Приказивање постова са ознаком опишување. Прикажи све постове
Приказивање постова са ознаком опишување. Прикажи све постове

29. 4. 2024.

Моето Вевчани во пролет - лични творби на ученици

 💬Учениците од шесто одделение го опишуваа Вевчани во пролет. Од нивните умни глави изникнаа прекрасни мисли кои се преточија во волшебни зборови и реченици.

👇Прочитајте ги нивните прозни творби.


 

Моето Вевчани во пролет

        Дојде пролетта, моето омилено годишно време. Најшарено е, најубаво е, најволшебно е! Цвеќињата, дрвјата, птиците, тревата и другите растенија повторно се вратија и ја заживеаја природата и околината.
        Едно мирно утро ме разбуди црцорењето на птиците, а косата ми ја разбушави убавото свежо  пролетно ветре кое дувкаше низ прозорецот од  мојата детска соба. Станав, се облеков и отидов да појадувам. По појадокот веднаш излегов надвор во мојот раззеленет двор. Го зедов дрвеното столче и почнав да ја читам мојата омилена книга „Хајди“. Откако со Хајди се прошетавме низ магичните планински предели, решив да не губам повеќе време, туку да тргнам во обиколка на Вевчани. Ја повикав мојата другарка и со нашите велосипеди отидовме до Вевчанските извори. Возејќи се кон изворите, со восхит гледав како планините се позлатиле од сончевата прашина. Шумите ги имаа најзелените дрвја кои личеа на најдотераните принцови и принцези од највеселиот бал, разиграни во најголемото оро на Земјава. Ветрот упорно дуваше и ми даваше мотив да продолжам со мојата обиколка низ пролетниот мозаик. Веќе стигнавме кај изворите, седнавме на една клупа и се напивме од бистрата и чиста вода. Уживавме во жуборот на изворот и се насладувавме од овој прекрасен пролетен ден. Се вративме дома, а по ручекот излегов надвор и го чекав омилениот дел од денот - зајдисонцето. Небото се зацрвенило гушкајќи се со сонцето и планината. Таа глетка ме воодушеви и ме подготви за вечерниот одмор. Со топло млеко во раката се подготвив за спиење. Легнав и сите спомени од тој ден ми се вратија, па низ сеќавања повторно го преживеав овој ден.
        Треба да сме благодарни за сите дарови кои ни ги нуди природата. Пролетта е магична и сите треба да уживаме во природата и нејзините убавини.
                                                         - Ирина Димитриеска
 
Photo 
 
                                         Моето Вевчани во пролет
        Едно свежо пролетно утро кога ме разбудија сончевите пролетни зраци, веднаш станав  и се сетив дека ќе одиме да ги посетиме Вевчанските извори и планината Јабланица. 
       Мајка ми ми подготви сендвичи, а јас се облеков во патики и излегов надвор. Надвор бликаше од зеленило. Лисјата на дрвјата беа зелени, а околу мене се слушаа птиците кои црцореа качени на дреновите дрвја. Сливата во мојот двор веќе беше накитена како новогодишна елка. Наеднаш слушнав како мајак ми ме повикува да тргнеме. По пат нè следеа сончевите зраци. Стигнавме уморни и седнавме на една клупа. Звукот на пенливите извори нè релаксираше, а погледот ни се восхитуваше од пролетната шума која се протегаше пред нас. Лисјата постојано шумолеа и со црцорењето на птиците создаваа волшебна мелодија. Прошетката продолжи низ убавата Јабланица. Насекаде убавини. таму воздухот беше некако посвеж. Звуци допираа од сите страни, а верверичките скокаа од дрво на дрво. Се приближуваше ноќта, а ние тргнавме за дома. Чекор по чекор низ коријата патот нè однесе дома.
        Вечерта кога уморни си легнавме, јас сонував сè од тој пролетен ден. Навистина, моето Вевчани е прекрасно во пролет.
                              - Христијан Кукоски 

Photo 
 
Моето Вевчани во пролет
        Најубавото нешто кога ќе ти речат да опишеш некој пејзаж е чувството дека ќе опишуваш место со неизмерно богат пејзаж, место полно со волшебна убавина, Вевчани. 
        Јас сум родена и живеам во Вевчани, место кое сè уште е како недосликан пејзаж. Вевчани изобилува со слики чиј творец е мајката природа. Вевчани  е место во кое убавата природа ти го одзема здивот и остануваш без зборови пред убавите слики. Еве само еден мал дел од тие убавини. Онаму каде е мојата куќа, секој ден сум сведок на една жива разгледница која 24 часа е калеидоскопод бои и светлина. Штом ќе излезам на мојата тераса, веднаш ми го одзема здивот мојата Јабланица со забелените врвови кои допираат до небесните синила. А, сега бидејќи е рана пролет, таа раскошно се расфрла со нејзината нова облека. Ритчињата од најмало до најголемо започнаа да ги покажуваат своите нови рува. Сите посипани од младото зеленило низ кое срамежливо се надѕира по некое белило од расцутените диви сливи. Нејзините бои се преливаат  од најтемно зелената до најсветло зелената за кои не верувам дека и најголемиот уметник може да ги измеша со такви нијанси на белото платно. Поблиската околина не можам д аја опишам така лесно.  Насекаде владее волшебна симфонија! Симфонија од расцутените бели пупки кои ги разбудиле сите дрвја, симфонија од звукот на птиците кои се радуваат на новото пролетно будење, симфонија од насмевките на луѓето кои се радуваат на сончевите зраци кои пролетта им ги нуди беспоштедно.
        Ова е сè што можам да ви опишам за еден момент од моето уживање и восхитување од мојот секојдневен пејзаж со кој се будам и заспивам во моето Вевчани во оваа убава пролет.
                                       - Луција Лазороска
Photo 
 
Моето Вевчани во пролет 
        Полека, полека, зимата си замина. Замина ладниот студен снег, а дојде топлото сонце. Дојде најубавото годишно време, дојде пролетта.
        Еден ден, кога се разбудив, излегов на терасата и како некој да ме гали, го почувствував топлиот ветар низ мојата коса. Јас веднаш ги облеков моите патики и со моите другари излегов да прошетам низ моето Вевчани. Со лесен чекор се упативме кон Вевчанските извори. Каква убавина се надвиснала од сите страни!? Дрвјата беа облечени во нивната пролетна облека, цвеќињата расцутени во сите бои: црвена, сина, жолта... Високите врвови на Јабланица беа со бели бои од преостанатиот снег. Каде и да погледнев, насекаде убавина. Пролетното сонце ја топлеше мојата кожа. Во таа сончевина како да подзаборавивме дека сонцето сака да оди на спиење и дека денот не трае засекогаш. Нè поздрави со својата црвено-златна рака и се спушти на запад. Месечината се појави да го започне својот танц во ноќта. Мирис на пролетна свежа земја се разлеа насекаде. Излегов надвор и легнав на земјата со погледот свртен кон небото посеано со ѕвезди. Ѕвездите беа сјајни, а свежиот воздух пријатно ме галеше. Јас многу ги сакам сите годишни времиња, но имам необично чувство кога ќе дојде пролетта.
        Вевчани е љубов најголема, а во пролет најубаво. Тој свеж воздух, тоа топло сонце не е споредливо. Има различни богатства, но живеењето во моето Вевчани во пролет, според мене е најголемо богатство.
                                         - Јован Чочороски

                                    

20. 5. 2020.

Опишување

Сликаме со зборови!


  • Опишувањето ни овозможува да си создадеме визуелна претстава за она што го читаме.
  • Внимателно разгледај ја следнава презентација!
         

огледалце

  • Внимателно прочитај ги текстовите: „Огледалце на детството“ од Петко Домазетовски и „Елка“ од Марија Воронкова на стр.135, 136 и 137 од учебникот за VI одделение.
         „Имав прекрасно огледалце. Најубавото, шарено огледалце. Досега не сум видел толку убаво огледалце. Татко ми дојде од некаде и ми го подари за еден роденден.
           Го држев мило во рацете и не можев да му се изнагледам. Беше тркалезно и врамено во една широка рамка од растопен и разнобоен шеќер...“
             (Огледалце на детството од Петко Домазетовски)


 
елка

„ ... Училишната елка, висока до таванот, ќе биде поубава ако ја красат многу играчки...
 ... Таа од желади и црни гранчиња направи вистински човек со шубара. А од шишарките и памукот направи Дедо Мраз. Андреја не заостануваше зад неа. Тој направи коњ, а од празното јајце птица со опашка и крилја. Зина бојадиса прстенчиња од хартија за да направи голем ланец околу елката...“
                (Елка од Марија Воронкова)






  • Колку прекрасни слики од зборови во описите на огледалото и елката!
  • Авторите употребиле стилски изразни средства, визуелни и аудитивни елементи за да ја зголемат сликовитоста на текстот.
  • Епитетите, компарацијата, метафората, персонификацијата... се само дел од опишувањето.


  • Погледнете едно постаро видео во кое учениците со помош на ИКТ опишуваат предмет.
  • Кликнете ОПИС НА ПРЕДМЕТ
  • Погледнете го наставниот лист за опис на природна појава!


  • Прочитај го извадокот од ученички состав за природна појава:
  „... Силен тресок ме исплаши.Започна да светка и силно да врне.
        Невреме! Изгледаше како небото и земјата да се споиле во една силна и цврста прегратка. По улицата пред мојата куќа течеше вода како река. На моето разочарување му немаше крај. Патиките спремни за игра останаа во моите раце. Мислев дека дождот, никогаш нема да престане. Како што започна, така се смири. Дождот престана, а облаците се разотидоа отворајќи му го патот на сонцето.
         Прекрасен летен ден! Само вирчињата на игралиштето сведочеа за неодамнешното невреме...“

  • Опис на пејзаж
  „Пролет! Најубавото годишно време. По големата зима, по студот, по снегот, дојде пролетта, дојдоа птиците, насекаде се распосла зелениот килим, се рашири пријатниот и свеж мирис на цветовите. Сонцето нè грее и милно се смешка.
Пролетта е како вистинска бајка.“
                                        (од ученички состав)
      
Пролетта е убава!
  • Опис на лик и личност

  1. Ликовите се носители на настаните кои се раскажуваат во една епска творба;
  2. Ликот има внатрешни (карактерни) особини и надворешни (физички) особини;
  3. Надворешните особини ги согледуваме од описите кои ги дава авторот на творбата;
  4. Внатрешните особини ги согледуваме од зборовите на авторот и од постапките на ликовите.

  • На стр.139 и 140 од учебникот, прочитај го текстот „Нешто за нашето маало“ од Михо Атанасовски!
  •  Согледај ги особините на Митко, Борче и Миле!
  • Зошто Ратко, Верче и Коле биле неразделни другари со раскажувачот?
  •  Кои особини ги имале тие како ученици?


верни другари

  • Се сеќавате на ведрата и весела Хајди од ЛЕКТИРАТА
  • На стр. 142 од учебникот има еден интересен ученички текст за ликот на Хајди:
„... Хајди докажа дека детското срце може да го стопи и најтврдиот камен. Нејзината добрина, дружељубивост, хуманост, искреност, ведрина ќе го смени животот на луѓето околу неа. Среќата што несебично ја зрачи нејзиниот лик се пресели и на мене.“


Диме е добро дете!

  • На стр. 143 од учебникот, внимателно прочитај го текстот „Нашиот Диме“ (од ученички состав). Во овој текст, ученикот опишува личност, својот другар.
„... Но, ние откривме дека тој е несебичен другар кој секому помага. Не остава некој да биде без домашна работа, ни ги објаснува задачите со голема трпеливост. Знае да помогне во неволја, да се жртвува за другарството. „Сила“ е нашиот Диме...“ 


  • Запомни! Постои разлика меѓу лик  (измислена креација на авторот во книжевното дело) и личност ( некој од нашето секојдневно опкружување како другар, баба, дедо, мајка, татко, наставник...)
  • На стр. 162 од учебникот има два текста со опис на лик и личност. Направи споредба! Откриј во кој текст е опишан лик, а во кој личност!

  • Задача:

  1. Опис на лик од прочитана книга
  2. Опис на личност