26. 4. 2021.

Истражувам за мит

   💬  Седмоодделенците истражуваа   за мит и митологија, па изработија презентации и ворд документи на дадените теми. 

💬    Ја изработивме првата наша е-книга и  ставивме дел од нивните изработки. 

Ве покануваме да ја прелистате нашата е-книга за мит!👇

Нашата проектна активност за легенди и преданија👇

19. 4. 2021.

Шминка во филм (2020/2021 година)

     

Медиумска култура-шминка


         Содржините од Медиумска култура се секогаш инспиративни за нас, па така и оваа учебна година вредно работевме. Истражувавме, креиравме, учевме и се забавуваме со филмската шминка. Погледнете го претходно следниов линк,  ШМИНКА ВО ФИЛМОТ, па повторно вратете се назад. 
Прочитајте и погледнете што сработивме!👇


Работиме дигитално, со лист и хартија, со боици, фломастери, вистинска шминка... Отсекогаш така сме работеле, се' со цел да бидеме креативни и истражувачки насочени. Нашите ученици се вредни и работат на себе.
Медиумска култура: Шминка во филмот/ 9 одделение
Во рамките на наставната содржина, изработивме цртежи и покажавме голем број примери за фасцинантната моќ на шминката во секојдневниот живот, а посебно истражувавме за филмската шминка и неверојатните трансформации на определени актери во нивните филмски ликови (Лудиот Шапкар, Џек Спероу, Џокер, Клеопатра...)
 


12. 4. 2021.

Напишав приказна-вежби за наратор

 Учениците добија задача да напишат приказна. Со коцка и три фрлања ги добија задачите.

Понудените лик, околина и проблем

Во двете одделенија се формираа по три групи кои си добија свои задолженија и избор да раскажуваат во прво или трето лице. 

ГРУПА 1

Изгубената принцеза

 (во волшебен дворец, се одвоила од своите пријатели)

 Десет години поминаа брзо како песна. Тогаш, самата помисла дека ќе го пишувам ова беше невозможна, но со тек на време сфатив дека доколку нешто сакаме сè е можно. Имаше и сончеви и бурни денови,  но јас немам право да се жалам, затоа што секој човек поминува низ тоа. И навистина, доколку ти еднаш не се изгориш, дали некогаш би знаел колку боли? Сигурна сум дека ако си почувствувал еднаш, ти својата кожа ќе ја пазиш како своите очи.
            Бев малечка. Не бев доволно зрела за мажачка. Во тоа време татко ми беше еден од најпрочуените цареви низ целиот свет. Не само  луѓето, туку и секое друго суштество му се поклонуваше, восхитено од неговата грациозност. Но, луѓето дали одбројале колку животи има одземено тој? Дали некогаш помислиле дека тој како молња влегува во животот на другите и излегува задоволен од направената штета? Не! Затоа што ние луѓето ги забележуваме само надворешните работи, а внатре во душата и во срцето не гледаме. Уште од петнаесеттиот роденден, во нашиот дворец доаѓаа безброј стројници со помислата дека еден од нив е царевиот зет. Очекуваа злато, азно, пари, царштина, а и царева ќерка која ќе им роди син со царско потекло. Тие беа жедни за слава и богатство. Но, сепак ги жалев, секој ден низ прозорецот гледав како ергени си одат со овенати лица. Татко ми се беше заколнал дека ќе ме омажи на осумнаесет години. Времето леташе, а во мене од ден на ден растеше стравот за мојата иднина. Со доаѓањето на моите осумнаесет години заминуваше мојата слобода и среќа. 
  И дојде денот кога слугите дојдоа и ме повикаа да го запознам мојот иден сопруг. Но, штом го здогледав сите мои  очекувања потонаа во вода. Пред мене стоеше човек, кој беше постар и од мојот татко. Го преколнував, го молев да не ме даде, но големиот цар, мојот татко не попушти. Јас не можев да ја прифатам таа одлука. Постојано со солзи во очите, се молев и обидував да најдам решение.
Во тие, за мене тешки  моменти, толку многу им бев благодарна на моите пријатели, што доколку требаше  да се жртвувам за нив, веднаш би го направила тоа. Благодарение на нивната фантастична идеја, мојот живот потполно се смени.
На денот на мојата свадба, со нив решивме да побегнеме многу далеку, за мојот татко никогаш да не може да не најде. Без двоумење и без мислење што ќе се случи понатака, ние тргнавме на патот на кој што не му се гледаше крајот. Качени на нашите коњи, ние стигнавме до една многу убава шумичка, погодна за одмор. Седнавме и без да забележиме веќе сите сме заспале. Но, таа вечер јас поттикната од голема глад се разбудив и зад грмушките нешто ми го привлече моето внимание. Во моите очи како да заблеска некоја светлина. Како некоја волшебна убавина да ми го обзеде погледот. Зад нив имаше еден голем и волшебен дворец. Тој беше толку убав, што јас не помислив дека би било опасно доколку отидам и видам дали има луѓе во него. Маѓепсана од неговата убавина, јас чекор по чекор тргнав натаму. Портите сами се отворија, како со векови да ме чекале мене. Во дворот имаше секакви видови на цвеќа, а во средината една бара со кристално чиста вода. Барата беше полна со безброј малечки риби кои светеа во секакви бои. Лесно беше да се забележат затоа што ноќта се беше распослала над целото небо. Внатре преовладуваше мирна и топла атмосфера. Почувствував како да ме прегрна со своите раце и ми посака добре дојде. Домот навистина беше наместен со вкус и со посебно внимание. Помислив дека како и атмосферата и луѓето се тука добри, па можеби би ни понудиле да останеме две-три вечери. Во трпезаријата беше седната стара жена која со нејзината мила и топла насмевка ме покани на трпезата. Бев многу гладна, така што без двоумење седнав и почнав да јадам. Откако добро се најадов, во моментот кога сакав да ѝ кажам како сум дошла до тука, некоја невидлива сила ми го зграпчи вратот. Почнав да се гушам, а таа само што се сврти, се претвори во стара и страшна вештерка. Исто така сè околу нас се претвори во рушевина и во морничавата тишина  се слушаше само смеењето на вештерката. Самата помисла дека сум паднала во стапица и давењето веќе ме убиваше. Но, таа ме спаси од невидливата сила и ме фрли во највисоката кула од дворецот. И покрај сите тие измачувања, среќна сум што ми даваше храна и вода. Иако можеби сте изгледале или прочитале многу приказни,  никој од вас не може да знае како е чувството да седиш затворен сам со години во една висока кула. Но, што се случило со моите пријатели? Зошто татко ми не ме бара? Толку прашања без никаков одговор. Само едно знаев, знаев дека еден ден ќе станам на нозе и ќе се исправам од оваа бездна на животот. Со овие мисли и со мојата храброст и самодоверба, јас излегов од таму и еве сега ви го пишувам ова. После толку години решив дека е дојден денот за бегство. И воопшто не мислев дали ќе умрам или ќе останам скаменета. За животот, сè вреди да се проба. Додека вештерката ми оставаше јадење, јас почнав да се жалам дека внатре влегла змија, па се обидува да ме касне. Избезумена дека ќе изгуби златна кокошка, таа се стрча да го убие тоа отровно животно. Клучевите беа на вратата, така што ми се виде многу полесно од очекуваното. Ги грабнав, се стрчав и ја заклучив неа внатре. По скалите имаше многу стапици, но јас итро со нив се снајдов и веќе дојдов до крајот. Но, пред портата се појавија ,,моите пријатели кои умираа од болки. Се стрчав да им помогнам, но тие во истиот момент се претворија во група змии. Ја сфатив  намерата на вештерката и благодарение на моите часови кои ги имав во мојот дворец, со змиите воспоставив контакт така што ги гледав директно во очи. Трчајќи и пазејќи на секој мој чекор, јас се спасив од мојата авантура. 
    Отидов во мојот дворец, а таму татко ми обвиен во црно мислејќи дека сум загинала ме пречека со солзи на очите. Моите пријатели беа во зандана затоа што биле придружници на моето бегство. Но, јас мило зборував со мојот татко така што тие излегоа на слобода.
            Знам и до ден денес се каам што без размислување и добра проценка  на ситуацијата, јас постапив бесмислено. Доколку една овца се оддели од другите, за неа крајот е блиску и ќе ја изеде волкот. Но, доколку ние секогаш сме заедно и се сплотиме, волкот ќе се исплаши од нас и така секоја наша приказна ќе заврши со убав крај. Но, знам и дека за да формираш нова заедница треба да ја следиш љубовта. Татко ми сфати дека згрешил, па јас сама си го избрав мојот сопатник, принцот Филип од соседното царство.

                                                                          

     Изработиле: Теона Плушкоска, Катерина Русевска, гТрпе Плушкоски и Крсте Ставрески


Изгубената принцеза

ГРУПА  2
                                          Змеј кој исфрла оган 
                              (во мрачна шума и изел отровен плод)
         Еден змеј се појави во мрачната шума и правеше пустош, јадеше сè пред него. Тој беше млад и не можеше да го контролира својот оган и затоа честопати правеше штета низ шумата. Во едно негово пустошење низ мрачната шума, тој случајно изеде отровен плод. 
        Најјаките и најхрабри луѓе се собраа во групи носејќи со себе јаки и остри предмети со цел да го убијат змејот, а со тоа да го заштитат својот народ. Кога му се приближија, забележаа дека лежи во бессознание, а од неговата уста излегува пена. Искусните ловџии меѓу луѓето сфатија дека змејот изел отровен плод кој расте во мрачаната шума. Настана кавга меѓу нив. Едните беа да го остават да умре, а другите сакаа да му помогнат бидејќи беше млад и неискусен. Поискусните стари ловци ја најдоа билката противотров и му ја дадоа на змејот. Се сокрија зад една карпа, плашејќи се од неговата реакција.
        Змејот ги отвори очите и почувствува мирис на луѓе околу себе. Полека се исправи, сè уште зашеметен од отровниот плод. Сфати дека луѓето го спасија и силно замафна со својата опашка. На тој начин им се заблагодари на луѓето за добрината.
            Доброто со добро се враќа и од тој момент, змејот им стана најверниот пријател и придружник на луѓето низ мрачната шума. Тој ги следеше низ шумата, им помагаше во ловот, а успеа и да го контролира својот оган што го исфрлаше низ устата.


Изработиле:

 Мартина Мурџеска, Јован Коцоски, Леона Парталоска и Слободан Парталоски    

                       
Змејот кој исфрла оган


ГРУПА 3

             Богатството е минливо, а вистинското пријателство трае засекогаш 
                      (убавата принцеза,  скриена пештера, издвојување од пријателите)

Во едно од најубавите гратчиња блиску Швајцарските планини беше сместен луксузниот дворец на младата Лина – единствената ќеркаубавата принцеза на кралското семејство во тоа место. Немаше кој не ја познава, а таа се дружеше само со малкумина, беше скромна и воопшто не се истакнуваше пред нив, ниту пак спомнуваше за богатството на нејзините, но сепак се придржуваше до нивните барања и очекувања. 

           Лина имаше петмина пријатели кои не можеа да се споредат со неа во однос на материјалноста, но сепак ѝ беа особено драги и блиски. Со нив поминуваше најголем дел од остатокот од денот, после враќање од елитното училиште. Често ги канеше во дворецот каде играа разни умствени игри, квизови, гледаа филмови и секојдневно градеа прекрасни спомени и интересни моменти. И секој нивен момент беше скапоцен и вреден, сè додека...Сè додека во нејзиниот дом не пристигнаа неколку познати дипломати со нивните деца прилично на нејзина возраст. Средбата меѓу семејствата освен што беше со формална цел, исто така и за приватни цели што значеа неколку месечно патување во Америка. Првично веста ги изненади  децата, но само кога размислија за предизвиците сè стана поинаку. Лина се чувствуваше како принудно да се разделува со нејзините пет најдобри пријатели. Не беше ни малку свесна дека нивната разделба значеше и издвојување од нив засекогашКога само би знаела што ќе се случи, си помисли. 

        Неколку години подоцна... 

Поминаа десет години, а сега Лина е заробена во скриена пештера со нови луѓе. Пештера што индиректно го означува нејзиниот нов дом, а луѓето освен што го променија нејзиниот приватен живот, исто така влијаеа и на нејзината иднина. Од угледна и богата принцеза стана една обична девојка како што беа нејзините пријатели од детството. Но, сега сè се смени, топката се сврти во поинаков правец. Тие основаа свој музички бенд кој им донесе голема слава и многу пари, а убавата принцеза остана сама без своите пријатели, далеку и без слава и богатство како и претходно. И сето тоа зашто сите изминати години сè ѝ зависеше од нејзиното семејство, така и ја воспитуваа, воопшто не ѝ дозволуваа самостојно да работи на себеси или пак нешто заедничко со своите пријатели. Дури и забранија и да комуницира со нив, таа дозна за нив од социјалните мрежи и медиуми кои постојано објавуваа вести за нивниот успех, а тие читаа за неа, како од убава и богата принцеза, сега е само убава, но обична девојка како сите други. 

        И покрај толку многу години кога дознаа за ситуацијата во која се наоѓа, тие повторно ја контактираа на социјалните мрежи и ѝ посакаа побрзо да се врати на себеси за повторно да можат да ги оживеат спомените од детството. Им даде ветување дека тоа ќе го исполни и дека наскоро ќе најде начин за билет до Швајцарското гратче за повторно да се сретнат. Затоа и пораката на оваа кратка приказна е дека богатството не треба да е вредноста според која треба да ги избираме луѓето во нашиот живот или да се издвојуваме од нив, бидејќи богатството е минливо, а вистинското пријателство трае засекогаш.


Изработиле: Воислав Мукоски, Надица Лазороска, Антоние Парталоски, Дора Парталоска, Јована Парталоска 


ГРУПА 4

  Мрзливата мечка 

(го изгубила сеќавањето, во шумата)

        Доцна есен. Ветрот си играше со последните лисја од дрвјата. Сонцето бавно се криеше зад големите планини. Птиците одамна беа заминати во топлите краишта. Мравките собраа доволно храна и си заминуваа во нивните топли мали кукички.

         Една мечка мрзливо се обидуваше да пронајде доволно храна за да може да ја помине зимата. Беше толку мрзлива што не сакаше да се дружи со другите животни. Бараше низ грмушките, а потоа се спушти кон реката. И така најде храна. Кога се врати во пештерата почувствува дека има силен земјотрес.Толку силен што ја урна пештерата.Тогаш падна една карпа и ја повреди на мечката. Другиот ден волкот и дивата свиња отидоа да видат колкава е штетата и во тој миг ја видоа мечката како лежи под урнатините и веднаш се стрчаа за да ја спасат. Беше повредена на главата и ѝ ставија завој. По неколку дена таа се разбуди, но не се сеќаваше на ништо. Волкот и дивата свиња решија да ѝ помогнат. Се грижеа за неа колку што можеа за побрзо да закрепне. На мечката и беше убаво кога некој ѝ посветува внимание. Од ден на ден нејзината здравствена состојба се подобруваше, сè додека еден ден не сфати која е и што ѝ се случило. И се врати сеќавањето. Кога го видоа тоа волкот и дивата свиња, многу се израдуваа.              Мечката беше многу мрзлива и затоа немаше пријатели, но кога виде колку добро се грижат за неа се почувствува посакувана.Тогаш сфати дека не е важно само да се најде храна, туку и да се бараат пријатели. И беше убаво тоа што сфати какво е чувството кога си посакуван, а не осамен. 

       

 Изработиле: Илина Мукоска, Исидора Бетоска, Антонио Алулоски, Катерина Кожеска, Роберт Бебекоски



ГРУПА 5

Приказна за змејот  во волшебен дворец во вселената 

        Пред многу години си живееше еден змеј во волшебен дворец во вселената. Тој таму беше затворен. Тој беше познат во вселената по тоа што никој не смееше да се приближи до дворецот бидејќи змејот ги убивл сите што ќе стапнеле таму.  

       Еден ден,  човек се загуби во вселената и случајно заврши во дворецот на змејот. Човекот падна без свест пред портата на замокот. Змејот се сожали, па го почека да се разбуди. Кога човекот се освести, не знаеше каде се наоѓа, па се прошета низ дворецот за да најде некого. Најпосле, тој го пронајде змејот и кога го виде, се исплаши и почна да бега. Змејот му викна на човекот да застане и да не се плаши. Човекот од страв застана. Змејот се приближи до него и му рече: 

    - Не плаши се човеку, ништо нема да ти сторам. Дворецов е мој, ако сакав да ти сторам нешто, ќе го сторев тоа уште кога падна тука без свест. Затоа не плаши се и дојди во големата сала да јадеме.  

        Човекот беше многу гладен, па затоа прифати. Тие отидоа во салата каде што имаше најубави јадења. Тие јадеа, но човекот беше љубопитен и го праша змејот:  

    - Извини што те прашувам, но зошто живееш сам во овој дворец и зошто од илјадници луѓе само мене ме поштеди и ми дозволи да живеам.  

А змејот на тоа му одговори: 

    - Штом ме прашуваш, ќе ти кажам. Кога падна ти тука без свест, ми беше жал да те погубам, па затоа почекав да се освестиш и се гледа дека си добар човек, па затоа ќе те оставам да живееш. А за тоа како јас дојдов тука, тоа е долга приказна. но сепак ќе ти ја раскажам. 

      -  Пред многу години јас живеев на друга планета и бев син на нејзиниот цар. Ние бевме многу моќни, многу освојувавме, но еден ден јас станав многу алчен и без знаење на мојот татко, јас нападнав една планета. Но, за жал, тоа не излезе на добро и поради мојата грешка настрада многу војска и многу семејства од нашата планета. Затоа мојот татко се налути и ме затвори во овој дворец и јас повеќе никогаш нема да можам да заминам од тука.  

        Откако го слушна тоа, човекот се натажи. Тие станаа добри пријатели и убаво си живееја во дворецот. Но, по долго време откако човекот дојде во дворецот,  му рече на змејот: 

    - Пријателе, те молам немој да ми се лутиш, тука е многу убаво, но јас сакам да си одам дома, имам семејство кое не сум го видел долго време. Тие можеби мислат дека веќе сум мртов. 

А змејот му возвратил: 

-  Не ти се лутам пријателе, знаев дека ќе дојде и овој ден. Јас никако не можам да го напуштам замоков, но ти можеш. Затоа ќе ти помогнам да си одиш оттука. 

          Змејот беше многу умен, па затоа најде начин како да направи ракета со која човекот би можел да стигне до својата планета. Ракетата ја правеа една година и таа конечно беше завршена. На двајцата многу им падна жал што ќе се разделат, но и тоа мораше да се случи. Змејот влезе внатре во дворецот и зеде една од многуте слики кои беа закачени на ѕидовите во замокот и му ја даде за спомен. Тие двајца  се прегрнаа и човекот полета со ракетата. 

        Којзнае, можеби приказнава е вистинита, можеби уште змејот седи затворен во замокот и се надева да му дојде нов добар пријател. 


Изработиле: Спасе Пешиноски, Марија Попоска, Илија Шурбаноски, Теофил Пачоски

ГРУПА 6
                                             Чудната жаба                                   

        Жабата се најде во жешка пустина над која се надвиснала  голема бура. Страшна слика! Силен ветар, дожд, големи капки вода кои паѓаат на жешкиот песок. Жабата од големата бура го изгуби сеќавањето.Таа не знаеше каде е, што е, зошто е тука, како се вика и др. Таа беше  опкружена со  разни животни. Сите гледаа во неа и се чудеа зошто е тука, кого бара.... Жабата забележа  дека една голема змија ѝ се приближува, па почна да бега.Во бегањето жабата здогледа некоја жаба, чудна, необична, жаба  од друг универзум. Таа беше многу голема и  црвена .Црвената жаба пушти отров со нејзиниот долг јазик и ја уби змијата. 

        Жабата ѝ се заблагодари на црвената жаба и тие станаа добри пријателкиЦрвената жаба ја однесе во нејзиниот дом каде што имаше мали жапчиња и ѝ рече  дека  може да престојува кај неа. Жабата шетајќи со нејзината пријателка запозна многу пријатели. Жабата брзо беше примена во друштвото на црвената жаба кое се состоеше од: лавот, ламите, тигарот, камилата и други. На жабата, полека, полека почна да и се враќа сеќавањето и посака да се врати дома кај своето семејство и пријателите. Но сè уште не знаеше зошто е тука и кого бара. 

        Во еден момент додека шеташе низ пустината, забележа необична светлина која ја привлекуваше. Се приближи и наеднаш беше повлечена од необична сила и исфрлена блиску до мочуриштето, нејзиниот дом. Збунета од необичното доживување, влезе во својот дом  и среќно ги прегрна своите дечиња.


  Изработиле: Божидар Влајнкиноски, Симона Јанкоска, Каролина Калајџиеска и Немања Галичароски