќе нѐ дарува со секакви убавини, зеленила. Птиците насекаде ќе ја пеат нивната весела песна, шумите ќе се бујни и густи, па ќе имаме чист воздух кој ни е најпотребен за нормален живот.
           Ги молам сите на оваа планета Земја, да ја чуваме и заштитуваме бидејќи таа ни е единствена и немаме друга, резервна планета. Да ги чуваме благодетите кои ни ги дава зашто ако ја нема, ќе не нема ни нас.
   Сакајте ја, чувајте ја, грижете се за неа бидејќи немаме резервна планета!
                                                            - Катерина Русеска

                              Немаме резервна планета

          Земјата е единствениот наш дом. Единствено, таа може да ни ги понуди чистиот воздух, здравата вода и почва за да можеме безгрижно да живееме. Од нас единствено се бара да се грижиме за неа и да ја заштитиме.

-Но дали се однесуваме така?
          Нечистотијата околу нас е вистински доказ за нашето „одговорно“ однесување кон нашата дарителка на живот. Во реките наместо риби, кои можат да ни обезбедат здрав оброк, но и кои ги разубавуваат нашите реки, пливаат: пластики, апарати за домаќинство, стари чевли,  најлони и какво ли сè
 не друго ѓубре. А и во животната средината околу нас, не е ништо поразлично. Наместо шарени цветови, со опојни мириси  „растат“ хартивчиња од грицки, шишиња од сокови, пикавци од цигари... Шумите и дрвјата се нашите бели дробови и нашето здравје, а и дом на многу птици и верверици. Но, на „совесниот“ човек изгледа за здравјето и туѓиот дом не му е грижа, па бессовесно и без план ги сече, гори и уништува. Каде ли да се преселат невините суштества кога нивните домови ќе ги изгори неодговорно предизвиканиот пожар? Што со нив, кога од туѓа негрижа и несовесни постапки ќе станат бездомници? Ама, како сето ова да не е доволно! И воздухот „треба“ да се загади. Затоа тука се возилата и фабриките, кои испуштаат отровни гасови. Иако има мерки како тоа да се спречи,  изгледа дека не се сака.
          Затоа повторно ќе прашаам:
„Како би преживеале без здрава и чиста вода, храна, воздух, а знаеме дека ги немаме во резерва?“
„Дали навистина се однесуваме оговорно и го шттитиме нашиот зеднички и единствен дом?“
Би рекол: „Не! “
          Но време е да се свестиме и сетиме. Друг, резервен дом немаме. Затоа со заеднички сили да се погрижиме да го сочуваме, да го заштитиме. 
                                                                    - Антоние Парталоски

                                               Немаме резервна планета

          Воздухот, водата, почвата, растенијата, животните и ние луѓето – сите сме дел од планетата Земја. Сите ние сме нејзини деца. Таа нè создала и постојано се грижи за нас. Но, дали ние се грижиме за неа како за вистинска мајка со доволно љубов, внимание и грижа?
          Планетата Земја ни дава храна, вода, енергија и сèшто ни е потребно за живот. Таа создала милијарди луѓе и уште толку останати живи суштества. За жал само ние луѓето не знаеме да се однессуваме кон нашата планета  како кон вистинска мајка. Нашето однесување постојани ѝ штети и ѝ нанесува длабоки лузни. Ѓубрето што го фрламе насекаде ја загадува природата. Горењето на шумите и штетниот отпад по фабриките прави воздухот да биде загаден. Шумите се повеќе почнуваат да исчезнуваат поради неконтролиранито сечење дрвја од страна на луѓето, а со тоа нашиот кислород се губи. Помалку дрвја значи и помалку кислород за секој од нас, а без кислород ние луѓето не можеме да живееме.Ние луѓето фрламе премногу отпадоци било во реките било во почвата. Па така сега наместо бистри и чисти реки и потоци, ние имаме реки полни со ѓубре. И сончевите зраци стануваат се поопасни. Нашата планета Земја е во опасност.
              Човекот досега успеа да загади сѐ што создаде и што постојано создава за нас, нашата мајка, планетата Земја. Но затоа ние треба да направиме промени во нашето  однесување. Тие промени ќе значат грижа за нашата мајка, а оттука грижа и за нас. Секое насадено дрво, секое рециклирано шише, секое посадено цвеќе, секое спасено животинче значат само трошка грижа. Ние луѓето сме соочени со најважната битка во нашите животи, а тоа е борбата за грижа на природата, за
нашиот единствен дом. Затоа што планетата Земја ни е единствениот дом што го имаме.
НИЕ НЕМАМЕ РЕЗЕРВНА ПЛАНЕТА!
Затоа треба да се грижиме за неа како за вистинска мајка, доколку сакаме да живееме во здрава и чиста околина.
          Резервна планета немаме, а на оваа планета не сме сами, тука сме ние децата но и возраснигте. И сите треба да се вклучиме во грижата за нашата планета. Ние сите мора да ја чуваме и одржуваме заради наше добро затоа што планетата Земја можеби и без нас ќе може, но ние без неа не можеме.
                                                                          - Божидар Влајнкиноски

                                      Немаме резервна планета
Колку ли долг пат поминала нашата планета од нејзиното создавање?! Колку ли време поминало за да се создаде целиот жив свет и таа безрезервно да го прими во своите прегратки?! Зарем не треба да сме благодарни што таа со нас ги дели своите богатства?! Зарем не ги прави сите оние работи што за нас ги прават нашите мајки?! Таа се однесува како наша мајка. Ни дава храна, вода и сè што ни е потребно за да бидеме среќни и задоволни. 

       Воздухот што таа ни го дава е невидлив, но тука е во нашиот животен простор и без него не можеме да опстанеме.А денес сѐ повеќе сме сведоци за загадениот воздух кој стана реалност. И навистина, сликите на природата рано наутро додека ги нема љубопитните луѓе се вистинските слики со многу зеленило, чисти ливади, шарени цвеќиња. За разлика од растенијата и животните ние кога уживаме во нејзините богатства ја уништуваме со своето присуство, а особено со отпадоците кои ги расфрламе насекаде.Врз шумите кои се нејзините бели дробови човекот се однесува со агресија и ги уништува, а можеби ниту еднаш во својот живот не засадил ниту едно дрво.И присуството на човекот покрај реката не останува не забележано.Многу често загадената вода не може да се сокрије бидејќи ја  менува бојата, а пластиката плови по нејзината површина.Зарем на нејзино место не треба да бидат рибите?!Колку себично од страна на човекот!Тој влијае врз судбината на планетата Земја.
       Ајде малку да мислиме на неа. Доаѓа 22 Април, Денот на планетата Земја и најмалку што може да направиме е да се потсетиме дека нашата основна задача е грижата за неа. Ајде да бидеме малку поодговорни и да ја чуваме и сакаме како што тоа го правиме за нашите мајки, а таа сигурно ќе ни возврати многу повеќе.
                                                                 - Теона Плушкоска

19. 4. 2020.

„Бегалка“-Васил Иљоски


„Бегалка“ (или „Ленче Кумановче“)ー драма во пет чина од македонскиот драмски писател Васил Иљоски. Премиерата била на 16 јуни 1928 година, на кумановски дијалект.
Дејството во драмата се случува во првата половина на XX век во Куманово и ги претставува патријархалните и конзервативни односи во семејството  во тој период.

Васил Иљоски (1902-1995)

  • Прочитај ја драмата „Бегалка“  ТУКА 

Кратка содржина
         Убавата Ленче го сака младиот занаетчија Бошко. Бошко е сиромашен, но вреден и паметен. Тој и Ленче се заљубени и ја планираат својата иднина. 
Аџи-Трајко, богатиот татко на Ленче, ја ветува на Досе, син на богат трговец. Аџи-Трајко се спротивставува на љубовта меѓу Ленче и Бошко и покрај молбите на ќерката, на неговата сопруга и мајката на Бошко.
Одлуката останува: Ленче и Досе ќе се свршат.
          Бошко е очаен, доаѓа кај Ленче и ѝ предлага да избега за него. Бегалка е навистина сериозна одлука за конзервативната средина. Ленче се двоуми, но љубовта победува и таа бега за саканиот. Во тоа време било голем срам девојката да избега за момчето, па горделивиот татко пука на денот на свадбата кон сватовите. За среќа, никој не е повреден.
        По многу негодувања, прочуениот чорбаџија, за да ја спаси честа на семејството, на ден Прочка, кога во рацете ќе го земе своето внуче, ќе ѝ прости на ќерка му.
       Аџи-Трајко ја прифаќа љубовта на Ленче и Бошко.

ЛИКОВИ: 
Аџи-Трајко, богаташ и лихвар
Велика, негова жена
Ленче, нивна ќерка
Донка, нивна слугинка
Мирса, Трајкова сестра
Бошко, млад занаетчија
Евра, негова мајка
Стојко, богат трговец
Досе, негов син и други.

  • Во продолжение e извадокот од „Бегалка“, од учебникот. Внимателно, прочитај го!


  •        Одговори на следниве прашања:




  • Разгледај ја сликата и утврди етапи на драмското дејство
Етапи во развојот на драмското дејство
  • Во драмските текстови, дејството се води од некој конфликт (судир, недоразбирање). 
  • Конфликтот може да биде надворешен (ликовите доаѓаат во судир со некого или нешто за да ја исполнат својата цел) и внатрешен (ликот има судир со самиот себе, со својата личност).


  • Примени го знаењето
Определи ги етапите на драмското дејство во дадениот извадок (прашањата под текстот ќе ти помогнат).






*Забелешка: користен учебник за 9.одделение по македонски јазик и интернет извори.


Лексичко значење на зборовите — пароними





       Во изразувањето (писмено и усно) употребуваме исти зборови со различно значење, повеќе зборови за еден поим и зборови со спротивно значење.

  • Да ги решиме анаграмите (СО ПРЕМЕСТУВАЊЕ НА СЛОГОВИТЕ ИЛИ БУКВИТЕ СЕ ДОБИВА БАРАНИОТ ПОИМ)
МИНИ НОСИ ⟶ СИНОНИМИ
ИХ МОНОМИ⟶ ХОМОНИМИ
ТОНИ МИНА⟶ АНТОНИМИ 


  • Да се потсетиме: 
Синоними — зборови со различна форма, но со исто или блиско значење.
Пример:
 На небото има виножито. 
 Ѕуницата се појави по дождот.

Антоними — зборови со спротивно значење.
Пример:
Жешкото лето беше долго, а студената зима кратка.

Хомоними  зборови со иста форма, но со различно значење.
Пример:
Таа има долга коса.
Дедо ја коси ливадата со коса.


  • Да го прошириме знаењето


Пароними — зборови блиски по изговор, но со различно значење.
Пример:
Тој направи солиден критички осврт на романот.
 Столбовите беа критични точки на зградата.
 Тој постави метално столпче на оградата.
  Во весникот пишуваше за нашето ментално здравје.
  Во Индија живеат Индијци, а не Индијанци.


  • Да го примениме знаењето 

Пронајди ги синонимите, хомонимите, антонимите и паронимите во речениците и напиши ги во табела.

1. Цела ноќ ми мина во бдеење наместо во спиење.
2. Се одржуваше фудбалски куп и се пријавија цел куп клубови.
3. Старицата стоеше, а ученикот седеше без срам.
4. Деноноќно твори и создава поезија за деца.
5. Човеков често користи речници за да пишува убави реченици.
6. Тој е славен пијанист, а таа е прочуена примадона.
7. Таа имаше своја цел и затоа учеше цел ден.
8. Ги прашав зошто не дојдоа зашто сите ги чекавме.











од учебникот по македонски јазик за шесто одделение


  • Решете ги вежбите на нашата табла
Кликнете на сликата!

17. 4. 2020.

Автобиографија ー литературно-научен вид

Автобиографија



  • Литературно-научни видови се оние што содржат испреплетени белези на научниот и уметничкиот стил. Иако имаат научни аргументи овие текстови содржат многу индивидуални и емоционално обоени делови. 
  • Во литературно-научни видови спаѓаат: есејот, статијата, расправата, студијата, полемиката, биографијата и автобиографијата.

  • Автобиографијата е литературно-научен вид творба во која авторот го раскажува својот живот, сопствените доживувања, а ги изнесува и условите во кои живее и работи. 
  • Научен вид е поради тоа што се темели на точни податоци, а уметнички е зашто авторот опишува сликовито, опширно и ги изнесува сопствените чувства.                                                             

                                                       
Саканиот учител

         (Григор Прличев го раскажува својот живот. Го опишува своето детство во првата половина на деветнаесеттиот век во Охрид кое не му било лесно. Без татко, со сиромашна, вредна и храбра мајка која се трудела колку можела повеќе да го образува и со тоа да го исполни ветувањето кон дедо му. Образованието ќе го добие на грчки јазик, па оттаму бил среќен кога за учител во Охрид бил назначен Димитар  Миладинов кој ги учел на мајчиниот јазик.)
                                          
извадок од Автобиографијата на Григор Прличев


Прашања:
1. Кој раскажува за животот на авторот?
2. Кој бил новиот учител?
3. Каков впечаток оставил тој на Григор Прличев?(Цитирај!)
4. Опиши како течеле часовите! 
5. Што се случило кога завладеала глад?


                                                       Примени го наученото!
1. Истражувај за животот и делото на Григор Прличев, а потоа изработи плакат или постер во програма по избор ( MS Publisher, Word, Paint и др.)!
2. Прочитај ја Автобиографијата или делови од неа!
3.  На кој момент од неговиот живот се однесува следниов цитат(објасни подетално):


... тогаш усетив во мене неописиво волнение, какво што никогаш не сум осетувал. Тогаш никој не би ме познал: бев надвор од себеси. Очигледно, мој беше венецот 

                                                   

                                             

                                                Погледнете еден пример за плакат! 





  • Во продолжение, видете  некои од плакатите што ги изработија учениците.

Сергеј Димитриески

Захарија Дејковска
Душан Ѓорејлиоски

Гаврило Парталоски

Георгина Србакоска

Голабинка Мукоска

Симона Шутиноска

Симона Шутиноска


Мартина Бебекоска

Мартина Бебекоска

Ѓорѓи Попески


Томе Парталоски


Верица Пешиноска
Погледнете ги и изработките на нашите ученици за МАРКО ЦЕПЕНКОВ.


10. 4. 2020.

Контролна задача од синтакса за деветто одделение

Бидејќи моите ученици успешно ја завршија контролната задача за последични, допусни и условни, еве, повелете, вежбајте!

8. 4. 2020.

Лични прозни творби, осмо одделение


Кликнете на сликата и прочитајте ги прозните творби на нашите осмоодделенци!


Твориме!

Односни зависносложени реченици


Односните реченици како сврзувачки средства ги употребуваат сите односни заменски зборови.
Тоа се:

  • односните заменки: што; кој и којшто; чиј и чијшто;
  • односни заменски придавки: каков што; колкав што;
  • односни заменски прилози: каде што; кога; како што; колку што.
Односните реченици се делат  врз три основи.
  1.  Поделба врз основа на местото на зависната односна дел - реченица наспрема главната;
  2.  Поделба според тоа дали односната заменка се однесува на целата главна дел - реченица или на некој нејзин именски дел;
  3.  Поделба на односните реченици според тоа на која основа се воспоставува односот меѓу главната и зависната дел - реченица.
Поделба според тоа дали односната заменка се однесува на целата главна дел - реченица или на некој нејзин именски дел

Пример:
На овој натпревар, Кире Лазаров постигна осум гола,  што беше за поздравување.

Објаснување: Во зависната  дел- реченица: што беше за поздравување, релативната заменка што се однесува на глаголското дејство во главната реченица. 

Пример: 
Донесоа седум чаши  колку што имаше гости.

Објаснување:  Зависната дел - реченица: колку што имаше гости, се однесува на предметот во главната речница. 

Пример: Кој учи, ќе научи. 

Објаснување: Зависната дел - реченица (во инверзија) се однесува на подметот во главната реченица.

                        ДРУГИ ПРИМЕРИ ЗА ОДНОСНИ РЕЧЕНИЦИ
  1. Постигнавме гол што предизвика аплауз. 
Објаснување: Односната дел - реченица се однесува на главната реченица (на прирокот).

     2. Лаеше кучето чиј сопственик е нашиот сосед.

Објаснување: Односната дел - реченица се однесува на подметот во главната реченица.

     3.  Прашуваа деца кои не внимаваа на часот. 

Објаснување: Односната дел - реченица  може да се замени со атрибут 
(Прашуваа невнимателните деца) 

    4. Го пречекав човекот што ја носи поштата.

Објаснување: Односната дел - реченица  може да се замени со зборот поштар кој би бил предмет ( Го пречекав поштарот.)

Правописни правила:
  1.  Ако односната реченица е пред главната се одделува со запирка: Кој рано рани, две среќи граби.
  2. Ако односната реченица е по главната може да се оддели или да не се оддели со запирка : Ја купив сликата што одамна ја посакував.
  3. Кога односната е вметната пред и по неа се става запирка: Детето, коешто се изгуби на пазарот, ги најде родителите.
 Забелешка: Користен е учебникот за средно образование од Лилјана Минова-Ѓуркова, Живко Цветкоски, Стојка Бојковска и Димитар Пандев  и учебникот за деветто одделение од Соња Јовановска и Снежана Велкова.                     
                                                            
                                                                     Вежби:
Прочитај го внимателно текстов, а потоа во тетратка препиши ги односните зависносложени реченци!
Солза за капка вода

  ... Окото на Квазимодо му болсна. Тоа беше Циганката што се обиде да ја грабне минатата ноќ. Таа се качи на столбот и му пријде на маченикот, кој се оттргнуваше да ја избегне. Девојката го откачи грнчето што ѝ висеше на појасот, па благо го принесе кон сувите усни на Квазимодо.
       И тогаш во тоа толку суво и толку вжештено око заигра една крупна солза, која полека капна од тоа изнакажано лице. На него долго се гледаше само очај. Можеби таа беше права солза која некогаш ја пуштил несреќниот ѕвонар. 
       Кога се напи, тој бедник ја подаде својата црна уста за да ја бакне раката што му ги ублажи маките. Таа ја тргна исплашено како дете кое се плаши да не го касне некое животно... 
                                                    
                       (извадок од романот „Богородичната црква во Париз“-Виктор Иго)

7. 4. 2020.

Составни независносложени реченици


Независносложени реченици се следниве:

1. Составни независносложени реченици;
2. Спротивни независносложени реченици;
3. Разделни независносложени реченици;
4. Исклучни независносложени реченици;
5. Заклучни независносложени реченици.

Составните независносложени реченици  донесуваат содржини што се поврзани меѓу себе според вршителот, според времето или според местото на вршење на дејството и сл.
СВРЗНИЦИ: И, НИ, НИТУ, ПА, ТА, НЕ САМО ШТО — ТУКУ И.


  • Сврзникот и поврзува реченици во кои се искажуваат истовремени дејства.

Пример: Поштарот стоеше пред вратата и чекаше да му отворат. 

  • Сврзникот и поврзува дејства што следуваат едно по друго.

Пример: Момчето ја зеде чантата, си стави чевли и излезе надвор.
  • Сврзникот и поврзува и дејства што се последица на други дејства.  
Пример:  Таа беше болна и цела недела не одеше на работа. 
  • Кога меѓу двете содржини има спротивен однос, со сврзникот и се јавува пак или сепак 
Пример: Јас можам да ти објаснувам цел ден и пак ќе направиш поинаку.
  • Во одречни реченици со значење и + не, се употребуваат сврзниците  ни и ниту
Пример: Не зборуваше многу ни рака креваше на часовите.
  • Сврзниците па и та се употребуваат во реченици во кои врзуваме дејства што следуваат едно по друго.
Пример: Татко ми го виде докторот, па тргна кон него.
                 Јас ќе напишам домашна, та ќе ти испратам тебе.
  • Со сврзниците та и па се поврзуваат дејства кај кои второто е последица на првото.
Пример: Солзите и се тркалаа по лицето, та не можеше да зборува. 
                 Викањето го налути професорот, па им подвикна на присутните. 
  • Кај составните независносложени реченици се јавува и сложениот сврзнички состав не само што - туку ( ама, но, ами, и).
Пример: Не само што не плачев, туку за мое изненадување не ми изби ниедна солза. 
(В. Подгорец)

Правописно правило: Составните независносложени реченици со сврзниците и, ни, ниту, не се одделуваат со запирка. (освен во речениците во кои се изведува заклучок, на пример: За нас се сите, и ние ќе победиме.)
Пред па и та се пишува запирка.
Речениците со сврзничкиот состав не само што - туку/ами/но и (не) ㅡ не се одделуваат со запирка.

Забелешка: Користен е учебникот за средно образование од С. Бојковска, Д. Пандев, Лилјана Минова-Ѓуркова и Живко Цветковски.


                                           
                          Вежби за составни независносложени реченици
1. Состави три реченици со  сврзник по твој избор, за составните независносложени реченици (и, па, та, ни, ниту, не само што-туку ( ама, но, ами, и).
2. Прошири ги следниве реченици во составни:
  • Тренерот не дојде _________________________.
  • Матеј ги изми рацете _______________________. 
  • Пеев гласно_____________________________. 
3. Во следниов текст пронајди ги составните реченици и препиши ги!
Ропство и слобода
        Носело едно дете кафез со две птички. Тие очајно колвале и со крилцата удирале по жиците. Некој човек го сретнал детето и го прашал: 
ㅡ Малечко, колку ги продаваш птиците?
ㅡ Петстотини  денари ㅡ рекло детето.
Човекот извадил од џебот пари, му ги дал на детето и ги пуштил птиците на слобода.
Детето зачудено прашало:
ㅡ Што направи?
ㅡ Јас, дете мое, четири години бев во ропство, па знам како е црно ропството.
Откако му одговорил на детето, човекот  си заминал.
                                                                                   (Р. Баумвол)