Страници

▼

6. 11. 2013.

Расказ


                      


                                                       Прошетка
        Еден есенски ден со другарите решивме да се искачиме до врвот на блиската планина.Тргнавме по тесната патека. Отпрвин лево и десно се гледаа убаво обработените ниви, но наскоро патчето нè завлече меѓу две планински ливади насадени со овошни дрвја. Потаму здогледавме колиба, пред која седеше еден дедо.
      ─  Добре дојдовте!  ─  нè поздрави. ─ Повелете седнете на трупчињава! Тоа се столчиња за гости.
   Седнавме. Некое време го гледавме старецот како плете кошница со лескови прачки и повит.
      ─  Сами ли живеете тука? ─  го прашав.
      ─  Не сум сам. Со мене се кравата, магарето, козата, прасето и кокошките. А, околу нас се и дивите животни.
       ─ Зарем има и диви животни? ─ се зачудив. ─  Ниедно не видовме.
       ─ Ене, едно на гранките од оревон ─  покажа старецот со раката.
     Ги кренавме главите и здогледавме малечко рунтаво животинче со голема опашка. И тоа нè гледаше нас. Еден од другарите забележа:
       ─ Ушите му се исправени, влакнести.
       ─  Како се вика? ─ прашав.
       ─ Катеричка. Гледајте, како се катери.
       ─  Не е катеричка, туку верверичка, и пентеричка, оревокршачка, скокалка ─ се насмеа старецот. ─ Се вервери, пентери, крши ореви, скока по цел ден.
  Верверичката почна да скока од гранка на гранка.
       ─ Собира храна. И јас есено време собирам плодови во шумата: ореви, лешници, костени. Од сите животни во шумава, верверичкава е најработна. Го гледате ли оној шуплив даб? Дупката е нејзин дом. Полна е со храна. Но верверичката не собира само храна, таа сади и дрвја. Сум ја гледал како зема орев, го носи на ширинката, со ноктите копа дупка, го става оревот во дупката и ја запретува со земја. Гледате ли колку лески, ореви и костени ги обрабуваат ливадиве? Сите ги посадила таа. Оттаму јас сечам прачки за плетење кошници и фиданки што ги пресадувам во ливадиве.
       Го слушавме старецот и ја гледавме верверичката. Скина еден орев и се изгуби меѓу лисјата на дрвото. Старецот стана и нè послужи со ореви.
       ─  Наполнете си ги џебовите со ореви.
  Не чекавме да ни рече двапати. Си ги наполнивме џебовите и се вративме дома. Искачувањето до врвот на планината го оставивме за другпат.
                                                                                            Илија Китановски

Нема коментара:

Постави коментар