26. 2. 2014.

„Црни и жолти“-Славко Јаневски

         Преку стиховите на оваа збирка, авторот нѐ носи на патување низ два континента, десетина држави,  градови, нѐ пробива низ џунгли, пустини, острови, нѐ  запознава со жителите на овие места и ни покажува разни животни.

Црни и жолти е збирка со детска поезија на македонскиот писател, Славко Јаневски.
За првпат, книгата е објавена во 1967 година, а подоцна има доживеано поголем број изданија.
Збирката „ Црни и жолти“ содржи предговор со наслов „ До мојот читач, се знае - кој и да е!“, 19 песни, како и речник со објаснувања.


Содржина на збирката:
  • Пошла прва камила, пошла втора камила
  • Црн роман
  • Автара - бавтара
  • Што шепоти тревата
  • Суданска балада
  • Шах
  • Жабоци гајдамаци
  • Нхма- Кхма
  • Мудреци над мудреците
  • Ако не е вистина, голема лага е
  • Бунтот на чадорите
  • Мандаринијада
  • Песната за лебот и водата
  • Кинески театар
  • Прикаска по спротивен ред
  • Безбожна јапонска приказна
  • Песна за Јапонецот и за уште нешто
  • Абавагула и Дорефасула
  • Носорог Росоког Роногос

 Во продолжение прочитајте дел од песните!

Пошла прва камила
Пошла втора камила

Нигде тревка нигде камен,
а по некој беспат рамен
низ Нубија-кој се шири
песок под кој ветар свири
со шуплива коска мала
тажна песна тра-ла-ла-ла
одат безброј млади, стари
камилчиња,
камили и камилари...

Крај Нил, таа река света,
бела чапја со крик лета
и фараон еден стои,
од камен е, стар и престар,
но во себе везден брои:
пошла прва камила,
пошла втора камила,
пошла трета камила...

Нил се влече, свој пат знае,
во песокот живот ткае,
фараонот на трон седи-
ни се движи, ни па клепка,
бројки реди:
пошла шеста камила,
пошла седма камила,
пошла осма камила...

Со векови дните минат,
не се кинат,
па се низа
достојна за анализа,
зашто вечно ветер гони
полк облаци, браќа свои,
зашто вечно Рамзес брои -
милиони,
билиони
млади, стари
бедуини, камилчиња,
камили и камилари...

А во една таква сметка
секој лесно ќе се сплетка
и ќе падне в тежок сон.
И затоа,  браќа мои,
се` одново исто брои
камениот фараон:
пошла прва камила,
пошла втора камила,
пошла трета камила...



Црн роман
Глава прва

Африка. Село:Батала тамба.
Од него момчето Кали
поаѓа кришум без нож и ламба
ноќе по врвици мали.

Трепери шарена зебра.
Шимпанзо подава рака
по плод.Крај срнечки ребра
завива лутозаб чакал.
По него како на смена,
од кон се гласи хиена.

Бега газела на нозе тенки
пред скок на лавица стара.

Под сплет на баобаб-гранки
слон Кали се` уште бара:
четири нозе.
опаш и
глава -
црно момче на слон ќе јава.

Глава втора
Шишкото месечко в ѕвездено брашно
в мрак се проѕевува.
Под него стопати страшно
пантер заревува.
И се` штом стивна пред ревот
како пред семожна веда,
секаде - десно и лево -
момчето слонови гледа.
Пред тие сурлести глави
Кали со песна се јави:
- Косот имал слон,
слонот имал кос,
ако имав чевли
не ќе одев бос.
Ако не е јаве
ова ќе е сон,
сепак ќе сум јавач
на најголем слон.

Глава трета

В полноќ под лисната палма,
негде крај рекичка плитка,
сличен на голема чалма
злокобен питон се свиткал.
Питонот лази момчето спие -
соништа чудни под глава крие ...
Тапани.Далеку. Тихо - там-там.
Мајмун на гранка се грчи сам.
Ноќница птица се јавува...
спие ли Кали, чека ли слон,
или е изгубен в бескраен сон
и слон на сон поздравува?

Глава четврта
Светнува зорница.Потоа залез.
Ден. Ноќ. И недела... Година цела.
- Каде е, каде е, каде е Кали? -
можеби шепоти земјата врела.

В џунгла, во која тајни се кријат,
сонува сито
една преголема змија,
така наречена  питон.
Полека Конго в сончевина пливнува.
Потоа: ѕвезда се пали.
Далеку старица црно воздивнува:
-Каде е син ми Кали?
За миг и ветрот, брзоног гласник,
извици како да носи:
-Сонувам,  мајко, приказни красни
за деца црни и боси...

Тече прикаската модроок сон,
тихо за Кали што барал слон.
А дали нашол или пак крај е
на еден живот-питонот знае.


АВТАРА-БАВТАРА

Некои племенски главари,
со цилиндри, инаку боси,
двајца,
и некои кравари,
тројца,
и некои козари,
пак тројца,
и некои лозари,
двајца -
автара-бавтара,
бавтара-тавтара -
нашле две нојови јајца.

И тие сите:
лозарите,
козарите,
краварите,
и главарите
(со цилиндри, без ракавици)
ту тројца, ту двајца -
автара- бавтара,
бавтара- тавтара -
зачукале со тупаници
по двете нојови јајца.
Од такви удари,
достојни за рудари
пукале јајцата,
надошло море -
автара-бавтара
бавтара- тавтара -
до сонцето горе.

Јајцата се` поплавиле.
Поглаварите,
краварите,
козарите
и лозарите
за малку не се удавиле.


Што шепоти тревата

Ова е црнечки сон
на мало гвинејско дете
за слон по име Џон
што имал пријател верен
некаков мајмун Кон.

Банани мајмунот берел,
го хранел својот слон,
тој својот слон го хранел,
а слонот својот Кон
од диви ѕверки го бранел -
и било се` како сон.

Еднаш мајмунот Кон,
по некој скитнички план,
без својот пријател слон
пошол низ џунглата сам
под лисја - ѕвона без ѕвон.

Сведок бил ноќниот срп
и еден нилски коњ речен
зад Коновиот грб
подмолно гепард се влечел,
додека далеку Џон
сос сурла како секој слон
банани берел  в сон.

... И станало се` за миг,
паднал мајмунот Кон
в гепардски шепи, без крик.
Останал сам слонот Џон.

В џунглата пак сонце грее
додека еден слон
(секако слонот Џон)
низ сурла солзи лее
по својот пријател  Кон.
И носи в срце бол
и закана една лута
за секој гепард зол
и чува далечен сон:
- Збогум,  мој изгубен Кон!


                       
Изработки на ученици
       Шестоодделенците од ООУ „ Страшо Пинџур“, Вевчани, вредно работеа на наставното средство за делото „Црни и жолти“.









21. 2. 2014.

Меѓународен ден на мајчиниот јазик, 21 февруари

  Во чест на Денот на мајчиниот јазик, учениците од шесто одделение твореа  пишувајќи за убавините на езерото.
Ако твориш, зборуваш, пееш, мислиш, сонуваш на мајчиниот јазик, го почитуваш и за него нема опаснот од исчезнување.
Мајчиниот јазик е мој, од Давид, Амзо, Наумче, Селма, Максуд, Фатима, Амела, Тамара...
Тој е право на секој поединец во нашата Македонија.
Среќата поубаво се чувствува на мајчиниот јазик! Радоста се доживува кога ја разбираш-на мајчиниот јазик!Соништата се вистински на мајчиниот јазик!Тагата и болката полесно се поднесуваат кога ги делиш со другиот- на мајчиниот јазик!
Првиот детски збор, првата мајчина насмевка, првиот љубовен трепет вистински се доживуваат на мајчиниот јазик.Другарска кавга, трема од тест или некаков проблем полесно се решаваат на мајчиниот јазик.
Се обидуваат да  негираат, да ни  наметнуваат други туѓи јазици, да не` делат и јазично уништуваат.
Одговорот е следен:„Мајчиниот јазик е еден -македонскиот јазик!“

             Струга и езерото
Секој ден одам во Струга,
во Струга, како која нема друга.
Сонце сјае, галеби со вресок,
децата изморени легнати во песок.

Дрим и езерото полни со чиста вода,
за таа благодет, фала му на Бога.
Поетот искрен, стихови чита,
повелете, луѓе, Струга ве вика.
    -Максуд Ибушоски

    Езерска слика
Крај езеро тивко, мирно
се разлева мирис ширно
од трски, вода и плажа
убавини езерото но покажа.

Бистра вода и сончев блесок
камчиња и многу песок
А Муки гледа, на брегот стои
езерски далги на глас брои.

Езерската,пак, птица во лет
во песочна кула се сокри
го заклучи својот таен свет
 од љубопитници се покри.

Сликар да сум славен
со бои и четка главен
ќе насликам се` до збор
езерски е тоа одговор.
  -Селма, Самија, Мухамиде, Едина,  Мунира, Анеса, Амела и Мејта

       
Лебед нурнат во водата на Охридското Езеро
  Езеро
Езеро мое,езеро драго
најубав си цвет
во целиот свет.

Езерска е бајка
лебед штом видам
среќна да бидам.

Езерото приказни плете
Риби ќе ловам
со кајче ќе пловам.

Оваа слика е јасна
сонцето  грее,
а езерото нам  ни се смее.
  -Ремзија Калчиноска

   Езерска слика
Крај езеро поминав
со восхит застанав
и преполна со воздишки
од таа убавина, заминав.

Езерска далга во песна
мелем ми дава на душа
ветерчок со таа мелодија лесна
намерниик вика да слуша.

Кога ли повторно, пак,
ќе го слушнам тој езерски глас,
кога ли таа убава слика,
повторно ќе ме повика.
  -Наталија Божниќеска

Езерска музика
Во плитките места
се слуша жубор
тоа е вистинско чудо
на сината езерска вода.

Бели лебеди кружат
со кајчиња рибарски се дружат
необична тоа е ода
на сината езерска вода.

Распеани птици летаат
 дечиња радосни шетаат
дружба необична е тоа
крај сината езерска вода.
    -Семина Азизоска
„Бистро езеро гледаш белеит“

   Езерска слика
Езерото е ко сино небо
галеби како бисери нишка
бранови кои гласно ечат
како деца кога ќе заплачат.

Езерски дворци ќе отворам
на далги ќе те понесам
со лебеди ќе те пречекам
риби друшки ќе донесам.
        -Љупчо Топузоски

Езерска слика
Езерска слика една
во памет ми стои
со волшебни, нежни бои.

Кајче низ езеро плови
весело и мирно,
како птица што лета
на небото ширно.

Езерска слика една
во очи ми цвета,
како златна птица 
што позлатува кога лета.
  -Имер Дервишоски






Езерски немир

Езерска слика
Над безвременското ветрот  шета
низ бескрајноста, нежно птица лета.
Совршенството низ хоризонтот се шири
златна рамка од дното езерско  ѕирка.

Убави спомени низ него пловат,
сечие срце безгрижно го ловат.
Екот во песокот спие
лик на дете во езерото се мие.

Рака испружи да го дофатиш
совршенството и убавиот мирис,
или во безвременското ќе го оставиш.

Езерска струна високо ме крева
растреперен облак јас да допрам,
клокотот од чувствата мои,
безгрижно ме опива.

Езерото е волшебно, сјајно
тоа ми е едноставно јасно.
Сите нека слушнат и викнат
Чисто, нежно и гласно.
    -Тамара Дишлијевска

Езерска слика
Езерото со необичен сјај,
цветови расцутуваат во мај,
ластовичка песна пее,
сонцето надвор грее.

На дрвото сјаен лист,
од езерски бои чист,
во езерото болшебен сон
како сладок разигран ѕвон.
    -Цаноска Мејта

  Езерска слика
Едно рано утро
крај езеро мирно
птиците летаат
весело и ширно.

Во водата падна
еден жолт лист,
ние се шетаме
дишеме воздух чист.

Сонцето на езерото
 му се смее,
со неговите зраци
топло го грее.
  -Амзо Салоски

  Езерска убавина

Во тоа око-огледало,
во тоа гнездо и седело,
небото се загледало,
сонцето се налактило,
времето се затаило.

Од нив е бистро- огреано,
е така чисто, разлеано
и како бисер навезено,
езерото е насмеано.

Езерото е мило
езерото е драго,
тоа ми дава сила
тоа ми дава крила.
    -Фатима Усоска

Облак над езеро
Плови облак по небо ширно,
плови тивко над езеро мирно.
Побел од лебед,
побел од снег,
побел од памук-
пердувест мек.

Кога над вирот најдлабок мина,
облакот мигум се стопи, згина
облакот-лебед,
облакот-снег,
облакот-памук
нежен и мек.

Знам сега кој е,знам кај се скри!
А дали знаеш, детенце ти?
Сега под дното
езерско езди
на дланка носи
бисерни ѕвезди.
  -Самија Цаноска







13. 2. 2014.

Синови-Народна приказна


                                      Синови

                Кај некој бунар се сретнаа три мајки. Ги полнеа кофите со вода и си разговараа. До бунарот дојде и еден старец, седна и го слушна нивниот разговор.
    Првата мајка рече: ,,Мојот син е толку силен, што не може никој да го надваса.“
    Втората мајка рече: ,,Мојот син е толку убав, што нема друг како него на светов.“
    Третата мајка ништо не кажа. Само си ги полнеше кофите.
    -Зошто ти не кажа каков е твојот син?-ја праша старецот третата мајка.
- Што да кажам? Ништо особено не сум забележала кај син ми.
Мајките ги наполнија кофите и си тргнаа.
И старецот тргна по нив в село, што беше прилично далеку. Жените со мака ги носеа кофите. Затоа на една рамнинка застанаа за да починат малку. Отспротива се зададоа синовите. Првиот беше силен, другиот многу убав. Третиот, пак, си одеше полека и не се гордееше. Но, штом ја виде мајка си, побрза, ѝ ги грабна кофите од рацете и ѝ ги однесе дома.
Една од мајките ќе го праша старецот: ,,Е, ти се бендисаа ли нашите синови?“
-Синовите?-се зачуди старецот. 
- Кај се? Јас видов само еден! 
       -Народна приказна



Табеларен приказ
Тема:
Идеја:

Холистичка листа за оценување  текст:
Прераскажување на ,,Синови“-Народна приказна,13-14.02.2014г.


0 поени Текстот нема структура и има голем број на правописни грешки, речникот е крајно сиромашен, а ракописот е неразбирлив, не го користиш литературниот јазик
1 поени Текстот нема јасна структура и има повеќе правописни грешки, речникот е сиромашен, а ракописот тешко разбирлив, голем број јазични грешки(дијалектизми)
2 поени Во текстот недостасува еден од структурните елементи, речникот е скромен и има повеќе правописни грешки, одделни букви нејасно ги пишуваш, мал број јазични грешки(дијалектизми)
3 поени Текстот има вовед, главен дел и заклучок што не се јасно разграничени, речникот е разновиден, малку правописни грешки, внимаваш на литературниот јазик и ракописот е разбирлив
4 поени Текстот е добро структуиран, со богат речник, со малку правописни грешки, литературниот јазик правилно го употребуваш, ракописот е разбирлив
5 поени
Текстот е добро структуиран, со исклучително богат речник, без правописни грешки, правилно го употребуваш литературниот јазик, а ракописот е разбирлив.Формата соодвествува на стилот.



11. 2. 2014.

Зборови во функција на подмет-вежби


 
Внимателно прочитај и одговори на барањата!

1.Потцртај го подметот со една, а прирокот со две линии. Напиши кој вид збор има улога на подмет!
а) Птицата пее на гранката. 
б) Муки прочита интересна книга.
в) Ние бевме многу радосни од веста.
г) Тројцата добија вредни награди.
д) Највисокиот го даде победничкиот кош.
ѓ) Таа го покани на роденден. 

2. Дополни според барањата!

а)__________(сопствена именка) пие сок.
б) На снежната патека ________(општа именка) скија за победа.
в)_______(лична заменка) ќе дојдам на роденден.
г)_________(број) стоеја пред излогот.
д)_________(придавка) ја избриша таблата.

3.Препиши ги подметите од извадокот и определи кои видови зборови ја вршат таа функција.

        „Низ долината тече река.Целиот крај таа го дели на две половини.Бошко и Едип се договорија да ја преминат реката.Тие одеа еден зад друг преку тесната греда.Двајцата полека се движеа внимавајќи да не паднат.Првиот  стигна до брегот.
Момчињата извикаа:„Храбрите успеваат!“...“
  
                   
Браво за точно одговорените вежби!