Приказивање постова са ознаком македонски. Прикажи све постове
Приказивање постова са ознаком македонски. Прикажи све постове

12. 9. 2026.

Комуникација - поим

 Важноста на комуникацијата за меѓучовечките односи и менталното здравје –  ПСИХОЛОШКО СОВЕТУВАЛИШТЕ

                                                      Комуникација

 

Комуникација (општење) е процес на  размена на  информации меѓу луѓето. 

1. 💭 Бура на идеи: „Што правиме секој ден?“

На табла пишувам:

„Што правиме кога сакаме нешто да му кажеме на некого?“

Учениците кажуваат брзо, без да ги поправам:

зборуваме – пишуваме – прашуваме – одговараме – слушаме – гледаме – покажуваме – мавтаме – се смееме – праќаме пораки – телефонираме...

Ги запишувам сите нивни идеи околу едно празно место на таблата.

Потоа прашувам:

„Што е заедничко за сите овие работи?“

И кога ќе кажат нешто во стилот „си пренесуваме пораки“, следува ново прашање:

„А како со еден збор го нарекуваме тоа меѓусебно пренесување пораки и знаци?“ 

Без разлика дали учениците ќе дојдат до поимот КОМУНИКАЦИЈА или не, решаваме анаграм.

                                                   👇 анаграмот.👇

КАКО  МУНИЦИЈА  (КОМУНИКАЦИЈА)

✐Во тетратките по македонски јазик забележуваме што е комуникација. (може да се нацрта и шемата од таблата) 

„Сега ќе видиме дали можеме да комуницираме и кога не смееме да го кажеме она што сакаме да го кажеме.“ 

3. 🎧 Игра: „Кажи ми без да кажеш“

Излегува еден ученик кој влече ливче на коешто е напишан еден збор.

Едниот ученик добива збор/поим на ливче, на пример:

  • 🍕 ПИЦА
  • 🐶 КУЧЕ
  • 🌧️ ДОЖД
  • 🏖️ МОРЕ
  • ⚽ ФУДБАЛ
  • 📚 КНИГА
  • 🎂 РОДЕНДЕН
  • ✈️ ПАТУВАЊЕ

Негова задача е да им го објасни зборот на другарчињата, но без да го каже самиот збор.

На пример, зборот „море“:

„Таму одиме на одмор. Има многу вода, плажа и песок...“

Ученик:

          „Море!“

  По  2–3 рунди го менуваме правилото:

Сега не смееме да зборуваме!

Треба само со гестови, мимика и движења да им го пренесеме зборот на другарчињата.

На пример: „фудбал“ 

Ученикот којшто објаснува покажува движење како шутира топка.

Кога ќе завршат, прашувам:

„Во која ситуација полесно го погодивте зборот – кога другарчето зборуваше или кога користеше само гестови?“

„Дали комуникацијата е само зборување?“

„Што користевме кога не смеевме да зборуваме?“

На табла  до шемата за комуникација пишуваме:

🗣️ зборови
👀 поглед
🙂 мимика
🙌 гестови
🔊 тон на гласот

Давам  завршен предизвик:

„Сега кажете ја реченицата „Баш ми е мило што те видов!“ на три различни начини: радосно, луто и тажно.

Тука ќе видат дека истите зборови можат да испратат сосема различна порака, зависно од начинот на кој ги кажуваме.

 💬 Објаснувам за елементи на комуникацијата поттикнувајќи ги сами да откријат: ИСПРАЌАЧ - ПОРАКА - ПРИМАЧ (преку играта на зборови)

🏠 Домашна задача: „Еден ден без зборови“

Замисли дека еден цел ден не смееш да кажеш ниту еден збор. Можеш да користиш само гестови, мимика, поглед, цртежи, знаци и други начини.

Одговори на следниве прашања:

  1. Како ќе им кажеш на родителите дека си гладен/гладна?
  2. Како ќе побараш вода?
  3. Како ќе му покажеш на некого дека си среќен/среќна?
  4. Како ќе покажеш дека си лут/лута или тажен/тажна?
  5. Како ќе му кажеш на другарот дека сакаш да играте заедно?
  6. Како ќе побараш помош од наставникот?
  7. Како ќе му објасниш на некого каде треба да оди?
  8. Како ќе покажеш дека нешто не разбираш?
  9. Што би ти било најтешко да му објасниш на некого без зборови? Зошто?
  10. Кој начин на комуникација најмногу би го користел/а во тој ден?

❗ Не мора да одговорат на сите прашања – да изберат 5–6.

И за крај на домашната: 

🎨 Нацртај еден знак со кој би пренел/а важна порака без да употребиш зборови и објасни што значи. 


Домашната задача ќе ни послужи како вовед во следниот час, кога ќе зборуваме за видови комуникација  и за јазикот како систем од знаци.

Забелешка: идејата и организацијата на часот се мои, а техничка поддршка ми беше ChatGpt којшто замеша прсти и во подготовката на примерите. 😀

20. 4. 2026.

Григор Прличев - постер

 

Михаил Шапкароски VIII а одд.

Јана Ристеска VIII б одд.

Петар Ристов VIII б одд.

Стефан Трпески VIII а одд.

Деспина Арнаудоска VIII а одд.


Софија Калачоска VIII а одд.


Елена Јоноска VIII б одд.


Наталија Коческа VIII а одд.

Ане Петковска VIII а одд.

Леонардо Аџиоски VIII б одд.

Евгенија Китрозоска VIII б одд.


13. 3. 2026.

„Збунети години“- Велко Неделковски, 2025/2026 г.

    💬 Креативноста на учениците од седмо одделение при обработката на лектирата „Збунети години“ - Велко Неделковски се покажа и оваа учебна година. 

Учениците изработија лектира од торбичка. Погледнете ги сликите!👇

























22. 10. 2024.

57. Детски Рацинови средби

            💬 Ние, Рациновите следбеници, учениците од ООУ „Живко Чинго“, Велгошти, Охрид со гордост ви го претставуваме нашиот Мултимедијален ИКТ проект под наслов „Мене и душата ми е црвена“ - Рацин.


 

            👉Јана Билбилоска, Кристина Тодороска, Леонид Јоноски, Димитар Бошкоски, Јана Меческа и Мартин Плевнароски заедно со нивната менторка Роза Китрозоска, проф. по македонски јазик, вредно работеа и подготвија интерактивна колекција со различни активности кои ќе ви помогнат да го освежите знаењето за бесмртниот Кочо Рацин, за неговиот живот и неговото епохално дело.

👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇👇

Забелешка: Во колекцијата има 12 интерактивни игри. Овие содржини имаат текст, слики, аудио и видео.  Може да ги играте една по една со кликање на секоја поединечно. Може да се регистрирате со впишување на вашето име,  па да одморите и повторно да играте! Заменете ги  Ball Sort, Candy Crush Saga или Subway Surfers со Рациновите едукативни игри! Ќе се забавувате, но во исто време ќе учите и ќе го проверувате вашето знаење.

Повелете! 

Знаење, игра, сè на едно место! Нека трепка за Бесмртниот, за Кочо!

  

      Колекцијата може да ја отворите и на следниот линк  „Мене и душата ми е црвена“  

      А, слободно скенирајте го кодот 

Ако имате некоја интересна идеја, слободно подгответе некоја игра и дополнете ја колекцијата.

          💬 Додека  се дружите со нашите интерактивни содржини за Рацин, можете со уживање да ги слушате најубавите рецитации на неговите стихови. Неколку музички нумери инспирирани од поезијата на Рацин ќе слушнете од Маријана и Росана и група Соната. Кристина, Леонид, Јана Б., Димитар, Јана М. и Мартин зборуваат за животот на поетот.

            Специјално за 57. Детски Рацинови средби ја  отворивме нашата интернет радио станица ЦРВЕНИОТ ПОЕТ . 

👉Кликнете на следниов линк и уживајте! ЦРВЕНИОТ ПОЕТ      

 

                                                                 👇Слики👇




    🙌 И од срцето на Македонија, Велес, од 57. Детски Рацинови средби стигна прекрасна вест!


 
👏 Изразуваме огромна благодарност! Нека е вечно името на Кочо Рацин! Честитки до сите наградени!                                                                                                                                                                     

23. 12. 2023.

Државен натпревар по македонски јазик, 16.12.2023 година

 💬 На Државниот натпревар по македонски јазик што се одржа на Филолошкиот факултет во Скопје, ученичката Јана Парталоска, VIII одд. го освои третото место со 89 поени.

👉 Таа се натпреваруваше во силна конкуренција, со ученици од цела Македонија на материјал од седмо одделение.

👏Честитки, Јана и нека те следат само успеси!




31. 5. 2021.

„Големи и мали“ од Бошко Смаќоски

 „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски е задолжителна лектира за шесто одделение




Да ја составиме сложувалката!👇


                                             Белешка за писателот

     Бошко Смаќоски e македонски поет, раскажувач, романсиер и драмски писател. Роден е на 18 септември 1938 година, во селото Модрич. Завршил гимназија во Охрид, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Уште за време на студиите, се вработил како новинар во Радио телевизија Скопје. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Смаќоски починал во 1998 година, во Скопје.
    Еве дел од неговото творештво: „Мајски ѕвончиња“ (поезија за деца, 1959); „Додека роси“ (поезија за деца, 1962); „Распродажба на остатоци од пролетта“ (поезија, 1963); „Еден багрем и четири деца“ (лирски раскази за деца, 1964); „Усвојување на дневниот ред“ (поезија, 1965); „Големи и мали“ (роман за деца, 1966); „Славејот ноќева во трендафили“ (поезија за млади, 1967); „Всушност, сè е убава балада“ (поезија, 1968); „Влегување во Охрид“ (поезија, 1972); „Корениште“ (роман, 1972); „Крастава година“ (раскази, 1972); „Цвеќе од деветтиот рид“ (роман за млади, 1972); „Песни од Модрич“ (поезија, 1977) и многу други.
      Автор е на повеќе радиодрами, радиокомедии, радиоигри за деца и на телевизиски драми.


💬  Во 2000 година, во Скопје е снимена серија според романот „Големи и мали“, во режија на Душан Наумовски.

На следниот линк погледнете ја серијата снимена според делото.
                               👉    ГОЛЕМИ И МАЛИ

💬 Кратка содржина
ГОЛЕМИ И МАЛИ - БОШКО СМАЌОВСКИ
Дејството во романот започнува кога студентот Стево решава да побара соба под наем кај тетка Донка, средовечна драга жена, чиј сопруг Пандо е во затвор, а таа живее само со својот син Раде.
Така и Стево станува жител на улицата Караорманска и зградите број 13 и 14.
Самиот тој е сведок на сè што се случува, па затоа и решава да напише сопствена книга, во која ќе го опише животот и случките на сите станари од двете згради.
Најголема непријателка на тетка Донка е секако Важната, којашто е мајка на Буба, која пак е потајно вљубена во Раде. Важната ѝ забранува на својата ќерка да си игра со „секакви“ деца поради позицијата на референт за просвета и култура, што ја има нејзиниот маж, чичко Милан, кој пак е смртен непријател на топките и во секоја можност ги уништува.
Но, во зградите живеат и многу други интересни ликови, како Јордан Касапот, осамената бивша директорка и многу другари и другарки на Раде и Буба, освен Диме Такси, кој живее во една мала куќичка на почетокот од улицата Караорманска. Според мене најтрагични ликови, чија што тешка судбина навистина ме трогна, се оние коишто заборавени од сите и во крајна беда живеат во подрумите на зградите број 13 и 14. Тоа се самохраната чистачка Марта со својот син Ѓоре и чичкото судија, кој по загубата на своите најблиски живее сосема изолирано од другите луѓе во целосна тишина.
Дали Раде и Буба ќе останат заедно? Како тетка Донка и Важната од најголеми душманки ќе почнат да живеат како сестри? Кој е новиот сопруг на чистачката Марта и нов татко на Ѓоре? Како чичко Пандо ќе излезе од затвор? Што се одлучува на возрасните и детските куќни совети на зградите? И што ќе се случи со студентот Стево?- се само дел од одговорите кои ќе ги дознаете или пак на кои ќе се потсетите.
Преку оваа книга Бошко Смаќовски сака да ни укаже и да ни покаже дека луѓето неправилно ги делиме на големи и мали, бидејќи дел од возрасните по своите постапки, воопшто не се големи, додека во малите т.е. во децата навистина се кријат големи луѓе со огромно срце.
Преземено од Сакам книги

11. 5. 2021.

„Малиот принц“- Антоан де Сент- Егзипери

 



„Малиот принц“ е најпознатиот роман на славниот француски писател Антоан де Сент-Егзипери. Романот е напишан во 1943 година додека писателот живеел во САД. Две години по смртта на писателот, романот е објавен во неговата родна Франција. Ова дело е преведено на повеќе од 250 странски јазици и се смета за едно од најпопуларните дела на светската книжевност.

Книжевни елементи
Книжевен род: епика
Книжевен вид: роман, современа бајка
Локализација (место и време на настанот): пустината Сахара. Планетата на малиот принц, други планети кои ги посетил пред неговото доаѓање на Земјата.
Дејството е сместено околу половината на 20 век, за време на Втората светска војна

Тема: Запознавање на Малиот принц со нараторот, следење на неговото патување низ планетите додека се запознава себеси и додека се обидува да го сфати значењето и местото на розата во неговиот живот.

Идеја: додека растат, луѓето ги губат своите добри особини и ги забораваат вистинските вредности кои како деца ги имаат. Стануваат суетни, себични, отуѓени од другите, забораваат дека вистинските нешта не се купуваат со пари. Секогаш постојат луѓе кои веруваат дека светот може да се промени на подобро.

Куќата во која била напишана книгата „Малиот принц“
„Малиот принц“ е извонредна приказна за еден пилот и воен херој, кој се урива со неговиот авион среде пустината Сахара и емотивната дружба со едно дете, принц на друга планета. Малото момче ја бара смислата на животот и патот до дома и до неговата сакана роза која ја оставил таму.

Прочитајте неколку интересни податоци за Малиот принц на следниов линк👇



12 интересни факти за Малиот принц


 💬Содржина на делото
Нараторот во книгата е пилот чиј авион се руши во Сахара и се обидува да го поправи за да се врати дома, кога ќе го сретне Малиот принц. 
Глава I
        
        Нараторот започнува да раскажува за времето кога имал шест години и видел цртеж на змијата Боа како голта еден шумски ѕвер. Восхитен од цртежот, црта свој цртеж, змија со голема испакнатина. Воодушевен од своето дело, им го покажува на возрасните прашувајќи ги дали се плашат. Останува зачуден затоа што сите го даваат следниот одговор:
„А зошто да ни е страв од една шапка?“ 
        Неговата детска слика го претставувала змискиот цар кој проголтал слон. Сакајќи да им ја покаже суштината на возрасните, во средината на змијата нацртал слон. Безуспешно! Сите го убедувале дека не треба да црта, туку да се занимава со географија, историја, математика или граматика.
        На крај, станува пилот. Лета насекаде по светот. Одвреме-навреме запознава некој соговорник за кого мисли дека е мудар и му го покажува истиот цртеж. Секогаш добива одговор дека на сликата има шешир. Разочарано се откажува од разговор со таа личност и започнува разговор за голф, политика и др. Така, на крајот сите се задоволни. 

Змијата која голтнала слон



Глава II

Раскажувачот живее сам и на едно од неговите патувања, авионот се расипува и се руши во пустината Сахара. Вода има само за осум дена. Првата ноќ ја поминува спиејќи на песокот. Во еден момент го буди глас кој бара од него да му нацрта овца. Пилотот не може да им поверува на своите очи. На сред пустина, илјадници километри оддалечен од населено место, сретнува едно момче кое изгледа сосем нормално. Пилотот го црта слонот заробен во змискиот цар. Неверојатно! Малото момче  побарало од пилотот овца, а не слон заробен во змија. Пилотот црта неколку овци кои не му се допаднале на момчето. За првата рекол дека е болна, за втората дека е овен, третата престара...

Пилотот лут и нервозен, му црта кутија и му вели дека овцата е внатре. Момчето се насмевнало и рекло: 

─ Е, токму тоа го сакав! Што мислиш, ќе ѝ треба ли многу трева на овцата?

Ова неверојатно момче со бујна фантазија е всушност малиот принц.

Малиот принц



Глава III

Малиот принц постојано поставува прашања, а раскажувачот, збунет не може да открие од каде доаѓа принцот. Кога момчето го прашува за авионот, пилотот му одговара дека паднал од небото, по што тој се насмевнува и кажува дека и тој паднал од небото.

Малиот принц е таинствен во одговорот од каде доаѓа.  Концентрирано и  со задоволство ја гледа нацртаната овца во кутијата.

Глава IV

Раскажувачот сфаќа дека планетата на малиот принц е мала и претпоставува дека е тоа астероидот Б612. Возрасните се грижат за броевите и со нив дефинираат сè Кој колку години има, килограми или колку пари заработува, а не нешта кои се многу поважни.

„Тие никогаш не ви велат: „Каков е звукот на неговиот глас? Кои се игрите што ги претпочита? Дали е колекционер на пеперутки?“

Сакајќи да го запомне својот мал пријател, пилотот го црта. Не е убаво да се заборави пријател.

Глава V

Третиот ден од средбата, тие разговараат за растенијата. Пилотот дознава дека на малата планета има корисни и штетни растенија. Двајцата разговараат за големото дрво баобаб за кое е важно да се каже дека кога почнува да расте е малечко.

„Кога наутро ќе се измиеш и дотераш, треба грижливо да ја средиш планетата.“

Малиот принц објаснува дека е важно да се исчисти планетата од големите баобаби бидејќи кога ќе пораснат, тие ќе ја уништат неговата мала планета.

Пилотот црта цртеж како опомена за опасноста од големите дрвја.

Баобаб

Глава VI

Малиот принц кажува дека ги сака зајдисонцата. На неговата мала планета може да ги гледа постојано со едно обично поместување на столот.

Успеал да види 44 зајдисонца.

„Знаеш... кога сме тажни го сакаме залезот...“

Колку бил тажен принцот дента кога видел 44 зајдисонца?

Тажен ли е принцот?
Глава VII

На петтиот ден од нивната средба, раскажувачот ја открива тајната на животот на малиот принц. Разговорот започнува околу трњето и цвеќињата. 

„Цвеќињата се нежни и наивни. Тие се обезбедуваат како што можат. И мислат дека се страшни со нивните трње...“

Малиот принц е загрижен затоа што овцата би можела да го изеде неговиот цвет кој е сам меѓу милиони цветови. Плачот на момчето, пилотот мора да го смирува со ветување дека ќе му нацрта оклоп на цветот за да не може овцата да го изеде.

Глава VIII

Пилотот открива како цвеќето дошло на малата планета.  Нешто го донесло, можеби ветерот, и од семе, изникнало необично растение кое било многу нежно и барало од принцот да го чува под стаклено ѕвоно, да го залева...

Прекрасниот цвет мирисал убаво, а малиот принц вели дека не уживал во тоа: „Но јас бев премногу млад за да го сакам.“

Глава IX

Принцот зборува за неговото бегство од планетата. Ја средил планетата, го полеал цветот и го поклопил со стакленото ѕвоно. Тажниот цвет му се обратил:

„О, да, јас те сакам. Моја е грешката што ти ништо не си знаел за тоа. Тоа не е важно... Потруди се да бидеш среќен. Остави го стакленото ѕвоно. Не ми треба повеќе.“

Цветот бил горделив, не сакал принцот да го види како плаче.

Глава X

Принцот започнал да ги посетува планетите барајќи некаква работа, а имал желба да научи нешто. На првата го нашол кралот кој седел на едноставен, но величествен престол. Кралот сакал да му наредува на принцот, но тој бил многу уморен и постојано се проѕевал. 

Принцот си заминал чудејќи се на однесувањето на кралот кој бил единствен жител на таа планета.

„Возрасните се навистина чудни - рече принцот“

Глава XI

Посета на планетата каде живеел вообразениот кој  поздравувал со својот чуден шешир. 

Глава XII

Посета на планетата каде живеел пијаницата кој се срамел затоа што пиел.

Глава XIII

На следната планета го запознал бизнисменот кој постојано броел и пресметувал. Ги броел ѕвездите и му објаснил „како функционираат нештата“ и што значи да поседуваш нешто. Малиот принц е зачуден од размислувањата на возрасните.

Глава XIV

Го сретнал фенерџијата кој го палел и гаснел фенерот. Принцот заклучил дека тој има покорисна работа од другите, ги носи денот и ноќта.

Глава XV

Средбата со географот многу го растажила. Географот забележувал мориња, океани, планини, но не истражувал сам, тоа за него го правеле пронаоѓачите. Тој побарал од принцот да му ја опише малата планета за да забележи сè. Момчето многу се растажило откако географот не сакал да го запише неговиот цвет „бидејќи цвеќињата се привремени“. Малиот принц се исплашил од исчезнувањето на неговата роза.

Глава XVI

По препорака на географот, малиот принц се упатил на Земјата на која има многу луѓе и на која пред пронаоѓањето на електричната енергија имало многу фенерџии.

Глава XVII

На Земјата прво ја сретнал змијата. „А, каде се луѓето? Се чувствувам малку осамен во пустинава... - Може да се чувствуваш осамен и меѓу луѓето, рекла змијата.“ Змијата е моќна и таа може да го врати назад од каде што дошол.

Глава XVIII

Поминувајќи преку пустината малиот принц сретнал еден осамен цвет. Барајќи ги луѓето, тој му одговорил дека видел некој караван со луѓе пред неколку години.

„Ветрот ги носи. Тие немаат корења и тоа им создава тешкотии.“ 

Глава XIX

Одејќи се качил на една висока планина. Се разочарал бидејќи не видел ништо, но сепак поздравил. Му се вратило само ехо. Се разочарал.

„И луѓето немаат фантазија. Тие го повторуваат она што ќе им се каже.“

Глава XX

Во една градина со рози видел илјадници рози. Се разочарал бидејќи сите изгледале како неговата роза.

Глава XXI 

Малиот принц ја сретнал лисицата. Тој сакал да си игра со неа, но таа му објаснила дека не може да игра со него бидејќи не е припитомена и дека е како тие илјадници рози кои тој ги видел. Му објаснила на момчето како се создаваат вистински врски и пријателства.

„Ти за мене си сė уште само едно мало детенце слично на стотина илјади деца. И јас немам потреба од тебе, како што ти немаш потреба од мене. Бидејќи и јас за тебе сум слична на стотина илјади лисици. Но, ако ти ме припитомиш, ние ќе имаме потреба еден од друг. Ти за мене ќе бидеш единствен на светот. И јас за тебе ќе бидам единствена на светот...“

Малиот принц ѝ објаснил на лисицата дека е припитомен и дека на својата планета има една роза која тоа го направила. Лисицата е упорна, досадно ѝ е, живее монотоно и постојано брка кокошки. На изговорот дека тој ги бара луѓето, лисицата вели дека тие немаат време за ништо, дека купуваат кај трговците, па можеби таму ќе си најдат пријатели ако се продаваат. 

Принцот ќе ја припитоми лисицата, но ќе мора да продолжи. 

„Еве ја мојата тајна. Таа е многу едноставна: само со срцето можеме добро да видиме. Најважното е невидливо за очите.“

Малиот принц и лисицата
Глава XXII
Средба со свртничарот на возови. Децата знаат што сакаат, а возрасните со текот на годините се менуваат.

Глава XXIII
Средба со трговецот кој продавал таблети за гасење на жедта.

Глава XXIV

Осмиот ден пилотот и малиот принц по долга потрага пронашле бунар. Се чувствува неверојатна поврзаност помеѓу момчето и пилотот. Убавото е секогаш невидливо. Верноста на принцот кон розата е за восхит.

Глава XXV

Од бунарот ќе се напијат вода, а принцот зборува за луѓето кои одгледуваат 5000 рози, а не можат во нив да го најдат најважното.

„Очите се слепи. Треба да се бара со срцето.“

Глава XXVI

Крај бунарот, принцот ќе замине засекогаш, змијата го каснува, а пилотот занемено ја набљудува таа слика. Tој ќе биде ѕвезда заедно со неговата роза.

Глава XXVII

Погледнете во небото и запрашајте се:„ Дали овцата го изела или не го изела цвеќето?“ И тогаш ќе видите како сè се менува...

А ниеден возрасен човек нема никогаш да сфати дека тоа има толку големо значење!

 Составете ги сложувалките!👇