26. 3. 2015.

Најубавите митови-Густав Шваб

   „ Кога почнувате да читате еден мит, најважно е да почнете со мислата дека се соочувате со приказна во која настаните се измислени и во која ликовите можеби имаат необични, непознати имиња, но тие секогаш прават нешто и имаат својства кои јасно и лесно ќе можете да ги разберете.“ 
                               - Јадранка Владова                  

                        Дедал и Икар
                             (извадок)
      И Дедал од Атина бил од Ерехтеевиот род, син на Метион, правнук на Ерехтеј. Тој бил најголем уметник на своето време, градител, скулптор и каменорезец. Во најразлични краишта на светот луѓето им се восхитувале на делата од неговата уметност, а за неговите скулптури се зборувало дека се живи, дека одат и гледаат, така што не треба да се сметаат за мртви ликови, туку за живи суштества. Зашто, додека на  скулптурите од поранешните уметници очите им биле затворени, а рацете обвиснати крај телото, сосем залепени за него, на своите кипови Дедал прв им дал очи и ги покажал со испружени раце и со зачекорени нозе.
     Арно ама, колку што Дедал бил голем уметник, толку бил суетен и љубоморно си ја чувал својата уметност. овој недостаток го навел на злосторство и го натерал на неволја. Имал  внук по име Тал, кого го упатувал во своите вештини, а кој покажувал уште поубави способности од својот вујко и учител.
   ........
     Дедал почнал да се плаши дека името на ученикот ќе стане поголемо од учителовото, го надвила зависта, и тој подмолно го свечкал момчето стрмоглавувајќи го од атинската тврдина. Додека Дедал го вршел закопот, луѓето го фатиле на дело, ама тој изјавил дека закопува змија.Меѓутоа сепак го обвиниле пред судот во Ареопаг за убивство и го прогласиле за виновен. Побегнал и нашол прибежиште на островот Крит. Кралот Миној го ангажирал да изгради живеалиште за чудовиштето Минотавр, кое од главата до рамениците имало форма на бик, а надолу било како човек.
    Дедал изградил лавиринт од кој и самиот тешко го нашол излезот.
Дедал не можел долго да издржи во  прогонство и се обидувал да најде начин како да избега од Крит.
     .......
     Речено-сторено. Со својот пронаоѓачки дух, Дедал ја победил природата. Почнал да ниже птичји пердуви со различна големина, почнувајќи со најмалото перо и на покусото секогаш надоврзувајќи подолго, така што изгледало дека пердувите сами од себе израснале скалесто. Пердувите во средината ги врзал со ленен конец, а оздола ги залепил со восок. Така наредени и споени, одвај забележливо ги свиткал во лак, така што биле исти како птичји крила.
    Дедал имал син кој се викал Икар. Тој направил помали крила и за него и го подучувал да лета.
.........
     - Мило синче, - му рекол татко му - секогаш летај на средна височина, зашто ако се спуштиш премногу ниско крилата ќе ти ја допрат морската вода, ќе впијат влага и ќе те повлечат во длабочината на брановите; ако, пак, се искачиш превисоко во воздушните предели, прдувите ќе ти дојдат премногу блиску до сончевите зраци и наеднаш ќе се стопат. Летај меѓу водата и сонцето, следејќи ја само мојата патека во воздухот.
      Со овие зборови, Дедал му ги прицврстил на рамениците крилата и на сина си, но притоа треперела татковата рака и една мачна солза му капнала на дланката. Тогаш го прегрнал детето и силно го бакнал, сетики за последен пат.
    .......
Детето Икар, станувајќи смело поради среќниот лет, ја напуштило татковата патека и храбро палавејќи се, со своите крила тргнало во височините. И предвидената казна не изостанала. Близината  на сонцето и неговите претопли зраци, го омекнале восокот што ги врзувал пердувите, и крилата му се распаднале и му се слизнале од обете страни на рамениците и пред да забележи Икар. Несреќното дете сѐ уште веслало и мавтало со голите раце, но веќе не можело да зафати воздух и одненадеж се сурнало прудолу. На усните му било татковото име викајќи го на помош, но сините морски далги го голтнале уште пред да го изговори. Сето тоа се случило толку брзо што Дедал, свртувајќи се накај сина си, како што тоа го правел секој миг, веќе не можел да му ја види трагата.

         
Изработки на ученици-презентации
                                              

24. 3. 2015.

НАРОДНА ПРОЗА - МИТ

ШТО Е МИТ?
1.Во воведниот дел на часот ја користиме техниката:БУРА НА ИДЕИ
Раговараме за начинот на живеење во минатото, за верувањата, потребата да се објаснат различни промени и појави во природата и светот за кои луѓето немале вистински и реални сознанија зошто постојат.
(Некои размислувања може да се запишат на таблата или на претходно подготвен хамер-насоки од наставникот)
Доаѓаме до поимот мит кој настанал како резултат на таа потреба за објаснување на многу појави и промени. Човекот со помош на својата фантазија измислувал натприродни сили кои управувале со се` околу него.
Богови, полубогови, необични суштества, чудовишта  и др.се ликови од тие приказни.
На следниот линк прочитајте за мит и митологија:
Мит, митологија   
Митот е фантастична приказна  која, усно,  се раскажува од поколение на поколение.
Збирка митови на народите кои имаат заедничко потекло ја создаваат митологијата на тие народи.
На пример:хеленска, римска, египетска, словенска, скандинавска и др.
2. Наставникот ги насочува кон текстот-митот за Прометеј

ПРОМЕТЕЈ
Митот внимателно се чита, со цел разговор по него.
     Кога бил создаден светот, со него владееле боговите на чело со врховниот бог Зевс. Тогаш земјата била исполнета со животни, морето со риби, а воздухот со птици. Забележал итриот Прометеј дека на земјата нема суштество што би владеело со неа и го создал човекот. Набргу луѓето се размножиле по целата земја. Но тогаш уште не знаеле да се служат со предметите, не знаеле зошто се сменуваат годишните времиња, не знаеле да градат куќи, туку живееле во темни и влажни пештери…
Видел Прометеј дека треба да им се помогне на луѓето и им покажал како да ги впрегаат воловите во јарем, како да го користат коњот, како од билките да прават лекови. Ги научил дека во внатрешноста на земјата има многу благородни метали и многу други работи.
И не само тоа. Тој и кај боговите секогаш се залагал во корист на луѓето. Барал да не ги оптоваруваат со претешки работи.
Кога веќе постигнал повеќе успеси во полза на луѓето, решил да се пошегува за сметка на боговите. На еден натпревар меѓу боговите и луѓето, од името на луѓето заклал голем бик, како жртва за боговите. Потоа го поделил на два дела. Во едниот, помалиот дел, го ставил месото, а во другиот, поголемиот дел, коските завиткани во маст. Потоа ги поканил боговите сами да си го изберат својот дел. Дошол токму богот Зевс да го одбере делот за боговите и го зел поголемиот дел. Кога видел дека е излажан, многу се налутил и, за казна, на луѓето не им го дал огнот, важен елемент за нивниот напредок. Сметајќи ја таа одлука за неправедна, добриот Прометеј решил да го украде огнот од боговите и да им го подари на луѓето. Затоа, кога еднаш на небото се движела сончевата колона, тој зел од небесниот оган и, во голема трска, им го пренел на луѓето.
Прометеј и огнот
Кога го видел огнот меѓу луѓето, Зевс многу се налутил и долго размислувал како да им се одмазди. По негов наговор, уметникот Хефест создал прекрасна девојка која ја нарекле Пандора. Боговите неа ја надариле со многу зла и, со еден сад полн со несреќи, ја испратиле меѓу луѓето. Кога дошла кај луѓето, девојката сакала да види што има во садот, го поткренала капакот, а од него илзегле многу болести и други несреќи и се растуриле низ народот. Пандора брзо го затворила садот, а во него останала само Надежта, која единствено им останала на луѓето.
Зевс не му останал должен ниту на Прометеј. По негова наредба, тој бил однесен на Кавказ и бил закован на една карпа над некоја провалија. Така бил измачуван повеќе векови, дење од жешкото сонце, а ноќе од мразот. Но Прометеј знаел една тајна што никој од боговите и од луѓето не ја знаел. Затоа, Зевс го казнил со уште поголеми страдања. Секој ден, над него слетувал орел кој му ги колвал џигерите, а тие секогаш преку ноќта повторно пораснувале. И тоа требало да трае се дотогаш додека некој од боговите доброволно не го замени во тие страдања.
Но еднаш, барајќи ги златните јаболка што растеле во некоја непозната земја, тука минал Херакле, син на Зевс и кралицата Алкмена. Знаејќи дека умниот Прометеј може да му помогне, Херакле решил да го ослободи. Со отровна стрела, ја застрелал страшната птица што му ги јадела џигерите и го повел со себе. А за да се исполни осудата на Зевс, Хирон, пријател на Херакле, се согласил да го замени Прометеј во страдањата.Под прстенот на Прометеј имало камче од карпите на Кавказ на кои бил заробен и на тој начин Зевс бил среќен.
Но дошле нови времиња. Зевс престанал да му се спротиставува на човечкиот напредок. Прометеј, заштитникот на луѓето, дочекал таткото на боговите, Зевс, да му падне во прегратка.
Во спомен на Прометеј, порано се одржувале натпревари на кои натпреварувачките со запалени факели трчале од жртвеникот на Прометеј до градот и со факелот на победникот биле палени сите огнови во градот.
 - Најубавите светски митови
  д-р Марко Китевски










3. Разговор за текстот
-Како се вика врховниот бог во грчката митологија?
-Кои суштества живееле на земјата кога се создавал светот?
-Кој го создал човекот?
-Како живееле луѓето на почетокот од нивното постоење?(опиши)
-Што ги научил Прометеј луѓето?
-Која постапка на Прометеј предизвикала бес и лутина кај Зевс?
-Како Зевс го казнил Прометеј?
-Кој го ослободил окованиот Прометеј?
- Кои елементи во текстот укажуваат дека тој е мит?

Решете ја следната кратка вежба за митот




4. Задача за дома-истражување:
Прва група
-Да пронајде податоци за: боговите и титаните;
Втора група 
-Да пронајде еден мит(Митот за Сизиф), да го проучи и раскаже, да ги открие елементите на мит;
Трета група 
-Да го пронајде митот за Пандора, да го проучи и раскаже, да ги открие елементите на мит;
Четврта група
-Да пронајде податоци за римската митологија;
Петта група
-Да пронајде податоци за словенската митологија.
*Забелешка. Начинот на презентација е по избор на групите( постер, или е-презентација)

3. 3. 2015.

Езерска слика-лични творби; Генерација 2014/2015 год.

ЕЗЕРСКА СЛИКА
На часот за творење лирска песна, шестодделенците пишуваа за езерото.Песните со пејзажен мотив беа напишани од детската душа, а убавото Охридско Езеро беше најголемата инспирација.
Часот го посветивме на Денот на мајчиниот јазик, 21 февруари.
Прочитајте ги стиховите напишани од срце.

Езерска слика
Езерото рајско убаво
Сонцето светло го грее
бисерно, чудесно блеска
со убавина, ведро ни се смее.

Лебедот како украс бел
низ езерото броди
со раширени крилја цел
како крал низ водата оди.

Кајче низ езерото плови
со бранчиња палави се бори
рибарот рипчиња лови
цела ноќ, патува до зори.

Галебот над езерото лета
ѕвонлив испушта крик
на кајчето мирно слета
со поздрав и излета во миг.
  - VI 1 одделение
                                  
Езерскиот крал

 Езерска слика
Лебедот на езеро мирно спие
своите крилја нежно ги крие
рибарот низ езеро плови
со јадица риби лови.

Од некаде ветерот се јави
езерски бранови тој ќе прави.
Кајчето несигурно броди
бранот кон брегот води.
    -VI 2 одделение

   Песна за езерото
Езерото е рајска убавина
Сончеви зраци го греат
Лебеди и галеби се смеат
Езерска песна му пеат.
   -Амит Руфатоски

          Песна за езерото
  Езерото од убавина блеска
  на сонцето ведро му се смее
  за  галебот поздрав праќа
  а лебедот во него се враќа.
        -Ибрахим Арифоски

   Езерски волшебен свет
Езеро,  рајска градино,
со цвеќиња во сина боја
од палави бранчиња изградено,
восхитуваш со убавината твоја.
   -Ниса Авмедоска
                





Езерска слика
Од небото дождец роси
ветерот над езерото коси.
Низ езеро лебед плива
со своите прекрасни крила.

Рибарот со кајче плови
низ езерски слатки води.
Ветерот од некаде се јави
тој езерски бранови прави.
   -Фикрија Лутишоска

         Езеро
Низ езеро бескрајно сино
лебедот мирно плови,
а галебот мирно лета
на небото бескрајно ширно.
   -Муса Рамаданоски

 Езеро
 Низ небото птици летаат
 езерските бранови ги гледаат
 златножолти зраци светкаат
 пеперутки како сијалички трепкаат.
            -Када Салоска
            
Небесен цар

 Езерска песна
На небото галеби царуваат
лебеди низ езеро пловат
Рибари риби со јадица ловат
езерски песни ни даруваат.
    -Амра

Езерска слика

Езерото тивко мирно
големо, сино, ширно.
Рибарот риби лови,
со кајчето тивко плови.

Лебедот убав снежнобел
раскошен како невеста цел.
Птиците езерски песни пеат,
детски срца со љубов ни греат.
  - Амина Калчиноска

Езеро
Езеро мое мило
во пазуви лебеди си скрило,
а тие мирно спијат
од љубопитни погледи се кријат.
   -Ифет Мустафоски

Езерска слика
Езерска слика,
сина бескрајна лика.
Ветерот од зад јаворот се јави,
немирни бранови тој ќе прави.

Лебедот низ езеро гордо патува
внимание од намерници посакува.
Кон брегот бранчиња се леат,
езерски песни се пеат.
    -Ајше Лутишоска

 Езеро
Езеро мое сино и мило
над тебе бел лебед шета
со крилцата мали тој лета
дечиња-лебедчиња во себе свило.
    -Аднан Цаноски

 Песна за езерото
Езерото е многу убаво
златното сонце го грее.
Езерото е волшебен цвет
птица во бескраен лет.
   -Един Цаноски

Езерска слика
Еј, езеро убаво!
Искапено во синило
легнато во длабочина
осветлено од бисерот
гушнато од Сонцето.
   -Мерсад Усоски
                   
 

Песна за езерото
Езерото е многу убаво
Сонцето со зраци го грее
Езерото е рајска градина
со бранче-цвеќе ни се смее.

Езерото бистро светло
со убава светла боја
Езерото брановидно мило
водата е само твоја.
  -Недим Мевмедоски

              Езеро
  Те сретнав тебе, езеро
  со зраци сонце што те грее,
  со многу волшебна убавина,
  ветерот мелосија ти пее.
     -Семир Зеќироски

Езеро
Езеро рајско убаво
Сонце тебе те грее
ноќе пак, златни светулки,
а галебот песна пее.
   -Емрах Усоски


   Езерска слика
Езерото е рајска градина
од сини цвеќиња изградена
тоа е песна најмила
како волшебен звук вградена.

Кога сонцето ќе падне зад брег,
езерото тивко се свива,
шепоти, трепери, се покрива,
во мирен сон заминува.
   - Џениса Имероска