29. 9. 2015.

Крале Марко во народното творештво

           
            Крале Марко е најголемиот јунак во народното творештво на Јужните Словени: за него, постојат голем број легенди и преданија, а тој е и најопеаниот јунак во народната епска поезија. Притоа, во народните песни, Крале Марко е опишан како јунак  со необични особини и со огромна, неверојатна сила, која ја стекнал уште од раѓањето. 

Марко купува сабја
Личба личат три млади телали;
личба личат низ виша Стамбола;
продаваат една остра сабја.
Скапа цена за сабја сакаат, 
ми сакаат девет стотин дукати
за телали уште деведесет.
Ми дочула Ѓурѓа самовила
и си зела сурега елена
си го зела за коња брзега
узенгии до две лути змии
жолта смока за камџија.
Негде-годе елен удираше,
три саати пред ветар бегаше,
тук да втаса во града Прилепа.
Да му каже Марку Кралевиќе.
Станал Марко на нозе јуначки
и си земал своја брза коња
и си земал жолтите дукати
си ја зеде Ѓурѓа самовила.
Дури ми се зора обзорила
ми дојдоа во града Стамбола,
ми купија таа остра сабја
што се дипли дванаесет дипли,
што се носи во бела пазува,
што ми сече дрво и камења.
И за ручек назад се вратиле,
вратиле се во града Прилепа.
Уште толку крчма ми испиле
пријатели, верни побратими.


Силата на Крале Марко
Шедба шетат Марко Прилепчанец,
шедба шетат замја по краина.
Ми пријавнал коња шаренаго;
дебелаго коња, кршигоро!

Ми наложил самура калпака,
на калпака до три огледала,
а под ними перја паунови;

Ми засукал мрка мустакина
-еден мустак до три руна црни;
ми намуртил очи соколови
и над ними вежди пијавици,
како црни крилја ластовички.
Ми опашал сабја дипленица,
што се диплит дванаесет пати,
што се носит коњу во гривата,
и ми сечит дрвја и камење.
А на седло богме ми приврзал,
што приврзал тешко боздугана,
што е тешка шестотини ока;
в рака држи оно бојно копје,
ко јасика тенко извишено;
се наметнал с гуња кабаница
ми црнеет како темен облак!
Си разиграл коња пеливана; 
се затресла кутра црна земја.

26. 3. 2015.

Најубавите митови-Густав Шваб

   „ Кога почнувате да читате еден мит, најважно е да почнете со мислата дека се соочувате со приказна во која настаните се измислени и во која ликовите можеби имаат необични, непознати имиња, но тие секогаш прават нешто и имаат својства кои јасно и лесно ќе можете да ги разберете.“ 
                               - Јадранка Владова                  

                        Дедал и Икар
                             (извадок)
      И Дедал од Атина бил од Ерехтеевиот род, син на Метион, правнук на Ерехтеј. Тој бил најголем уметник на своето време, градител, скулптор и каменорезец. Во најразлични краишта на светот луѓето им се восхитувале на делата од неговата уметност, а за неговите скулптури се зборувало дека се живи, дека одат и гледаат, така што не треба да се сметаат за мртви ликови, туку за живи суштества. Зашто, додека на  скулптурите од поранешните уметници очите им биле затворени, а рацете обвиснати крај телото, сосем залепени за него, на своите кипови Дедал прв им дал очи и ги покажал со испружени раце и со зачекорени нозе.
     Арно ама, колку што Дедал бил голем уметник, толку бил суетен и љубоморно си ја чувал својата уметност. овој недостаток го навел на злосторство и го натерал на неволја. Имал  внук по име Тал, кого го упатувал во своите вештини, а кој покажувал уште поубави способности од својот вујко и учител.
   ........
     Дедал почнал да се плаши дека името на ученикот ќе стане поголемо од учителовото, го надвила зависта, и тој подмолно го свечкал момчето стрмоглавувајќи го од атинската тврдина. Додека Дедал го вршел закопот, луѓето го фатиле на дело, ама тој изјавил дека закопува змија.Меѓутоа сепак го обвиниле пред судот во Ареопаг за убивство и го прогласиле за виновен. Побегнал и нашол прибежиште на островот Крит. Кралот Миној го ангажирал да изгради живеалиште за чудовиштето Минотавр, кое од главата до рамениците имало форма на бик, а надолу било како човек.
    Дедал изградил лавиринт од кој и самиот тешко го нашол излезот.
Дедал не можел долго да издржи во  прогонство и се обидувал да најде начин како да избега од Крит.
     .......
     Речено-сторено. Со својот пронаоѓачки дух, Дедал ја победил природата. Почнал да ниже птичји пердуви со различна големина, почнувајќи со најмалото перо и на покусото секогаш надоврзувајќи подолго, така што изгледало дека пердувите сами од себе израснале скалесто. Пердувите во средината ги врзал со ленен конец, а оздола ги залепил со восок. Така наредени и споени, одвај забележливо ги свиткал во лак, така што биле исти како птичји крила.
    Дедал имал син кој се викал Икар. Тој направил помали крила и за него и го подучувал да лета.
.........
     - Мило синче, - му рекол татко му - секогаш летај на средна височина, зашто ако се спуштиш премногу ниско крилата ќе ти ја допрат морската вода, ќе впијат влага и ќе те повлечат во длабочината на брановите; ако, пак, се искачиш превисоко во воздушните предели, прдувите ќе ти дојдат премногу блиску до сончевите зраци и наеднаш ќе се стопат. Летај меѓу водата и сонцето, следејќи ја само мојата патека во воздухот.
      Со овие зборови, Дедал му ги прицврстил на рамениците крилата и на сина си, но притоа треперела татковата рака и една мачна солза му капнала на дланката. Тогаш го прегрнал детето и силно го бакнал, сетики за последен пат.
    .......
Детето Икар, станувајќи смело поради среќниот лет, ја напуштило татковата патека и храбро палавејќи се, со своите крила тргнало во височините. И предвидената казна не изостанала. Близината  на сонцето и неговите претопли зраци, го омекнале восокот што ги врзувал пердувите, и крилата му се распаднале и му се слизнале од обете страни на рамениците и пред да забележи Икар. Несреќното дете сѐ уште веслало и мавтало со голите раце, но веќе не можело да зафати воздух и одненадеж се сурнало прудолу. На усните му било татковото име викајќи го на помош, но сините морски далги го голтнале уште пред да го изговори. Сето тоа се случило толку брзо што Дедал, свртувајќи се накај сина си, како што тоа го правел секој миг, веќе не можел да му ја види трагата.

         
Изработки на ученици-презентации