25. 11. 2024.

Силјан Штркот — Марко Цепенков

👇Да ја составиме следнава сложувалка!

  

👉На следниов линк прочитајте ја приказната Силјан Штркот! 

👇Да прочитаме неколку збора за Марко Цепенков.

 Марко Костов Цепенков (Ореовец, Прилепско, 7 ноември 1829 – Софија, 29 декември 1920)

    Марко Цепенков е најголемиот собирач на народни умотворби (над 5500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјалречник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и народната аргономија и сл. – собрани се во 10 книги), но таков кој самостојно ги запишувал, не веднаш, туку подоцна со свој јазик и стил.

    Тој самостојно интервенирал во народното творештво и тоа  се смета за „цепенковски стил“ кој претставува преод од народното кон книжевноста, а за Цепенков се зборува како за „креатор“ на народната приказна Тој е автор на неколку публикации напишани на македонски јазик. Македонскиот институт за фолклор го носи неговото име. 

За „Силјан Штркот“

 

    „Силјан Штркот“ е најдолгата македонска фантастична народна приказна. Во неа, Цепенков има свој личен творечки пристап бидејќи литературно ја обликува народната приказна.

„Неговото раскажување е течно, интересно, со една градација во откривањето на најзначајните настани од животот на Силјан, со неговите доживувања, често дискретно вметнувајќи и сугерирајќи ја поентата – ставајќи го главниот јунак во трагичната ситуација да го изгуби човечкиот идентитет (зашто не си ги слушал родителите) – за да може на крајот да се осознае и промени себеси во вистинска личност и да се определи каков треба да биде како син, сопруг и татко.“ (Македонски јазик и литература)

    Приказната започнува во с. Мало Коњари, Прилеп. Во центарот на приказната се наоѓа едно македонско семејство составено од таткото Божин, мајката Стојна, синот Силјан и ќерката Босилка. Силјан е многу разгален, оженет уште на 16 години, а на 17 години го добива синот Велко. Тој ништо не работи туку цело време оди на пазар во Прилеп, се чести со пријателите и ужива. Неговиот татко е загрижен за неговото однесување и честопати се обидува да му ги посочи грешките иако безуспешно. Му ја раскажува приказната за Сиве и Чуле кои како деца не ги слушале  родителите и ги фатила нивната клетва да се сторат пилци, да се бараат и никогаш да не се најдат. Божин всушност ја фрла клетвата врз својот син за да може да се поправи и да се врати на вистинскиот пат.
    Силјан не го допира оваа приказна и едвај чека да си замине од дома и да оди во Прилеп. Таму се среќава со духовникот и ја наоѓа „работата“ од соништата — да го придружува духовникот по околните села. Со него шета цела година и кога тој тргнува кон Божји гроб, Силјан бара и тој да оди со него. По пат се случува несреќа и бродот доживува бродолом. Единствен преживеан е Силјан кој бил исфрлен на еден брег.
    Тука почнува неговото преиспитување околу неговите постапки и однесување. Таму во таа земја тој среќава луѓе со долги носови и раце кои му раскажуваат дека се штрковите кои секогаш доаѓаат во Македонија, Прилеп. Тие од нивните предци биле проколнати поради непочитување на постарите. Клетвата вели дека не може да имаат пород во нивната земја, туку мора да одат со летање како штркови во друга земја, па потоа да се вратат. Силјан е целосно збунет и исплашен од оваа приказна, а посебно поради сознанието дека можеби не ќе може да се врати дома.
    Аџи Кљак-кљак, главниот на сите штркови-луѓе го теши со објаснување дека има два извора во кои штрковите се претвораат во луѓе и обратно. Силјан мора да има трпение и да почека една година додека дојде време за одење во Прилепско поле.
    Hемајќи друг избор, Силјан цела година ја поминува во чудната земја, работејќи на нива, помагајќи им на домаќините и чекајќи да дојде времето за летање. Таму, тој станува сосема друг човек, работлив, совесен, што им било чудно дури и на луѓето-штркови. Поминала годината, луѓето со штрковата вода се направиле штркови, заедно со нив и Силјан, но тој на вратот си врзал едно шишенце со човечка вода, за да може да стане човек кога ќе дојдат во Прилепско Поле. По долгото летање, кога пристигнале кај Плетвар, Силјан премногу се израдувал што ги здогледал Марковите Кули и манастирот Трескавец, па од невнимание и брзање што поскоро да стане човек, лошо слетал на камењата и го искршил шишенцето.
    Тој мора цела година да ја помине на кровот од својата куќа гледајќи ги своите најблиски без да може да им каже нешто.  Еднаш, отишол до телето и го галел со клунот, а син му Велко, за да го избрка, го удрил со стапче, потоа, додека татко му орал на нива тој си ги клукал црвчињата во ораното, но бидејќи Велко постојано гледал во штркот таткото со прачка му ја скршил ногата. Во куќата, кучката не го препознавала и  лаела, па и опашката му ја скубнала. Еден ден  го зел ланчето што го нижела сестра му кога таа влегла во куќата, а другпат клопчето и игла од жена му  Неда што везела црна кошула за вдовица. Како штрк, Силјан морал да ја гледа и свадбата на сестра си, бидејќи тие веќе не можеле да го чекаат тој да се врати. Семејството си го живеело својот живот и без него.
     И следната година во земјата на штрковите Силјан постојано работел, сосема се изменил, станал сериозен и вреден и едвај чекал да дојде времето за одење дома. Овојпат човечката вода ја ставил во црепче и одлучил многу да внимава и да не брза. Пред пристигнување, настанува голема борба на штрковите со орлите, но за среќа Силјан добро поминува и конечно се посипува со водата и станува  човек.
    Кога се вратил дома никој на му верувал во она што го раскажува бидејќи го познавале од претходно, но тоја раскажал за случките и предметите кои им ги зел на домашните, па потоа му поверувале.
 
👉Разгалениот и непослушен син, Силјан, го стигнува татковата клетва, тој страда, се преобразува и се враќа во домот како нов човек кој има иднина пред себе, заедно со семејството. 👈
 
 💬 За нашата креативна обработка на приказната ќе подготвиме куклен театар.
 

📃✏ Активности на часот📃✏
1. Локализација на приказната - каде се случуваат настаните од приказната.
2. Опиши го главниот лик Силјан како човек (физички и карактерни особини).
3. Опиши го главниот лик Силјан како штрк (физички и карактерни особини).
4. Наброј ги ликовите кои се сретнуваат во приказната и која е нивната врска со главниот лик Силјан.
5. Раскажи ја приказната за Сиве и Чуле.
6. Што правел Силјан  во земјата на луѓето-штркови и како се променил живеејќи таму? 
7. Зошто се претворил во штрк?
8. Каде ги согледуваш волшебните елементи во приказната?
9. Која била најголемата казна на Силјан првиот пат кога се вратил во Прилеп кај неговите?
10. Наброј ги по редослед настаните кои му се случиле на Силјан Штркот во селото додека живеел на кровот од родната куќа.
11.  Кој предмет ѝ го зел на неговата сестра?
12. Што сокрил во гнездото, а ѝ припаѓало на неговата сопруга?
13. Препиши една народна поговорка од текстот и објасни ја!
14. Што научи од оваа приказна? Напиши јаа поуката што ја извлече.

👇Решете го крстозборот!👇

Нема коментара:

Постави коментар