10. 11. 2011.

Балада и романса

💬Балада
Балада е лирско-епска песна со епски и лирски елементи што со многу чувства опева некој настан кој често завршува трагично.
Баладата се појавила во XV век, во средновековната литература.Баладата може да биде народна и уметничка.Темите во баладите се поврзани со народните преданија, легенди и суеверија, но има и реалистични мотиви. Во баладата има судир на спротивности, доброто наспроти злото, љубовта наспроти омразата.
Македонската народна литература е преполна со преубави балади што најчесто се придружени со мелодија. Во уметничката литература балади пишувале: Кочо Рацин, Ацо Шопов, Блаже Конески, Славко Јаневски и др.


   👇  1.Народна балада
Имала мајка до девет сина
Имала мајка, имала,
до девет сина убави,
десетти грозен Ѓоргија,
Ѓоргија беше болничав.
Мајка на Ѓорги говори,
мани се Ѓорги од куќа,
да не ми грдиш дворои,
да не ми ругаш синои,
и високите сараи.
Ѓоргија мајка молеше,
дробни си солзи ронеше,
оф леле стара мајчице,
не ли сум уште малечко.
Пусти патишта ќе згрешам,
во гора ќе се изгубам,
ѕверои ќе ме изедат,
без тебе мале ќе бидам.
Мајка на Ѓорги говори,
мани се грозно глупаво,
мани се веќе од куќа,
више те мајка не сака.
Виде, не виде Ѓоргија,
дека го мајка не сака
пак мајка си ја замоли,
дај ми ги мале пљачките,
крпено и некрпено,
татко ми што ми ги кроил,
за убав ден и Великден,
Мајка му пљачки исфрли,
Ѓорги од куќа излезе,
Кога ми Ѓорги излезе,
Луто си мајка проколна,
Оф леле стара мајчице,
Кога од двори ќе излезам,
Црната чума да влезе,
Сараи да ти побута,
Дворои да ти запусти,
Синои да ти потепа,
Сама ти мајче да останеш,
и за Ѓоргија да кукаш.
Шетал си Ѓорги по гори,
по гори и по планини,
слегна си долу селата,
ценил се Ѓорги овчарче,
Слугувал девет години,
печалил Ѓорги печалил,
до триста овци јаганца,
станал ми Ѓорги чорбаџи.
Еднаш се Ѓорги нажалил,
за своја стара мајчица,
за девет браќа убави,
и високите сараи.
Собрал си Ѓорги овците,
кинисал Ѓорги пристигнал.
Кога ми дома пристигнал,
мајка пред порти седеше,
и за Ѓоргија кукаше.
Ѓорги на мајка говори,
Оф леле стара мајчице,
имаш ли конак за мене,
ноќеска да си преноќам
па утре ќе си земинам.
Мајка го Ѓорги не позна,
па му на Ѓорги говори,
оф леле синко делија,
имав конаци високи,
и дворои широки,
и девет сина убави,
десетти беше Ѓоргија,
Ѓорги ми беше болничав.
Јас си на Бога погрешив
Ѓоргија си го испадив,
Кога ми Ѓорги излезе,
Луто ме мене проколна,
Како ме Ѓорги проколна,
Пуста ме клетва достаса,
Каде е сега Ѓоргија,
Да си го мајка прегрне,
мајкини гревои да прости,
белки ќе мајка да пукне.
Ѓорги на мајка говори,
Јас сум ти мајко Ѓоргија,
Ѓоргија мајко, најгрозен,
најгрозен мајко, болничав,
Тогаш го мајка прегрна,
дробни си солзи пророни,
прегрна мајка, целувна,
и пукна мајка, од жалост
.

👇Задача по баладата „Заљубиле се две луди млади“(од учебникот)
 
1.Каков настан опеал народниот пејач?
2.Опиши ја љубовта на младите!
3.Кој се спротивставил на љубовта?
4.Што сѐ сторила за да ја уништи љубовта на младите?
Наброј ги поетските слики!
5.Во што е олицетворена љубовта на момчето и девојката?
6.Кои се лирски, а кои епски елемeнти во песната?
7.Анализирај ја структурата на песната!
8.Кои стилски фигури ги откри?


💬Романса
Романса е лирско -епска песна со ненадејни пресврти во дејството и неочекувани решенија, најчесто со љубовна тематика и со среќен крај.
Во народните романси се слави љубовта која по низа перипетии се остварува.
Една од најубавите народни романси е ,,Стојан и Лилјана“, која е ппридрушена  и со мелодија, позната како ,,Учи ме мајко карај ме“
Дел од текстот:
Еееј, учи ме мајко карај ме
како да ја земам Лилјана
Лилјана мома убава
Лилјана тенка висока
Лилјана бела црвена
Лилјана ситен босиљок
Лилјана една на мајка.
Учам те синко карам те
како да ја земиш Лилјана
повикај триста мајстори
направи чешма шарена
наврати вода студена
сите селани ќе дојдат
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
белким Лилјана ќе дојде.
Послуша Стојан мајка си
повика триста мајстори
направи чешма шарена
наврти вода студена
сите селани дојдоа
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
кучка Лилјана не дојде.

,,Учи ме мајко карај ме“ во изведба на,, Леб и сол“
 
            За осмо одделение!!!
 Целосниот текст на ,,Стојан и Лилјана“

         Стојан и Лилјана
-Учи ме,мајко,карај ме,
како да земам Лилјана,
Лилјана мома убава:
Лилјана ситен босилок,
Лилјана розов карамфил,
Лилјана црвен трендафил.
-Учам,те сину,карам те,
како да земеш Лилјана,
Лилјана мома убава.
Слегни си долу чаршија,
купи си ѕевгар волови,
изорај рамни дворови,
посеј си бела пченица,
повикај моми на жетва,
Лилјана мома ќе дојде.
Слегна ми Стојан в чаршија,
купи си ѕевгар волови,
изора рамни дворови,
посеа бела пченица.
Дошло ми време за жетва,
поканил Стојан момите.
Сите си моми дојдоа,
Лилјана мома не дојде.
-Учи ме, мајко,карај ме,
како да земам Лилјана,
Лилјана мома убава:
Лилјана ситен босилок,
Лилјана розов карамфил,
Лилјана црвен трендафил.  
-Учам те,синко,карам те,
како да земеш Лилјана,
Лилјана мома убава.
Слегни си долу чаршија,
нафаќај калфи, мајстори,
направи чешма шарена,
шарена чешма средсело.
Сите ќе моми да дојдат,
ќе дојде мома Лилјана.
Слегна си Стојан чаршија,
нафаќа калфи,мајстори,
направи чешма шарена,
шарена чешма средсело.
Сите ми моми дојдоа,
Лилјана мома не дојде.
-Учи ме, мајко, карај ме,
како да земам Лилјана,
Лилјана мома убава:
Лилјана ситен босилок,
Лилјана розов карамфил,
Лилјана црвен трендафил.  
-Учам те, синко, карам те,
како да земеш Лилјана,
Лилјана мома убава.     

Слегни си долу чаршија,
нафаќај калфи, мајстори,
направи црква убава,
порачај света причесна.
Сите ќе моми да дојдат,
Лилјана мома ќе дојде.


Слегна си Стојан чаршија,
нафаќа калфи, мајстори,
направи црква убава,
порача света причесна.


Сите ми моми дојдоа,
Лилјана мома не дојде.
-Учи ме, мајко, карај ме,
како да земам Лилјана,
Лилјана мома убава:
Лилјана ситен босилок,
Лилјана розов карамфил,
Лилјана црвен трендафил.  
-Учам те,синко,карам те,
како да земеш Лилјана,
Лилјана мома убава.     
Стори се, синко, мртовец,
сите ќе моми да дојдат,
белки ќе дојде Лилјана.
Се стори Стојан мртовец.
Мајка му почна да плаче,
да плаче, жали Стојана.
Сите ми моми дојдоа,
шарени китки носеа,
бели си свеќи палеа,
ситни си солзи ронеа.
Се ражали мома Лилјана,
купи си свеќа восочна,
набра си цвеќе убаво,
Стојана да го испрати.
Кога на врата застана,
мајка Стојану заплеска:
-Стани ми,стани,Стојане,
Лилјана мома ти дошла,
Лилјана да те испрати.
Стојан си мустаќ помрдна,
рипна на нозе јуначки,
зграби си мома Лилјана.





      Јанка Влахинка
 Прочу се Јанка Влахинка
дури до Стамбол коприна,         
со хубавина не толко,
ја со работа три толко.
На ден везе по махрама,
на ноќ преде по кошула.
Ја дочу Марко трговец,
па ми се чуди,двоуми
како да Јанка измами.
На мајка си и' говори:
-Мале ле стара мајчице!
Што ми се е мома дочула
со хубавина не толко,
ја со работа три толко.
На ден везе по махрама,
на ноќ преде по кошула.
Как да ја, мајко,измамам?
-Сину ле,сину ле,млад Марко!
И това ли кахар береш?
Прекупи си чиста свила
и клабодан срмајлија.
Сите ќе дојдат да купат,
Јанка ќе Влахинка да дојде.
Како го мајка научи,
си прикупи чиста свила
и клабодан срмајлија.
Пушти гемија по море,
Извикна Марко,провикна:
-Елате,свила евтина!
Сите девојки дојдоха,
нема е Јанка да дојде.
Па ми си чуди млад Марко
што нема ја Јанка да дојде!
Кога вечер над вечер,
ето ја Јанка кај иде
со дванаесет робинки,
со тринаесет алајки.
Робинки и' поли крепеха,
алајки и' друм метеха.
Оддалек иде и вика:
-Трговец,млади трговец!
Тргни гемија на сухо,
свила да одбереме.
Ја Марко ли и' говори:
-Мене ме мајка заклела
надвор гемија да не вадам.
Па си измами Јанинка,
она си влезе в гемија
и Марко тегнал гемија по море,
и си грабна Јанинка.


Баладата и романсата се лирско-епски песни.Учениците од осмо одделение успешно ги совладуваат овие содржини.За сите љубопитници, еве, споредба на балада и романса
 
                                                       
                                         
 Споредба на баладата,,Заљубиле се две луди млади" со романсата,,Стојан и Лилјана"
    Македонската народна литература е бела нива посеана со црно семе, ковчег преполн со разни видови песни, приказни, поговорки, гатанки... Во тој драгоцен ковчег, во таа македонска ризница значајно место имаат баладата и  романсата. Баладата е полна со чувства што се предизвикани од судирот на спротивности меѓу доброто и злото, љубовта наспроти омразата, а трагиката е најприсутен елемент. Романсата не носи низ многубројни пресврти во дејството, неочекувани решенија, љубота е централна тема што завршува среќно за главните актери. Љубовта боли, љубовта е лек! Оваа мисла е доминантна во овие лирско-епски песни. Во баладата „Заљубиле се две луди млади", младите страдаат од љубовта што е забранета, а во романсата „Стојан и Лилјана", Стојан ја обожува, љуби преубавата Лилјана. И во двете песни клучен фактор е мајката-маќеата, во баладата ја спречува љубовта, а во романсата ја поттикнува и потпомага.
   Морбидни слики ја пратат баладата: маќеата купува отров, ги труе заљубените, па и во смртта ги разделува закопувајќи ги на две различни страни. Во романсата мајката му помага на Стојан, кој бара совет од мајката како да ја придобие љубовта на Лилјана:
                                    ,,  -Учи ме,мајко,карај ме,
                                             како да земам Лилјана,
                                             Лилјана мома убава:
                                             Лилјана ситен босилок,
                                             Лилјана розов карамфил,
                                             Лилјана црвен трендафил."
            Настаните се редат еден по друг. Лошата маќеа ги сече лозницата и трендафилот што во прегратка ја остваруваат љубовта на двајцата млади, ги пали, а потоа закопува во градината, сакајќи да ги избрише сите  траги на таа вечна љубов. Мајката го советува Стојан да посее бела пченица, да направи чешма шарена, да изгради црква голема, па љубовта кон Лилјана ќе се оствари.  Финалето на двете песни низ една градација, народниот гениј експресивно ни го претставил. Маќеата физички ги уништила младите и нивната љубов, но босилокот останува како симбол на една вечна љубов-љубовта не умира. Стојан ја остварува саканата цел, преправајќи се мртовец, успева да ѝ го стопли срцето на гордата и преубава Лилјана. Иако на еден, за нас можеби невообичаен начин, но за тоа време специфичен, а грабнува Лилјана и сонот му се исполнува. Преку овие песни, народниот пејач сака да ни порача дека љубовта е вечна, таа е свеќа која не догорува.