Приказивање постова са ознаком Славко Јаневски. Прикажи све постове
Приказивање постова са ознаком Славко Јаневски. Прикажи све постове

21. 2. 2022.

„Црни и жолти“-Славко Јаневски (презентација преку слики - изработка на телевизор)

 💬 Оваа објава ја пишувам на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, а стихозбирката „Црни и жолти“ е уште една потврда за богатството на нашиот јазичен израз.

      Музикалност и сликовитост  низ перото на Славко Јаневски.👇

💬 Збирката „Црни и жолти“ содржи предговор со наслов „До мојот читач, се знае - кој и да е! (строго доверливо)“, 19 песни, како и Речник со објаснувања.

Во предговорот, Славко Јаневски им соопштува на читателите дека книгата настанала како резултат на неговите три патувања низ Африка и Азија, каде посетил повеќе земји, како: Сирија, Пакистан, Индија, Бурма, Малаја, Јужен Виетнам, Борнео, Сингапур, Хонгконг, Јапонија, Гвинеја, Судан и Египет. На тие патувања видел: мумии, скулптури на фараони, камили, нилски коњи, факири, змии, погреби на кои се пее, црнци во лов на газели, Малајци во лов на сабјарки и јапонски столетни дрва.

Тој нагласува дека вистинските настани од патувањата ги опишал во книгата „Горчливи легенди“, додека измислените случки ги напишал во „Црни и жолти“.

Славко Јаневски

 „Црни и жолти“ е важна книга и поради тоа што во неа авторот се обидел да пронајде бројни гласовни совпаѓања на зборовите во македонскиот јазик. На пример, тој ги ставил во врска следниве зборови: смена-хиена, танки-гранки, палма-чалма, сито-питон, брашно-страшно, поглаварите-краварите, козарите-лозарите, чуда-Буда, чекор-млеко, хипопотам-да претам, црпка-грпка итн. Звучноста на своите песни Јаневски ја постигнува и со повторување на некои гласови со што се засилува музиката на стихот. 

На пример, во песната „Ако не е вистина голема лага е“, тој го користи гласот „ш“ за да го изрази ноќниот мир. Исто така, тој често ја користи ономатопејата: там-там, автара-бавтара, бавтара-тавтара, Кре-кре-крака, тика-тик, тика-так итн. Покрај тоа, во книгата е присутен хијазмот, т.е. симетричната инверзија на исказот во стихот (зини-лапни, лапни-зини; ќерка мамина или черкина мамичка), како и други семантички фигури во кои стилското средство се гради со помош на значењето што се менува, користејќи ги метонимијата и оксиморонот. Секако, во песните се присутни и необични метафори, а најголемата доблест на песните е нивниот хумор. Понатаму, интересно е тоа што авторот води дијалог со литературата, зашто многу од песните се однесуваат на книжевните поими, како што се: роман, балада, приказна, песна, театар итн.

( Јадранка Владова, „Чудесна поетска географија“, во Славко Јаневски, Црни и жолти, Скопје: Просветно дело АД, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 84-87.)

👉Прочитајте ја и претходната објава за „Црни и жолти“

💬 На часовите за обработка на лектирата имавме различни активности. Нормално, претходно ја прочитавме стихозбирката, анализиравме две песни во тетратката за лектира, пишувавме белешки за авторот, а потоа усно ја разработувавме. Необичните песни полни со хумор, во кои се испреплетуваат фантазијата и реалноста ги читавме и анализиравме со задоволство. Учениците, навистина ги сакаат овие црно-жолти песни.

Секогаш на часовите за лектира се обидуваме да бидеме креативни и да додадеме свежина при обработката на делото. Оваа година изработивме телевизор со сцени од нашата омилена песна. 

👇Како се изработува телевизорот?

Редослед на поетските слики-изработка на телевизор

1. Подолг лист хартија(или споени два или повеќе А4 листови). Пресечи ги со ширина нешто помала/потесна од картонска кутија за чевли (така листовите ќе одговараат на ширината на кутијата).

2. На листовите  нацртај црни рамки во кои ќе црташ сцени од песната (пример осум или повеќе полиња/ние нацртавме пет)

3. На картонската кутија направи по два отвора од секоја страна доволно широки за низ нив да поминат картонски ролни (пр. од хартиени марамчиња).

4. Потоа кутијата затвори ја и одреди еден дел од капакот кој ќе го отсечеш како би отворил прозорец. Големината на прозорецот треба да одговара на рамката за цртање.

5. Откако го утврди редот на поетските слики, секој дел прикажи го како цртеж и нацртај ги сцените во рамките. Листовите залепи ги на картонската ролна и затвори ја кутијата.

Со вртење на ролната од страните, низ прозорчето на капакот од кутијата ќе се прикажуваат и менуваат сцените. Врти ги сликите и биди лирското Јас во песната.

👇Останува да видите што направивме. Подолу, на сликите, се одличните изработки на шестоодделенците.👇

                                             

                                      


















































Забелешка: Изработивме еден телевизор, а учениците изработија сцени за песните: „Суданска балада“, „Приказна по спротивен ред“, „Шах“, „Автара-бавтара“, „Абавагула и Дорефасула“, „Нхма-Кхма“, „Мандаринијада“, Пошла прва камила, пошла втора камила“, „Бунтот на чадорите“.

Наместо ролни од хартија, на горниот дел од телевизорот отворивме процеп низ кој ја провлекувавме хартијата. Долниот дел од хартијата се наоѓаше во внатрешноста на ТВ.

Сцена по сцена учениците беа лирското Јас од нивните избрани песни. БРАВО!

26. 2. 2014.

„Црни и жолти“-Славко Јаневски

         Преку стиховите на оваа збирка, авторот нѐ носи на патување низ два континента, десетина држави,  градови, нѐ пробива низ џунгли, пустини, острови, нѐ  запознава со жителите на овие места и ни покажува разни животни.

Црни и жолти е збирка со детска поезија на македонскиот писател, Славко Јаневски.
За првпат, книгата е објавена во 1967 година, а подоцна има доживеано поголем број изданија.
Збирката „ Црни и жолти“ содржи предговор со наслов „ До мојот читач, се знае - кој и да е!“, 19 песни, како и речник со објаснувања.


Содржина на збирката:
  • Пошла прва камила, пошла втора камила
  • Црн роман
  • Автара - бавтара
  • Што шепоти тревата
  • Суданска балада
  • Шах
  • Жабоци гајдамаци
  • Нхма- Кхма
  • Мудреци над мудреците
  • Ако не е вистина, голема лага е
  • Бунтот на чадорите
  • Мандаринијада
  • Песната за лебот и водата
  • Кинески театар
  • Прикаска по спротивен ред
  • Безбожна јапонска приказна
  • Песна за Јапонецот и за уште нешто
  • Абавагула и Дорефасула
  • Носорог Росоког Роногос

 Во продолжение прочитајте дел од песните!

Пошла прва камила
Пошла втора камила

Нигде тревка нигде камен,
а по некој беспат рамен
низ Нубија-кој се шири
песок под кој ветар свири
со шуплива коска мала
тажна песна тра-ла-ла-ла
одат безброј млади, стари
камилчиња,
камили и камилари...

Крај Нил, таа река света,
бела чапја со крик лета
и фараон еден стои,
од камен е, стар и престар,
но во себе везден брои:
пошла прва камила,
пошла втора камила,
пошла трета камила...

Нил се влече, свој пат знае,
во песокот живот ткае,
фараонот на трон седи-
ни се движи, ни па клепка,
бројки реди:
пошла шеста камила,
пошла седма камила,
пошла осма камила...

Со векови дните минат,
не се кинат,
па се низа
достојна за анализа,
зашто вечно ветер гони
полк облаци, браќа свои,
зашто вечно Рамзес брои -
милиони,
билиони
млади, стари
бедуини, камилчиња,
камили и камилари...

А во една таква сметка
секој лесно ќе се сплетка
и ќе падне в тежок сон.
И затоа,  браќа мои,
се` одново исто брои
камениот фараон:
пошла прва камила,
пошла втора камила,
пошла трета камила...



Црн роман
Глава прва

Африка. Село:Батала тамба.
Од него момчето Кали
поаѓа кришум без нож и ламба
ноќе по врвици мали.

Трепери шарена зебра.
Шимпанзо подава рака
по плод.Крај срнечки ребра
завива лутозаб чакал.
По него како на смена,
од кон се гласи хиена.

Бега газела на нозе тенки
пред скок на лавица стара.

Под сплет на баобаб-гранки
слон Кали се` уште бара:
четири нозе.
опаш и
глава -
црно момче на слон ќе јава.

Глава втора
Шишкото месечко в ѕвездено брашно
в мрак се проѕевува.
Под него стопати страшно
пантер заревува.
И се` штом стивна пред ревот
како пред семожна веда,
секаде - десно и лево -
момчето слонови гледа.
Пред тие сурлести глави
Кали со песна се јави:
- Косот имал слон,
слонот имал кос,
ако имав чевли
не ќе одев бос.
Ако не е јаве
ова ќе е сон,
сепак ќе сум јавач
на најголем слон.

Глава трета

В полноќ под лисната палма,
негде крај рекичка плитка,
сличен на голема чалма
злокобен питон се свиткал.
Питонот лази момчето спие -
соништа чудни под глава крие ...
Тапани.Далеку. Тихо - там-там.
Мајмун на гранка се грчи сам.
Ноќница птица се јавува...
спие ли Кали, чека ли слон,
или е изгубен в бескраен сон
и слон на сон поздравува?

Глава четврта
Светнува зорница.Потоа залез.
Ден. Ноќ. И недела... Година цела.
- Каде е, каде е, каде е Кали? -
можеби шепоти земјата врела.

В џунгла, во која тајни се кријат,
сонува сито
една преголема змија,
така наречена  питон.
Полека Конго в сончевина пливнува.
Потоа: ѕвезда се пали.
Далеку старица црно воздивнува:
-Каде е син ми Кали?
За миг и ветрот, брзоног гласник,
извици како да носи:
-Сонувам,  мајко, приказни красни
за деца црни и боси...

Тече прикаската модроок сон,
тихо за Кали што барал слон.
А дали нашол или пак крај е
на еден живот-питонот знае.


АВТАРА-БАВТАРА

Некои племенски главари,
со цилиндри, инаку боси,
двајца,
и некои кравари,
тројца,
и некои козари,
пак тројца,
и некои лозари,
двајца -
автара-бавтара,
бавтара-тавтара -
нашле две нојови јајца.

И тие сите:
лозарите,
козарите,
краварите,
и главарите
(со цилиндри, без ракавици)
ту тројца, ту двајца -
автара- бавтара,
бавтара- тавтара -
зачукале со тупаници
по двете нојови јајца.
Од такви удари,
достојни за рудари
пукале јајцата,
надошло море -
автара-бавтара
бавтара- тавтара -
до сонцето горе.

Јајцата се` поплавиле.
Поглаварите,
краварите,
козарите
и лозарите
за малку не се удавиле.


Што шепоти тревата

Ова е црнечки сон
на мало гвинејско дете
за слон по име Џон
што имал пријател верен
некаков мајмун Кон.

Банани мајмунот берел,
го хранел својот слон,
тој својот слон го хранел,
а слонот својот Кон
од диви ѕверки го бранел -
и било се` како сон.

Еднаш мајмунот Кон,
по некој скитнички план,
без својот пријател слон
пошол низ џунглата сам
под лисја - ѕвона без ѕвон.

Сведок бил ноќниот срп
и еден нилски коњ речен
зад Коновиот грб
подмолно гепард се влечел,
додека далеку Џон
сос сурла како секој слон
банани берел  в сон.

... И станало се` за миг,
паднал мајмунот Кон
в гепардски шепи, без крик.
Останал сам слонот Џон.

В џунглата пак сонце грее
додека еден слон
(секако слонот Џон)
низ сурла солзи лее
по својот пријател  Кон.
И носи в срце бол
и закана една лута
за секој гепард зол
и чува далечен сон:
- Збогум,  мој изгубен Кон!


                       
Изработки на ученици
       Шестоодделенците од ООУ „ Страшо Пинџур“, Вевчани, вредно работеа на наставното средство за делото „Црни и жолти“.