9. 9. 2020.

Во чест на Македонија (по повод нејзината независност, 8.9.2020 година)

 


ТОЛКУВАЊЕ НА БОЛКАТА

од Бошко Смаќоски,  неговата најпозната поема посветена на Македонија и Македонците

I ДЕЛ

Да се биде Македонец -
најпрво е света работа,
а дури потоа проклетство и немир.
И не сме Македонци
затоа што зборуваме на македонски,
и не сме Македонци
затоа што пееме на македонски -
Македонци сме затоа
што тагуваме на македонски!

Едни си ја цртаат Македонија како девојка
во облека од мијачкион крај, од крај дивине води,
само што зад неа изнацртуваат едночудо животни,
од диви - подиви, од црни - поцрни!
Други си ја цртаат како вдовица, Егејка - вдовица,
со широк фустан до земја, до под земја,
а црн: никогаш умот ноќе на љубов да не ти помисли!
Трети си ја цртаат како ружа што си се зашетала
низ она поле широко, по она друмје бескрајно,
а сенката, темната сенка, и паѓа по са земја,
та пуста земја да не може да се види!

И, така, секој си ја црта Македонија како ум му сече,
како што ќе му потшепне срцето,
но тагата сите исто ѝ ја цртаат:
Очите различно ќе ѝ ги набојат, де сини, де зелени,
ама тагата секогаш иста: како Пелагонија ноќе;
образите различно ќе ѝ ги одредат, де румени, де без душа,
ама тагата секогаш иста: како Солун под снег;
ставата различно ќе ѝ ја предадат, де како чудо, де како зло,
ама тагата секогаш иста: како носење на мртов комита низ село!

Никогаш не ѝ се израдувавме на татковината,
со една рака ја оравме, со другата ја браневме,
и до ден-денес не знаеме
кое поле ѝ раѓа најкласната пченица,
ни кој присој ѝ носи најдрочно грозје,
ни во која ливада можеш оро да извиеш
а да не се сопнеш од гроб!

Но, прекрасно ми е што сум Македонец
и што сум жив нишан во светот:
куќата ја градам со живите,
со мртвите го одредувам дворот!
Подобро на мртвите да им се понудува живот,
отколку на живите да им се обезбедува смрт!
Оти само еднаш
татковината се освојува однадвор,
а потоа секогаш се освојува само одвнатре!

Што е праведен Ное меѓу луѓето -
тоа се Македонците меѓу народите!
Ускратено ни беше и пак велевме:
Голем е Господ!
Одземено ни беше и пак велевме:
Праведен е Господ!
Само надежта ни остана и пак велевме:
Непогрешлив е Господ!
Патот до небото го откупивме
со најмилите и најумните глави -
затоа нашите траги на земјата
не знаат да ги прочитаат оние
што се истакнале во уривање цркви и градење стражарници!

Преку жртви,
преку мртви,
преку страдни,
преку гладни,
преку здолни,
преку болни,
преку робје,
преку гробје,
преку молчеж,
преку толчеж -
преку сè од други презрено и просто -
дојдовме до својот бел и чесен опстој!

Имаше векови на црната боја
кога само Свети Климент Охридски
ги претставуваше и целиот македонски народ
и целата македонска земја -
и никој немаше дрскост да рече
дека сме малољуден народ и неважна земја!
Погрешно е да се мисли
дека сме биле под заштита на Небото -
ние секогаш, сме биле во служба на Небото!
Ете, затоа, и трагите на небото
ни се побројни и подлабоки од оние на земјата!

Ако другите народи можат да се пофалат
со војсководители,
нашиот народ може да се пофали -
со душоводители!
Не стекнавме знаења за тоа како се прават
неправедни држави и богати истории,
ниту како се пустошат туѓи градови и гробови -
затоа пак имаме недоброј молитвеници на Небо
кои испросија за овој намачен народ
рајските порти секогаш да бидат отворени!

Трештете тапани на срцата,
разлевај се музико на душите,
и денеска Македонија се мажи за Небото!
Бајраците на свадбата со голо око можат да се видат
дури од Ерусалим, Света Гора и Киев!
Ако престорувањето на водата во вино
беше чудо на свадбата во Кана Галилејска -
на свадбата во Македонија тоа е вистина:
до што е вода - претворена е вино
и до што е човек - претворен е во сад за виното!
Македонија е меѓа на Европа,
а црква на светот -
за да се исполни словото Господово:
Нема прв и последен!
И многу први - ќе бидат последни!
И многу последни - ќе бидат први!

И ние сведочиме за чесноста на мигот
во кој започна да се извршува
спогодбата со Небото!
Кое око да ја издржи глетката:
Македонија, до вчера, со врзани очи, раце и нозе,
да стои меѓу оние кои се повикани
да ја облагородат вечноста!
Воскресната Македонијо,
нека е благословено твоето вселување
во зборовите со кои мајките ги очовечуваат децата,
во лебот подаден на сиромашките и скитниците,
во зрното стасано за птиците небесни,
во мислите со кои мажот го брани семејството,
во молитвите на оние кои ја обработуваат земјата,
во душите кои и на омраза одговараат со љубов!

Од себе крадевме - светот го градевме!
Дури ни најблиската околина
не го удостојува со должна благодарност
тоа ретко човекољубие:
иако ни бил зборот единствено трло -
по зборот со камења ни фрлаат,
иако ни била песната единствена војна -
од книгите ни ја бришат,
иако ни била црквата единствена куќа -
темелите ѝ ги поткопуваат!

Преку драки,
преку маки,
преку крпеж,
преку трпеж,
преку ками,
преку амин,
преку брани,
преку рани -
преку сè од други презрено и гнасно
дојдовме до лице како сонце јасно!

Затоа, ве молам, размислувајте за Македонија
не според она со кое ве заразиле,
туку според она со кое ве лекувале:
имено, Македонија не е остаток од светот,
туку дел од светот во кој Свети Климент Охридски
е почеток на сите идни настани!

Ако на минатото не му обезбедиме иднина
и ако на иднината не ѝ обезбедиме минато -
ќе значи дека сме поминувале низ животот
како топлокрвни броеви,
како стадо сенки!
Најпосле,
Македонецот не бара да не биде вознемируван додека живее,
но барем да не биде вознемируван откако ќе умре!

Преку мртви,
преку жртви,
преку драки,
преку маки -
преку сè од други презрено и клето
дојдовме до име
пречесно и свето!

II ДЕЛ

Неплодна земја не раѓа,
а Македонија раѓаше: и бунџии, и ајдуци,
и комити, и партизани!
Од гнездо на црно пиле бело не се извело:
ни во сон не помислувајте дека Македонија
не е татковина на Слободата,
дека не е нива на љубовта,
дека не е поле на верата!

Замислете си ја,
о, само за миг замислете си ја
онаа недобројна војска македонска
која со Небото и за Небото
го брани македонскиот народ на земјата!
Крстот ѝ е главното оружје,
а љубовта – основна наредба!
Патот ѝ е Исус Христос,
патот ѝ е војна против сите војни:
мир на земјата и меѓу луѓето добра волја.

Најнапред е Свети Климент Охридски
кој прв на Небото отслужи
чесна Божја Литургија на македонски,
му отпеваше хорот составен
не само од сите тогашни,
туку и од сите идни Македонци!
И до него - Свети Наум Охридски
кој низ чуда и целебни дејствија
му приготви и му приготвува на Господа
народ чистоверен, народ верен, народ смерен!

До нив веднаш, јунаците,
војниците што ја одбраа тишината за оружје
против страсната врева на светот,
но не за да го презрат светот,
туку да го отрезнат:
Прохор Пчински, Јоаким Осоговски,
Јован Рилски и Гаврил Лесновски,
и стотици неименувани,
илјадници незабележани,
но пред Бога знајни, запишани
во книгата на вечниот живот!

А јунакот Свети Ѓорѓи Кратовски
е знаме за сите што веруваат
и опомена за сите што тргуваат
со она што е постаро и од нашите мајки,
и од нашата татковина, и од нашите сонови,
и од нашата заблуда дека сме сопственици
на светот што го гледаме и од тоа гледање ослепуваме!
Во огин го фрлија насилниците,
не знаејќи дека златото кога ќе помине низ огин
почисто станува!

Запомнете: Света Злата Мегленска!
Од магли, од мрак, од грешност
ја извади македонската жена
и ја благослови да го обновува светот и животот
со рожби за вечност, со народ за подвиг!

О, нови подвижници, о самопожртвувани,
о момчиња што се венчавте со Македонија
за да ѝ го заштитите минатото
за да ѝ ја обезбедите иднината!
О време удостоено со незаборав,
о голем настану чија девојчинска суштина
не ќе ја оспори ниедно подоцнежно
преименување на нештата!
О велико ослободување
па макар изведено и само како сон,
кога беше Македонија висока земја,
кога на секој рид ѝ блескотеше по еден Ерусалим,
кога во секоја рамнинка
ѝ се отвораше по еден Киев,
кога во секој човек му престојуваше по една Света Гора.
О одење во небо,
о преселување при кое не се заборави ни за миг
договорот со Бога!
Оние што се себеосудија
за навек да останат младинци на Македонија -
ни подготвија пат по кој се стигнува
до чесното право на народ,
до неразменливата широчина на татковината!

Спомни си ги Господи во царството Твое:
Гоце, Јане, Даме, Питу,
Ѓорче, Ѓорѓи, Димо, Петар,
Мишо, Никола, Лазар, Иљо,
Марко, Славко, Ордан,
Апостол, Милан, Мицо,
Методија, Христо...
И уште спомни ги Господи:
Страшо, Мирче, Цветан,
Кочо, Коле, Ганчо,
Антон, Никола, Мите,
и пак, Питу, и пак Ѓорѓи,
и пак Ордан, и пак Лазар,
Орце, Вера, Невена,
и пак Никола...

Спомни ги Господи сите оние
што си ја носеа главата во торба
за да ѝ е секогаш светло на Македонија,
и оние што не узнаа трепет на срцата
за да ја одржат Македонија чиста свршеница
за Небото и вечноста,
и оние што се запалуваа себе си
за да не остане никогаш без кандило
иконата на православна Македонија,
и оние што се заробуваа себе си
за да не може никој да покаже со прст
на слободата на татковината,
и оние што се вгардуваа себе си
во црквите и манастирите
за да не може никој подоцна
да ни го опорува наследството
и да ни го сомничи потеклото!

Македонија на Небо
расте со Македонија на земја
и Македонија на земја
се брани со Македонија на Небо!
Затоа, попусти се сите закани
и залудни се сите напади!
Македонскиот народ има две татковини:
во небесната - е пред Бога,
во земната - е со Бога!



НАШИНСКА

Да ни е да сме доста
колку да се разбистри небото
над Бистрине, Корабине –

Да ни е да сме доволно
колку за да се довардиме
покрај Вардарине и Струмине –

Да ни е да сме мерата
колку да се прелееме
од колено во колено до кај истрајвекот –

Малцичка сме ли ете па што
малцичка божем, а веќе со векови
по стопати по севезден нè пребројуваат

Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!
             - Гане Тодоровски

💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓💓


МАКЕДОНИЈА

Еве ја таа проста земја од дволичен камен
и сонце
децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи

По градините.
Еве ја таа змеја од пајажина и од води
Мудро слободата кај што ги запишува селските
имиња

Место икони по црквите
И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат.
Еве ја таа проста земја од заморено дишење
и од молк

Низ која времето одминува и пак се враќа
Со неа да го сподели лажното траење.
О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање
Што ги научи и ѕвездите да шепотат на
македонски

А никој не ја знае.

  -Анте Поповски

Нема коментара:

Постави коментар