Приказивање постова са ознаком народни приказни. Прикажи све постове
Приказивање постова са ознаком народни приказни. Прикажи све постове

13. 12. 2012.

Македонски народни приказни — Трајче наш си дојде

Драматизација на приказната „Трајче наш си дојде“

(Еден селски терзија си одел да шие алишта по селата. Секогаш убаво облечен, со ножиците и метрото во појас, стапчето во рака како вистински господин. Еден ден, поминал покрај некој овчар и го чул како коментира.)
Овчарот: Их, да сум и јас, еден терзија уште понаголемо би одел од него!
Терзијата: Сакаш да бидеш терзија, бре брате?
Овчарот: Сакам, ама кој ќе ми ги пасе овците?
Терзијата: Ајде, јас ќе ти ги пасам овците. На ти ги ножициве, метрово и стапчево и оди во, ене, она село, прашај за бегот кај седи, па ќе ти го покажат конакот негов. Тој има алишта за шиење, а ти кажи му дека си мој калфа.
Ајде, одмени ме некој ден, да се раатисам, лебаа ти, зашто ми се здодеало клапајќи како некој пес по селава.
Овчарот: Да си жив брате! Ме спаси од овциве! (ги зел ножиците, метрото и стапчето и тргнал кон селото)
Ја нашол куќата и тропнал на вратата.
Бегот: Што си дошол, бре, синко?
Овчарот: Еј, дојдов да ти шијам алишта, бегу. Мајсторот ме прати. Јас сум калфа негов, ама поарно од него знам да шијам.
Бегот: Добро, бре синко, добро, таков ми треба мене.
(оди во друга соба по  еден топ чоја)
Овчарот без да го праша бегот што сака да му сошие, почнува да мери на чојата и сече неколку парчиња, а потоа дури го прашува)
Овчарот: Што сакаш бегу, да ти сошијам, најнапред?
Бегот: Соши ми, бре синко, една долама со срмени гајтани и едни чакшири, пак после да видиме.
(Овчарот фати да ја сече чојата. Ја исече целата чоја.)
Бегот: Море што правиш, бре синко, ти ја исече сета чоа!
Овчарот: Нешто друго ми текна бегу: ќе ти сошијам една наметка за дожд. Кога ќе одиш во војска, да се загрнуваш на коњ кога ќе врне; пак ич да не сакаш да знаеш од дожд, како некој овчар!
Бегот: Еј, добро, бре синко, добро, и тоа ми треба.
(Сече овчарот, сече ја исече чојата на уште помали парчиња)
Бегот: А, бре што правиш така, ти ја исече сета чоа и галиба ништо не ќе направиш?
Овчарот: Не, ага, нешто друго ми текна: ќе ти направам едно тагарче или една чанта за леб носење, кога ќе одиш во војска, да си носиш.
Бегот: А, бре пезевенк, тоа чојата не е кожа од јаре, та да ми правиш тагарче ели чанта, ти ја запусти сета чоа!
Овчарот: Чекај, ага, чекај, нешто друго ми текна да ти направам: ќе ти направам еден лажичник со рески и со киски како овчарите што си прават за лажици носење.
(Бегот, налутен бидејќи целиот топ со чоја е уништен и исечен на парчиња, му скокна на овчарот со едно дрво и почна да го тепа)
Бегот: Чекај, анасана пезевенк, мајсторот не те научил како се крои и шие!
(продолжува да го тепа и тера надвор од куќата)
         (Од Македонски народни приказни - Марко Цепенков)

Секој со својот занает
           

7. 12. 2012.

Македонски народни приказни - „Момчето што сакаше да учи женски ѓаолштиње“

Драматизација на приказната „Момчето што сакаше да учи женски ѓаолштиње"

Момчето: Уште малку треба да се женам. Ја чекај да напраам еден тефтер и да испишам женските ѓаолштиње, тики кога ќе се оженам да не можит мојата жена да ме излажит.
(Купил тефтер, шетал по селата и пишувал женски ѓаолштиње. По три години стигнал во едно село кај еден домаќин)
Момчето: Добар ден, домаќине!
Домаќинот: Добар ден, момче, повели влези! Од кај идиш момче и 
кај одиш?
 Момчето: Јас, чорбаџи, шетам по виљаетите, еве токму три години време за да запишам од сите жени ѓаолштињето што и лажат мажите и еве овој тефтер сиот сум ти го исписал, открај-докрај, само неколку ливчиња ми останаа, колку да и пишам од вашите жени и прао дома ќе си одам, та ќе се женам после; да ако можит нека ми мрдни жената ми пред мене и да ме излажит.
(Слушнала снаата и решила да го надмудри. Вечерта го ставиле во една одаја и таа му донела мезе круши со ракија. Почнала да му зборува и му подала чаша ракија. Тој случајно ја пофатил за раката и таа писнала.)
Снаата: Чија жена ваќаш, ти, бре никаквику!? Ако ти ги викнам сега мажите?
(Силно писнала и викнала и мажите дотрчале).
Домаќинот: Што викаш, мори невесто, што ал имаш, кажи ни да
чуеме?
(Момчето многу се исплашило)
Снаата: Море како да не викам, бре мажи, кога момчево ќе се удаеше со една круша што му се запре в грло. Дууу, боже, боже, за греои, сирото момче, кога исврли очи море домаќине, како од некој варен зајак. Шуќур, шуќур море мажи, оти не се стори некоја грешка во куќава, тики после ќе бевме за резил во селово, ќе речеа оти ние го умревме.
Мажот: Добро, што така се завршило море момче, тики кај ќе ни беше крајот. Ајде невесто ,стави му на гостинов да вечера!
Снаата:Е, момченце, оваа ѓаолштина те бендиса, али не те бендиса? Отвори тефтеро и пиши ја, да ако сакаш поседи некој ден у нас да те научам уште многу женски ѓаолштиње што ти ни на сонот не е возможно да ги допишиш, туку ако ме слушаш мене, исврли го тефтерот и не денгуби си, не лапај муи, да ми простиш што ќе ти речам, појди си дома и терај си ја работата, ожени се, како сиот век што праат. Ако имаш некој к’смет да погодиш некоја невеста по за Бога, ќе си поминеш раат, а ако налепиш на некоја ѓаолеста, тешко ти тебе, ќе тргаш ѓемија по суво.
Момчето:Право велиш, невесто, да одам, да си најдам, вредна и добра жена, тефтер не ми треба, жена не може да се надитри.
(Го вади тефтерот и го кине, заминува)
            (Од Македонски народни приказни, Марко Цепенков)

Ха, ха ...жени!!