21. 4. 2017.

Творби за пролетта

                                        
Пролетта е прекрасна

                           Пролетта е прекрасна
    Убаво пролетно утро. Ме разбуди песната на птиците кои весело црцореа под мојот прозорец. Го отворив прозорецот и со полни гради вдишував од чистиот воздух. Не можев да издржам и веднаш излегов во мојата градина. Се воодушевив од зелената и цветна глетка што се простираше пред мене. Сѐ беше прекрасно и волшебно, не можев да поверувам.
    Во еден миг си помислив дека сум самовила на пролетта. Сонцето ги грееше првите воздишки на луѓето, а пролетта срамежливо ги галеше разнобојните цвеќиња и раззеленетите планини.Наоколу сѐ беше како бајка, весело и необично. Магијата на пролетта ме водеше насекаде.
Пеперутките летаа низ бескрајната синевина на небото расфрлајќи го волшебниот пролетен прав низ просторот.
    Навистина, пролетта е вистинска кралица која ја  обојува природата со разни бои. Нејзиниот мирис е толку прекрасен што нѐ опива сите. Го видов и виножитото кое се појави по еден ненадеен пролетен дожд.
    Пролетта е прекрасна, миризлива, разнобојна, волшебна, кралица. Јас многу ја сакам пролетта.
                     -Сунчица Бадалоска VI- 2 одделение

                                 
                         Пролетта е прекрасна
   Утро е. Се будам и уште нерасонет, ги чувствувам првите зраци на сонцето. Таа светлина како да ги избриша трагите од зимскиот студ и мраз кои останаа зад мене. Околните дрвја ги испуштиле своите пупки, се разграниле, а лисјата се раззелениле. Во нашите дворови птиците како да пеат различни песни поинакви од претходните. Јасиките и врбите се покриени со зелена капа, а ливадите како да се покриени со зелен килим.
   Со почетокот на пролетта како да се роди и детската смеа и игра. Со полни очи и детска радост ги играме сите најпознати игри. На околните стари дрвја, птиците формираат нови гнезда за да го сместат своето семејство. Околните потоци и реки жуборат со нова сила. Со секоја нова пролет како да имам ѓердан околу вратот со кој гордо ќе шетам и ќе се радувам.
   Пролетта е навистина прекрасна.

                       -Бојан Будоски VI-2 одделение
                                    
             
                            Пролетта е прекрасна
          Времето се стопли, сонцето ги пушти своите топли зраци. Се стопи и последниот снег. Веселиот Снешко во мојот двор се стопи испуштајќи ја тажна воздишка: „ До следната зима!“
          Од земјата срамежливо ѕиркаше изникнатото кокиче со неговиот бел цвет. Ете го првиот весник на пролетта. По кокичето изникнаа темјанушката, љубичицата и кукурекот кои нѐ поздравуваат со своите цветови.
          Се слуша и црцорот на птиците преселници кои се вратија во своите стари домови од топлите краишта, а по нив пчелките летајќи зуеја од цвет на цвет. Децата се исполнија со нова радост и излегоа надвор за да ги играат веселите пролетни игри.
          Пролетта е најубавата зелена кралица која ни носи нова радост и среќа.
                       -Адем Лутишоски VI-2 одделение
                                    





             Пролетта е прекрасна
   Едно убаво пролетно утро кога не бевме на училиште, излегов да се прошетам низ градината. Се воодушевив од тие прекрасни убавини што ни ги носи пролетта. Сѐ беше шарено, цвеќињата во разни бои, пупките на дрвјата расцветани, а птиците распеани. Блиската река тивко и весело жубори и се радува на секој нов пролетен ден. Пеперутки во разни бои ја красат градината и ја поздравуваат раззеленетата трева.
   Доволно е да набљудувам и да се воодушевувам. И како да не бидам среќен? Студените денови заминуваат и можам слободно да се радувам на пролетта бидејќи и таа желба ми се исполни. Пролетта е најубавото годишно време.
                            -Виктор Шуминоски VI-2 одделение

                               



4. 4. 2017.

Шминка во филм

         Филмот е уметност што ја користи сликата во движење.
Сликата во движење се темели на физичката особина на човечкото око- ретинална перзистенција (lat. persistentio retinalis). Мрежницата на човечкото око има особина да ја продолжува светлосната дразба околу 1/10 од секундата по нејзиниот престанок.  Ако видиме неколку статични слики кои брзо се менуваат, тогаш претходната слика се спојува со следната и добиваме илузија на континуирано движење-иако филмот се состои од статични слики.
Сликата во движење  е основното изразно средство на филмот. Успешно филмско дело се остварува со помош на повеќе изразни средства (не само со сликата): говор, глума, музика, звучни ефекти, шминка и др. 
     Шминката во секојдневниот живот се користи за да се скријат некои недостатоци на лицето, да се направи кожата да изгледа почисто, да се добие помладешки изглед. Филмската шминка  е нешто сосема поинакво – со неа се создава нова реалност.
       Шминката е средство кое се користи за портретирање на актерите давајќи им карактеристичен изглед и истакнувајќи ги одредените детали на лицето( веѓи, очи, уста).
         
Колку само реалистично изгледаат раните на актерите во филмот! Лузните, посекотините... навистина се застрашувачки. Можноста за менување на старосниот изглед на актерот е уште една од особините на филмската шминка( засилување на брчките, зголемување на подочниците, белење на косата...).
 Филмскиот шминкер е стручното лице задолжено за  специјалните ефекти кога станува збор за шминка во филмот.


Легендарната Елизабет Тејлор во улогата на Клеопатра
 
Нежната Одри Хепберн во Појадок кај Тифани
Џони Деп во улогата на Лудиот Шапкар во филмот Алиса во земјата на чудата


Хелена Бонам Картер како Црвената кралица во Алиса во земјата на чудата





























Моќта на шминката е повеќе од очигледна.

Макотрпна е работата за да се нашминка еден актер. На следниот линк, прочитајте за времетраењето на оваа работа при шминкањето на Леонардо Ди Каприо.
РАНИТЕ НА ДИ КАПРИО

      На часот по македонски јазик, восхитени од очигледните промени по шминкањето, решивме да се обидеме и ние да експериментираме и да се нашминкаме. Им благодарам на учениците, а посебно на Киметка и Аделина кои прифатија да бидат модели.
      На You Tube каналот пронајдовме многу видеа за шминкање, некои ги погледнавме, а и сами имаме талент и креативност за шминкање.

  Еве, неколку слики на половина нашминкано лице преземени од интернет. Разликата е очигледна, нели?




Нашиот труд вреди да се види. Се нашминкавме и ви ги презентираме резултатите.

ПОГЛЕДНЕТЕ!




Тамара и Аделина шминкаа
  






Киметка
Аделина