19. 12. 2012.

Македонски народни приказни-Лошата снаа

                         Драматизација на приказната „ Лошата снаа“
                 Прва сцена
(Свекрвата ја мести масата за ручек, носи лажици, чинии, а снаата седнала нога на нога со скрстени раце и ја гледа попреку)
Снаата:Ти мори! Седни, седни де!
(свекрвата седнува на столот, а снаата грубо)
Снаата: Стани! Стани, ајде! Кој ти рече да седнеш!... Си седнала... ах!
Свекрвата: Снао, ама ...
Снаата: Молчи! Уста да имаш,јазик да немаш!
Свекрвата: Ами, снао!што сум сторила за толку да ме мачиш? Замесив леб, го испеков, чинии кладов, гравот го направив...
Снаата: Го направи, а? Каде е! Не го гледам поставен!? Да го донесеше!?
Свекрвата: А,а,а...да го донесам?
Снаата:Ами, да го донесеш!
Свекрвата: Ќе го донесам, ќе го донесам (тргнува да оди по гравот)
Снаата: Стој! (свекрвата се враќа) Да не си мрднала! Корење ќе пуштиш! Ќе одиш,
јас кога ќе ти речам!
Ручек нема, син ти ќе дојде, таа си застанала, стои! Носи го гравот на трпеза!
Свекрвата: Зошто, снао, ме мачиш толку? Што сум сторила за толку да ме мачиш?
Снаата: Немам време, јас тебе да ти покажам, па тогаш да видиш! Ќе го донесеш, ами, ќе го донесеш!
Свекрвата: Еве, еве, ќе го донесам (излегува)
Снаата: Леле, леле, што чурук свекрва ми се погоди, раат не можам да видам!
     Втора сцена
(Свекрвата излегува од собата и го среќава синот на скалите.Таа е загрижена, а синот тоа го забележува)
Свекрвата:О, добар ден, синко, стигна?
Синот:Да, мајко, дојдов, како си ти?
Свекрвата:(тивко) Добро, добро!
Синот:Не е добро, не ми изгледаш така. Кажи ми што се случува?
Свекрвата:Ами, синко, ако ти кажам, нема да поверуваш. Подобро самиот види со сопствени очи, белким ќе се увериш.
Синот: Добро, мајко!(застанува зад вратата)

        Трета сцена
(Снаата седнала на столот и чека ручек. Влегува свекрвата и го става котлето со грав на масата)
Снаата: Кај си досега, ручек се стори?
Свекрвата: Еве, доаѓам, невесто тука сум!(Свекрвата сака да седне, а снаата и вели)
Снаата:Чекај, не седнувај! Јас сум газдарица во куќава и ќе правиш јас како што велам!И, додека чекаме, заиграј и запеј нешто!
Свекрвата: Аман, снао, како сум можела да играм и пеам, сега....Аман!
Снаата: Ќе пееш и ќе играш! Ајде, почнувај!
Свекрвата:(почнува со пеење)
   Еве, вака синко катаден ... (пее бавно)
Снаата: Тоа, песна ли е, дај нешто повесело!
Свекрвата:(пее побрзо и игра)
   Еве, вака синко, катаден, катаден...
Снаата(луто) Е, е, е...песна ли е тоа?(ја имитира) Сега ќе видиш ти! (ја зема фурката и сака да ја удри)
Синот:(излегува од зад вратата и влегува во собата) Кому ти со фурката?Сега ќе видиш ти (и ја зема фурката и замавнува по неа)
Свекрвата:Аман ,синко, остај ја, доста, греота е!
Синот:Земај ги парталите и надвор од куќава!
Снаата:Немој, не бркај ме. Ќе чистам, ќе перам, ќе готвам!
Синот: Ќе ја слушаш и почитуваш мајка!
Снаата:Ќе ја слушам! Прости ми мајко! (ѝ бакнува рака)
Синот: Ајде, сега, седнете!
Снаата: Не, не, јас ќе си постојам!

    Според приказната „Лошата снаа“ на ТВ Морис - Охрид


Вечна борба помеѓу снаата и свекрвата
                               

13. 12. 2012.

Македонски народни приказни-Трајче наш си дојде

Драматизација на приказната „Трајче наш си дојде“

(Еден селски терзија си одел да шие алишта по селата.Секогаш убаво облечен,со ножиците и метрото во појас,стапчето во рака како вистински господин.Еден ден,поминал покрај некој овчар и го чул како коментира.)
Овчарот:Их,да сум и јас ,еден терзија уште понаголемо би одел од него!
Терзијата:Сакаш да бидеш терзија, бре брате?
Овчарот:Сакам,ама кој ќе ми ги пасе овците?
Терзијата:Ајде,јас ќе ти ги пасам овците.На ти ги ножициве,метрово и стапчево и оди во ,ене,она село,прашај за бегот кај седи,па ќе ти го покажат конакот негов.Тој има алишта за шиење ,а ти кажи му дека си мој калфа.
Ајде,одмени ме некој ден,да се раатисам,лебаа ти,зашто ми се здодеало клапајќи како некој пес по селава.
Овчарот:Да си жив брате!Ме спаси од овциве!(ги зел ножиците,метрото и стапчето и тргнал кон селото)
Ја нашол куќата и тропнал на вратата.
Бегот:Што си дошол,бре,синко?
Овчарот:Еј,дојдов да ти шијам алишта,бегу.Мајсторот ме прати.Јас сум калфа негов,ама поарно од него знам да шијам.
Бегот:Добро,бре синко,добро,таков ми треба мене.
(оди во друга соба по  еден топ чоја)
Овчарот без да го праша бегот што сака да му сошие,почнува да мери на чојата и сече неколку парчиња,а потоа дури го прашува)
Овчарот:Што сакаш бегу,да ти сошијам,најнапред?
Бегот:Соши ми, бре синко,една долама со срмени гајтани и едни чакшири,пак после да видиме.
(Овчарот фати да ја сече чојата .Ја исече целата чоја.)
Бегот:Море што правиш ,бре синко,ти ја исече сета чоа!
Овчарот:Нешто друго ми текна бегу:ќе ти сошијам една наметка за дожд.Кога ќе одиш во војска,да се загрнуваш на коњ кога ќе врне;пак ич да не сакаш да знаеш од дожд,како некој овчар!
Бегот:Еј,добро ,бре синко,добро,и тоа ми треба.
(Сече овчарот,сече ја исече чојата на уште помали парчиња)
Бегот:А,бре што правиш така,ти ја исече сета чоа и галиба ништо не ќе направиш?
Овчарот:Не,ага,нешто друго ми текна:ќе ти направам едно тагарче или една чанта за леб носење,кога ќе одиш во војска,да си носиш.
Бегот:А,бре пезевенк,тоа чојата не е кожа од јаре,та да ми правиш тагарче ели чанта,ти ја запусти сета чоа!
Овчарот:Чекај,ага,чекај,нешто друго ми текна да ти направам:ќе ти направам еден лажичник со рески и со киски како овчарите што си прават за лажици носење.
(Бегот,налутен бидејќи целиот топ со чоја е уништен и исечен на парчиња,му скокна на овчарот со едно дрво и почна да го тепа)
Бегот:Чекај,анасана пезевенк,мајсторот не те научил како се крои и шие!
(продолжува да го тепа и тера надвор од куќата)
         (Од Македонски народни приказни-Марко Цепенков)

Секој со својот занает
           

7. 12. 2012.

Македонски народни приказни-„Жената што сакала да меси зелник без брашно и мас“

Драматизација на приказната,,Жената што сакала да меси зелник без брашно и мас" 
(  Една жена си имала едно дете на седум-осум години.)
Жената:Ах,бре чедо,да имав троа брашно и мас,тики да напраев еден зелник,со едни витки големи,така толкаи,ад си ручавме,та после ќе се скиниме во да пиејќум.
Детето:(Ја гледа мајката право во уста,како навистина да меси зелник)
Еда, мори мајко,кога ќе месиш,тики кога ќе скршам од витката еден толкав комат за да си јадам везден.
Жената:како бидуат да скршиш толкав голем комат,бре никаквику,бре ненаситнику,ами по малку се кршит,бре ненаситнику еден!(му удира шлаканица)
(Детето се расплакало ,слушнал таткото и дошол да види што се случува)
Мажот:што плачит,мори, детето кој ми го тепат?
Жената:Ами, ако плачит,нека седи мадру,нека не кршит витка голема,за да не го тепам.
Жената раскажала за зелникот,а мажот луто)
Мажот:Зошто не го остаааш детето,мори,да ми јади витка колку што ми сакат,и да ми растит?Еве, сега, татка ти ќе си го најдиш, ја чекај да видиш ти!
(Зел еден стап,ја натепал жената и сите соседи се собрале)
Човекот:Море, стој чоече да видиме што стори жената што ја тепаш?
(откако се разбрале зошто е викотницата и плачењето човекот насмеано)
Човекот:Е,е,е нероден Петко,капа му купиле.

Македонски народни приказни-„Итар Пејо и селаните риболовци“


  Драматизација на приказната - Итар Пејо и селаните риболовци
Тргнале еден ден, неколку селани, Мариовци да одат на Црна да ловат риби. Ловеле што ловеле, си кинисале да си одат дома. И таман на неколку чекори од  реката, еден селанец привикал:
Селанец: Море селани, ние ловевме риби, се туркавме по површината на водата, но којзнае дали не се удави некој од нас. Не правиме лошо да се преброиме.
( Го одобриле сите предлогот и застанале, а предлагачот почнал да брои)
Селанецот: Еден, два, три, четири… ( дотерал до осум). Ами чаре! Ние тргнавме девет, а се враќаме осуммина. Значи еден од нас се удавил!
( Почнале сите да бројат - осум па осум . Ниеден од нив сам не се броел и си тргнале кон селото и си заплакале. Еден се удавил
денеска во Црна, ама кој е и самите не знаат. Оделе што пооделе ги сретнал
Пејо и ги видел уплакани )
Пејо: Што така сте уплакани, бре кршоборци?
Селанецот: Еден од нас  се удави, ама не знаеме кој!?
Пејо: Колкумина тргнавте?
Селанецот:Девет, а сега сме осум!
(Пејо  веднаш ја разбрал работата, но решил да ги насамари за нивната глупост)
Пејо: Лесно ќе провериме, џанам. Ајде легнете овде на песокот и забодете ги носовите во него. Колку дупки ќе направите толку мина сте живи.
( Легнале селаните, ги забоделе носовите во жешкиот песок и направиле по една дупка. Кога станале, почнал Пејо да ги брои)
Пејо:Еден, два, три... ( излегле девет) 

( Се израдувале селаните оти никој не се удавил и му дале на Пеја од рибите да му ја платат мудрата постапка оти се нема удавено ниеден од нив).
    (Од Македонски народни приказни, Марко Цепенков)
Споменик во Прилеп


Итрецот


Македонски народни приказни - „Момчето што сакаше да учи женски ѓаолштиње“

Драматизација на приказната „Момчето што сакаше да учи женски ѓаолштиње"

Момчето: Уште малку треба да се женам. Ја чекај да напраам еден тефтер и да испишам женските ѓаолштиње, тики кога ќе се оженам да не можит мојата жена да ме излажит.
(Купил тефтер, шетал по селата и пишувал женски ѓаолштиње. По три години стигнал во едно село кај еден домаќин)
Момчето: Добар ден, домаќине!
Домаќинот: Добар ден, момче, повели влези! Од кај идиш момче и 
кај одиш?
 Момчето: Јас, чорбаџи, шетам по виљаетите, еве токму три години време за да запишам од сите жени ѓаолштињето што и лажат мажите и еве овој тефтер сиот сум ти го исписал, открај-докрај, само неколку ливчиња ми останаа, колку да и пишам од вашите жени и прао дома ќе си одам, та ќе се женам после; да ако можит нека ми мрдни жената ми пред мене и да ме излажит.
(Слушнала снаата и решила да го надмудри. Вечерта го ставиле во една одаја и таа му донела мезе круши со ракија. Почнала да му зборува и му подала чаша ракија. Тој случајно ја пофатил за раката и таа писнала.)
Снаата: Чија жена ваќаш, ти, бре никаквику!? Ако ти ги викнам сега мажите?
(Силно писнала и викнала и мажите дотрчале).
Домаќинот: Што викаш, мори невесто, што ал имаш, кажи ни да
чуеме?
(Момчето многу се исплашило)
Снаата: Море како да не викам, бре мажи, кога момчево ќе се удаеше со една круша што му се запре в грло. Дууу, боже, боже, за греои, сирото момче, кога исврли очи море домаќине, како од некој варен зајак. Шуќур, шуќур море мажи, оти не се стори некоја грешка во куќава, тики после ќе бевме за резил во селово, ќе речеа оти ние го умревме.
Мажот: Добро, што така се завршило море момче, тики кај ќе ни беше крајот. Ајде невесто ,стави му на гостинов да вечера!
Снаата:Е, момченце, оваа ѓаолштина те бендиса, али не те бендиса? Отвори тефтеро и пиши ја, да ако сакаш поседи некој ден у нас да те научам уште многу женски ѓаолштиње што ти ни на сонот не е возможно да ги допишиш, туку ако ме слушаш мене, исврли го тефтерот и не денгуби си, не лапај муи, да ми простиш што ќе ти речам, појди си дома и терај си ја работата, ожени се, како сиот век што праат. Ако имаш некој к’смет да погодиш некоја невеста по за Бога, ќе си поминеш раат, а ако налепиш на некоја ѓаолеста, тешко ти тебе, ќе тргаш ѓемија по суво.
Момчето:Право велиш, невесто, да одам, да си најдам, вредна и добра жена, тефтер не ми треба, жена не може да се надитри.
(Го вади тефтерот и го кине, заминува)
            (Од Македонски народни приказни, Марко Цепенков)

Ха, ха ...жени!!
                    

Македонски народни приказни-„Мрзливата жена“

Драматизација на приказната „Мрзливата жена“

Мажот: Дај, жено, една кошула да се променам!
Жената: Не можам, не ти давам кошула!
(Седи на столче и одмара со кафенце)
Мажот:Оти вака, жено, не ми дааш кошула за да се променам? Вошките ќе ме изеат.
Жената: Море, ами кај да најдам, мажу, кога немам ни за тебе, ни за мене.
Мажот: Ами зошто да немаш, мори жено? Како што имаат сите жени, така да имаш и ти.
Жената: Дејди мажу, дејди домаќине, ами зошто си будала? Море, ами кај имам време јас да ткаам платно, тики да го белам, да после кошула да ти шијам. Ами кој ден да работам и јас не знам. Секи ден работа имам: во понеделник си месам посен зелник, торник, пототолник, стреда ќе ја врзам за греда, четврток- неврток, петок-миоглаец, сабота ќе одам на пазар, во недела ќе седам на порта. Еве, бре,  домаќине, овие сет дните, кажи сега во кој ден да ткаам платно за да ти напраам кошула, да коа немам празен ден; сакаш-неќиш, без кошула ќе си одиш.
(Мажот се фаќа за глава и излегува надвор, а жената продолжува да седи на столчето и да си пие кафе)
             (Од Народни приказни, Марко Цепенков, книга шеста)



За мрзливата жена секој ден е недела!:))
     

5. 12. 2012.

Македонски народни приказни

                                     Свекорот,свекрвата и снаата
    Едно време си биле две жени-снаа и свекрва и свекор.
Двете жени си седеле дома покрај огниште,та си пределе,а свекорот си работел по надворешна работа,а пак син му му бил на туѓина.Невестата им
била трудна.
   Еден ден предејќи си крај огниште снаа и свекрва,снаата ја праша свекрва си:„А мори нано,кога ќе ни се роди детево што го носам во мене,какво име ќе му кладеме?“
-Петко,одговорила свекрва и`,ќе го викаме!
-Ами,кај ќе го кладеме да лежи?,повторила снаата.
-Овде,на катов,крај огништево,рекла свекрвата.А над полицата,што била над кактот,тогај имало еден скепар.
-Ами ако падне на него скепарон?,опитала невестата.
Ќе го опери!,одговорила свекрвата.
-Аааа!Кога е така,рекла мајката на нероден Петко,ајде да го плачеме!
-Ајде, да го плачеме!,си рекле обете умници жени.И така си ја оставиле работата и седнале да го плачат,да го тажат и да го редат нероден Петко.
    Вечерта, кога си дошол од работа,свекорот се почудил гледајќи ги жените да плачат над ништо и за ништо,та ги опитал кого така плачеле и тажеле.Тие му раскажале како од снаата ќе се родело дете,како ќе го викале Петко,како ќе го 
повиеле и ќе го кладеле да лежи на катот;а најпосле како скепарот што бил на полица ќе паднел на него,та ќе го оперел Петка и ќе умерел,та затова тие уште отсега го плачеле и го тажеле.
-Од бога нашле,мори жени,господ ви платил!,извикал свекорот;што е оваа будалаштина од вас!Како се плачело за нероден уште и неумрен Петко?Таква будалаштина,повторил стариот,не ќе се наоѓа на веков!Јас ќе излезам и ќе шетам по сиов свет и ќе барам дали се наоѓаат побудали луѓе од вас.
                                 (извадок од хумористична приказна)

На нероден Петко,капа му кројат.
              

26. 11. 2012.

Љубов и такси

    
13 Ноември,Светски ден на љубезноста
                    
           Пред некој ден се возев во такси заедно со една пријателка.На излегување,мојата пријателка му рече на таксистот:
„Благодарам за возењето.Беше одлично!“
Таксистот за момент се збуни,но потоа рече:
„Добро,Вие, со мене најдовте да се мајтапите?“
„Не,сериозна сум,се чудам како можете да бидете смирен во ваква гужва.“
„Да!?“ одговори возачот и замина.
„Што ти стана?“ја запрашав.
„Се обидувам да ја вратам љубовта во градов“,одговори таа, „мислам дека само таа може да го спаси.“
„Како може една жена да спаси град?“
„Не се работи само за една жена.Да претпоставиме дека му го разубавив денот на таксистот.Замисли тој денес да има уште дваесет тури.Ќе биде љубезен со сите тие,дваесет патници бидејќи некој пред тоа бил фин со него.Тие дваесетмина пак ќе бидат пољубезни со своите вработени,келнери или продавачи или ако ништо друго со своите семејства.На крај добрата волја ќе може да се прошири дури на илјада лица.Ова не е лошо,нели?“
„Но, ти зависиш од добрата волја на таксистот.“
„Па,не е баш така“,рече мојата пријателка.
„Јасно ми е дека системот не е сто проценти.Но, јас во денот ќе се сретнам со
десет различни луѓе.Ако од тие  десет ,успеам да направам среќни барем тројца ,тогаш ќе можам индиректно да влијаам на ставот на три илјади луѓе.“
„Ова убаво изгледа на хартија“,признав, „но не сум сигурна дека така функционира и во пракса.“
 „Не можеш да изгубиш нешто што немаш.Јас не изгубив ништо со тоа што му кажав на таксистот дека е добар.Не му платив ни помалку ни повеќе.Таксистот не ме разбрал,па што?Утре ќе дојде друг таксист.Ќе се обидам повторно“.
„Ти навистина си откачила!“-и` реков.
„Ова покажува колку си станала цинична.Јас за ова имам направено цела студија.“
Во тој момент поминувавме покрај едно градилиште каде што петмина работници ручаа.Мојата пријателка застана:
„Алал да ви е мајстори!Каква работа сте завршиле!Сигурно не ви е лесно.“
Мајсторите ја погледнаа сомнително.
„Кога ќе биде готова зградата?“
Еден од работниците промрмори:„Јуни.“
„Секоја чест.Треба да се гордеете.“
Си заминавме.Јас и` реков:„Се` до денес мислев дека Дон Кихот е измислен јунак“.
„Не брзај.Кога тие луѓе ќе го сфатат тоа што им го реков ,ќе се чувствуваат подобро.На некој начин,градот ќе има корист од нивната среќа.“
„Ти не можеш сама да го правиш ова“,протестирав, „ти си сама..“
„Најважно е да не се обесхрабруваш.Да ги натераш луѓето да бидат љубезни не е лесно,но ако успеам да вклучам и други луѓе во мојата кампања....“
Во тој момент следеше ново изненадување.Покрај нас помина сосем обична жена.Мојата пријателка љубезно ја поздрави и и` рече дека има убави чевли.
Жената се изненади,но не се збуни и продолжи,вниманието,очигледно и` годеше.
Јас застанав прашално и ја погледнав мојата пријателка во очи.
Таа се насмеа и ми одговори:
„Да,знам.Но замисли дека таа е учителка.Нејзиниот клас ќе има прекрасен ден.“

Забелешка:Текстот е преземен од една од работилниците на проектот ПХВ(Промоција на хумани вредности).Еден од најдобрите и најкорисни проекти во кои сум учествувала.

       

13. 11. 2012.

Стилски изразни средства - стилски фигури

 Стилските изразни средства - стилските фигури имаат посебна убавина, вредност и значење.
За да се анализира една литературна творба потребно е познавање на стилските изразни средства.
Некои стилски изразни средства кои се изучуваат во основното образование:
1.Епитет
                Белиот ориз 
         Ден сјаен стапил  в матни води 
         и сејач во нив стапи.
         Зад боси нозе траг се роди
         од матен бран се напи. 
                       Србо Ивановски

Епитет е стилско изразно средство (збор) што стои до некој збор (најчесто до именка) и открива некоја битна особина на предметите, појавите или чувствата искажани со именката.
Епитетот е украс.
За епитети најчесто се употребуваат придавките (сино небо, влажна пролет). Во функција на епитет се јавува и именката (,,Се рути карпа мрак“-Кочо Рацин)
Епитетот може да биде пред именката (матни води), а се пишува и по именката (ден сјаен).
Обичен епитет (банален): стара баба, сладок мед;
Постојан епитет: гајтан веѓи, лута змија, пуста печалба, вода студена). Најчесто се користат во народната литература и стојат со определени именки сраснати со нив.
Алогичен епитет: (езерска девојка, езерско вино - Билјана-Трајан Петровски). Нескојдневно и необично истакнување на основното значење на именката.

2.Компарација (споредба) 
                          Последен лист
                  На гранката сув и последен лист
                  како златник се злати,
                  трепери  тивко,последен поздрав
                  сака да прати...
                           Душко Аврамов
Компарација (споредба) е стилско изразно средство со кое се врши споредување врз основа на некои заеднички особини. Се споредуваат предмети, лица, поими, чувства.
Компарацијата има три члена:А      е       како   Б
                                                         Заби бели како снег.

Примери:
            ,,Но загука негде гулабица бела-
              болно, ко да колне од нечија стреа.
            ... крвта в нежна жица - румена и танка
              се ткаеше в перје, ко вез в бела свила.“
                          Песна за гулабот-Славко Јаневски

             ,,Твоите очиња детски
               наместо радост да зрачат
               станале темни и тажни,
               како облачиња плачат.“
                       Злате-Живко Николовски
              ,,Појдете само крај некоја река-
              и таму е сонцето, седи на брегот
              и како рибар стрпливо чека.“
                     Игра со сонцето-Видое Подгорец

              ,,Охридски извор чист како солза
               на него белат момите платно.“
                     Радосници-Србо Ивановски

3.Персонификација 

                        Дожд
               Дождот тапани на сите страни,
               ветерот труби,
               раскласуваат водите во вирчиња збрани,
               а секој клас веднаш е губи.
                          Михо Атанасовски
Персонификација е стилско изразно средство  со кое на предметите, природните појави, апстрактните поими, на животните или на растенијата им се даваат човечки особини.
Примери:
                 ,,Октомври шета вечерва низ градот“
                       Разговор со Делчев-Гане Тодоровски
                ,,Кротко темницата дише во сокачето“
                       Старата -Блаже Конески
               ,,Длабоко дишат широко ниви“
                       Радосници-Србо Ивановски
         

4.Ономатопеја 
                   Зимско утро
             Под мојот прозорец
             и денеска цвркоти и си рипка
             шалава сипка:
             Сип, сип, сип!
                    Блаже Конески
Ономатопеја е стилско изразно средство со кое се имитираат звуци од природата, гласови на животни, разни шумови.
 Примери:
            ,,Девојчето извади едно чкорче и ,,фрррц“! Ама блеска, ама гори!“
                   Девојчето со кибритчињата-Ханс Кристијан Андерсен
           ,,-Ауу, ауу... ајде да бегаме!-завиваше волкот.
             -Гра-гра-гра... Каде? Зошто? -го запрашала страчката.“
                   Волкот и страчката-Македонска народна приказна

Звук           глагол         именка
зу-зу           зуи              зуење
брм-брм     брмчи          брмчење
шу-шу        шушка         шушкање
цр-цр         црцори         црцорење
Со ономатопејата се создаваат живи слики.

5.Метафора
                        Без јазик си никој и ништо
                    Родниот јазик е бисерен ѓердан
                    од зборови - плодови сочни.
                         Видое Подгорец
Метафора е стилско изразно средство со кое еден збор или поим се заменува со друг, според некоја сличност. Метафора или скратена компарација. А е Б
 Примери:
           ,,Наоколу- стебла кршни...
             сред водите мирни сјајни-
             два острова, ко две тајни.“
                         Стара јапонска песна
            ,,Сонцето-среќниот рибар, оди по патот.
                         Игра со сонцето-Видое Подгорец
           ,,Ја излези, јунакова мајко,
             па погледни доле преко поле,
             да си видиш какво добро иде,
             добро иде, оште подобро води:
             сокол иде - голубица воде.
 
Метафората може да биде именска, придавска, глаголска (Мама е ангел. Натежнаа оловни облаци. Ме гризна за срце.)
 

6 .Хипербола

           Марко купува сабја
              Дури ми се зора обзорила,
              ми дојдоја града Стамбола,
              ми купија  таа остра сабја,
              што се дипли дванаесет дипли,
              што се носи во бела пазува,
              што ми сече дрво и камење.
                               Народна песна 
 
 Хипербола е стилско изразно средство со кое нешто се преувеличува, се претерува во нешто, најчесто нечии особини и можности. Таа се употребува и со емоционално значење како во литературата така и во секојдневниот говор.
            Димо и змија голема
         Излегла змија голема
         под рамно поле Видина,
         кога се змија исправа,
         колко две тенки тополи,
         кога се колач виеше,
         колко две гумна широка.
                       Народна песна


Во секојдневниот говор:,,Илјада пати ти реков да дојдеш!“
                                          ,,Ако те удрам, прав и пепел ќе те направам!“
                                          ,,Тонам во море од солзи“
                                          ,,Ќе пукнам од смеа.“

7.Градација

                   Ленка
           Прва година помина
           грутка в срце и легна,
           втора година намина 
           болест ја в гради искина.
           Трета година земјата 
           на Ленка покри снагата.
                     Кочо Рацин


Градација е стилско изразно средство со кое се редат поими или поетски слики постепено по својот интензитет.Се почнува од најслабото чувство, па кон најсилното. Може да се јави и обратно редење на чувствата од најсилно кон најслабо. Во лирската поезија, градацијата е често употребувана бидејќи со неа се зголемува емоционалноста и се збогатува сликовитоста на поетскиот јазик.

    Лилјана, мома убава:
    Лилјана ситен босилок,
    Лилјана розов каранфил,
    Лилјана црвен трендафил.

      Стојан и Лилјана-Народна песна.

8.Рефрен 
           Смешен настан на улицата
           По нашата улица
           протрча виулица ..

           До тротоарот дрвјата се свија,
           заличија на смешни животни
           кога вода на потокот пијат.

           По нашата улица 
           протрча виулица.
                      Србо Ивановски

Рефрен е повторувањето на еден или повеќе стихови во една песна. Некогаш се повторува цела строфа. Со рефренот се поттикнува музикалноста во песната.

9.Апострофа
               Родна земја
   Ој, разиграј, песно моја мила,
   ој, разиграј силно браној диви

   Ој, убава земјо моја родна!
                 Лазо Каровски

Апострофа е стилско изразно средство преку кое поетот се обраќа кон неживи нешта, кон предмети или личности, на апстрактни поими како кон живи суштества.

,, О, времиња, што ве в мрак родот мој минал“ или ,,О тешкото“-Блаже Конески

,,За јазикот, роде, ќе ти пеам,
  за јазикот над кој вечно бдеам“ - Кон родот за јазикот-Петар Прерадовиќ


 ,,Спиј, пушката ти е изморена од олово
 о, Војводо.“
              Тажачка за војводата-Ефтим Клетников
10.Иронија  
 Иронијата е изразно средство во кое со замена на два поима се изразува потсмев кон некого или нешто. 
Или: Стилска фигура со која се исмејува некој или нешто во форма на привидна  согласност или пофалба 
  Тогај рече Марко Крале:
”Бог те убил, црна Арапино!
  Ал’ се смееш, ал’ навистина маваш,
  ал’ од кожува правот ми го тресеш?“

Марко Крале ја одменува свадбарината

Или во секојдневниот говор: Ти си ми навистина добар другар (а мислиме лош)

11.Симбол

  Тргнуваме в гора, бо борба, о, мамо,
    да огрее сонце над целиот свет.
                („Мајка“-Лазо Каровски)
Симбол е стилско изразно средство со кое имињата на конкретните предмети или животни, како и имињата на одделни појави во природата се земаат како знаци, како слики за да се искаже мислата позбиено посликовито. Симболот е знак за некој поим или група поими.
Во примерот, сонце е симбол на слободата.
Примери:
  „Од исток
    бел галеб стреловито долетува
    со крилја позлатени
    и белина донесува на сцената.“
             („Утро“-Генади Болиновски)
   галеб-симбол на утрото

„Два конца парај од срцето, драги,
  едниот црн е, а другиот црвен
            („Везилка“-Блаже Конески)

црн конец-симбол на маката, тагата, ропството
црвен конец-симбол на копнежот, борбата за слобода

Во секојдневниот говор и во литературата се употребуваат постојани или општи симболи.
Пр.
срце - симбол на љубов
Гулаб со маслиново гранче - симбол на мирот
 


 
 






Секоја држава си има свои  симболи: грб, знаме и химна

Државен грб на РМ





                     
Знамето на Македонија

Стилски фигури

                                             























12.Анафора
Употребата на исти зборови на почетокот на повеќе стихови се вика анафора.
  „Кај што се кисне р`жаница,
   кај што се игра кријаница,
   кај што се скока трчаница,
   кај што има прачканица...“
      -Таму е нашата река-Петре М. Андреевски
13.Епифора
Употребата  на исти зборови на крајот на повеќе стихови се вика епифора.
    „Одлетала пеперуга, ој луле ој!
      Од орача на орача, ој, луле ој!
      Од копача на копача, ој, луле ој!“
                       -Народна песна

14. Словенска антитеза
Прочитајте на следниот линк СЛОВЕНСКА АНТИТЕЗА

На следниот линк имате интересни вежби за стилски фигури👉СТИЛСКИ ФИГУРИ-ТЕСТ

8. 11. 2012.

,,Тешкото“-Блаже Конески

„Тешкото“-Блаже Конески



    „Тешкото“,  на симболичен начин, преку националното оро, карактеристично за нашиот народ, ни ги прикажува вековните страдања, измачувања и стремежи да се биде слободен.Бунтовноста е присутна во најтешките моменти на непокорениот македонски народ.
    Поетот започнал со потресното чувство предизвикано од ударот на тапанот и писокот на зурлата- чувство на жал и болка поради нешто недоживеано, нешто изгубено во неколкуте векови.
    Орото го започнуваат старци, а до нив се фаќаат младите и се разгорува неговиот тек-се редат слики на природните убавини на татковината.
              „И во него шуми на реките зборот
                          ...............                                       “
      И не само тоа, во орото е вткаена душата на Македонците.Огорчени и затворени во решетки на темнината имаат  една единствена искра на надеж(во борбата се гледа надеж). Искрата  ќе  прерасне во пламен во кој ќе изгори мрачната сила и ќе го извојува вековниот стремеж- слободата.
              „И душата чиниш на родот мој мачен
                во тешкото оро се уткала сета“
      Понатаму поетот како низ магла се сеќава на генерациите кои минале низ синџирот на ропството, секој до секого,
                                                                              „ сѐ еден до друг во бескрајно оро
                                                                                  син оди по татка, по деда си-внук“
Се редат генерации кои носат во себе една единствена мисла- да бидат слободни.
       Тој- авторот, визионерски  ѝ претскажал среќна и богата иднина на својата намачена земја. Верувал дека идните генерации во слободната татковина не ќе го заборават тешкото минато.


                                     
        Кој може да остане рамнодушен на звукот на зурлата и ударот на тапанот?

                              Текстот на „Тешкото“
                  

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот -
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навирува река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик -
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со задржана тага.
Но 'рзнува тапан и писок се крева
и молнија светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце - сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш - се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета -
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна - за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш - в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура -
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг -
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си - внук.

Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка - на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват - сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад -
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е - солза да потече врела,
зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој! 

 На часот за обработка на песната (групна форма на работа), учениците ги напишаа следните податоци.

Структура на песната:
Песната има десет строфи, со по осум стихови. Секој стих има по дванаесет слога освен последниот стих од секоја строфа кој има пет слога.
Според местото во стиховите римата е вкрстена(рани-збрани, усти- пусти). Според местото на акцентот има машка рима(пој-твој), женска(штура-сура).
Сликовитоста на песната ја даваат големиот број  стилски изразни средства.
На почеток, самата симболика се открива во насловот на песната(орото-мачното вековно минато на народот преполно со страдање, ама и борба за подобро утре).
Апострофата се гледа во емотивниот крик на поетот:,,О тешкото!“
Компарацијата е присутна во повеќе стихови:„да плачам ко дете“; 
„од песна -за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет“
Намерното испуштање на сврзници со цел засилување на емоцијата ни ја дава стилската фигура асиндет:„да превијам раце,да прекријам лик“.
Поетот ја употребил и спротивната на неа, полисиндет(зачестена употреба на сврзници):
                        „и чиниш...
                         и околу...
                         и враќаат ек“
Во следните стихови ја забележуваме покрај полисиндетот и анафората:
„ И во него шуми...
   и во него рика...
   и во него шепнат...“
Прекрасна е персонификацијата во стиховите:
„и земјата дише со пролетна ситост
  со запален здив.“
Метафората ја најдовме во:„не идржа срце-сив сокол во клетка“
За да ја зголеми убавината на песната ја употребил и стилската фигура реторско прашање:
                                         „Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
                                          над пустош и крв?“
Големиот број епитети ја потврдуваат маестралноста на нашиот Блаже Конески.
 Пр.  вековно ропство, родниот кат, бунтовната нога, листена гора, калеши моми,
пламнати ноќи, пеплишта пусти, лутите рани, радосна челад, слободен свет...

Научивме повеќе!!
Читајќи го „Тешкото“, откривме дека ритамот во песната  е строг, а објаснивме дека ритмичка стапка(е целина од нагласен и нанагласен слог). Во зависност од бројот на рамномерно нагласени и ненагласени слогови има ритмички стапки од два или три слога.
Јамб(- / )двосложна ритмичка стапка од ненагласен и нагласен слог;
Трохеј( /- )двосложна ритмичка стапка од нагласен и ненагласен слог;
Дактил(/ - -)трисложна ритмичка стапка во која првиот слог е нагласен ,а другите два ненагласени);
Амфибрах( - / - ) трисложна ритмичка стапка во која првиот стих е ненагласен, вториот нагласен, третиот ненагласен);

Во „Тешкото“, поетот ја употребил ритмичкта стапка амфибрах.
     -     /      -   -      /    -        -          /   -     -     /    -
  „О Тешкото!Зурли штом диво ќе писнат“

Анапест( - - /)трисложна ритмичка стапка од два ненагласени и еден нагласен слог.
Тапанот грмнува!!
                        


 


      
„Тешкото“ инспирира и други уметници. Извонредна скулптура од железо на младиот уметник Озбек Ајваз   👇