22. 3. 2021.

Последични зависносложени реченици

 

    Во последичните зависносложени реченици односот меѓу дејствата  е однос на причина и последица. Причината се наоѓа во главната, а последицата во зависната дел-реченица.
    Секоја причинска зависносложена реченица може да се претвори во последична, со заменување на дел-речениците и со употреба на последични сврзници.

Пример: Тој не дојде на училиште  (главна дел-реченица) бидејќи беше болен. (зависната - причината)
Тој беше болен (главната, ја содржи причината), така што не дојде на училиште. (зависната -последицата)

👉 Сврзници
Покрај така што, како сврзник може да се употреби и што, но под услов во главната дел-реченица да се јават заменските зборови толку, таков, толкав, така.
На пример: Толку силно врнеше што не можевме да ја преминеме улицата.

👉 Редот на дел-речениците
Кај последичните реченици редот е утврден: на прво место е главната, а по неа доаѓа зависната дел-реченица.

👉 Интерпункција
Речениците со свсрзникот така што редовно се одделуваат со запирка, а оние со што можат, но и не мораат да се одделат со запирка.

❗❗❗ Внимание ❗❗❗ 
Не треба да се употребува толку во главната и така што во зависната.
Не е правилно Толку силно врнеше, така што не можевме да ја преминеме улицата,
туку: Толку силно врнеше што не можевме да ја преминеме улицата.

Не е правилна употребата на така да наместо така што.

💬ВЕЖБА 1

Поврзи ги следниве реченици со соодветните последични сврзници.
1. Понекогаш толку силно викаше. Не можеше да се спие.
2. Обично во Охрид остануваме еден час. Не влегуваме по продавници.
3. Тој толку се сплетка. Се спружи на патот колку што е долг.
4. Вујко ми беше толку весел. Ми купи куче.
5. Тој знаеше многу пријатели на Инстаграм. Страницата доби многу допаѓања.
6. Таа беше замислена. Не ѝ се пееше на приредбата.

 💬ВЕЖБА 2
 Обиди се добиените последични реченици од Вежба 1 да ги претвориш во причински зависносложени реченици.

 💬ВЕЖБА 3
Следниве причински зависносложени реченици претвори ги во последични зависноложени реченици
1.  Марија се пресели во Скопје, бидејќи родителите купија нов стан.
2. На онлајн часот сите  замолчеа затоа што Никола се исклучи намерно.
3. Нашиот тим го загуби натпреварот поради тоа што не играше најдобриот играч.
4. Бидејќи сака слатки, секој ден оди во слаткарница.










------------------------------------------------------------------------------------------------ 
При изработката на содржината користена е Граматика на македонскиот јазик за осмо одделение од Анета Дучевска, Димитар Пандев и Гордана Алексова, Просветно дело, Скопје, 2004. Македонски јазик за средното образование од Стојка Бојковска, Лилјана Минова-Ѓуркова, Димитар Пандев и Живко Цветковски, Просветно дело, Скопје, 1999.

16. 3. 2021.

Визуелни и аудитивни елементи во песните

     




        Нашите млади творци пишуваа песни со примена на визуелни и аудитивни елементи. Напишаа креативни творби на тема: „Езерска слика“.

Прочитајте ги!👇

      Езеро

Крај езеро тивко,
сонце се смее,
убавини ни носи,
милион капки роси.

На карпа седам, 
волшебни бои гледам.

Галеби наредени во строј,
езерски е тоа хор,
лебеди во голем број,
нè повикуваат без збор.
          -  Бранкица Кукоска



         Езеро

Во шумата далеку
се скрило езеро мало,
прекрасно и мило,
како гнездо се свило.

Лисјата над него,
шепотат езерска сказна,
птиците песни пеат,
а децата весело се смеат.
   - Мартин Чочороски



Езерска слика

Од високо те гледам,
поглед ми мамиш,
да дојдам да те видам,
од далеку ме каниш.

Брановите брегот го ронат,
галебите низ нив ѕвонат,
Чуновите бранови сечат,
а рибарите плеќи печат.
           -Ива Лазороска
                                  

Езерска слика

Сини гори загледани,
ден-ноќ заљубени,
златни коси на бранови,
езерски слики преубави.

Бранови ќе смирам,
ќе веслам, ќе свирам,
златно кајче плови,
риби рибар лови.
     -Драгана Анѓеличиноска

Езерска слика

По широката небесна шир,
бел лебед нежно плови
со весели крици во водата,
галебот својот плен го лови.

Залезот со волшебни раце,
езерото златно го бои,
уморен стар рибар на брегот
тешко ги влече мрежите свои.

Во водата кајче застанало 
чиниш тивко и нежно спие,
темнината полека паѓа,
во бистрата езерска вода,
своето лице го мие.
-Евгенија Пешиноска

Езерска слика

На брегот стоев,
бранови езерски броев.
Лебедот мирно спие,
од погледи тој се крие.

Галеби над езеро летаа,
во бистри води слетаа.

Тивко дојде ноќ
на езерската  шир,
со волшебна моќ,
настапи бескраен мир.
   - Атанас Костојчиноски
Езерска слика

Седам на езерскиот брег,
гледам кајче плови,
а рибарот риби лови.

Ветерот тивко вее,
на езерото милно му се смее.
Над езерото галеби летаат,
со  крилја поздрав праќаат.
-Мартин Бебекоски



Езеро

Езеро мое мило,
како небото сино,
како најубава слика,
ја смееш мојата лика.

Низ тебе белиот лебед,
неуморно плови,
а стариот рибар,
езерска риба лови.

Галебите бели  над тебе
пеат езерска песна силно,
за сонцето и водата,
децата да се смеат милно.
-Марија Чочороска


       Езеро

О, езеро сино,
ти бескрајна шир,
крај твоите води,
секој наоѓа мир.

Лебеди бели
по тебе пловат,
за своите малечки,
рипчиња ловат.
  -Андреј Ѓорејлиески

           Езеро

Езерото е убаво и мило,
крај него колку убаво било,
сината боја му стои,
убавините таа ги бои.

Сонцето силно грее,
езерска слика се лее,
Убавина насекаде блика,
секое утро како слика.
   -Јаков Бебекоски

Езерска слика

Крај сините бранови,
деца весело се смеат,
ветре нежно дува,
ластовички милно пеат.

Езерце милно светка
тоа е прекрасна глетка,
сонцето златно сјае,
езерски крај најубав да е.
-Теодора Бебекоска



Езерска слика

Сончевите зраци во сините води,
секое утро се огледуваат.
Плас-плас, бранови езерски,
карпестиот брег го одронуваат.

Крикот од галеби бели, 
езерската мир ја прекинува,
рибар со рибарска мрежа,
на риболов заминува.
-Ева Бебекоска

Езерска слика

Крај езерското крајбрежје
водата жубори силно,
галеби над езеро со крик,
сонцето го повикуваат милно.

Езерска слика се крои,
од шарени птици распеани,
лебеди на езеро бродат,
лебедчиња носат
-Андреа Бебекоска.
 


Езерска слика

Каде што сонце први
светли зраци праќа
таму човек врви
и брод се враќа.

Езерска слика насекаде блика,
водата звучни бранови прави
детето црта прекрасна слика
со волшебни езерски убавини
      -Воведа Србакоска

      Езеро

Топол летен ден
со сладолед в рака
до езерскиот брег 
кој секој го сака

Топол јужен ветар
брановите силни,
а птиците пеат 
како ангели милни.
   -Тамара и Теофан Ставрески
  

Езерска слика 

Езера бистри
со чисти води
позлатена светлина
по нив гордо оди.

Во небесно сината бода
лебеди се капат
риби и рипчиња пливаат
а бранови се преливаат.
      -Господин Иваноски

8. 3. 2021.

8 Март, 2021 година 🌹

🌹 Честит празник🌹

Мојата мајка во срце ми бие,
како сонце свети и сјае,
дење и ноќе за мене се грижи,
кога сум болна до мене спие.

Мојата баба со добрина блика,
како мирислив планински  е цвет,
насмеана, ведра  и топла,
најдобра е на целиот свет.

Мојата учителка со лика милна,
со милослив збор за сите,
нè учи, нè советува често,
со совети добри ни минуваат дните.
              - Бебекоска Анастасија

                   💓 Мајка💓
 Насмевки и прегратки,
љубов и бакнежи,
приказни безброј
и постапки грижливи,
мојата најдобра мајка,
мене ми подарува.
На нејзиното лице,
сонцето грее,
многу е убава,
кога се смее.
         - Бебекоска Ева
  
    💝 Мојата мајка💝
Мојата мајка е убава како цвет,
распеана птица во лет.
Нејзината коса е мека,
и нежна како свила.
Мама ми дава сила,
секогаш моја самовила.
         -Бебекоска Андреа
Андреа


          🌻  8 Март🌻
Ти благодарам, мамо
за твојата љубов.
Ти си нежна и мила,
со коса како свила.

Мојата баба ја сакам,
најдобра, мирна и драга,
повели, букет цвеќе,
а и една торта блага.
    -Костојчиноски Атанас
Атанас

 🌼Мојата мајка🌼
Мојата мајка Даниела се вика
и силно како сонце блика.

Ние многу ја сакаме,
грст љубов ѝ праќаме.

За нас, од срце се грижи,
па ја напишав оваа песна,
зашто 8 Март се ближи.
        -Маретиќ Иван


🌷Мајка🌷
Кога ме гали,
твојата нежна рака,
наеднаш исчезнува,
секоја грижа, секоја мака.

Ах, најдрага мамо!
Ти си нежен цвет,
а твоите зборови
се благи како мед.

Само ќе ти посакам,
среќен празник, мамо,
Благодарам од срце,
за до мене што си само.
          -Чочороска Марија

 
Марија

🌸 8 Март🌸
8 Март е денот, 
секоја жена го слави,
сите жени на светот
празникот среќни ги прави.

Цвеќе и честитка правиме,
за мама, баба и тета,
за учителката со почит,
на денот ќе ги дариме.
           -Ѓорејлиески Андреј



Андреј


🌷Мојата мајка🌷
Мојата мајка
е нежна и мила,
нејзината коса,
    е вистинска свила.

Секогаш насмеана,
ведра и драга,
зборови како мед
од устата блага.
-Бебекоска Теодора

💓Мојата баба💓
Околу челото коса бела,
на усните насмевка драга,
во очите поглед благ
што блеска како зрак.
Мојата баба ја сакам,
и честитки ѝ праќам.
-Бебекоски Мартин

💕Честит празник💕
Мојата мајка мила,
ја сакам најмногу на свет,
таа ми дава сила,
најубав е и најшарен цвет.

Си имам баба една
многу е паметна и вредна,
каде и да одам ме чува,
и дожд кога силно врне,
и ветар кога силно дува.
 -Кукоска Бранкица

Бранкица


   💟 Мајка💟

Како најубав цвет во гората,
како изгрејсонце во зората,
мојата мајка - сонце ме грее,
како топло ветре нежно ме вее.

Секое утро со песна ме буди,
штом зората тивко се руди,
за школо таа мене ме спрема,
мајка ми е најдобра, тоа нема цена.

Мајка ми е како цвеќе,
што му се исправа на ветрот,
како пчелка која нежно,
слетува на цветот.
        -Пешиноска Евгенија 
 


😘Мама😘

Најдрага моја, мамо,
многу си ми драга,
ти ми даваш сила, 
те сакам,  ти си ми мила.
       - Србакоска Воведа

💓Мајчина прегратка💓

Потопло од мајчината прегратка, има?
Таа те топли и во најладната зима.
Мама е како топло летно сонце,
 најнежен допир има,
те учи, се грижи да си здрав,
Мама е вистински ангел за нас.
       - Ставрески Тео и Тамара

💞 Мојата баба💞
Мојата баба има топли очи,
од нив добрина се точи,
Мојата баба за мене се грижи,
ме гушка, ме грее ме чува.
 
Мојата баба вкусни пити прави,
колачи и торти за дечиња здрави.
Ја сакам мојата баба,
вечно да е весела и здрава.
   - Парталоска Андреа
😊Мајка😊
Мила моја прекрасна мамо,
ти си светло сонце што ме грее,
славеј најнежен што ми пее,
ти си златен зрак што насекаде зрачи.

На гости кај баба одам,
па со неа приказни гледам,
јас ѝ сум прв дар,
на нејзиното срце господар.

Наставничке моја мила,
Ти си како самовила.
Секој ден знаења ни делиш,
кон високи дострели целиш.
-Чочороски Мартин


2. 3. 2021.

ПАТРОНАТ ー „Страшо Пинџур“, Вевчани

ー                                              

            Гинеа илјадници знајни и незнајни борци, за нов живот, за земјата своја. Гинеа, со зборовите дека за она за што умреле, би сакале да умрат пак.

          Страхил Пинџуров/ Страшо Пинџур како што го викале неговите соборци, не бил од имотно семејство кога се родил, во сред војна, 1915 година. Го одгледала бабата Наца, во Ваташа. Се образувал во Ваташа и Кавадарци, а подоцна во Крагуевац. Таму, со неговите сонародници се обединува околу идеите за слобода, права, еднаквост. Страшо, Питу, Мирче Ацев пристапуваат кон комунистичкото движење водени од овие идеи.

          Интелигентен, борбен, не мирува, оди на Правниот факултет и во Белград учествува во формирањето на друштвото „Вардар“. Бил еден од основачите на македонското народно движење МАНАПО. Во текот на 1937 година МАНАПО, под раководство на Страшо Пинџур развило широка активност. Во Кавадарци активно учествува во обновувањето на Комунистичката партија.

          Во периодот на Втората светска војна, за време на НОБ, Страшо Пинџур, заедно со Мирче Ацев  дејствуваат низ Македонија за формирање отпор кон фашистичката власт.

Опасен за фашистичката власт,  ќе биде уапсен на 19 декември 1942 година и со Мирче Ацев ќе бидат однесени во Скопскиот истражен затвор. Испитуван, тепан и ѕверски мачен, на 4 јануари 1943 година умира, а гробот не му се знае ни до ден денешен.

          Оваа кратка животна приказна, можеби сте ја слушнале многупати. Но, за само 28 години, да направиш толку многу, вреди да се слуша. Страшо Пинџур  не оставил фамилија позади себе, но останува вечен паметник за сите нас како негови чеда.

                   ВЕЧНА ТИ СЛАВА, ХЕРОЈУ!