6. 11. 2013.

Расказ


                      


                                                       Прошетка
        Еден есенски ден со другарите решивме да се искачиме до врвот на блиската планина.Тргнавме по тесната патека. Отпрвин лево и десно се гледаа убаво обработените ниви, но наскоро патчето нè завлече меѓу две планински ливади насадени со овошни дрвја. Потаму здогледавме колиба, пред која седеше еден дедо.
        Добре дојдовте!    нè поздрави. ─ Повелете седнете на трупчињава! Тоа се столчиња за гости.
   Седнавме. Некое време го гледавме старецот како плете кошница со лескови прачки и повит.
        Сами ли живеете тука?   го прашав.
        Не сум сам. Со мене се кравата, магарето, козата, прасето и кокошките. А, околу нас се и дивите животни.
        Зарем има и диви животни?  се зачудив.   Ниедно не видовме.
        Ене, едно на гранките од оревон   покажа старецот со раката.
     Ги кренавме главите и здогледавме малечко рунтаво животинче со голема опашка. И тоа нè гледаше нас. Еден од другарите забележа:
        Ушите му се исправени, влакнести.
         Како се вика?  прашав.
        Катеричка. Гледајте, како се катери.
         Не е катеричка, туку верверичка, и пентеричка, оревокршачка, скокалка  се насмеа старецот.  Се вервери, пентери, крши ореви, скока по цел ден.
  Верверичката почна да скока од гранка на гранка.
        Собира храна. И јас есено време собирам плодови во шумата: ореви, лешници, костени. Од сите животни во шумава, верверичкава е најработна. Го гледате ли оној шуплив даб? Дупката е нејзин дом. Полна е со храна. Но верверичката не собира само храна, таа сади и дрвја. Сум ја гледал како зема орев, го носи на ширинката, со ноктите копа дупка, го става оревот во дупката и ја запретува со земја. Гледате ли колку лески, ореви и костени ги обрабуваат ливадиве? Сите ги посадила таа. Оттаму јас сечам прачки за плетење кошници и фиданки што ги пресадувам во ливадиве.
       Го слушавме старецот и ја гледавме верверичката. Скина еден орев и се изгуби меѓу лисјата на дрвото. Старецот стана и нè послужи со ореви.
         Наполнете си ги џебовите со ореви.
  Не чекавме да ни рече двапати. Си ги наполнивме џебовите и се вративме дома. Искачувањето до врвот на планината го оставивме за другпат.
                                                                                            Илија Китановски

Нема коментара:

Постави коментар