19. 7. 2013.

Од народната ризница-В

1.Варди се да не се поболиш,оти мачно можеш да оздравиш.
2.Вербата планиње поместува.
3.Види го прво дрвото,па после седни под него.
4.Види му ги на човека прво другарите и после есапи каков е тој.
5.Викај по волкот дури не влегол во булукот.
6.Виното го прави човека еднипати везир,а еднипати резил.
7.Високо орелот лета ,та затоа и далеку гледа.
8.Во една гемија кај има многу капидани,таа можи и да пропадни.
9.Во ново грне што ќе туриш попрво,на тоа ќе мириса.
10. Во село без пци и без стап не се оди.
11.Во устата од царот има и оган и вода.
12.Водата спие,душманот не спие.
13.Волк пастрма не чува.
14.Волкот влакното го менува,ама карактерот не.
15.Времето слама продава.
16.Волот се врзува за роговите,а човекот за зборовите.

                

16. 7. 2013.

Од народната ризница-Б

1.Барај го доброто и најди го,оти не ти иди само.
2.Барај да најдеш,сакај да ти дадат и клукај да ти отворат.
3.Бегај од пијаниот како од улавиот.
4.Без мака нема наука.
5.Без мера којшто јади,бргу ќе се поболи.
6.Без мера којшто работи,бргу ќе се умори.
7.Бела човек пари да има,бела да нема.
8.Бели пари за црни дни.
9.Белото си е секогаш бело,а црното-црно.
10.Би лага,доби;скока скакулец,доскока.
11.Бог да чува да не ти клукне мајстор в куќи.
12.Болеста иде у човека со оки,а бега со драмови.
13.Брадата му е сива,а главата дива.
14.Брадата му е царска,главата воденичарска.
15.Брат брата не рани,тешко кој го нема.
16.Брат од брата помогнат,појак е од еден град.
17.Братство за братство,сирење за пари.
18.Брз коњ се втасува,ама брз збор не се втасува.

                      



15. 7. 2013.

Од народната ризница- А

1.Ако е човек кус во алиштето,можеш да му го придадиш;ама ако е од умот-не можеш.
2.Ако е човек слаб на лице,ама нека е здрав на срце.
3.Ако ми бркнеш во очите,ќе ти бркнам и јас.
4.ако не се истура,не може да се наполни.
5.Ако се боеше дедо од врапците,не ќе посееше просо.
6.Ако се сториш овца,секој ќе те стриже.
7.Ако ти е пријателот мед или шеќер,не јади го сиот.
8.Ако ти ја клаат алката во носот ,ќе ми те водат како мечка.
9.Алваџија за бозаџија.
10.Арната реч царска порта отвора.
11.Арно е се` да знајш,ама не треба да се прајш!
12.Арно јади,ама арно и работи.
13.Арен ли си,за себе си;лош ли си,пак за себе си.
14.Арното секој го фали.
15.Ах за челад,оф за челад.
16.Арниот јунак дома не умира.

           

9. 7. 2013.

Неписменоста е проблем во Република Македонија!?



                     Неписменоста е проблем во Република Македонија
       Во 21 век  да зборуваш за неписменост е навистина чудно. Во ова море од информации и лесен пристап до сите најнови достигнувања е парадоксално да пишуваш за оваа тема.
За жал, неписмени има. Ама, не се  неписмени само оние кои воопшто не знаат да читаат и пишуваат туку и оние кои правилно не ја употребуваат јазичната норма на македонскиот јазик како во говорената  така и во пишуваната форма.

Говорената форма се реализира преку правила со кои се нормира задолжителниот изговор на гласовите (правоговор), преку граматичките правила и преку стадардизираната лексика (речник).
Пишуваната форма се реализира преку правописни правила утврдени со правописот на стандардниот јазик,преку задолжителни граматички правила и општоприфатена стандардизирана лексика.*
Ќе се задржам на проблемите со кои се соочуваме при описменувањето на нашите ученици.
Ако ги тргнам настрана оние ученици кои имаат потешкотии во својот развој, тогаш доаѓам до следниве категории ученици:
1. Ученик кој воопшто не чита,а умее да препише текст (ги пресликува буквите);
2. Ученик кој препознава и чита текст напишан со печатни букви и тешко пишува (печатно или  ракописно);
3. Ученик кој тешко чита, а при пишувањето „голта букви“;
4. Ученик кој чита,а писмено се изразува со потешкотии (најчесто меша печатни и ракописни букви);
5. Ученик кој чита без проблем, а знае при пишувањето да употреби латинична буква;
6. Ученик кој чита и пишува без проблем,а има потешкотии при правилната употреба на правописните правила;
Јазични грешки, непочитување на правописните правила, а и естетиката при пишувањето се дел од моите најчести забелешки кај учениците од петто до осмо одделение(шесто до деветто деветгодишно). Една забелешка ми е клучна: ученикот кој тешко чита и пишува и не ја совладал основната јазична писменост во првите три одделенија од основното образование,тешко може да ги следи своите другарчиња во наредните години на образование. И покрај напорите на наставникот, ученикот, правилно да се описмени, резултатите се незадоволителни. Предметниот наставник е во трка со наставната програма која треба да ја реализира,па напредокот на другите ученици во совладување на наставните содржини му е приоритет.
Логично се поставува прашањето кои се причините  се` уште да имаме ученици кои тешко се описменуваат.
 Образложението за оваа појава е комплексно и е предизвикано од повеќе причини, а јас ќе наведам неколку:

1. Деца кои доаѓаат од социјално загрозени семејства (  тешка материјална состојба, психички проблеми на родителот, многудетни семејства...);
2. Деца чии родители имаат потешкотии при соодветната помош на детето (неможност училишните обврски да се исполнат навремено);
3. Законот за основно образование кој не дозволува повторување на ученици до 6 одделение;
4. Обемната програма за работа, која мора да се реализира, вклучувајќи  го и тука изучувањето на англискиот јазик од прво одделение, како и изборните предмети кои се изучуваат во одделенска настава;
5. Раниот пристап до интернет и користењето тастатура како алатка за пишување (па има ученици кои одлично ги владеат компјутерските вештини, а пишувањето им е слаба страна);
6. Лесниот пристап на социјалните мрежи,користењето на латиницата и разговорниот јазик придонесуваат овој проблем да се продлабочи;
7. Недоволниот интерес за читање книги или разни детски и други списанија;
8. Начинот на кој се проверува знаењето на учениците ( претежно преку тестови);
9. Користењето на македонскиот стандарден јазик од сите наставници(беа разлика на предметот што го предаваат) не е доследно .
Секој наставник за време на своето образование полагал македонски јазик и должен е своите предавања да  ги реализира на стандарден македонски јазик.
Ова се само дел од причините (мои согледувања) за овој се` уште проблем.
Како јас се справувам со овој проблем?
-Со учениците кои доаѓаат од петто оддделение, најпрво правам дијагностичко проверување (што знаат, а што треба да дополниме);
-Ги детектирам учениците (ако ги има) кои спаѓаат во оваа категорија;
-Ги откривам причините за нивното недоволно описменување;
-Започнувам со различен пристап (индивидуализирано) кон соодветниот проблем и етапно во текот на следните години го решавам;
Забелешка: Не можам да ја реализирам мојата програма ако ученикот е неписмен!!
-Договарам индивидуални средби со родители со цел заедничка активност за описменување;
-Секој напредок на ученикот го истакнувам и мотивирам со повисока оценка (писмена вежба, писмена работа);

Писменоста не треба да биде камен на сопнување во нашето современо образование. Проблемот, ако не се реши навремено, ќе се влече и во годините подоцна.Па така,ќе „учиме“  нови правила од ТВ, на Интернет ќе се чудиме од морето јазични и граматички грешки,па ќе имаме печатени медиуми без лекторски поправки,а и одреден број  книги, учебници, разни публикации и на повиско ниво преполни со грешки.
Часовите по македонски јазик треба да бидат работилници  за убаво и правилно читање и пишување,а најзначајна алатка за работа да бидат пенкалото и хартијата. Можеби звучам конзервативно,но претераната употреба на компјутерските вештини овој проблем нема да го реши.Јас применувам ИКТ во наставата, ама во функција на истражување, а не во функција на описменување. Тестовите по принцип, од четири одговори одбери еден, исто така ќе го продлабочат овој јаз на јазична неписменост. Должни сме да  работиме на мотивацијата за читање лектири, а филмските адаптации на литературните дела да бидат дел од дополнителните и додатните часови.
На крај, оваа моја анализа нека биде дополнета со други искуства и согледувања од мои колеги, а Бирото за развој на образованието во Република Македонија нека го прифати како импулс за поопсежна анализа и иницијатива за некој проект поврзан со писменоста во основното и средното образование.

               Изработила: професорка по македонски јазик, Роза Китрозоска
______________________________________________________________
*Македонски јазик за средно образование,Просветно дело, 1999 год.

Написот е објавен на Образование , Кауза.Мк 
Еве го линкот ТУКА