Во последичните зависносложени реченици односот меѓу дејствата е однос на причина и последица. Причината се наоѓа во главната, а последицата во зависната дел-реченица.
Секоја причинска зависносложена реченица може да се претвори во последична, со заменување на дел-речениците и со употреба на последични сврзници.
Пример: Тој не дојде на училиште (главна дел-реченица) бидејќи беше болен. (зависната - причината)
Тој беше болен (главната, ја содржи причината), така што не дојде на училиште. (зависната -последицата)
👉 Сврзници
Покрај така што, како сврзник може да се употреби и што, но под услов во главната дел-реченица да се јават заменските зборови толку, таков, толкав, така.
На пример: Толку силно врнеше што не можевме да ја преминеме улицата.
👉 Редот на дел-речениците
Кај последичните реченици редот е утврден: на прво место е главната, а по неа доаѓа зависната дел-реченица.
👉 Интерпункција
Речениците со свсрзникот така што редовно се одделуваат со запирка, а оние со што можат, но и не мораат да се одделат со запирка.
❗❗❗ Внимание ❗❗❗
Не треба да се употребува толку во главната и така што во зависната.
Не е правилно Толку силно врнеше, така што не можевме да ја преминеме улицата,
туку: Толку силно врнеше што не можевме да ја преминеме улицата.
Не е правилна употребата на така да наместо така што.
Поврзи ги следниве реченици со соодветните последични сврзници.
1. Понекогаш толку силно викаше. Не можеше да се спие.
2. Обично во Охрид остануваме еден час. Не влегуваме по продавници.
3. Тој толку се сплетка. Се спружи на патот колку што е долг.
4. Вујко ми беше толку весел. Ми купи куче.
5. Тој знаеше многу пријатели на Инстаграм. Страницата доби многу допаѓања.
6. Таа беше замислена. Не ѝ се пееше на приредбата.
💬ВЕЖБА 2
Обиди се добиените последични реченици од Вежба 1 да ги претвориш во причински зависносложени реченици.
💬ВЕЖБА 3
Следниве причински зависносложени реченици претвори ги во последични зависноложени реченици
1. Марија се пресели во Скопје, бидејќи родителите купија нов стан.
2. На онлајн часот сите замолчеа затоа што Никола се исклучи намерно.
3. Нашиот тим го загуби натпреварот поради тоа што не играше најдобриот играч.
4. Бидејќи сака слатки, секој ден оди во слаткарница.
------------------------------------------------------------------------------------------------
При изработката на содржината користена е Граматика на македонскиот јазик за осмо одделение од Анета Дучевска, Димитар Пандев и Гордана Алексова, Просветно дело, Скопје, 2004. Македонски јазик за средното образование од Стојка Бојковска, Лилјана Минова-Ѓуркова, Димитар Пандев и Живко Цветковски, Просветно дело, Скопје, 1999.
Нема коментара:
Постави коментар