13. 11. 2012.

Стилски изразни средства - стилски фигури

 Стилските изразни средства - стилските фигури имаат посебна убавина, вредност и значење.
За да се анализира една литературна творба потребно е познавање на стилските изразни средства.
Некои стилски изразни средства кои се изучуваат во основното образование:
1.Епитет
                Белиот ориз 
         Ден сјаен стапил  в матни води 
         и сејач во нив стапи.
         Зад боси нозе траг се роди
         од матен бран се напи. 
                       Србо Ивановски

Епитет е стилско изразно средство (збор) што стои до некој збор (најчесто до именка) и открива некоја битна особина на предметите, појавите или чувствата искажани со именката.
Епитетот е украс.
За епитети најчесто се употребуваат придавките (сино небо, влажна пролет). Во функција на епитет се јавува и именката (,,Се рути карпа мрак“-Кочо Рацин)
Епитетот може да биде пред именката (матни води), а се пишува и по именката (ден сјаен).
Обичен епитет (банален): стара баба, сладок мед;
Постојан епитет: гајтан веѓи, лута змија, пуста печалба, вода студена). Најчесто се користат во народната литература и стојат со определени именки сраснати со нив.
Алогичен епитет: (езерска девојка, езерско вино - Билјана-Трајан Петровски). Нескојдневно и необично истакнување на основното значење на именката.

2.Компарација (споредба) 
                          Последен лист
                  На гранката сув и последен лист
                  како златник се злати,
                  трепери  тивко,последен поздрав
                  сака да прати...
                           Душко Аврамов
Компарација (споредба) е стилско изразно средство со кое се врши споредување врз основа на некои заеднички особини. Се споредуваат предмети, лица, поими, чувства.
Компарацијата има три члена:А      е       како   Б
                                                         Заби бели како снег.

Примери:
            ,,Но загука негде гулабица бела-
              болно, ко да колне од нечија стреа.
            ... крвта в нежна жица - румена и танка
              се ткаеше в перје, ко вез в бела свила.“
                          Песна за гулабот-Славко Јаневски

             ,,Твоите очиња детски
               наместо радост да зрачат
               станале темни и тажни,
               како облачиња плачат.“
                       Злате-Живко Николовски
              ,,Појдете само крај некоја река-
              и таму е сонцето, седи на брегот
              и како рибар стрпливо чека.“
                     Игра со сонцето-Видое Подгорец

              ,,Охридски извор чист како солза
               на него белат момите платно.“
                     Радосници-Србо Ивановски

3.Персонификација 

                        Дожд
               Дождот тапани на сите страни,
               ветерот труби,
               раскласуваат водите во вирчиња збрани,
               а секој клас веднаш е губи.
                          Михо Атанасовски
Персонификација е стилско изразно средство  со кое на предметите, природните појави, апстрактните поими, на животните или на растенијата им се даваат човечки особини.
Примери:
                 ,,Октомври шета вечерва низ градот“
                       Разговор со Делчев-Гане Тодоровски
                ,,Кротко темницата дише во сокачето“
                       Старата -Блаже Конески
               ,,Длабоко дишат широко ниви“
                       Радосници-Србо Ивановски
         

4.Ономатопеја 
                   Зимско утро
             Под мојот прозорец
             и денеска цвркоти и си рипка
             шалава сипка:
             Сип, сип, сип!
                    Блаже Конески
Ономатопеја е стилско изразно средство со кое се имитираат звуци од природата, гласови на животни, разни шумови.
 Примери:
            ,,Девојчето извади едно чкорче и ,,фрррц“! Ама блеска, ама гори!“
                   Девојчето со кибритчињата-Ханс Кристијан Андерсен
           ,,-Ауу, ауу... ајде да бегаме!-завиваше волкот.
             -Гра-гра-гра... Каде? Зошто? -го запрашала страчката.“
                   Волкот и страчката-Македонска народна приказна

Звук           глагол         именка
зу-зу           зуи              зуење
брм-брм     брмчи          брмчење
шу-шу        шушка         шушкање
цр-цр         црцори         црцорење
Со ономатопејата се создаваат живи слики.

5.Метафора
                        Без јазик си никој и ништо
                    Родниот јазик е бисерен ѓердан
                    од зборови - плодови сочни.
                         Видое Подгорец
Метафора е стилско изразно средство со кое еден збор или поим се заменува со друг, според некоја сличност. Метафора или скратена компарација. А е Б
 Примери:
           ,,Наоколу- стебла кршни...
             сред водите мирни сјајни-
             два острова, ко две тајни.“
                         Стара јапонска песна
            ,,Сонцето-среќниот рибар, оди по патот.
                         Игра со сонцето-Видое Подгорец
           ,,Ја излези, јунакова мајко,
             па погледни доле преко поле,
             да си видиш какво добро иде,
             добро иде, оште подобро води:
             сокол иде - голубица воде.
 
Метафората може да биде именска, придавска, глаголска (Мама е ангел. Натежнаа оловни облаци. Ме гризна за срце.)
 

6 .Хипербола

           Марко купува сабја
              Дури ми се зора обзорила,
              ми дојдоја града Стамбола,
              ми купија  таа остра сабја,
              што се дипли дванаесет дипли,
              што се носи во бела пазува,
              што ми сече дрво и камење.
                               Народна песна 
 
 Хипербола е стилско изразно средство со кое нешто се преувеличува, се претерува во нешто, најчесто нечии особини и можности. Таа се употребува и со емоционално значење како во литературата така и во секојдневниот говор.
            Димо и змија голема
         Излегла змија голема
         под рамно поле Видина,
         кога се змија исправа,
         колко две тенки тополи,
         кога се колач виеше,
         колко две гумна широка.
                       Народна песна


Во секојдневниот говор:,,Илјада пати ти реков да дојдеш!“
                                          ,,Ако те удрам, прав и пепел ќе те направам!“
                                          ,,Тонам во море од солзи“
                                          ,,Ќе пукнам од смеа.“

7.Градација

                   Ленка
           Прва година помина
           грутка в срце и легна,
           втора година намина 
           болест ја в гради искина.
           Трета година земјата 
           на Ленка покри снагата.
                     Кочо Рацин


Градација е стилско изразно средство со кое се редат поими или поетски слики постепено по својот интензитет.Се почнува од најслабото чувство, па кон најсилното. Може да се јави и обратно редење на чувствата од најсилно кон најслабо. Во лирската поезија, градацијата е често употребувана бидејќи со неа се зголемува емоционалноста и се збогатува сликовитоста на поетскиот јазик.

    Лилјана, мома убава:
    Лилјана ситен босилок,
    Лилјана розов каранфил,
    Лилјана црвен трендафил.

      Стојан и Лилјана-Народна песна.

8.Рефрен 
           Смешен настан на улицата
           По нашата улица
           протрча виулица ..

           До тротоарот дрвјата се свија,
           заличија на смешни животни
           кога вода на потокот пијат.

           По нашата улица 
           протрча виулица.
                      Србо Ивановски

Рефрен е повторувањето на еден или повеќе стихови во една песна. Некогаш се повторува цела строфа. Со рефренот се поттикнува музикалноста во песната.

9.Апострофа
               Родна земја
   Ој, разиграј, песно моја мила,
   ој, разиграј силно браној диви

   Ој, убава земјо моја родна!
                 Лазо Каровски

Апострофа е стилско изразно средство преку кое поетот се обраќа кон неживи нешта, кон предмети или личности, на апстрактни поими како кон живи суштества.

,, О, времиња, што ве в мрак родот мој минал“ или ,,О тешкото“-Блаже Конески

,,За јазикот, роде, ќе ти пеам,
  за јазикот над кој вечно бдеам“ - Кон родот за јазикот-Петар Прерадовиќ


 ,,Спиј, пушката ти е изморена од олово
 о, Војводо.“
              Тажачка за војводата-Ефтим Клетников
10.Иронија  
 Иронијата е изразно средство во кое со замена на два поима се изразува потсмев кон некого или нешто. 
Или: Стилска фигура со која се исмејува некој или нешто во форма на привидна  согласност или пофалба 
  Тогај рече Марко Крале:
”Бог те убил, црна Арапино!
  Ал’ се смееш, ал’ навистина маваш,
  ал’ од кожува правот ми го тресеш?“

Марко Крале ја одменува свадбарината

Или во секојдневниот говор: Ти си ми навистина добар другар (а мислиме лош)

11.Симбол

  Тргнуваме в гора, бо борба, о, мамо,
    да огрее сонце над целиот свет.
                („Мајка“-Лазо Каровски)
Симбол е стилско изразно средство со кое имињата на конкретните предмети или животни, како и имињата на одделни појави во природата се земаат како знаци, како слики за да се искаже мислата позбиено посликовито. Симболот е знак за некој поим или група поими.
Во примерот, сонце е симбол на слободата.
Примери:
  „Од исток
    бел галеб стреловито долетува
    со крилја позлатени
    и белина донесува на сцената.“
             („Утро“-Генади Болиновски)
   галеб-симбол на утрото

„Два конца парај од срцето, драги,
  едниот црн е, а другиот црвен
            („Везилка“-Блаже Конески)

црн конец-симбол на маката, тагата, ропството
црвен конец-симбол на копнежот, борбата за слобода

Во секојдневниот говор и во литературата се употребуваат постојани или општи симболи.
Пр.
срце - симбол на љубов
Гулаб со маслиново гранче - симбол на мирот
 


 
 






Секоја држава си има свои  симболи: грб, знаме и химна

Државен грб на РМ





                     
Знамето на Македонија

Стилски фигури

                                             























12.Анафора
Употребата на исти зборови на почетокот на повеќе стихови се вика анафора.
  „Кај што се кисне р`жаница,
   кај што се игра кријаница,
   кај што се скока трчаница,
   кај што има прачканица...“
      -Таму е нашата река-Петре М. Андреевски
13.Епифора
Употребата  на исти зборови на крајот на повеќе стихови се вика епифора.
    „Одлетала пеперуга, ој луле ој!
      Од орача на орача, ој, луле ој!
      Од копача на копача, ој, луле ој!“
                       -Народна песна

14. Словенска антитеза
Прочитајте на следниот линк СЛОВЕНСКА АНТИТЕЗА

На следниот линк имате интересни вежби за стилски фигури👉СТИЛСКИ ФИГУРИ-ТЕСТ

1 коментар: