Приказивање постова са ознаком лични творби. Прикажи све постове
Приказивање постова са ознаком лични творби. Прикажи све постове

29. 4. 2024.

Моето Вевчани во пролет - лични творби на ученици

 💬Учениците од шесто одделение го опишуваа Вевчани во пролет. Од нивните умни глави изникнаа прекрасни мисли кои се преточија во волшебни зборови и реченици.

👇Прочитајте ги нивните прозни творби.


 

Моето Вевчани во пролет

        Дојде пролетта, моето омилено годишно време. Најшарено е, најубаво е, најволшебно е! Цвеќињата, дрвјата, птиците, тревата и другите растенија повторно се вратија и ја заживеаја природата и околината.
        Едно мирно утро ме разбуди црцорењето на птиците, а косата ми ја разбушави убавото свежо  пролетно ветре кое дувкаше низ прозорецот од  мојата детска соба. Станав, се облеков и отидов да појадувам. По појадокот веднаш излегов надвор во мојот раззеленет двор. Го зедов дрвеното столче и почнав да ја читам мојата омилена книга „Хајди“. Откако со Хајди се прошетавме низ магичните планински предели, решив да не губам повеќе време, туку да тргнам во обиколка на Вевчани. Ја повикав мојата другарка и со нашите велосипеди отидовме до Вевчанските извори. Возејќи се кон изворите, со восхит гледав како планините се позлатиле од сончевата прашина. Шумите ги имаа најзелените дрвја кои личеа на најдотераните принцови и принцези од највеселиот бал, разиграни во најголемото оро на Земјава. Ветрот упорно дуваше и ми даваше мотив да продолжам со мојата обиколка низ пролетниот мозаик. Веќе стигнавме кај изворите, седнавме на една клупа и се напивме од бистрата и чиста вода. Уживавме во жуборот на изворот и се насладувавме од овој прекрасен пролетен ден. Се вративме дома, а по ручекот излегов надвор и го чекав омилениот дел од денот - зајдисонцето. Небото се зацрвенило гушкајќи се со сонцето и планината. Таа глетка ме воодушеви и ме подготви за вечерниот одмор. Со топло млеко во раката се подготвив за спиење. Легнав и сите спомени од тој ден ми се вратија, па низ сеќавања повторно го преживеав овој ден.
        Треба да сме благодарни за сите дарови кои ни ги нуди природата. Пролетта е магична и сите треба да уживаме во природата и нејзините убавини.
                                                         - Ирина Димитриеска
 
Photo 
 
                                         Моето Вевчани во пролет
        Едно свежо пролетно утро кога ме разбудија сончевите пролетни зраци, веднаш станав  и се сетив дека ќе одиме да ги посетиме Вевчанските извори и планината Јабланица. 
       Мајка ми ми подготви сендвичи, а јас се облеков во патики и излегов надвор. Надвор бликаше од зеленило. Лисјата на дрвјата беа зелени, а околу мене се слушаа птиците кои црцореа качени на дреновите дрвја. Сливата во мојот двор веќе беше накитена како новогодишна елка. Наеднаш слушнав како мајак ми ме повикува да тргнеме. По пат нè следеа сончевите зраци. Стигнавме уморни и седнавме на една клупа. Звукот на пенливите извори нè релаксираше, а погледот ни се восхитуваше од пролетната шума која се протегаше пред нас. Лисјата постојано шумолеа и со црцорењето на птиците создаваа волшебна мелодија. Прошетката продолжи низ убавата Јабланица. Насекаде убавини. таму воздухот беше некако посвеж. Звуци допираа од сите страни, а верверичките скокаа од дрво на дрво. Се приближуваше ноќта, а ние тргнавме за дома. Чекор по чекор низ коријата патот нè однесе дома.
        Вечерта кога уморни си легнавме, јас сонував сè од тој пролетен ден. Навистина, моето Вевчани е прекрасно во пролет.
                              - Христијан Кукоски 

Photo 
 
Моето Вевчани во пролет
        Најубавото нешто кога ќе ти речат да опишеш некој пејзаж е чувството дека ќе опишуваш место со неизмерно богат пејзаж, место полно со волшебна убавина, Вевчани. 
        Јас сум родена и живеам во Вевчани, место кое сè уште е како недосликан пејзаж. Вевчани изобилува со слики чиј творец е мајката природа. Вевчани  е место во кое убавата природа ти го одзема здивот и остануваш без зборови пред убавите слики. Еве само еден мал дел од тие убавини. Онаму каде е мојата куќа, секој ден сум сведок на една жива разгледница која 24 часа е калеидоскопод бои и светлина. Штом ќе излезам на мојата тераса, веднаш ми го одзема здивот мојата Јабланица со забелените врвови кои допираат до небесните синила. А, сега бидејќи е рана пролет, таа раскошно се расфрла со нејзината нова облека. Ритчињата од најмало до најголемо започнаа да ги покажуваат своите нови рува. Сите посипани од младото зеленило низ кое срамежливо се надѕира по некое белило од расцутените диви сливи. Нејзините бои се преливаат  од најтемно зелената до најсветло зелената за кои не верувам дека и најголемиот уметник може да ги измеша со такви нијанси на белото платно. Поблиската околина не можам д аја опишам така лесно.  Насекаде владее волшебна симфонија! Симфонија од расцутените бели пупки кои ги разбудиле сите дрвја, симфонија од звукот на птиците кои се радуваат на новото пролетно будење, симфонија од насмевките на луѓето кои се радуваат на сончевите зраци кои пролетта им ги нуди беспоштедно.
        Ова е сè што можам да ви опишам за еден момент од моето уживање и восхитување од мојот секојдневен пејзаж со кој се будам и заспивам во моето Вевчани во оваа убава пролет.
                                       - Луција Лазороска
Photo 
 
Моето Вевчани во пролет 
        Полека, полека, зимата си замина. Замина ладниот студен снег, а дојде топлото сонце. Дојде најубавото годишно време, дојде пролетта.
        Еден ден, кога се разбудив, излегов на терасата и како некој да ме гали, го почувствував топлиот ветар низ мојата коса. Јас веднаш ги облеков моите патики и со моите другари излегов да прошетам низ моето Вевчани. Со лесен чекор се упативме кон Вевчанските извори. Каква убавина се надвиснала од сите страни!? Дрвјата беа облечени во нивната пролетна облека, цвеќињата расцутени во сите бои: црвена, сина, жолта... Високите врвови на Јабланица беа со бели бои од преостанатиот снег. Каде и да погледнев, насекаде убавина. Пролетното сонце ја топлеше мојата кожа. Во таа сончевина како да подзаборавивме дека сонцето сака да оди на спиење и дека денот не трае засекогаш. Нè поздрави со својата црвено-златна рака и се спушти на запад. Месечината се појави да го започне својот танц во ноќта. Мирис на пролетна свежа земја се разлеа насекаде. Излегов надвор и легнав на земјата со погледот свртен кон небото посеано со ѕвезди. Ѕвездите беа сјајни, а свежиот воздух пријатно ме галеше. Јас многу ги сакам сите годишни времиња, но имам необично чувство кога ќе дојде пролетта.
        Вевчани е љубов најголема, а во пролет најубаво. Тој свеж воздух, тоа топло сонце не е споредливо. Има различни богатства, но живеењето во моето Вевчани во пролет, според мене е најголемо богатство.
                                         - Јован Чочороски

                                    

9. 12. 2021.

На крилјата на фантазијата (лични творби, 2021/2022 год.)

 


                                       Посета на непозната планета

             Беше пролетен ден. Јас весело цртав во мојата соба. Цртав на тема ,,Место кое сакам  да го посетам”  и нацртав една необична планета  во форма на книга.
              Само што завршив со цртежот, на чудесен начин се појавив во чудесно место. Тревата беше разнобојна, а цвеќињата  беа во форма на букви. На дрвата наместо  листови и плодови имаше броеви, а наместо птици летаа книги. Некој  љубезно ме поздрави, а јас возвратив со поздрав. Тоа беше суштество со хартиена глава, хартиени раце, нозе и тело. Наместо дланки и стапала имаше книги, а наместо очи, нос, уста и уши имаше букви и броеви. Суштеството се викаше Буки и ми го покажа својот дом, училиште, место за забава и неколку убави ливади. Нема да верувате, но место за забава беа библиотеките, а ливадите служеа како градинки. На крајот заедно со Буки цртавме, а јас ја нацртав мојата планета Земја. Само што  завршив со цртежот, повторно се вратив на мојата планета, но за жал не успеав да се збогувам со Буки.
               Посетата помина убавo, но јас знам дека поубава планета од мојата нема. На цртежот со  големи букви  допишав ,,БУКЛАНДИЈА” и така ја нареков планетата која ја посетив.              

                  - Теона Велковска                                                                                                                                           


                                       Посета на непозната планета
         Сара е мојата другарка. Таа е без насмевка на нејзиното лице. Никој не може да ѝ ја врати. Гледам кон ѕвездите и се прашувам, дали има ли нешто таму што ќе ѝ ја врати насмевката.
         Размислувајќи, ме осветли чудна светлина. Исплашено потскокнав и забележав еден  кристален вселенски брод. Од него излезе многу чудно суштество во розова боја. Се исплашив, но и бев среќна дека можеби ќе ѝ ја вратам насмевката на Сара.
-Здраво, јас сум Роз!- ми рече.
Ме фати за рака и за дел од секунда се најдов на КРИСТАЛНАТА  планета. Куќите беа направени од сини кристали, улиците беа од виолетови дијаманти, а суштествата беа розови. Роз ме однесе кај фармацевтската фабрика, каде што работеше неговиот татко. Таму се правеа овошни лекови како и овошен напиток за враќање на насмевка.
 - Повели! - ми рече Роз.
 - Дај ѝ го на Сара!
        Јас го зедов напитокот и повторно бев вратена на Земјата. Се поздравивме со Роз и си ветивме дека повторно ќе се видиме. Му се заблагодарив на Роз, затоа што ѝ ја врати насмевката на Сара.

- Јана Парталоска



                         Посета на непозната планета

Јас патував  со вселенски брод. Се најдов на  една чудна планета. Таа беше зелена со розови топчиња. Одеднаш почнав да паѓам заедно со вселенскиот брод.  Се најдов на една непозната планета.                                                                                                     Таму видов многу луѓе. Сите беа многу необични. Тие имаа три нозе, три раце, две глави, еден нос и една уста, а беа зелени. Едно суштество ми се доближи и ми кажа дека се вика Киљ и дека јас сум на планетата Вертиња. Киљ ме однесе дома. Таму ја најдов нејзината помала сестра Хара којашто спиеше.. Киљ ми кажа дека тие немаат родители.Тие ме прошетаа насекаде. Во Вертиња имало две држави - Викс и Лисон. Киљ и Хара живееја во Лисон. Јас многу сакав да ја посетам и другата држава, но таа била многу далеку. Со моите нови другарки си поминав прекрасно, но дојде време и да си одам. Тие две ме испратија до вселенскиот брод.
Кога слетав на мојата планета Земја, беше многу темно, два часот по полноќ. Многу се израдував што се вратив дома. Потоа си легнав на мојата перница со надеж дека пак ќе одам во Вертиња, дека повторно ќе ги видам Киљ и Хара и дека следниот пат ќе одам во државата Викс.

 -        Анастасија Кочовска 



                                         Посета на непозната планета
       Времето беше убаво и топло. Јас си седев во мојот двор и уживав во пролетните убавини. Црцорењето на птиците и мирисот на прекрасните пролетни цвеќиња  ме воодушевуваа.
       Мојот мир го расипа еден лош звук кој доаѓаше од зад  дрвото. Зад  дрвото имаше еден вселенски брод, кој наеднаш ме зеде и ме однесе на една чудна планета која изгледаше вака: таму имаше кафеави мали човечиња со големи глави, големи очи и мали уста и нос, таму дрвјата беа сини со црвено, земјата беше црвена, а небото зелено.
Јас му се обратив на едно од малите суштества:
- Како се викаш и како се вика оваа чудна планета?
- Јас се викам Марли, добре дојде на нашава планета Маргина - рече со сосема разбирлив глас.
     Цел ден се дружевме, а кога падна ноќ, тие ме качија на нивниот вселенски брод и ме вратија во мојот дом.
               - Венера Шутиноска




                        Средба со суштество од друга планета

       Беше саботна вечер. Го вклучив телевизорот за да гледам некој филм, но бидејќи не најдов нешто интересно, легнав да спијам. Потонав во длабок сон.
        Додека спиев, почувствував некој чуден звук,  па веднаш  се разбудив. Погледнав низ прозорецот и видов еден необичен летечки објект. Излегов надвор и бев заслепена  од  една зелена светлина. Вратата се отвори и излезе едно чудно суштество.Тоа беше колку мене: на главата имаше три очи и цело беше зелено. Најпрво бев исплашена, но ми се приближи и ми подаде рака. Јас му реков:

-        Ајде, дојди кај мене дома!

Тоа нешто ми зборуваше, но јас не го разбрав. Го фатив за рака и го однесов во мојата соба. Му пуштив музика и тоа почна да игра. Од џебот извади една топка и ми ја подаде мене. Од топката почна да се испушта многу убав мирис.
          Ги отворив очите, почувствував еден сладок мирис, но не беше од топката, туку од појадокот што го правеше мојата мајка.
     - Марија Јанкоска


                 Средба со суштество од друга планета

Еден топол и прекрасен ден, додека седев во мојата градина, слушнав необичен звук. Јас се исплашив, но сепак отидов да видам што се случува. Звукот доаѓаше од шумата, во близина на мојата куќа.
Вниманието ми го привлече едно чудно светло од кое излезе уште почудно суштество. Изгледаше необично; целото жолто, очите му беа светеа како ѕвезди, а бушавата коса блескаше со жолтозлатен сјај. Полека ми се приближи и за да не се исплашам тивко ми рече:
-       Не плаши се, нема да те повредам! Јас сум Светленка и доаѓам од планетата Стирнал.
Светленка ми раскажа дека нејзиното летало се удрило во метеор и таа ја изгубила волшебната ѕвезда што ѝ помагала да се врати дома.
 Јас се понудив да ѝ помогнам и заедно тргнавме низ шумата за да ја бараме ѕвездата. Светленка беше зачудена од дрвјата во шумата, а посебно од прекрасното црцорење на птиците. Другиот ден ја однесов на пикник со моите другарки и весело за забавувавме. Таа беше загрижена за ѕвездата бидејќи безуспешно ја баравме. Се стемни. Светленка заплака, а од очите ѝ капеа златни солзи. Додека ја тешев, на едно дрво забележавме чудна светлина. Ѕвездата беше најдена.
        Светленка успеа да се врати дома, а јас бев среќна што најдов нова пријателка.

-       Емилија Попеска


Средба со суштество од друга планета 

Еден ден слушнав необичен звук. Излегов надвор и забележав дека во мојот двор има некаков чуден предмет. Се приближив до него и открив дека се работи за вселенски брод. Здогледав еден Марсовец.
Тој имаше зелена кожа, а облеката му беше сребрена испрскана со златна боја. Јас му се обратив:
 ̶   Зошто си тука? 
̶   Го загубив мојот клуч, а без него не можам да го вклучам моето летало и не можам да се вратам дома.- ми одговори.
Јас веднаш се понудив да му помогнам во барањето на изгубениот клуч. Марсовко беше многу тажен. Упорно баравме и јас успеав да го забележам светкавиот клуч пред тркалото на вселенското летало. Двајцата бевме среќни, а посебно мојот нов пријател бидејќи ќе може да  си оди дома.
Ние се поздравивме со ветување дек ќе се видиме, па Марсовко си замина со неговото вселенско летало. Јас се вратив дома и им  ја раскажав на моите родители неверојатната случка.

-       Бојан Мурџески



од нашата училница

12. 11. 2021.

Разговор со облачето - расказ

 


                                  Разговор со облачето

       Еден сончев ден, јас седев во мојата соба. Погледнав низ прозорецот и здогледав  еден  бел облак.
        Тоа облаче беше мало и јас почнав да разговарам со него. Разговарав за моите другарки, за моето училиште, која ми е најверна другарка и која ми е омилена книга.
       Одеднаш загрме, небото се затемни и почна да врне силен дожд. Облачето се снема и дојдоа големи темни облаци. Јас бев многу тажна зашто мојот бел пријател исчезна.

   - Марија Јанкоска




РАЗГОВОР СО ОБЛАЧЕТО

        Едно девојче седеше на полјанката, а сонцето топло ја галеше по нејзините коси. Девојчето многу сакаше да се дружи со сонцето и заедно да си играат најразлични игри.
        Еден ден девојчето играјќи си со сонцето, здогледа едно облаче како плаче. Му се обрати со мил глас:
- Зошто плачеш, облаче бело? Зошто си толку тажно?
- Затоа што никој не сака да си игра со мене со мене, а сонцето никогаш  не можам да го најдам, а никој друг освен него не сака да си игра.
-Па еве го сонцето, ајде заедно да си играме. Облачето многу се израдува  и почнаа да си играат најразлични игри. 
    И така облачето повеќе не остана без другарчиња. И секој ден си играа, разговараа и се веселеа.Така девојчето облачето и сонцето беа многу среќни.

               - Јана Парталоска






РАЗГОВОР СО ОБЛАЧЕТО
           Еден ден јас си седев во мојот двор.Тој ден, времето беше облачно и ветровито. На небото имаше многу облачиња. Едно од нив ми се обрати:
-Како си девојче?
-Многу сум тажна бидејќи времето е ладно и облачно-реков, а тоа почна да плаче.
-Зошто плачеш мило мое облаче?-го прашав.
-Мене никој не ме сака, сите бегаат од мене, веќе ми е здосадено да седам по цел ден само, осамено-одговори натажено.
-А сакаш јас и ти да станеме пријатели?-го прашав
Тоа многу се израдува и веднаш прифати.
         Од тој ден облачето доаѓаше кај мене и заедно игравме и си разговаравме.Така  облачето повеќе не беше тажно.

- Венера Шутиноска






Разговор со облачето

        Беше убав сончев ден. Јас читав книга во мојот двор и се восхитував на  песната на птиците. Почувствував дека на мојата глава паднаа неколку капки  вода, но не обрнав многу внимание на тоа.

        Потоа слушнав плач и погледнав нагоре. Над мене стоеше црно, тажно облаче. Јас го поздравив, но тоа продолжуваше да плаче. Откако успеав  да го смирам  ми раскажа дека се крие од сонцето и другите облачиња, затоа што не сакаат да си играаат со него. Јас се трудев да му објаснам дека сонцето не е опасно и дека не топли и без него не би имало живот на земјата. Не ме слушаше, па решив да му предложам да играме некоја игра. Игравме брканица  и додека  облачето  бегаше излезе на сонце и се претвори во меко, бело и најпрекрасно облаче.

        Но, кога  ги отворив очите го слушнав гласот на мојот татко. Тој ми велеше да се спремам  за училиште. Зарем разговорот со облачето беше сон? Сега ми останува да се надевам дека облачето ги пронајде своите пријатели и повеќе не е осамено.

- Теона Велковска

РАЗГОВОР СО ОБЛАЧЕТО

        Еден ден, тажно си седев во дворот и си размислував. Во еден момент како повикано дојде едно мало и бело облаче. Ме погледна и ми рече:
- Зошто си тажна, што ти е? 
Јас му одговорив со насолзени очи:
-  Како што ми е, зар не гледаш колку овој убав и шарен цвет е свенет.
        Потоа ми рече дека е подобро да го полеам, а не да плачам. Јас Не моне можев тоа да го направам бидејќи моите родители не беа дома, а јас немав клуч. 
- Додека ги чекам... и заплакав.
- Немој да плачеш, те молам, зарем не знаеш дека јас можам да го полеам? - Знам, знам како да не знам.Те молам, полеј го, ќе се скрши.
- Секако дека ќе го полеам со задоволсто.- ми рече и испушти нежни капки над цветот.
        Кога го полеа, цветот почна да се разубавува, испушти прекрасен мирис и шарени бои како на виножитото. Беше прекрасно. Јас му се заблагодарив на облачето и потоа тоа се качи горе на небото.Така цветот продолжи да го разубавува мојот двор. 

- Aнастасија Кочовска