27. 6. 2012.

Морфологија-Именки

Дел од науката за јазикот што ги проучува формите на зборовите се вика морфологија.
Најмалата значенска единица од која се состои еден збор се вика морфема.
Некои зборови имаат една морфема,а некои имаат две или повеќе.
пр.ѕид,ѕид-от,ѕид-ови,ѕид-ови-те,ѕид-ар
Делот што се повторува во сите изведени зборови се вика општ дел(корен,коренска морфема),а другите делови се викаат додадена(афиксна)морфема.
Зборовни групи
Зборовите се групираат во зборовни групи според заеднички карактеристики.
Според морфолошката класификација зборовите се поделени на две групи:менливи и неменливи.
Менливи се:именки,придавки,броеви,заменки и глаголи.
Неменливи се:прилози,предлози,сврзници,честички,извици и модални зборови.
Именки
Именки се зборови со кои се означуваат суштества,предмети,појави и поими.
Поделба на именките:
Општи(клупа, птица, дете, облак, светлина) и сопствени именки(Билјана, Мелиса,Марјан, Вевчани, Македонија, Вардар)
Именувањето на суштествата, предметите и појавите со заеднички општи карактеристики се прави со општите именки.
-означуваат одделен вид предмети, суштества и појави (мачка, куче, стол, кревет, езеро);
-означуваат множество од еднородни предмети кои се целина(население, мебел, членство).Тие се во еднина, а означуваат множество.Тие се викаат збирни именки.
-материјални именки (вода, шеќер, волна,челик).
Именувањето на единечни предмети или суштества се прави со сопствените именки.
Сопствените именки се пишуваат со голема буква.
-имиња на луѓе(прекари,псевдоними)и животни: Евзија, Оливер, Алмина, Емилија, Џиџи, Шарко),
-географски имиња: Јабланица, Црн Дрим, Бистра, Караорман;
- празници:Бајрам, Божик;
- имиња на институции:Средно стручно училиште „Нико Нестор“ ;
-имиња на објекти:Слаткарница„Јагода“;
-имиња на уметнички дела, емисии, сисанија, весници и др. ,,Нова Македонија“, ,,Повик на дивината“ , ,,Тротоар“ и др.
Именките може да се поделат на апстрактни (не може да се допрат или видат, може да се почувствуваат) и конкретни(може да ги допреме).
-конкретни именки: човек, врата, галеб, книга и др.
-апстрактни именки:светлина, радост, среќа, тага, среда, лето, љубов и др.
                                                поделба
                    општи                 сопствени
            (чинија, девојка, љубов)           (Јасмин, Симе, Охрид)
  апстрактни        конкретни 
  (разум, моќ, жед)        (јаболко, славеј, момче)                                                                                                                                                
                              избројливи   неизбројливи
                              (брод, тетратка)         (стока, храна, жито)
                                                                збирни       материјални
                                                          ( свет, население)       (брашно, сребро, сол)
Граматички категории на именките
1.Род
Именките кои означуваат живо суштество имаат природен род кој се одредува според полот.
Граматички, именките имаат три рода:машки ,женски и среден.
Родот кај именките се определува во еднина.
Пр.куќа-куќи, заб-заби, езеро-езера
Именките од машки род што означуваат лица завршуваат на согласка (наставник, пејач),на
-а(судија), на -о (татко), на -е(вујче).
Лините имиња од машки род завршуваат на согласка (Ненад, Аднан), на -о (Марко), на -а (Евзија,Илија), на -е (Јане), на -и (Ѓорѓи).
Забелешка: Некои именки со граматички машки род се однесуваат и за лица од женски пол (возач, научник, ректор).
Именките од женски род завршуваат на -а (куќа, клупа, мачка, жена),на согласка (радост, младост)
Личните имиња завршуваат на -а (Весна, Селма, Мелиха),на -е (Маре, Наде), а некои имиња имаат и друг завршеток (Инес, Бети)
Забелешка:  индивидуа, личност, персона, странка се граматички од женски род, се однесуваат на лица од двата пола.
Извесен број именки покажуваат колебање во родот, т.е. може да бидат и од машки и од женски род.
Пр.Тој ја разгоре жарта во огнот.
      Во жарот на играта, заборави на времето.
Други именки со колебање во родот се: песок, пепел, вар, прав и др.
Именките од среден род завршуваат на -о (око, езеро), на -е (пиле, море), а се среќаваат и на други завршетоци.
2.Број
Именките имаат два броја: еднина (еден предмет, лице или појава)  и множина (повеќе од предметите, лицата или појавите).
Во еднина се употребуваат:
-сопствените именки (Јасмина, Струга, Јабланица);
-збирните именки (мебел, стока);
-материјалните именки (бакар, челик)
-апстрактни именки во основното значење (просвета).
Во сите набројани слуаи има одредени исклучоци.
Именки кои имаат само множинска форма, а се употребуваат и за еден, а и за повеќе предмети:
ножици, очила, панталони, фармерки, шалвари)
Видови множина
Именките имаат три вида множина: обична, изборајана и збирна.
Обичната  множина укажува дека станува збор за повеќе од еден предмет или лица што може да се бројат (писмо-писма,маса-маси)
Примери:
учител-учители, коњ-коњи, крава-крави, желка-желки, вест-вести,кочија-кочии, село-села,
број-броеви, крај-краеви, пиле-пилиња, време-времиња;;
дедо-дедовци, Китрозовци, човек-луѓе, рака-раце, нога-нозе, дете-деца;

Избројаната множина  укажува на два или повеќе предмети во определено, избројано количество (два/збора, неколку листа).
Оваа множина ја образуваат само именките од машки род кои во еднина завршуваат на согласка.
Примери:
два дена, неколку заба, три клуча.
Збирна множина нагласува на едно множество како целина, а не како на избројливи елементи.
лист-лисје/лисја, клас-класје/класја, ливада-ливаѓе, корен-корења/корење.

Определеност на именките
Една  од најпрепознатливите карактеристики на нашиот јазик е определеноста (членот).
Со определеноста поблиску изделуваме само еден член, претставник на определено множество истородни предмети, суштества или појави.
Со членот се врши и просторно определување:
Моливов(до мене ) го купив во книжарница.
Дај ми ја тетратката(таа што е до тебе).
Членски наставки(морфеми) се следните:
 
   -от,      -та,          -то;                      -те
   -ов,      -ва,          -во;                     -ве
  -он,       -на,         -но;                     -не


Наставките -от,-ов-он се додаваат на еднинските форми на именките од машки род што завршуваат на согласка (столот, столов, столон; човекот, човеков, човекон).
Наставките -та,-ва,-на се додаваат кај сите именки од женски род во еднина (клупата, клупава,клупана; жената, женава, женана); кај именките од машки род што завршуваат на -а во еднина (судијата, судијава, судијана);кај формите во множина на -а или -иња кај именки од среден род (селата, селава, селана); кај формите за збирна множина на -је и
-ишта (перјата, перјава, перјана)
Наставките -то,-во,-но се додаваат кај сите именки од среден род во еднина (езерото, езерово, езероно),кај именки од машки род во еднина на -о и -е (дедото, дедово, дедоно), кај формите за збирна множина н а-је(нивјето, нивјево, нивјено), кај множинската форма луѓе (луѓето, луѓево, луѓено).
Наставките -те,-ве,-не, ги добиваат сите именки кои образуваат множина со -и и -ови/-еви
(столовите, столовиве, столовине) и множинките форми раце, нозе (рацете, рацеве, рацене;
нозете,нозеве,нозене).
Личните имиња не се членуваат (мал исклучок ако покажуваш некој посебен близок однос со нив- Емчето).
Некои географски имиња се членуваат (Балканот), а некои не (Мариово).
Примери за членување:
моливот, моливов, моливон; моливите, молививе, моливине;
коњот, коњов, коњон; коњите, коњиве, коњине;
јагодата, јагодава, јагодана; јагодите, јагодиве, јагодине;
пчелата,пчелава,пчелана;пчелите,пчеливе,пчелине;
окото, оково, оконо; очите, очиве, очине;
мечето, мечево, мечено; мечињата, мечињава, мечињана.







👇 Решете ја и следнава вежба👇

20. 6. 2012.

Акцент

Нагласувањето на определен слог во зборот се вика акцент (од лат.збор accentus-,,потпевнување“)
Нагласувањето на слогот  се прави со помош на силата на воздушната струја, висината на тонот и квалитетот на гласот. Акцентот ги изделува самогласките како гласови со најголема звучност и како основа на слогот.
Aкцентот во македонскиот стандарден јазик е динамичен (го одликува силината на гласовниот удар врз слогот), определен(на третиот слог од крајот на зборот).
Акцентирање на трисложни и повеќесложни зборови:
водéница, нéвеста
Забелешка:Акцентот се обележува со надреден знак над самогласката свртен надесно( / ).
Акцентот кај самогласката и е обележан со ( 'и)

Акцентирање на двосложни зборови:
тáтко, клýпа
Акцентирање на едносложни зборови:
стóл, нóс
Кога се зголемуваат слоговите кај еден ист збор, акцентот се префрла на третиот слог од крајот на зборот.
Пр.ýченик-учéникот
Во македонскиот јазик има и зборови што немаат сопствен акцент, тн.клитики.
Тоа се:предлозите, сврзниците, кратките форми од личните заменки и кратката форма од повратната заменка, честичките, некои извици и др.
Акцентот на сложените зборови
Сложенките добиваат акцент на третиот слог од крајот на зборот со исклучок на одредени случаи.
-сложенки со акцент на третиот слог, на пр.:лекόмислен, сόнчоглед.
-сложени бројни именки што завршуваат на -мина:десéтмина, стόмина.
-сложенки-прилози:прéтпладне, двόкратно.
сложени состави од заменски зборови:кόј-годе, каквό-годе.
-броеви со значење на приближна бројност се еден вид сложени зборови, главно се акцентираат на третиот слог од крајот на зборот:пет-шеснáесет, седýм-осум.
-сложенки со две заповедни форми:тур'ипечи, молч'итолчи.
Исклучоци:
-сложенки со акцент на вториот слог од крајот на зборот:југозáпад, северои`сток.
-сложенки со акцент на секој составен дел:áнглиско-макéдонски.
Отстапувања од третосложното акцентирање
Отстапувања од третосложното акцентирање имаме кај:
-глаголскиот прилог:одéјќи, свирéјќи,гледáјќи.
-прилозите за време:годинáва,летόво.
-деминутивните прилошки образувања:малкýнѕа,толкýнѕа.
Акцентот на туѓите зборови
Туѓите зборови кои навлегле во нашиот јазик, различно се однесуваат во однос на акцентот.Некои го примиле третосложниот акцент,некои го задржале своето акцентирање,а некои се акцентираат двојно(со наш и со нивни акцент).
Се изделуваат туѓи зборови со акцент на:
-првиот слог од крајот на зборот;
-вториот слог од крајот на зборот;
-третиот слог од крајот на зборот.
Примери:
На првиот слог од крајот на зборот се акцентираат зборовите што завршуваат на -е,-о,-у,или -и:
аташé, депό, платó, реномé, сижé и др.
На првиот слог од крајот на зборот се акцентираат и туѓи зборови што завршуваат на согласка:
апарáт, жетόн, афинитéт и др.
Зборовите: кόрзо, пáлто и др. го прифатиле нашиот акцент.
На вториот слог од крајот на зборот се акцентираат следниве зборови:
-архитектýра, литератýра, култýра(-ура);
-операт'ивец, конзеват'ивец(-ивец);
-генијáлец(-алец);
-материјали`зам, саркáзам -изам/-азам);
-антéна, мембрáна, пиéса и др.
-национáлен,комерцијáлен, експанз'ивен, организ'иран, грандиόзен, конкурéнтен и др.
-демонстр'ира, манифест'ира, комуниц'ира и др.
На третиот слог од крајот на зборот се акцентираат туѓи зборови што завршуваат на: -ија,-ика,
-иум,-ичар.
Пр.алéргија, лингв'истика, кáлиум, истόричар, наýтичар и др.
Но и:д'ијалог, мόнолог, м'икроскоп, рéума, и др.
Акцентски целости
Два или повеќе збора под заеднички акцент претставуваат акцентска целост.
Акцентот паѓа на третиот слог од крајот на групата зборови.Кај некои може да биде и на вториот слог од крајот на целоста.
Акцентската целост е составена од :
1.Два збора со сопствен акцент, кои во акцентската целост претставуваат еден поим:
киселό ◡ млеко
2.збор кој има сопствен акцент и клитика:братýчед ◡ми.





18. 6. 2012.

Фонетика -Гласовни промени

1.Редување(замена на еден глас со друг во рамките на формите на некои зборови или на изведувањата од нив)
Пр.рака,раче,раченце;
      роди-раѓа(о-а)
      белег-белези(г-з)
      истекува-истече
      јунак-јунаци-јуначе
      цвет-цвеќе
      брат-браќа
2.Испуштање на гласовите(во некои случаи гласовите не се заменуваат ,туку се испуштаат)
Пр.петел-петли;(во множинската форма испуштено е)
      добар-добри;
      лисје од листје;
      грозје од гроздје;
      котел-котли;
      старец-старци.
За едначењето по звучност и обезвучувањето на звучните согласки на крајот од зборот прочитајте на страницата  Јазик

 

14. 6. 2012.

Поучни приказни

Неколку поучни приказни што ни ги испрати ученичката Мелиха Лутишоска(преземени од ФБ)

Си живеел еднаш, многу одамна, еден брачен пар кој имал дванаесетгодишен син и едно магаре.
Еден ден, мажот и жената решиле малку да патуваат, да работат и така да го запознаат свето, па тргнале на пат. Кога дошле во првото село, селаните почнале да зборуваат:
- Видете го ова невоспитано момче. Тоа го јавнало магарето а неговите сироти родители одат пеш.
Жената кога слушнала што зборуваат луѓето му рекла на мажот:
- Не смееме да дозволиме луѓето толку лошо да зборуваат за нашиот син.
Мажот ја послушал жена му, го симнал детето и самиот го јавнал магарето. Кога стигнале во другото село, луѓето мрмореле:
- Како не му е срам на овој човек кога дозволува жена му и детето да го водат магарето, а тој да седи качен на него.
Видел невидел човекот, одлучил жена му да го јава магарето, а тој и син му да го водат за оглав.Така и стигнале во третото село каде луѓето повторно почнале да коментираат:
- Сирот човек! Цел ден работел, а жена му седнала на магарето. И сирото дете! Којзнае што го чека со таква мајка. Кога ги чуле коментарите на селаните, мажот и жената решиле сите тројца да се качат на магарето и така да го продолжат патот.
Кога стигнале во следното село ги чуле мештаните како коментираат дека на сиротото магаре ќе му пукне кичмата од преголема тежина. Засрамени од коментарите на мештаните, сите тројца се симнале од магарето и одлучиле да пешачат покрај него. Кога проаѓале низ следното село, не можеле да им поверуваат на коментарите на мештаните кои им се смееле:
- Погледнете ги само овие три будали… одат пешки, а имаат магаре кое би можело да ги носи.
... НИКОГАШ нема да можете да ги задоволите сите, ниту пак сите подеднакво ќе ве ОБВИНУВААТ... Секогаш ќе има ЗАДОВОЛНИ и НЕЗАДОВОЛНИ... ТАКА БИЛО, ТАКА Е и ТАКА ЌЕ БИДЕ... - ЗАТОА НЕ СЕ ГРИЖЕТЕ МНОГУ НА ЗБОРОВИТЕ НА ОСТАНАТИТЕ СЕ` ДОДЕКА СОВЕСТА ВИ Е ЧИСТА !!!





5 МИНУТИ
Беше топол и убав сончев ден. Во паркот на една клупа седеше еден човек кој ја набљудуваше неговата ќеркичка додека го возеше велосипедот. На клупата до него седна една жена која покажувајќи му со прстот му рече:
- Она е мојот син, покажувајќи на малото момче во црвен џемпер, кое се лизгаше на лизгалката.
- Убаво момче, одговори човекот. Она онаму во белиот фустан е мојата ќерка.
По неколку минути погледна во својот часовник и повика кон девојчето:
- Ајде, што велиш да одиме?
Девојчето одговори:
- Уште 5 минути тато, те молам?
Таткото климна со главата и таа продолжи да го вози велосипедот на нејзино големо задоволство. Времето минуваше и таткото стана и повторно ја повика:
- Време е да одиме моја принцезо?
Девојчето повторно му одговори:
- Само уште 5 минути тато, само уште 5 минути.
Таткото се насмевна и рече:
- Во ред.
Жената погледнувајќи кон него му рече:
- Вие сте многу трпелив човек.
Човекот се насмевна со тага во очите и одговори:
- Нејзиниот постар брат загина во сообраќајка од пијан возач минатата година, возејќи се со велосипед недалеку од овде. Никогаш не поминував многу време со него и сега би дал се, за само 5 минути да можеме да бидеме заедно. Се заколнав дека нема да ја повторам истата грешка и со неговата сестра. Таа мисли дека има уште 5 минути да го вози велосиедот, но всушност јас имам уште 5 минути за да ја гледам како си игра.
Затоа искористете ја секоја минута од вашиот живот. Кажете го она што сакате да го кажете, направете го тоа што мислите да го направите, не губете го времето чекајќи да се случат оние работи кои мислите дека ќе се случат самите од себе, туку почнете да ги реализирате тие работи, бидејќи еден е животот и жално е дел од вашиот живот да го поминете во чекање.





Богатство, успех и љубов
Еднаш, една жена ги полеваше цвеќињата во градината, кога виде тројца старци пред градината. Не ги познаваше, но им рече:
- „Мислам дека не ве познавам, но ми се чини дека сте гладни. Повелете внатре ќе ви подготвам нешто да каснете.
“ Старците прашаа:
- „Дали е дома маж ти?“ „Не“ - одговори жената.
- „Тогаш мора да си одиме“ - ѝ рекоа.
Вечерта, кога мажот ѝ се врати дома, жената му раскажа што ѝ се случи.
- „Сега можеш да им кажеш дека сум се вратил и покани ги внатре“ - рече мажот.
Жената замина да ги повика старците на вечера.
- „За жал, не можеме сите да го прифатиме вашата љубезна покана“ - ѝ рекоа старците.
- „Зошто не?“ - запраша изненадено жената. Еден од старците покажа со прстот:
- „Неговото име е БОГАТСТВО.“
Потоа покажа на другиот:
- „Неговото име е УСПЕХ.“
- „Моето име е ЉУБОВ.“
- „Сега појди кај мажот ти и заедно одлучете кого од нас тројца ќе повикате внатре.“
Жената се врати во куќата и му раскажа на мажот што ѝ се случи. Мажот пресреќен рече:
- „Супер! повикај го БОГАТСТВО да ја наполни куќата со сѐ и сешто.“
Жената пак не беше задоволна со неговиот предлог:
- „Зошто да не го повикаме УСПЕХ?“
Разговорот меѓу нив го слушаше нивната ќерка и, полна со воодушевување, рече:
- „Зар не би било најдобро да биде повикан ЉУБОВ? Нашиот дом би бил исполнет со љубов!“
Родителите го послушаа советот од нивната ќерка.
- „Појди и замоли го ЉУБОВ да биде наш гостин“ - ѝ рече мажот на жената.
- „Кој е од вас ЉУБОВ? Ве молам нека тој биде наш гостин.“
ЉУБОВ седеше мирно во својата инвалидска количка и жената го однесе во својот дом. Другите двајца старци тргнаа по нив. Зачудената жена запраша зошто сега идат и БОГАТСТВО и УСПЕХ, кога таа го повика само ЉУБОВ? Старците во еден глас одговорија:
- „Да ги повикаше БОГАТСТВО или УСПЕХ, другите двајца ќе заминеа. Но, ти го повика ЉУБОВ.
Каде оди ЉУБОВТА ние ја следиме насекаде.“
Поука:Таму каде има љубов, таму секогаш доаѓаат богатството и успехот.





Ризик
Во плодната почва биле засадени ДВЕ СЕМИЊА едно до друго.
Првото СЕМЕ рекло:
- САКАМ ДА РАСТАМ! Сакам да ги пуштам корените длабоко во почвата под мене и да пуштам ливчиња преку земјината кора и надвор. Сакам да ги развијам нежните пупки како знаменца, за да го најавам доаѓањето на пролетта. Сакам да ја почувствувам топлината на сонцето врз лицето и благодетта на утринската роса врз моите венчени ливчиња. И ТАКА ТОА ПОРАСНАЛО.
Другото СЕМЕ рекло:
- СЕ ПЛАШАМ. Ако ги пуштам корените надолу во земјата, со што ли се ќе се сретнам во мракот. Ако си направам пат нагоре, преку тврдата почва над мене, можам да си ги нахранам ливчињата. Но, што ќе се случи, ако ги отворам пупките и некој инсект се обиде да ми ги изеде? А кога ќе ги отворам цветовите, што ако некое мало дете ме откорне од земјата? Не, многу подобро е да почекам, додека не стане посигурно. И ТАКА ТОА ПОЧЕКАЛО ДА ВИДИ ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ.
Но случајно една кокошка, која си буричкала низ ровката почва барајќи храна, го нашла СЕМЕНЦЕТО, кое чекало да види што ќе се случи, но за жал бргу било ПРОГОЛТАНО од кокошката.
ПОУКА: ОНИЕ ОД НАС КОИ НЕ СЕ ОСМЕЛУВААТ ДА РИЗИКУВААТ И ДА РАСТАТ ВО ЖИВОТОТ, И ЧЕКААТ ШТО ЌЕ ИМ ДОНЕСЕ ИСТИОТ, СЕ ПРОГОЛТАНИ ОД ЖИВОТОТ!
Затоа ризикувајте, истражувајте, и почуствувајте ја топлината и радоста на животот.





Најубавата ружа
Еднаш, во едно време, во една земја, живееше прекрасната ќерка на големиот владетел. Дојде време за нејзина венчавка, но на девојката не ѝ се допаѓаше никој, ниту синови на кралеви, ниту на везири, ниту на богати трговци. Девојката ги одбиваше сите. Во оваа земја живееше прекрасно, но сиромашно момче кое ја побара нејзината рака. Секако, ѝ него го одби.
Mомчето замина во друга земја да работи. Работеше напорно и стекна големо богатство. Во својата земја се врати по многу години. Потсетувајќи се на претходните години, се присети на девојката која го одби и посака да ја види. Се распраша каде TAA сега живее и појде до нејзината куќа. Пред да затропа на вратата неа ја отвори еден човек кој беше толку грд што момчето мораше да го симне погледот.
Кога човекот се оддалечи, момчето тропна на вратата. Вратата ја отвори некогаш преубавата девојка. Момчето беше многу љубопитно и веднаш ја запраша зошто се омажи за така грд човек. Девојката го однесе позади куќата каде имаше прекрасна градина полна со ружи и му рече:
- Ако сакаш да го дознаеш одговорот, треба да ја најдеш најубавата ружа во градинава и да ми ја донесеш. Но, под еден услов - може да одиш напред, не смееш да се враќаш назад.
Момчето тргна низ градината. Само што помисли дека ја пронајде најубавата ружа, здогледа во близина друга, уште поубава. Ја пружи раката кон неа, но виде друга уште поубава. За кратко време дојде до крајот на градината, а не успеа да се одлучи која ружа е најубава. А назад не можеше. Тогаш, наоѓајќи се во безизлезна ситуација, на самиот раб на градината виде една напола свената ружа, ја скина и ѝ ја однесе на девојката.

Кога ја виде ружата во неговите раце, девојката му рече:
" СЕГА ЗНАЕШ ЗОШТО ГО ИЗБРАВ ОВОЈ ЧОВЕК "





Како ќе ги решиш животните проблеми
Нејзиниот татко бил готвач по занимање. Ја зел со себе во кујната, зел три лонци, ги наполнил со вода и ги ставил на шпорет. За кратко време водата во лонците почнала да врие. Во првиот лонец ставил морков, во вториот јајце и во третиот неколку зрна кафе. Ги оставил така да се варат некое време, а потоа ги извадил од водата и ги ставил на маса морковот, јајцето и зрната кафе. Ја погледнал ќерката и ја прашал што гледа.
- Гледам морков, јајце и зрна кафе – одговорила таа.
Побарал од нејзе да го допре морковот и таа го допрела па почувствувала колку е мек и ронлив. Побарал да го разгледа јајцето и таа го зела во рацете, го излупила и видела како внатре јајцето е тврдо варено. И рекол да ги допре зрната кафе и таа ги зела во рацете, видела дека се тврди, ги помирисала и се насмевнала од пријатната миризба.
-Но што значи ова? – го прашала девојката својот татко.
- Еххх ќерко драга... тоа значи дека морковот, јајцето и зрната кафе поминаа низ една иста ситуација, борејќи се со еден ист непријател – водата што врие, но секој од нив, на различен начин му се спротивставува на непријателот.
Морковот беше тврд и силен, но многу брзо ослабе и омекна во водата што врие. Јајцето беше заштитено со лушпата, но не за долго. Во врелата вода од течна се претвори во тврда состојба. Додека кафето пак, сосема е поинакво. Зрната останаа сосема исти како и на почетокот, но таа успеа да ја промени водата што врие! А Ти?
- Дали си морков, наизглед цврста, силна, но штом наидеш на проблеми и потешкотии во животот, слабееш, ја губиш силата?
- Или си јајце можеби, со меко срце кое кога наидува на проблеми, станува тврдо? Твојата надворешност не се менува, но се менува твојата внатрешност така што срцето ти станува тврдо, горко и ровито?
- Или пак можеби си кафе, кое при извор на болки, ја менува водата што врие, ја прави повкусна и и дава пријатна арома?
Размисли ќерко моја, како ќе се соочуваш со животните проблеми и тешкотиите на овој свет, како морковот, јајцето или зрната кафе?






    • Тегла од кисели краставички и кафе
      Кога ви се чини дека губите контрола над својот живот, тогаш кога и 24 часа на ден не ви е доволно, потсетете се на теглата од кисели краставички и кафе.
      Професор стоел пред студентите на час по филозофија со неколку предмети пред себе.Кога часот почнал, зел тегла од кисели краставички, ја ставил на катедрата, ја наполнал со топчиња за тенис, ја подигнал високо и ги прашал студентите дали е полна. Сите се сложиле дека е полна. Потоа професорот ја зел кутијата полна со камчиња, ја истурил врз тениските топчиња во теглата, ја протресол, ја подигнал високо и повторно ги прашал дали сега теглата е полна.Повторно студентите се согласиле дека е полна. Следната кутија која ја зел професорот, била кутијата полна со песок. Кога ја истурил во теглата, песокот нормално ги исполнил сите празнини во теглата меѓу топчињата од тенис и камчињата. Уште еднаш прашал дали е сега полна теглата. Студентите, веќе зачудени, пак одговориле дека сега е сосема полна. Во тој момент, професорот од под катедрата извадил два филџани полни со веќе сварено кафе, ги турил во теглата и кафето го натопило песокот.

      Студентите тогаш почнале да се потсмевнуваат збунето.
      - Ќе ни објаснете ли сега професоре повеќе за теглата од кисели краставички? - прашал некој студент.
      - Секако - одговорил професорот.
      Оваа тегла почитувани колеги, претставува вашиот ЖИВОТ. Тениските топчиња, се големите и најбитни нешта во вашиот живот – вашата фамилија, вашите деца, вашето здравје, вашата верба и сите крупни нешта на кои им се предавате со најголема страст во животот. Тоа се оние нешта со кои и кога се друго би исчезнало, вашиот живот би бил исполнет. Камчињата, тоа се останатите нешта кои ви се важни во животот - вашата работа, успехот, кариерата, куќата, станот, автомобилите. Песокот, претставуваат сите мали нешта во вашиот живот, нештата кои ве опкружуваат во секојдневието и кои го надополнуваат вашиот живот. Редоследот на полнење на теглата не е случаен - со насмевка одговорил професорот. Ако на пример најпрво ја наполнев теглата со песок, немаше да има место во неа за камчињата и тениските топчиња.
      Истото важи и во ЖИВОТОТ.
      Ако го трошите целото свое време на мали нешта, нема да имате место за оние покрупните и поважните. Водете сметка за крупните нешта во вашиот живот кои се клучни за вашата СРЕЌА. Играјте си со вашите деца, најдете време за да одите на лекар, изведете го партнерот на вечера или избегајте заедно на викенд некаде – секогаш ќе најдете време да се исчисти куќата, да се поправат дефектите дома, да се испеглаат алиштата или измијат садовите. Прво погрижете се за тениските топчиња, после за камчињата, а за песокот секогаш ќе има време. Завршил професорот со објаснувањето и седнал на столот задоволен гледајќи ги збунетите лица на студентите. Нешто не им било јасно.
      Станала една девојка и прашала:
      - Професоре, а што претставуваат двата филџани со кафе?
      Благо се насмевнал професорот и рекол:
      - Мило ми е што прашавте колешке. Кафето го турив на крај, за да ви покажам дека,
      '' БЕЗ ОГЛЕД КОЛКУ И ДА МИСЛИТЕ ДЕКА ЖИВОТОТ ВИ Е ИСПОЛНЕТ, СЕКОГАШ ЌE ИМА МЕСТО ЗА КАФЕ - МУАБЕТ СО ПРИЈАТЕЛ ''
Мелиха Османоска ги испрати следниве приказни


Мудрецот и детето 
Едно момче дошло кај познат мудрец со цел да го изигра.Момчето ги ставило рацете зад неговиот грб и го прашало мудрецот да му одговори едно прашање.Дали врапчето што го држи во рака е мртво или живо?Мртво по кратко размислување одговорил мудрецот.Момчето се насмевнало и ја отворила раката и врапчето летнало.Гледаш не погоди,рече момчето.Точно не погодив,но ако ти кажев дека врапчето е живо ти ќе го стегнеше и ќе го убиеше,но не сакав тоа да се случи и затоа кажав мртво.Одговорот сепак се криеше во ваши раце!



ПРИКАЗНА ЗА ЧУВСТВАТА
Еднаш, многу одамна, сите човечки суштества и сите човечки квалитети се нашле на едно скришно место на Земјата. Кога дошла Здодевноста се проѕевнала по третпат, а Лудоста, како и секогаш луда, предложила: - Ајде да си играме криенка! Кој најдобро ќе се скрие, ќе биде победник меѓу сите чувства. Интригата ја поткренала десната веѓа, а Љубопитноста, не можејќи да се воздржи, прашала: - Криенка? Каква е таа игра? - Тоа е една игра, почнала да објаснува Лудоста, во која јас ќе ги покријам очите и ќе бројам до милион, додека сите не се скриете. Штом ќе завршам со броење, тргнувам во потрага и кого нема да го пронајдам, тој е победникот. Ентузијазмот заиграл од радост, а истото го направило и Одушевувањето. Среќата толку скокала што успеала да ги наговори Сомнежот и Апатијата, кои никогаш и ништо не ги интересирало. Ама, не сакаа сите да си играат. Вистината беше против криењето, а и зошто би се криела? И така неа на крајот сите ќе ја пронајдат. Гордоста мислеше дека тоа е глупава идеја, иако всушност ја измачуваше мислата зошто нејзе не и текна прва да ја предложи играта. Вниманието не сакаше да ризикува. - Еден, два, три... почна да брои Лудоста. Прва се сoкри Мрзливоста, која како и секогаш, само се фрли зад првиот камен на патот. Вербата се качи на небото, Завидливоста се скри во сенката на Успехот, кој со мачење се искачи на врвот од највисокото дрво. Великодушноста никако не можеше да се одлучи каде да се скрие, затоа што секое место и се чинеше совршено за некој од нејзините пријатели. Убавината скокна право во кристално чистото езеро, а Срамежливоста ѕиркаше низ пукнатината на едно дрво. Прекрасноста го најде своето место во летот на една пеперуга, а Слободата - во здивот на ветрот. Себичноста најде скривница, ама само за себе! Лагата се сoкри на дното на океанот (лаже, на крајот од виножитото!), а Стрвноста и Страста - во кратерот на вулканот. Заборавот заборави да се скрие, ама тоа не е важно. Кога Лудоста изброи 999.999, Љубовта се уште не најде скривалиште затоа што сите места беа зафатени. Здогледувајќи една градина со рози, скокна и се пикна меѓу прекрасните пупки од рози. - Милион!, извика Лудоста и почна да бара. Прво ја пронајде Мрзливоста, зад најблискиот камен. Наскоро ја слушна Вербата како расправа за теологијата со Господ, а Страста и Стрвноста скокнаа од вулканскиот кратер од страв. Случајно тука се најде и Завидливоста и, секако и Успехот. Себичноста не ни требаше да ја бараат. Сама излета од своето совршено скривалиште кое се покажа дека е кошница за пчели. Од толку барања Лудоста ожедне, и така во кристалното езеро ја пронајде Убавината. Со Сомневањето беше уште полесно, затоа што тоа не можеше да се определи за својата скривница, па остана да седи на блиските камења. Така Лудоста, малку по малку, ги пронајде речиси сите. Талентот во златните класја на житото, Тежината на душата во изгорената трева, Лагата на крајот (лажеше, сепак беше на дното на океанот!), а Заборавот заборави и дека воопшто нешто се играло. Само Љубовта не можеше никаде да ја најде. Ја пребара секоја грмушка, сите планински врвови и кога веќе беше бесна, ја здогледа градината од рози. Влезе меѓу розите, фати една сува гранка и од бес и изнемоштеност почна да ја удира по прекрасните пупки од рози. Одеднаш се слушна болен крик. Трњата од розите и ги изгребаа очите на Љубовта. Лудоста не знаеше што да прави... го пронајде победникот, чувството над чувствата, ама Љубовта стана слепа. Плачеше и ја молеше Љубовта да и прости, и најпосле реши да остане засекогаш покрај неа, покрај Љубовта, и да и помага. Така Љубовта излезе победник над сите чувства, ама стана слепа, а Лудоста ја следи на секој чекор.



ДЕТЕТО И ТАТКОТО
Додека човекот го полираше својот нов автомобил, неговиот 4-годишен син зеде камче и изгреба неколку линии од едната страна на автомобилот. Човекот се налути, ја зеде раката на детето и многу пати го удри со големиот клуч, не размислувајќи штo прави.
Во болницата, детето ги изгуби сите негови прсти на раката како последица на многуте скршеници.
Кога го посети детето во болницата, со болни очи тоа го пpaшa: – Тато, кога моите прсти ќе пораснат повторно? Човекот беше многу повреден и без зборови, со солзи во очите тргна назад кон автомобилот и многу пати го удри со ногата. Уништен од своите постапки … седна пред автомобилот. Во тој момент ги виде гребнатинките.
Детето имаше напишано: “ТЕ САКАМ ТАТО“
Гневот и Љубовта не знаат за граници. Нека реката на животот тече во корито, но нека постојано тече и чист ПОТОК НИЗ неа за никогаш да не се замати.

Отворен ден на екологијата и здравата храна

На ден 21.04.2012 год. се одржа Отворен ден на екологијата и здравата храна во ООУ,,Единство“,Октиси.Учениците ,родителите вработените во училиштето активно се вклучија во подготовките и реализацијата на еколошкиите активности предвидени со рограмата за Еколошка интеграција во образовниот систем На Р Македонија.
Видеото и сликите ќе ја претстават атмосферата.





Многу гости,зовриено како во кошница,возбудени ученици подготвени да ги покажат своите изработки.