20. 3. 2022.

Мобилна библиотека „READ on wheels“, март, 2022

 


        Во рамките на регионалниот проект Регионална мрежа за културна различност – READ, поддржан од Европската Унија, во ОУ „Страшо Пинџур“, Вевчани, на 18.03.2022 година беше лоцирана мобилната библиотека „READ on wheels“.

        Учениците имаа можност да ја разгледаат библиотеката, да се информираат за работата на оваа мултикултурна и повеќејазична библиотека.

        Една од целите на проектот е промовирање на читачките вештини преку зголемување на интересот за читање кај младите преку презентирање висококвалитетни литературни творби.

        За време на посетата беше организирана работилница за креативно пишување на која учениците со интерес учествуваа.




















 








14. 3. 2022.

8 Март, 2022 година :-)

👇Во пресрет на Денот на жената, и оваа година со шестоодделенците изработивме честитки, а и правилно честитавме.
Среќен 8 Март!
Среќен Осми март!























👇Осмоодделенците пишуваа стихови за мајката, а ја користеа стилската фигура градација. Личните творби ги красат нашите училишни ходници.
                                



9. 3. 2022.

„Мојот звук“- Оливера Николова

 


    Оливера Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје. Дипломирала на Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј “ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Tаа е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.
    На 11 март оваа година, 2022, полни 86 години. Со оваа објава сакаме да ѝ го честитаме роденденот и да ѝ посакаме добро здравје и уште многу прекрасни дела кои ќе ги израдуваат мудрите главчиња на нашите ученици.

СРЕЌЕН РОДЕНДЕН, ОЛИВЕРА НИКОЛОВА!

Николова објавила голем број книги, како:

  • Зоки Поки (проза за деца, 1963)
  • Ден за летување (раскази, 1964)
  • Тајната на жолтото куферче (роман за деца, 1965)
  • Земјата во која никогаш не се стигнува (повест за деца, 1965)
  • Земја во која не се стигнува (театарска игра за деца, 1968)
  • Зимски детективи (роман за деца и млади, 1972)
  • Пријателите Бон и Бона (роман за деца, 1974)
  • Сребрено јаболко (комедија, 1975)
  • Чук, чук, Стојанче (пиеса за деца, 1976)
  • Мојот звук (роман за деца и млади, 1977)
  • Тесна врата (роман, 1983)
  • Тажниот весел Владимир (проза за деца, 1984)
  • Умна глава (пиеса за деца, 1984)
  • Девојките на Марко (роман за деца и млади, 1987)
  • Сакам, нејќам (сликовница, 1987) - заедно со Драган Митровски
  • А, Б, В... (сликовница за деца, 1987) - заедно со Дарко Марковиќ
  • Љубоболки (роман за деца и млади, 1988)
  • Домашни задачи (роман, 1989)
  • Камерата на Борис (проза за млади, 1989)
  • Преминот не е осветлен (роман за млади, 1990)
  • Шифри на каменот (роман за млади, 1993)
  • Бели стапки (роман за млади, 1993)
  • Тромбот (роман, 1996)
  • Светлосна година (роман за деца, 1998)
  • Адамовото ребро (роман, 1999)
  • Вежби за Ибн Пајко (роман, 2000)
  • Позната учителка (роман, 2002)
  • Лева комора (раскази, 2008)
  • Белиот чад (роман, 2009)
  • Куќичка (роман, 2012)
  • Кадифената покривка (роман, 2015)
  • Пешаци по црни полиња (роман, 2017)
  • Песот со тажен поглед (роман, 2019)


Посетете ја нејзината веб-страница ТУКА



👇Кратката содржина на романот „Мојот звук“ ни ја подготви ученичката Ева Бебекоска, 7 одд.

    Панче е едно интересно момче на кое во последно време ништо не му оди. Панче живее во Гевгелија заедно со неговото семејство. Тој е заљубен во Лиле со која постојано се како на нишалка, горе-долу. Еден ден, додека тој се наоѓа во библиотеката, вознемирен од присуството на Лиле, случајно, за да не се збуни, разгледува една енциклопедија. Лиле самоуверено му се приближува прашувајќи го до каде е со читањето, а тој збунет не може да одговори. Овој настан ќе го вознемири и ќе предизвика многу солзи од неговите очи. Вечерта, по средбата, ќе плаче, ќе се присетува на советите на мајка му, а таа пак како секоја загрижена мајка ќе се обиде да му помогне правејќи споредба со другарот Ване и очигледните негови проблеми. Панче е тажен заради Лиле, но и заради Лена, неговата сестра, која студира во Скопје. Во неговите соништа доаѓа Лиле со која разговара за звуците кои ги има секое тело. Панче си има свој звук, Лиле си има свој звук. Може ли тие звуци да се усогласат и спојат.  Сите имаме свој звук. Кога сме среќни-тој трешти, а кога сме тажни, гасне. 
Панче е во пубертет и расположението постојано му се менува. Еден ден заминува во Скопје за да ја види својата сестра Лена. Таа го прифаќа со недоверба, по што тој се лути и се враќа назад.
Панече е полн со панчеванции.
    Од сестра му добива на поклон фотоапарат. Тој мисли дека подарокот го добил за да наликува на другите, а тој не сака да биде како другите. По средбата со композиторот Александар Џамбазов, Панче добива желба да слика и да го направи својот албум на значајни луѓе. Ја слика хемичарката, односно нејзината ќерка Лиле, неговиот татко, механичарот, мајка му. Како солист на Златно славејче, со хорот оди во Скопје. Таму ќе ја сретне Оливера Николова, писателот Глигор Поповски, а за убавото девојче Весна, ќе потроши цел филм. На Златно славејче , Панче не се прослави, па во Гевгелија со внимание ќе го пополнува албумот. На прво место Александар Џамбазов, па Пинк Пантер, Нил Армстронг, дедото и бабата, Лиле, татко му и мајка му, Лена... навистина интересен албум. Во еден момент, Панче се натажува мислејќи на времето кое брзо минува и на моментите кои никогаш нема да се вратат. Тој се чувствува како да напушта нешто, а се приготвува за нешто друго.
    Панче станува првак. Поинаков од другите - првак над прваците. Тој почнува да води грижа за својата лична хигиена,  не сака никој да го фали и да го знае што прави. Наутро кога родителите ќе заминат на работа, тој трча низ куќата и како и обично задоцнува на училиште. Тој не е загрижен за тоа, а на критиките на Лиле, одговара со навреди и грубост. Неговото однесеување е очајно. Се обидува да влезе во диско, да запали цигара и да проба алкохол. На потсмешливите погледи од околината тој реагира со презир. Единтвено го разбира долгачот од диското. На училиште по хемија добива четворка и наместо да се смири, тој ќе се испокара со хемичаарката и со лутина ќе избега од училиштето викајќи со лутина дека никој не му треба и дека сите ги мрази. Пет дена не оди на училиште и не сака да ги сподели своите емоции со никого. Со парите од училишната благајна купува дрес и секојдневно горделиво се перчи и трча по улицата. „Ќе постигнам сè сам, ќе видат сите!“- се храбри Панче.
Неговиот чичко ќе го повози со автомобилот и ќе се обиде да го смири и орасположи разговарајќи со него. Пред Нова година, тој чита романчиња и не сака да оди кај Ване. Татко му е лут и го советува околу неговото однесување. Неговото срце не издржува, ја зема тортата од фрижидер и оди кај Тоде Арамијата и неговите школски другари. Сите со радост го пречекуваат нафрлајќи се на тортата.
    Панче ќе биде испратен на гости кај неговата тетка во Скопје. За жал ќе ја скржи ногата и мора целиот зимски распуст да го помине крај прозорецот во текиниот стан. Тој ја разрешува мистеријата која му ја подготвила неговата тетка со девојчето и момчето од соседната зграда. Панче докажува дека знае да размислува, дека е решителен и самоиницијативен. Тој ја бара вистината, не се штеди и дека е праведно момче. Во очите на тетката, Панче е првак.
    Второто полугодие за Панче ќе донесе казна. За неговото однесување, за купениот дрес, Панче ќе разговара со мајка му и ќе  мора секоја сабота да ја чисти куќата од таванот до подрумот. Однесувањето на Панче е под лупа. На часот по биологија учениците гледаат под микроскоп. Панче во почетокот е незаинтересиран, ги остри моливите, па си го исекува прстот. Доаѓа на идеја да ја види својата крв под микроскоп. Тој е потполно вџашен од сознанието дека без таа крв тој не е жив. Со нејзина помош тој се движи, дрдори, со неа е глупав или умен. Крвта оди насекаде низ неговото тело, ги знае неговите тајни. И најзначајното сознание: „Звукот што го испуштам... мојот звук, е токму таков, баш поради неа. Сè поради неа, а јас, блесав, не сум помислувал досега на тоа.“
Во еден момент, тој ќе го слушне разговорот на неговите родители кои со загриженост зборуваат за   неговото однесување, растење и созревање. Тој добива желба да го види Ване и да поразговара со него. Со родителите оди во Скопје да ја видат Лена, а по патот добива маче кое не сака да го напушти, туку го зема дома. Кај Лена, во студенскиот дом го запознаваат нејзиното момче, Петар. 
При средбата, панче навистина ќе се покаже како вистински брат и заштитник на родителите влегувајќи во разговор со Петар.
    Летото брзо доаѓа, време за одмор, а во Гевгелија, во нивниот дом доаѓа Петар. Кај Панче се забележуваат големи позитивни промени. Во Петар пронаоѓа постар брат кој одлично го разбира. Панче созрева, ги сфаќа своите приоритети, учи за да ги поправи единиците по хемија и биологија. Оди на плажа, се дружи со Ване, а го запознава и Бранко во кого се гледа себеси од претходната година. Тој му помага во учењето и се чувствува полетен и храбар да стори многу убави нешта. Во еден момент низ чаршијата ја среќава Лили, неговата симпатија. Панче не е веќе на нишалката со Лиле туку сериозно и со внимание ѝ пристапува. За Панче и Лиле почнува едно ново време, време на пријателство и љубов.
Панче по потешкиот пат , го открива својот звук, звукот на Лиле, звукот на татко му, на Ване, на сите околу него... Затоа што секој има свој звук.

👉ТЕМА: „Мојот звук“ е прекрасна приказна за едно растење и едно созревање.   
👉ИДЕЈА/Порака: Односот кон другарите, родителите, професорите, кон сите околу нас треба да биде со почит и разбирање. Секој има свој начин на созревање и растење низ кој поминува. Срцето го наоѓа патот до љубовта.

    Нашата сложувалка е тука👇


    При обработката на лектирите секогаш се трудиме да бидеме креативни, па затоа овојпат изработивме лектира од торбичка. Секој ученик на хартиено кесе ја нацрта насловната корица од лектирата (по желба), а на другата страна  напиша неколку белешки за авторката. Во тобичката ставија пет значајни предмети од делото. 
На час презентираа објаснувајќи зошто ги избрале тие предмети. Имаше и по некое потпрашање од наставничката. Во продолжение погледнете ги изработките.





























































Благодарам за Теодора, Воведа, Бранкица, Евгенија, Мартин Ч., Мартин Б., Тамара и Тео, Атанас, Марија, Андреј, Ева, Анастасија, Андреа, Ива, Драгана и Иван.