1. 2. 2026.

Исказни зависносложени реченици

 💬Во исказните реченици зависната дел-реченица претставува еден вид дополнување на содржината што се изнесува во главната дел-реченица.

Дополнувањето, најчесто, се однесува на прирокот од главната, но може и на некој друг член од неа.

1. Ме информираа дека сум ја освоил првата награда на натпреварот. ( се однесува на прирокот од главната реченица)

2. Ја примив информацијата дека сум ја освоил првата награда на натпреварот. (се однесува на именката, која овде е директен предмет)

3. Ми се јави наставничката известувајќи ме дека сум ја освоил првата награда на натпреварот. (се однесува на глаголскиот прилог) 

 👉Главни сврзници во исказните реченици се: дека, оти, како, што и да.

Како сврзувачки средства во исказните реченици се јавуваат прашалната честичка дали и прашалните заменски зборови: што, кој, чиј, каде, кога, колку, зошто и сл. Тие се јавуваат со глаголи како знае, чуе, разбере, праша. Примери: Ме праша каде живеам. Не знам што да правам.

👉Исказните зависносложени реченици не се одделуваат со запирка. (ретко се јавуваат во инверзија, стилски се обележани, па може да има запирка меѓу нив) 

 Исказни зависносложени реченици - проф. Иванка Славковска

Исказни зависносложени реченици by Иванка Славковска 

 

        ВЕЖБА 1: Подвлечи ја исказната зависна дел-реченица

Во следните реченици подвлечи ја исказната зависна дел-реченица и заокружи го сврзникот.

  1. Знам дека утре ќе го повторуваме материјалот од првото тримесечје.

  2. Наставникот праша дали учениците ја разбрале лекцијата.

  3. Го гледав како внимателно ја решава задачата.

  4. Се израдував што сите дојдоа навреме.

  5. Разбрав оти задачата била потешка од очекуваното.

    ВЕЖБА 2: Дополнување со соодветен сврзник

    (дека, дали, како, што, оти)

    Пополнете на празните линии.

    1. Мислам _________ ќе успееш во намерата.
    2. Таа праша _________ ќе има домашна задача.
    3. Забележав _________ учениците внимателно слушаа.
    4. Се радувам _________ повторно ќе се видиме.
    5. Разбрав _________ времето ќе се влоши. 

        ВЕЖБА 3:  Одреди го сврзникот

Заокружи го сврзникот во речениците.

  1. Тој кажа дека ќе дојде подоцна.

  2. Никој не знаеше дали автобусот ќе задоцни.

  3. Сите видоа како заврши натпреварот.

    ВЕЖБА 4: Спојување

    Спој ги простите реченици во исказна зависносложена реченица користејќи соодветен сврзник.

    1. 1.Слушнав. / Тој ја зборува вистината.
    2. Таа праша. / Ќе оди ли на екскурзија.

    3. Забележав. / Децата тивко влегоа во училницата.

Нема коментара:

Постави коментар