17. 4. 2016.

Вежби за атрибут-седмо одделение

Пред вас се неколку сложувалки што треба да го составите.
Внимателно работете, а внимавајте и на времето!

  ГРУПА 1-ДЕЦА






provided by flash-gear.com



ГРУПА 2-ЈАБОЛКА



provided by flash-gear.com

ГРУПА 3 и 4-ЛОШИ ДЕЦА




provided by flash-gear.com
 Во прилог следува организацијата на часот :-)
 
                            ОРГАНИЗАЦИЈА И АКТИВНОСТИ НА ЧАСОТ

Активности на наставникот Активности на ученикот
-Наставникот подготвил наставен лист со цел
примена на техниките грозд и вртелешка за учените реченични членови и за синтаксата како дел од науката за јазикот;
-Ги дели во групи преку интересна игра/ кој има црвена блуза или кафеави очи, или патики или преку броење-поделени во три/четири групи;
-дава упатства за пополнување на гроздот: пополнуваат едно поле, па го предаваат листот на другата група, па сите три листа се вртат додека не се пополнат и листовите се вратат кај групата која започнала со решавање;
(работат 5 минути)
-Анализа на гроздот преку прашања и одговори, а листовите се лепат на таблата или во делот кај што е македонското катче;
_____________________________________
-Наставникот преку пантомима ја објаснува реченицата :
Детето јаде јаболко.
-ја пишува реченицата на табла;
-бара од учениците да направат анализа-индивидуално (подмет, прирок, предмет) ;
-пишува повторно на таблата:
Детето јаде вкусно јаболко.
-поттикнува на објаснување и откривање на атрибутот како второстепен член;
-дава дополнителни информации за различни типови атрибут;
-дава задача еден од групите на листот со грозд да допише атрибут;
-дава насока за синтеза на наученото;
_______________________________________
-дава вежби за атрибут;/во парови
*самооценување-семафор(наставникот им дели картончиња во црвена, жолта и зелена боја со објаснување дека ако сметаат дека точно решиле, на крајот од задачата го подигаат зеленото картонче, ако не се сигурни-жолтото, а ако сметаат дека не решиле точно-црвеното);
-некои од вежбите брзо се проверуваат;
_______________________________________
-Завршна активност:
На нашиот блог Роземак што претходно е отворен на зададената страница добиваат сложувалка која треба да ја состават: членовите од сите групи се до компјутерот, даваат сугестии, а еден ученик ја составува.
По составената слика составуваат реченица во која ќе има атрубут-вежбата има натпреварувачки карактер-кој е најбрз и точен е победник;
Сликите се со ЕКО содржина; насилство меѓу врсниците; и слика со порака за меѓуетничка толеранција;

_______________________________________
-соопштува следни активности.
Домашна задача:вежби за атрибут/ www.rozemak-rozemak.blogspot.com
(вежбите се по нивоа: прво, второ, трето)
прво ниво: петките и четворките пишуваат текст со употреба на атрибути;
второ ниво: тројките пишуваат реченици со атрибути,
трето ниво: двојките пишуваат именки со атрибути.
-Пишуваат грозд и со примена на техника вртелешка се утврдува за учените реченични членови и за синтаксата;
-се групираат според упатствата на наставникот;
-работат во групи, пополнуваат грозд и работат применувајќи ја техниката вртелешка;
(работат 5 минути)
-анализа на гроздот преку прашања и одговор;
- се лепат листовите на македонското катче;
-Внимателно следат објаснување на наставникот, обидувајќи се да ја разрешат пантомимата;
- Анализираат реченица на табла и во тетратка(индивидуално);
-објаснуваат подмет, прирок, предмет;
-внимаваат и активно се вклучуват во објаснувањето за атрибут разгледувајќи ја реченицата;
-еден ученик од секоја група допишува на листовите атрибут
_______________________________________
-решаваат вежби;/во парови
-добиваат наставен лист со вежби-дополнуваат, а потоа го подигнуваат црвеното, жолтото или зеленото картонче;
-учествуваат во усно проверување на вежбите;
-прашуваат во врска со некои проблематични
прашања.
______________________________________
Пноделени во групи учествуваат во завршната активност:
*составуваат сложувалка на Роземак;
*по добиената слика составуваат реченица со атрибут;
*внимаваат на брзината;
*најбрзиот и најточниот е победник.


ЗАБЕЛЕШКА: ако има проблеми со интернет врската или компјутерите вежбата ќе се направи со печатени сложувалки;
_______________________________________

-Прашуваат во врска со некои нејасни работи поврзани со содржината, прашуваат околу домашната.











______________________________________
ЦЕЛ на домашната: примена на знаење за атрибут
Следење ученици:
Мислење на наставникот:




 ДОМАШНА ЗАДАЧА: 
Прво ниво/петки и четворки: Напишете текст(најмалку десет реченици) со употреба на атрибути.
Второ ниво/тројките:Напишете пет реченици во кои ќе употребите атрибут.
Трето ниво/ двојките: Напишете именки со атрибути- десет

23. 2. 2016.

Лични творби за мајката

 Драги читатели!
Прочитајте ги нашите песни посветени на најдрагоцената, најпочитуваната, најсаканата личност, МАЈКАТА! Среќен празник, мајко, бабо, сестро! Честит Ден на жената!
 Очекувајте и дополнителни наши активности!


 Мајка

Мајка- птица со раширени крила,
мајка- сонце со топли зраци,
мајка-цвет мирисен во мај,
мајчината прегратка-раскошен рај.

Мајчините очи полни со сјај,
мајчините раце полни со надеж,
мајчината мисла е гулаб во слободен лет.
Мајко, те сакам најмногу на свет.
   -Наумче

 Мојата мајка

Мојата мајка е мајски цвет,
таа е најубава на цел свет.
Мојата мајка е птица во лет,
со расплетени коси низ цел свет.

Мојата мајка како Сонцето грее,
најубаво од сите ми се смее.
Мојата мајка со коса како свила,
ја сакам многу ми е мила.
         -Ремзије


                                            

Мојата мајка

Мојата мајка е најубава на свет,
таа е слатка како мед.
Мојата мајка постојано бдее,
таа е сонце што ме грее.

Мојата мајка е мајски цвет,
таа е слободна птица во лет.
Мојата мајка е нежна свила,
ја сакам, многу ми е мила.
   - Елмедин


Мајка ми

Мајка ми е шарен цвет,
најубав на цел свет.
со топлите раце нежно ме гали,
 зборови за почит кон неа се мали.

Ти си мојата совршена бајка,
ти си најдобрата мајка!

Ти си нешто бескрајно мило,
моја магична самовило!

Дали некогаш ќе ти се заблагодарам,
и сѐ што ми даде, јас да ти подарам.
Не верувам, невозможно е,
а најубаво е кога си до мене.
Кога гласот твој тајни ми открива
светот како посебен сјај да добива.
Твојата прегратка најтопла е,
цел свет си ти за мене.
    - Тамара


Мојата мајка

Како на небо ширно
топло сонце што грее
така птица бела
на гранка ѝ пее.

На ливада  зелена
цвеќе со ситна роса
како да ѝ ја гали
убавата долга коса.

Твојот лик го крадат
во убава бајка
со надеж да викнат:
Ја сакам мојата мајка.
 -Киметка
           
                                            

Мојата мајка

Мојата мајка во целиот свет,
е најубавиот, најшарениот,
најмирисливиот цвет.

Мојата мајка како сонце грее,
најубавите, највеселите,
најсреќните песни ги пее.
       -Мухамед

 Мојата мајка

Мојата мајка љубов дарува,
со насмевка секому се радува.
Како небесна ѕвезда се смее,
како птица во пролет пее.

Како кристали од бајка
светат очите на мојата мајка.
Топлина за секого чува,
за мене љубов дарува.

Со зборови милни и јасни,
моето срце го краси.
Како најубавиот мајски цвет,
те сакам, мамо, мој си свет.
       -Наталија

Мојата мајка

Мојата мајка е нежен цвет,
таа е птица во лет.
Мојата мајка е сонце што грее,
со љубов секому  се смее.

Мајка ми надеж ни дарува,
радост околу неа царува.
Мојата мајка со љубов зрачи,
насмевка лице и краси.

Најискрено да ви кажам сама,
најмногу на светов
си ја сакам мама.
  -Амела

                                   





 Мојата мајка
Мајка ми е како сонце силно што нѐ грее,
таа е како цвет што цвета.
Не можам да опишам колку ја сакам,
секогаш кога сум тажен,
ме теши и ми дава надеж.
                Љупчо и Енсар

 Мојата мајка
Мојата мајка е како убаво цвеќе,
мојата мајка е како бистра вода
мојата мајка е како сонце што нѐ грее.
Таа секогаш песни ни пее.
            -Давид

Мајка

Мојата мајка мека како свила,
нежно  кога ме гали по коса,
како роса да ме оброси.

Мојата мајка најубав цвет,
бдее  будно над мене,
како небото над целиот свет.

Мојата мајка е добра и мека
како срната во планина
што живее и чека.
          -Мухамиде

Мојата мајка

Мајката е сонце што грее,
за мајката песна се пее.
Мајката е шарен цвет
единствен на овој свет.

Мајката е најсјајна ѕвезда,
на небото што бдее.
Мајката со насмевка гали.
Мајка е вистинска бајка.
-Самија
                                           


Мојата мајка

Мајката е најубав цвет
во градина што цвета
Мајката е светла ѕвезда
на темно небо што свети.

Мајката е прегратка топла
што ни дава сила,
Мајката со насмевка милна
мене ми дава крила.

Мајката е најсветло сонце,
најсладок глас што пее,
најтопла, највесела прегратка,
постојано ми се смее.
      - Амела Усоска

Мајка

Мојата мајка е најубава  на целиот свет,
мојата мајка личи на мајски цвет.

Таа е како мека свила
личи на најубава самовила.

На цел глас ќе викнам:
„Те сакам, мамо мила!“
            -Кадир

Мајка
Твојата насмевка мене ми пее,
твоите очи мене ме галат,
твоето големо срце мене,
со љубов ме грее.

Ти птица со широки крилја,
која лета низ цел свет,
твојата прегратка ми дава сила
и шири мирис на убав цвет.

Бесценет дијамант во бои,
само еднаш на светов кој постои,
самовила распеана мила,
облечена во најмека свила.
                  -Мејта
                                                          
 


 Мојата мајка

Мојата мајка е најубав цвет
што постои во цел свет.
Таа е вистинска мајка,
нежна, убава од бајка.

Мојата мајка е птица бела,
на небо лета силна и смела.
Нејзиниот топол глас,
виток, прекрасен стас.
        -Мунира
                               
                                                Мојата мајка
     Мојата мајка е најубава на овој свет како раскошен е цвет. Мојата мајка кога се смее, сонцето силно ме грее. Нејзините  очи се сјајни како извори бистри, а ставата витка и тенка како шумска самовила мила која блеска облечена во раскошна свила.
   Мојата мајка е светла ѕвезда што сјае на небото. Таа е мирислив цвет, волшебен, го нема во цел свет. Таа е многу мила и засекогаш ќе остане во моето срце, најмила.
                  -Едина
                                                         

 Мојата мајка

Мојата мајка е цвет,
во ливада што цвета.
Мојата мајка е птица,
по небото што лета.
Мојата мајка е сонце,
силно што ме грее.
Мојата мајка е срце,
во мене што се крие.
     -Максуд

 Мојата мајка

Мојата мајка, најубава на свет
кога се смее расцутува цвет,
како сјајно сонце се нејзините очи
од нив дење-ноќе добрина се точи.

Мајките  се птици кои пеат
како сонце со љубов нѐ греат
во  срцето имаме една мајка,
засекогаш ќе ја паметиме
како најубава бајка.
      -Селма    
                                       
Среќен празник!
               


8. 2. 2016.

Придавки - видови придавки

Придавките се менливи зборови што именуваат некаква карактеристика на предметите, суштествата и појавите.

Според значењето се делат на: описни (висок, слаб, убав);
                                                      односни
       (присвојни-мајкин, градска; материјални - стаклен, волнен)
                                                      бројни (втор, седмо, стоти)
                                                      заменски (мој, твој, колкав, некаков)

Прочитајте ја и оваа објава за ПРИДАВКИ

                        ОРГАНИЗАЦИЈА И АКТИВНОСТИ НА ЧАСОТ
1. Техника 👉 Минута чекање

💬  Учениците кажуваат придавка која започнува со почетната буква од нивното име.

2. Наставникот пишува реченица на таблата👇
Во Градскиот парк, на дрвена клупа седеа убави девојчиња. 
 
💬Учениците ги откриваат видовите придавки во реченицата;

На дрвото со придавки, ги запишуваат на соодветно место, според претходно дадената поделба.

3. Групна форма на работа:  дадени задолженија по нивоа;

Прва слика 👇
       
слика 1
    Учениците пишуваат текст  во кој ќе употребат придавки,  а потоа придавките  ќе ги подредат во табела (да има од сите видови);
   Учениците ги напишаа следниот текст👇
                             Снешко
   Зимата е најубавото годишно време. Таа носи бели покривки и ја повива природата. Нестрпливите деца се облечени со зимски јакни, волнени капчиња, топли шалчиња и шарени ракавици. Тие излегуваат надвор и веселата забава почнува.
   Мојата сестра, Амина, почна со правење снежни топки за нејзиниот Снешко. Нашиот брат истрча надвор за да ѝ однесе портокалов морков  и црвена волнена капа за белиот пријател. Шестото јагленче на дебелото стомаче значеше дека Снешкото е завршен. Зимското другарче кое го направи Амина  беше најубавиот Снешко на селскиот  рид. 
   Топлиот чај кој го подготви мојата мајка нѐ повика сите да се вратиме во нашиот дом. 
Ученици: Ајше
                 Рамадан
                 Нихад
                 Анес
                 Ифет

Втора слика👇
                                     
слика 2
     Пишуваат реченици во кои ќе има од сите видови придавки-подредени во табела;
Учениците ги напишаа следните реченици.  
1. Веселите деца се лизгаат на селското лизгалиште.
2.Дрвената куќа е опколена со длабок бел снег.
3. Нашата куќа изгледа прекрасно прекриена со бел снег.
4. Осмото дете падна на смрзнатото лизгалиште.
5. Ваквото време е најубаво за ноќно лизгање.
Ученици: Фикрија
                  Ѓула
                  Када
                  Ахмед


Трета слика👇
                                               
слика 3
    Учениците добиваат именки за кои ќе смислат придавки од сите видови (потоа да се подредат во табела);

Именки: деца, птици, храна, ракавици, чизми, снег, капа, шал, река.
 Третата група успешно ја заврши задачата.    

палави деца, втората птица, птичја храна, волнени ракавици, убави чизми, бел снег, бабина капа, мој шал, смрзнатата река.

    💭ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА И ОДГОВОРЕТЕ ЈА  НАШАТА КОНТРОЛНА ЗАДАЧА НА СЛЕДНАТА  ОБЈАВА👇
                            ПРИДАВКИ