8. 11. 2012.

,,Тешкото“-Блаже Конески

„Тешкото“-Блаже Конески



    „Тешкото“,  на симболичен начин, преку националното оро, карактеристично за нашиот народ, ни ги прикажува вековните страдања, измачувања и стремежи да се биде слободен.Бунтовноста е присутна во најтешките моменти на непокорениот македонски народ.
    Поетот започнал со потресното чувство предизвикано од ударот на тапанот и писокот на зурлата- чувство на жал и болка поради нешто недоживеано, нешто изгубено во неколкуте векови.
    Орото го започнуваат старци, а до нив се фаќаат младите и се разгорува неговиот тек-се редат слики на природните убавини на татковината.
              „И во него шуми на реките зборот
                          ...............                                       “
      И не само тоа, во орото е вткаена душата на Македонците.Огорчени и затворени во решетки на темнината имаат  една единствена искра на надеж(во борбата се гледа надеж). Искрата  ќе  прерасне во пламен во кој ќе изгори мрачната сила и ќе го извојува вековниот стремеж- слободата.
              „И душата чиниш на родот мој мачен
                во тешкото оро се уткала сета“
      Понатаму поетот како низ магла се сеќава на генерациите кои минале низ синџирот на ропството, секој до секого,
                                                                              „ сѐ еден до друг во бескрајно оро
                                                                                  син оди по татка, по деда си-внук“
Се редат генерации кои носат во себе една единствена мисла- да бидат слободни.
       Тој- авторот, визионерски  ѝ претскажал среќна и богата иднина на својата намачена земја. Верувал дека идните генерации во слободната татковина не ќе го заборават тешкото минато.


                                     
        Кој може да остане рамнодушен на звукот на зурлата и ударот на тапанот?

                              Текстот на „Тешкото“
                  

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
штом тапан ќе грмне со подземен екот -
во градиве зошто жал лута ме стиска,
во очиве зошто навирува река
и зошто ми иде да плачам ко дете,
да превијам раце, да прекријам лик -
та гризам јас усни, стегам срце клето,
да не пушти вик.

О тешкото! Старци излегуват еве,
на чело им мисла, во очи им влага
и првиот чекор по меката трева
е мирен и бавен, со задржана тага.
Но 'рзнува тапан и писок се крева
и молнија светнува во секој глед,
и напред се пушта, се стрелка, се слева
стегнатиот ред.

До старците момци се фаќаат скокум;
не издржа срце - сив сокол во клетка,
не издржа пламен жив потулен во око
не издржа младост што сака да летне!
Се залула оро! Се заврте земја,
и чиниш - се корне стресениот век,
и околу трпнат ридиштата темни
и враќаат ек.

И божем се врасло кипнатово оро
со исконска сила за земјава наша
и во него шуми на реките зборот,
и во него рика див ветер и страшен
и во него шепнат узреани житја
и вечерен мирис се разлева тих,
и земјата дише во пролетна ситост
со запален здив.

И душата, чиниш, на родот мој мачен
во тешково оро се уткала сета -
век по век што трупал сè попуст и мрачен
од крвава болка, од робија клета,
век по век што нижел од корава мисла
за радосна челад, за слободен свет,
од песна - за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет.

О тешкото! Кога во молк да те гледам,
на очиве магла ми напаѓа сура,
и одеднаш - в бескрај се растега редот
и ридја се губат в пустелија штура -
и еве кај иде од маглата матна
сè сенка до сенка, сè еден до друг -
во бескрајно оро син оди по татка,
по деда си - внук.

Времињата мрачни се нивното поле,
и нивната свирка - на прангите ѕвекот,
а главите им се наведени доле,
и покроце врват - сè чекор по чекор.
О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
над пустош и крв?!

Кој број ќе ми каже на лутите рани,
на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
кој на срце болки ќе изреди збрани,
и на очи солзи, и клетви на усти?
О тешкото! Синџир ти беше на робја,
од калеши моми и невести ред.
со врзани раце во плен што ги погнал
насилникот клет.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,
дур не стана народ во листена гора,
сè дури со јадот од векови собран
не поведе бујно, бунтовничко оро!
се залула танец низ крвје и огон,
и повик се зачу и грмеж во чад -
те разнесе сегде бунтовната нога
по родниот кат.

О тешкото! Сега по нашите села
во слобода првпат штом оро ќе сретнам,
зар чудно е - солза да потече врела,
зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?!
Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој! 

 На часот за обработка на песната (групна форма на работа), учениците ги напишаа следните податоци.

Структура на песната:
Песната има десет строфи, со по осум стихови. Секој стих има по дванаесет слога освен последниот стих од секоја строфа кој има пет слога.
Според местото во стиховите римата е вкрстена(рани-збрани, усти- пусти). Според местото на акцентот има машка рима(пој-твој), женска(штура-сура).
Сликовитоста на песната ја даваат големиот број  стилски изразни средства.
На почеток, самата симболика се открива во насловот на песната(орото-мачното вековно минато на народот преполно со страдање, ама и борба за подобро утре).
Апострофата се гледа во емотивниот крик на поетот:,,О тешкото!“
Компарацијата е присутна во повеќе стихови:„да плачам ко дете“; 
„од песна -за љубов што гине со пискот
ко жерав во лет“
Намерното испуштање на сврзници со цел засилување на емоцијата ни ја дава стилската фигура асиндет:„да превијам раце,да прекријам лик“.
Поетот ја употребил и спротивната на неа, полисиндет(зачестена употреба на сврзници):
                        „и чиниш...
                         и околу...
                         и враќаат ек“
Во следните стихови ја забележуваме покрај полисиндетот и анафората:
„ И во него шуми...
   и во него рика...
   и во него шепнат...“
Прекрасна е персонификацијата во стиховите:
„и земјата дише со пролетна ситост
  со запален здив.“
Метафората ја најдовме во:„не идржа срце-сив сокол во клетка“
За да ја зголеми убавината на песната ја употребил и стилската фигура реторско прашање:
                                         „Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
                                          над пустош и крв?“
Големиот број епитети ја потврдуваат маестралноста на нашиот Блаже Конески.
 Пр.  вековно ропство, родниот кат, бунтовната нога, листена гора, калеши моми,
пламнати ноќи, пеплишта пусти, лутите рани, радосна челад, слободен свет...

Научивме повеќе!!
Читајќи го „Тешкото“, откривме дека ритамот во песната  е строг, а објаснивме дека ритмичка стапка(е целина од нагласен и нанагласен слог). Во зависност од бројот на рамномерно нагласени и ненагласени слогови има ритмички стапки од два или три слога.
Јамб(- / )двосложна ритмичка стапка од ненагласен и нагласен слог;
Трохеј( /- )двосложна ритмичка стапка од нагласен и ненагласен слог;
Дактил(/ - -)трисложна ритмичка стапка во која првиот слог е нагласен ,а другите два ненагласени);
Амфибрах( - / - ) трисложна ритмичка стапка во која првиот стих е ненагласен, вториот нагласен, третиот ненагласен);

Во „Тешкото“, поетот ја употребил ритмичкта стапка амфибрах.
     -     /      -   -      /    -        -          /   -     -     /    -
  „О Тешкото!Зурли штом диво ќе писнат“

Анапест( - - /)трисложна ритмичка стапка од два ненагласени и еден нагласен слог.
Тапанот грмнува!!
                        


 


      
„Тешкото“ инспирира и други уметници. Извонредна скулптура од железо на младиот уметник Озбек Ајваз   👇

  

1 коментар:

  1. ви благодарам за деталната анализа којашто сте ја направиле бидејќи и те како ми помогна за да напишам проектна задача за матураааа....

    ОдговориИзбриши