3. 5. 2020.

Разделни независносложени реченици

1. Разделни реченици со сврзникот или употребен еднаш меѓу две дел-реченици
Со сврзникот или се воведува втора можност, алтернатива.
  • во двете дел-реченици се даваат дејства што не се исклучуваат
Пример: Прати ја  или дојди и ти со неа.
                Ти си прекрасна, те читам во секој стих или те слушам во секоја песна.
  • во двете дел-реченици се даваат дејства што се исклучуваат
Пример: Напиши порака или јави се на месинџер.
  • дејството во втората дел-реченица се јавува како последица.
Пример: Биди редовен на активностите или ќе ти ја намалам оценката!
  • сврзникот или го среќаваме во алтернативни прашања
Пример: Заедно сме или не сме?
                Ќе јадеш или нема да јадеш?

Правопис: Разделните реченици со или не се одделуваат со запирка.

2. Разделни реченици со повторени сврзници
  • Разделни реченици со: или 一 или; било 一 било; ја 一 ја (за дејство како втора можност).
Пример: Или нека дојдат, или ние не почнуваме.
                Било тие бегаат од училиште, било домашните ги задржуваат дома.
  • Разделни реченици со: де 一 де; ту  ту; час 一 час (наизменично вршење на дејства).
Пример: Неговата девојка де се караше, де се смируваше со него.  
                Ту го повикуваше кај него, ту го бркаше од себе.  
                Лицето час ѝ црвенееше, час ѝ бледнееше. 
  • Разделни реченици со: ем 一 ем; (карактеристичен за разговорниот стил)
Пример: Ем се подготвив добро, ем се збунив.  
  • Разделни реченици со: ни  ни; ниту 一 ниту (со одречно значење).
Пример: Ни трага му видовме ни глас му чувме. (Ж. Чинго)
                Тој мене ниту ме праша, ниту ме слуша. ( К. Чашуле)

                                           ВЕЖБИ

1. Дополни со сврзници за разделни реченици:
  • Внимателно слушај ______ напушти го часот. 
  • _______ врне ________ сонце грее. (со сврзници за одречно значење)
  • _________ ти дојди кај мене, __________ јас да дојдам кај тебе ( со сврзници за дејство како втора можност)
  • Мојата најмала сестра _____ плаче ______ се смее. (наизменично вршење на дејства)
2. Во врска со оваа слика состави три разделни независносложени реченици.


3. Дополни ги следниве реченици и состави разделни независносложени реченици.
  • Ем постојано доцниш________________________.
  • Ќе ве повикаат било да задоцните ________________________.
  • Де скокаше во водата, ______________________________. 
               Успешна работа!

Нема коментара:

Постави коментар