Стручни текстови

    Домашните задачи како значајна компонента 
во наставата по  македонски јазик

                   
             Во Наставниот план за основните училишта, мајчиниот јазик е најзастапена наставна област. Овој факт, зборува за значењето и сложеноста на прашањата што ги обработува наставата по македонски јазик.
             Наставната програма по македонски јазик ја сочинуваат следниве подрачја: јазик, литература, лектира, изразување и творење, медиумска култура. Содржините на секое од овие подрачја се различни,но и тесно поврзани,а нивното единство ја прави  содржината на наставата по македонски јазик. При разработката на секое од овие подрачја, значајно е да бидат определени: изборот и распоредот на наставни единици, средствата, методите, наставните техники, оценувањето и вреднувањето, очекуваните резултати, организацијата, активностите на часот, како и слободните ученички активности, дополнителната и додатната настава.
            Во рамките на претходно кажаното, како значајна компонента во наставата по македонски (мајчин) јазик се домашните задачи.Тие произлегуваат од самата настава и повторно се вклучуваат во неа, во различни моменти од наставниот процес и во различни форми.
           Минувајќи низ различни реформи од воспитно-образовниот процес, посетувајќи голем број обуки и семинари, се соочив со различни гледишта во врска со потребата од домашни задачи. Од една страна, големата улога на домашните задачи во наставниот процес, па до нивната непотребност и усвојување и утврдување на знаењата на самиот наставен час, без дополнително оптеретување на учениците.
           Домашните задачи имаат повеќестепено значење.
           Во прв ред, тие треба да се самостојна работа на учениците во процесот на стекнување знаења, а со тоа, подготовка на учениците за понатамошно самообразование. Преку домашните задачи се утврдуваат знаењата, се вежбаат навиките кои се потребни за понатамошно стекнување знаења, се врши примена на знаењата и тие се подготовка за работа во училиштето. Со домашните задачи се развива чувство на должност ,одговорност пред себе и задачите кои се поставени.
           Какви домашни треба да им се даваат на учениците?
Секако, домашни кои се подготвени или мотивирани, во и од наставата. Без
подготовка, домашните задачи не ќе бидат решени од учениците. При тоа, треба да се внимава, тие да се соодветни на нивната возраст, нивните предзнаења и способности. Ако тие се претешки, учениците брзо губат доверба во своите способности, губат волја, или  пак одбегнуваат барање директна помош од блиските, а некои  дозволуваат друг да им ја реши задачата. Не смее да се дозволи несамостојност во изработката на задачите. Домашните задачи не смеат да бидат прелесни и да не поставуваат никакво барање од учениците, туку да го зајакнуваат умствениот напор и да се настојува, тешкотијата да се совлада.
Кога ја одредува големината на задачата, наставникот треба добро да се координира. Преголем обем на домашните задачи го скратува слободното време на учениците (правилен одмор и забава).
Големината на задачите на треба да има шаблон бидејќи зависи и од куќните прилики во кои живее и расте детето. За да може правилно да се постави големината на домашните задачи, наставникот треба самиот да врши истражување во одделението (пр.Колку време им треба за извршување на некои задачи.).
Важна алка во овој процес се родителите, кои треба да се во координација со наставникот, го контролираат своето дете, му помагаат, но никако не дозволуваат друг да му ја пишува домашната задача.
Организацијата на домашните задачи е важен момент, кој наставникот не смее да го изгуби од вид.
Наставникот мора да даде упатство како ќе се изврши задачата. Колку повеќе задачата е сложена, толку објаснувањето и упатствата треба да бидат прецизни и опширни.
Пр. Кога наставникот ќе зададе текст од учебникот, не е доволно да се рече дека текстот треба да се прочита, туку на учениците треба да им се даде упатство како треба да се разработи текстот и како да се репродуцира прочитаното.
Повеќето наставници бараат учениците да ги забележуваат домашните задачи и упатствата.Тоа во голем степен им помага на учениците, а им овозможува и на родителите полесно да се информираат.
Со давањето упатства, не треба да се намали нивната самостојност и чувството дека со свои сили треба да го решат проблемот пред кој се исправени.
Самостојноста на учениците при решавањето на задачите треба да се зголемува во текот на годината, и од одделение во одделение.
Домашните задачи не треба да се задаваат набрзина, по ѕвонење, како и упатствата за изработка на истите.За да се избегне овој проблем, најзначајно  е да се води сметка за времетраењето на часот.
Делот од часот кога се вежба наставната содржина, можеби е најдобар момент за задавање домашна задача. Меѓутоа, има домашни задачи кои се задаваат пред обработка на наставната содржина.Тоа се обично задачи, во кои се бара да се истражува (интернет, библиотеки...) за некој автор, дело, да се прочита некој напис, собирање и изработка нагледни средства кои ќе се користат на часот, гледање филм и др.
Домашната задача се задава на цело одделение, по потреба и индивидуално, на ученици кои заостануваат во работата или на ученици кои напредуваат.
Во праксата, многу е важно, домашните задачи да се проверуваат.
Ако се напушти редовноста и внимателното проверување, тогаш домашната задача ја губи својата улога. Контролата може да се врши на различни начини. На почетокот на часот (одлука на наставникот, ама најчесто), откако ќе се изврши контрола дали сите ученици ја изработиле домашната задача, наставникот или учениците читаат гласно неколку задачи (во зависност од времето и предвидените активности) и заеднички со учениците ги исправа. Понекогаш тетратките се заменуваат меѓу учениците за меѓусебно прегледување. Во праксата, (посебно во повисоките одделенија) постои навика, ученик (солиден), пред часот да проверува и забележува кој ја изработил домашната, а потоа на часот, истата се проверува. Во Наставната програма, предвидени се и цели часови за анализа и проверка на домашната задача.
Од моето искуство, како корисна се покажа праксата, одвреме-навреме, да прегледувам две-три тетратки, со што им укажувам на грешките, а и постојано го држам насочено нивното внимание.
Со контрола на домашните задачи се засилува одговорноста на учениците за изработка на задачите.
Наставникот не смее да дозволи учениците да не ја разберат наставната содржина и материја.Тој мора да го следи напредокот на ученикот и да го поттикнува кон се поточно извршување на задачите.
          Главен момент при одредувањето на големината и тежината на домашните задачи има и средината во која живее и работи ученикот. Има ученици кои навреме и уредно ги извршуваат задачите, но и ученици кои од разни причини (разделени родители, родителите во странство, а децата живеат со бабите и дедовците, социјална несигурност...) не ги ни погледнуваат.
Здравото семејство е најголем предуслов за исполнителен и одговорен ученик. Корелацијата помеѓу родителот и наставникот преку ученикот е најважен двигател во воспитно-образовниот процес.
Некои родители можат да му помогнат на детето, но има родители, кои, од која било причина, не се во можност да го сторат тоа.Затоа самостојноста при изработката на домашните е важен елемент кој треба да се учи и надоградува во текот на наставниот процес.
Сепак, секој родител може и е должен да праша:,,Што работевте денес?“ или ,,Што имаш за домашна задача?“
Детето не смее претерано да се оптеретува со домашни задачи бидејќи му го слабее интересот за исполнување на обврската. Ова не смее погрешно да се сфати и воопшто да не се задаваат домашни задачи.
Улогата на домашните задачи е подготовка на една активно развиена личност, која понатака самостојно ќе се развива и изградува, свесна за својата улога во општеството.


          Изработила:Роза Китрозоска, професорка по македонски јазик
Користена литература:Домашните задачи на учениците-Никола Зороски
                                      Просветен работник, Скопје, 1987 година
Прочитајте го и:
Неписменоста е проблем во Република Македонија