26. 11. 2017.

Новата генерација ни доаѓа...

               Оваа објава е посветена на новата генерација која ќе се дружи со вас, нормално преку Роземак. За почеток дел од нивните творби со научно-фантастична содржина. Навистина, нивната фантазија е многу бујна. Прочитајте ги творбите на шестоодделенците.
                                                           
                                 
                                   Средба со суштество од друга планета

                 Убав ноемвриски ден, се шетав низ блискиот парк. Седнав на една дрвена клупа малку да се одморам. Уживањето во убавиот есенски ден ми го прекина една необична светлина што се појави пред мене. Како во сон, од светлината излезе чудно суштество. Се исплашив од неговата зелено-сина боја и чудни очи со кои љубопитно ме гледаше.
- Кој си ти?- треперливо го прашав.
- Јас сум Тини, од планетата Зума. Мојот вселенски брод се расипа и јас слетав овде.
Неговите движења ми покажуваа дека е пријателски расположен и дека бара помош. Му се приближив и го прашав:
- Дали сакаш да ти помогнам и заедно да го поправиме бродот?
Тој се согласи, но од неговиот стомак почнаа да се слушаат чудни звуци.
- Гладен сум, морам да јадам. Ако не јадам, ќе станам лош.
Јас веднаш го однесов кај мене дома и без да нè видат, од кујната зедовме супа со моркови. Тини слатко јадеше воодушевен од необичниот, за него, вкус. Потоа го послужив со торта од вишни.
-Мммм... никогаш не сум пробал вакво нешто! Вкусно, прекрасно!
Тини уживаше во неговиот престој кај мене. Ние си игравме разни игри и станавме добри другари.
              Времето брзо минуваше, а тој мораше да си оди. Вселенскиот брод успеавме да го поправиме пред да се стемни. Тини влезе во него, весело ме поздрави и ми вети дека ќе дојде повторно за да ме однесе на неговата планета. Одличен ден! Му ја подарив мојата белегзија за секогаш да се сеќава на мене.
             Светлината од неговиот брод полека исчезнуваше во далечината. Јас долго гледав кон небото восхитена од необичната средба.
                              Ученичка: Дилбера Шерифоска



                        Средба со суштество од друга планета
  
              Еден ден, јас и моите другарки отидовме на прошетка во најблискиот парк. Кога стигнавме таму, седнавме на една клупа. Разговаравме за необични нешта и суштества. Одеднаш, во непосредна близина забележавме силна сина светлина. Отрчавме да видиме што се случува.  Едно големо црвено суштество излегуваше од вселенски брод. Кога се заврте кон нас и нè погледна со своите зелени очи кои светкаа со сребрена светлина, ние почнавме да бегаме.
- Не бегајте, сакам да поразговарам со вас, јас првпат гледам некој како вас!
Ние подзастанавме и решивме да поразговараме со него.
-Ние сме деца од планетата Земја. 
Ги кажавме нашите имиња и весело почнавме да разговараме со нашиот нов пријател, Туту. Тој не беше страшен, туку мил и нежен. Се израдува кога му дадовме да јаде јаболко бидејќи никогаш не пробал такво нешто. Туту ни кажа дека на неговата планета нема деца и дека сите се големи и страшни суштества. Тој посака да одиме некогаш кај него на гости. 
            Во еден момент, се слушнаа звуци, доаѓаа возрасни кон нас. Тој се исплаши и веднаш избега. Ние стрчнавме по него, но не успеавме да го најдеме. Никогаш повеќе не слушнавме за него.
                                  Ученичка: Мирела Усоска
  

                                  Средба со суштество од друга планета
                
                Марти беше џуџе од друга планета. Го запознав во блискиот парк при едно негово слетување на Земјата. Нашето запознавање беше необично и страшно. Тој слета со силен звук и зад себе остави голема сина светлина. Јас многу се исплашив, а и тој не беше ништо подобар.
              Навистина беше интересен. Откако му се приближив забележав дека ми е до половината, со симпатично лице и широка насмевка, а очите му светкаат со зелен сјај. По почетната збунетост, брзо се спријателивме и започнавме разговор.
 - Јас сум од планетата Мартија, дојдов да запознам нови другари.
-Одлично, му одговорив, ти си на вистинското место. Најпрвин ќе те однесам дома, а потоа ќе те запознам со моите другари и другарки.
            Во мојот дом се чудеше на мебелот, големиот број украси, слики... Од храната што ја приготви мојата мајка, се насладуваше со задоволство. Тој никогаш не пробал таква храна. На Мартија, жителите јаделе само зеленчук и овошје.
            Најголемо изненадување, за него, беше кога го однесов да игра фудбал на училишното игралиште. Марти трчаше по топката, се вртеше наоколу радосен што научи нешто ново.
- Ах, си поминав прекрасно! - ми рече на заминување.
            Сите бевме тажни што си оди, но ни вети дека ќе дојде повторно, заедно со неговите другари и ќе одиграме пријателски фудбалски натпревар.
                                Ученичка: Хафса Мевмедоска