27. 6. 2012.

Морфологија-Именки

Дел од науката за јазикот што ги проучува формите на зборовите се вика морфологија.
Најмалата значенска единица од која се состои еден збор се вика морфема.
Некои зборови имаат една морфема,а некои имаат две или повеќе.
пр.ѕид,ѕид-от,ѕид-ови,ѕид-ови-те,ѕид-ар
Делот што се повторува во сите изведени зборови се вика општ дел(корен,коренска морфема),а другите делови се викаат додадена(афиксна)морфема.
Зборовни групи
Зборовите се групираат во зборовни групи според заеднички карактеристики.
Според морфолошката класификација зборовите се поделени на две групи:менливи и неменливи.
Менливи се:именки,придавки,броеви,заменки и глаголи.
Неменливи се:прилози,предлози,сврзници,честички,извици и модални зборови.
Именки
Именки се зборови со кои се означуваат суштества,предмети,појави и поими.
Поделба на именките:
Општи(клупа, птица, дете, облак, светлина) и сопствени именки(Билјана, Мелиса,Марјан, Вевчани, Македонија, Вардар)
Именувањето на суштествата, предметите и појавите со заеднички општи карактеристики се прави со општите именки.
-означуваат одделен вид предмети, суштества и појави (мачка, куче, стол, кревет, езеро);
-означуваат множество од еднородни предмети кои се целина(население, мебел, членство).Тие се во еднина, а означуваат множество.Тие се викаат збирни именки.
-материјални именки (вода, шеќер, волна,челик).
Именувањето на единечни предмети или суштества се прави со сопствените именки.
Сопствените именки се пишуваат со голема буква.
-имиња на луѓе(прекари,псевдоними)и животни: Евзија, Оливер, Алмина, Емилија, Џиџи, Шарко),
-географски имиња: Јабланица, Црн Дрим, Бистра, Караорман;
- празници:Бајрам, Божик;
- имиња на институции:Средно стручно училиште „Нико Нестор“ ;
-имиња на објекти:Слаткарница„Јагода“;
-имиња на уметнички дела, емисии, сисанија, весници и др. ,,Нова Македонија“, ,,Повик на дивината“ , ,,Тротоар“ и др.
Именките може да се поделат на апстрактни (не може да се допрат или видат, може да се почувствуваат) и конкретни(може да ги допреме).
-конкретни именки: човек, врата, галеб, книга и др.
-апстрактни именки:светлина, радост, среќа, тага, среда, лето, љубов и др.
                                                поделба
                    општи                 сопствени
            (чинија, девојка, љубов)           (Јасмин, Симе, Охрид)
  апстрактни        конкретни 
  (разум, моќ, жед)        (јаболко, славеј, момче)                                                                                                                                                
                              избројливи   неизбројливи
                              (брод, тетратка)         (стока, храна, жито)
                                                                збирни       материјални
                                                          ( свет, население)       (брашно, сребро, сол)
Граматички категории на именките
1.Род
Именките кои означуваат живо суштество имаат природен род кој се одредува според полот.
Граматички, именките имаат три рода:машки ,женски и среден.
Родот кај именките се определува во еднина.
Пр.куќа-куќи, заб-заби, езеро-езера
Именките од машки род што означуваат лица завршуваат на согласка (наставник, пејач),на
-а(судија), на -о (татко), на -е(вујче).
Лините имиња од машки род завршуваат на согласка (Ненад, Аднан), на -о (Марко), на -а (Евзија,Илија), на -е (Јане), на -и (Ѓорѓи).
Забелешка: Некои именки со граматички машки род се однесуваат и за лица од женски пол (возач, научник, ректор).
Именките од женски род завршуваат на -а (куќа, клупа, мачка, жена),на согласка (радост, младост)
Личните имиња завршуваат на -а (Весна, Селма, Мелиха),на -е (Маре, Наде), а некои имиња имаат и друг завршеток (Инес, Бети)
Забелешка:  индивидуа, личност, персона, странка се граматички од женски род, се однесуваат на лица од двата пола.
Извесен број именки покажуваат колебање во родот, т.е. може да бидат и од машки и од женски род.
Пр.Тој ја разгоре жарта во огнот.
      Во жарот на играта, заборави на времето.
Други именки со колебање во родот се: песок, пепел, вар, прав и др.
Именките од среден род завршуваат на -о (око, езеро), на -е (пиле, море), а се среќаваат и на други завршетоци.
2.Број
Именките имаат два броја: еднина (еден предмет, лице или појава)  и множина (повеќе од предметите, лицата или појавите).
Во еднина се употребуваат:
-сопствените именки (Јасмина, Струга, Јабланица);
-збирните именки (мебел, стока);
-материјалните именки (бакар, челик)
-апстрактни именки во основното значење (просвета).
Во сите набројани слуаи има одредени исклучоци.
Именки кои имаат само множинска форма, а се употребуваат и за еден, а и за повеќе предмети:
ножици, очила, панталони, фармерки, шалвари)
Видови множина
Именките имаат три вида множина: обична, изборајана и збирна.
Обичната  множина укажува дека станува збор за повеќе од еден предмет или лица што може да се бројат (писмо-писма,маса-маси)
Примери:
учител-учители, коњ-коњи, крава-крави, желка-желки, вест-вести,кочија-кочии, село-села,
број-броеви, крај-краеви, пиле-пилиња, време-времиња;;
дедо-дедовци, Китрозовци, човек-луѓе, рака-раце, нога-нозе, дете-деца;

Избројаната множина  укажува на два или повеќе предмети во определено, избројано количество (два/збора, неколку листа).
Оваа множина ја образуваат само именките од машки род кои во еднина завршуваат на согласка.
Примери:
два дена, неколку заба, три клуча.
Збирна множина нагласува на едно множество како целина, а не како на избројливи елементи.
лист-лисје/лисја, клас-класје/класја, ливада-ливаѓе, корен-корења/корење.

Определеност на именките
Една  од најпрепознатливите карактеристики на нашиот јазик е определеноста (членот).
Со определеноста поблиску изделуваме само еден член, претставник на определено множество истородни предмети, суштества или појави.
Со членот се врши и просторно определување:
Моливов(до мене ) го купив во книжарница.
Дај ми ја тетратката(таа што е до тебе).
Членски наставки(морфеми) се следните:
 
   -от,      -та,          -то;                      -те
   -ов,      -ва,          -во;                     -ве
  -он,       -на,         -но;                     -не


Наставките -от,-ов-он се додаваат на еднинските форми на именките од машки род што завршуваат на согласка (столот, столов, столон; човекот, човеков, човекон).
Наставките -та,-ва,-на се додаваат кај сите именки од женски род во еднина (клупата, клупава,клупана; жената, женава, женана); кај именките од машки род што завршуваат на -а во еднина (судијата, судијава, судијана);кај формите во множина на -а или -иња кај именки од среден род (селата, селава, селана); кај формите за збирна множина на -је и
-ишта (перјата, перјава, перјана)
Наставките -то,-во,-но се додаваат кај сите именки од среден род во еднина (езерото, езерово, езероно),кај именки од машки род во еднина на -о и -е (дедото, дедово, дедоно), кај формите за збирна множина н а-је(нивјето, нивјево, нивјено), кај множинската форма луѓе (луѓето, луѓево, луѓено).
Наставките -те,-ве,-не, ги добиваат сите именки кои образуваат множина со -и и -ови/-еви
(столовите, столовиве, столовине) и множинките форми раце, нозе (рацете, рацеве, рацене;
нозете,нозеве,нозене).
Личните имиња не се членуваат (мал исклучок ако покажуваш некој посебен близок однос со нив- Емчето).
Некои географски имиња се членуваат (Балканот), а некои не (Мариово).
Примери за членување:
моливот, моливов, моливон; моливите, молививе, моливине;
коњот, коњов, коњон; коњите, коњиве, коњине;
јагодата, јагодава, јагодана; јагодите, јагодиве, јагодине;
пчелата,пчелава,пчелана;пчелите,пчеливе,пчелине;
окото, оково, оконо; очите, очиве, очине;
мечето, мечево, мечено; мечињата, мечињава, мечињана.







👇 Решете ја и следнава вежба👇

20. 6. 2012.

Акцент

Нагласувањето на определен слог во зборот се вика акцент (од лат.збор accentus-,,потпевнување“)
Нагласувањето на слогот  се прави со помош на силата на воздушната струја, висината на тонот и квалитетот на гласот. Акцентот ги изделува самогласките како гласови со најголема звучност и како основа на слогот.
Aкцентот во македонскиот стандарден јазик е динамичен (го одликува силината на гласовниот удар врз слогот), определен(на третиот слог од крајот на зборот).
Акцентирање на трисложни и повеќесложни зборови:
водéница, нéвеста
Забелешка:Акцентот се обележува со надреден знак над самогласката свртен надесно( / ).
Акцентот кај самогласката и е обележан со ( 'и)

Акцентирање на двосложни зборови:
тáтко, клýпа
Акцентирање на едносложни зборови:
стóл, нóс
Кога се зголемуваат слоговите кај еден ист збор, акцентот се префрла на третиот слог од крајот на зборот.
Пр.ýченик-учéникот
Во македонскиот јазик има и зборови што немаат сопствен акцент, тн.клитики.
Тоа се:предлозите, сврзниците, кратките форми од личните заменки и кратката форма од повратната заменка, честичките, некои извици и др.
Акцентот на сложените зборови
Сложенките добиваат акцент на третиот слог од крајот на зборот со исклучок на одредени случаи.
-сложенки со акцент на третиот слог, на пр.:лекόмислен, сόнчоглед.
-сложени бројни именки што завршуваат на -мина:десéтмина, стόмина.
-сложенки-прилози:прéтпладне, двόкратно.
сложени состави од заменски зборови:кόј-годе, каквό-годе.
-броеви со значење на приближна бројност се еден вид сложени зборови, главно се акцентираат на третиот слог од крајот на зборот:пет-шеснáесет, седýм-осум.
-сложенки со две заповедни форми:тур'ипечи, молч'итолчи.
Исклучоци:
-сложенки со акцент на вториот слог од крајот на зборот:југозáпад, северои`сток.
-сложенки со акцент на секој составен дел:áнглиско-макéдонски.
Отстапувања од третосложното акцентирање
Отстапувања од третосложното акцентирање имаме кај:
-глаголскиот прилог:одéјќи, свирéјќи,гледáјќи.
-прилозите за време:годинáва,летόво.
-деминутивните прилошки образувања:малкýнѕа,толкýнѕа.
Акцентот на туѓите зборови
Туѓите зборови кои навлегле во нашиот јазик, различно се однесуваат во однос на акцентот.Некои го примиле третосложниот акцент,некои го задржале своето акцентирање,а некои се акцентираат двојно(со наш и со нивни акцент).
Се изделуваат туѓи зборови со акцент на:
-првиот слог од крајот на зборот;
-вториот слог од крајот на зборот;
-третиот слог од крајот на зборот.
Примери:
На првиот слог од крајот на зборот се акцентираат зборовите што завршуваат на -е,-о,-у,или -и:
аташé, депό, платó, реномé, сижé и др.
На првиот слог од крајот на зборот се акцентираат и туѓи зборови што завршуваат на согласка:
апарáт, жетόн, афинитéт и др.
Зборовите: кόрзо, пáлто и др. го прифатиле нашиот акцент.
На вториот слог од крајот на зборот се акцентираат следниве зборови:
-архитектýра, литератýра, култýра(-ура);
-операт'ивец, конзеват'ивец(-ивец);
-генијáлец(-алец);
-материјали`зам, саркáзам -изам/-азам);
-антéна, мембрáна, пиéса и др.
-национáлен,комерцијáлен, експанз'ивен, организ'иран, грандиόзен, конкурéнтен и др.
-демонстр'ира, манифест'ира, комуниц'ира и др.
На третиот слог од крајот на зборот се акцентираат туѓи зборови што завршуваат на: -ија,-ика,
-иум,-ичар.
Пр.алéргија, лингв'истика, кáлиум, истόричар, наýтичар и др.
Но и:д'ијалог, мόнолог, м'икроскоп, рéума, и др.
Акцентски целости
Два или повеќе збора под заеднички акцент претставуваат акцентска целост.
Акцентот паѓа на третиот слог од крајот на групата зборови.Кај некои може да биде и на вториот слог од крајот на целоста.
Акцентската целост е составена од :
1.Два збора со сопствен акцент, кои во акцентската целост претставуваат еден поим:
киселό ◡ млеко
2.збор кој има сопствен акцент и клитика:братýчед ◡ми.





18. 6. 2012.

Фонетика -Гласовни промени

1.Редување(замена на еден глас со друг во рамките на формите на некои зборови или на изведувањата од нив)
Пр.рака,раче,раченце;
      роди-раѓа(о-а)
      белег-белези(г-з)
      истекува-истече
      јунак-јунаци-јуначе
      цвет-цвеќе
      брат-браќа
2.Испуштање на гласовите(во некои случаи гласовите не се заменуваат ,туку се испуштаат)
Пр.петел-петли;(во множинската форма испуштено е)
      добар-добри;
      лисје од листје;
      грозје од гроздје;
      котел-котли;
      старец-старци.
За едначењето по звучност и обезвучувањето на звучните согласки на крајот од зборот прочитајте на страницата  Јазик