18. 2. 2025.

„Белото Циганче“ - Видое Подгорец

 


        Видое Подгорец  е еден од најплодните македонски писатели, кој зад себе остави многу дела. Тој е патописец, поет, раскажувач и романописец за деца и возрасни. Припадник е на втората генерација македонски писатели, а објавил стотина наслови стихозбирки, раскази и романи.

        Во родното Колешино завршил основно училиште, а во 1950 година завршил учителска школа во Штип и со неполни шеснаесет години почнал да работи како учител. Поради материјална состојба, не бил во можност редовно да ги следи предавањата на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде студирал вонредно.

        Во 1956 година, дипломирал на Вишата педагошка школа, а во јуни 1959 година дипломирал и на Филозофскиот факултет, на групата за југословенска литература. Три години потоа работел како училиштен инспектор за Штипската околија, а во 1962 година се вработил во Скопје, во НИП Нова Македонија, во редакцијата Детска радост, како уредник во детските списанија Другарче и Наш свет.

        Подгорец станал член на Друштвото на писателите на Македонија во 1958 година. Започнал да пишува уште додека учел во учителската школа во Штип, а малку подоцна, непосредната работа со децата (како учител) имала пресудно влијание за неговата определба за детската литература.

        Писателот Подгорец спаѓа во редот на најпопуларните и најплодните македонски автори: Само во првите десетина години од својот творечки живот објавил триесетина наслови. Неговите дела се преведувани на повеќе светски јазици: српски, хрватски, словенечки, турски, албански, руски, украински, полски, чешки, словачки, бугарски итн.

         Тој пишувал поезија и проза за возрасни и за деца, книжевна критика и есеистика, а покрај тоа, има објавено серија патописи од неговите патувања во други земји. Подгорец е автор на неколку телевизиски сценарија за детски игри, како и на две радио-драми за деца: Незавршена приказна (заедно со Михо Атанасовски) и Чудесно патување. Уредник е и на две антологии: Гулаб на мирот (избор на раскази за деца) и Вртешка (избор на песни за деца). Во 1969 година, издавачката куќа Наша книга од Скопје објави избор од делата на Подгорец во десет книги.

        Карактеристично за неговото творештво, освен лириката, се и романи и други прозни дела инспирирани од поблиското и подалечно историско минато на македонскиот народ. Од попознатите дела со ваква тематика се: Ајдучка чешма (роман за деца, 1964), Рајна Војвода (роман за деца и млади, 1971), Пиринскиот цар (раскази за деца, 1980), Карпошовата буна (роман, 1983), Крали Марко (повест), Ајдучка чешма и други.

         Долг е списокот на наслови и книги што во својот релативно краток живот зад себе ги оставил писателот Подгорец. Сепак, се чини, дека најпопуларен кај децата е со трилогијата Белото Циганче, која е преведена на повеќе странски јазици.

        Својот работен век го завршил како директор и главен уредник во НИК Наша книга, а починал на 14 април 1997 година во Скопје.

        Во негова чест во родното Колешино и Струмица се одржува манифестацијата „Средби под јаворите – Видое Подгорец“.

БЕЛОТО ЦИГАНЧЕ

     Карванот весело патувал низ една рамница. Напред на шарен коњ јавал Базел и пеел циганска песна. Само што го искачиле благиот насип, на десниот брег на реката ги пречекале ливади, опколени со врби и тополи.
     Преморен од патот, Таруно легнал на земјата до врбата и љубопитно слушал како Мулон и Хенза  тивко се препираат. Хенза барала од баба Мулон да го остават детето во некое село. Хенза се заканила дека ќе го повреди детето, но баба Мулон ѝ се спротиставил и ја избркал. Таруно уплашен од нејзините зборови почнал да бега кон селото, но тогаш во ноќта баба Мулон го викнал и го вратил.
     Следното утро додека баба Мулон ловел риби, Таруно го потпрашувал за неговото минато и неговите родители. Денот бил исполнет со убави моменти и измешани емоции.
Реката покрај нив им помагала за разладување и убивање на досадата. Децата често си играле на нејзиниот брег или се бањале. Едно топло попладне на реката пристигнале група деца од селото. Тие им се приближиле на Таруно и другарчињата и почнале да ги навредуваат, за на крај да ги избркаат. Дамкавото дете му дал прекар на Таруно - „Бело Циганче“.
     Таму покрај реката на Таруно му било многу убаво, затоа го замолил баба Мулон да останат на тоа место. Баба Мулон му објаснил дека Ромите не остануваат долго на ниедно место ,,но овде секако ќе останеле до есен додека да се ожнее оризот и не се ождреби колибата Белка. Таруно се радувал на помислата дека наскоро ќе работат, ќе жнеат.
     Таруно од мал му помагал на баба Мулон во плетењето на кошници, за еден ден кога малку созреал и тој после долго вежбање и гледање, тоа лето успеал да ја сплете неговата прва кошница.
     Два дена ги нема видено Насиха и Рапуш, своите другарчиња. Рапуш бил сирак. Единствен роднина бил брат му Базел. Нивните родители биле убиени од фашистите. А Рапуш како мал бил повреден и го изгубил видот. Насиха живеела со мајка ѝ Ажа, која била гатачка. Тие двајца често оделе со мајка ѝ на Насиха по селата додека таа им гатала на припростите селанки. Брат му на Рапуш често бил отсутен зошто одел на пазарите, препродавал коњи.
    Другарчињата се радувале на нивната средба. Насиха му раскажала колку убаво свирел Рапуш на виолината и како селаните му давале јадење и пари поради тоа. Таруно добил покана да оди со нив во селото и да проси ако сака. Тој се радувал на поканата, но морал прво да го праша баба Мулон дали смее да оди. Баба Мулон не го пуштил да оди. Строго го искарал и му објаснил дека просењето е за тие што не можат да работат, бидејќи тие се здрави и прави својот леб треба да си го заработат со труд не со милостина и понижување.
     Едно утро баба Мулон го разбудил рано во мугрите целиот радосен и возбуден. Таруно не можел да погоди што се случувало. Кога видел дека Белка се ождребила,  тој бил многу радосен. Посебно кога баба Мулон му кажал дека црвеното ждребе со бела нога ќе биде негово.
     Со нетрпение ги чекал неговите другари за да ја сподели радосната вест со нив, но тие веќе го виделе ждребето и биле возбудени за него. Рапуш предложил да го крстат. Му го ставиле најубавото име Бреско.
    Додека се спремале за жетвата и ја расчистувале некоја рамнина за да направат гумно, една ноќ фатило страшно невреме. Силниот дожд ги накиснал цели, а баба Мулон му ги дал своите алишта на Таруно и со своето тело го заштитувал од студот и дождот. Утредента си ги сушеле мокрите алишта на тревата, а баба Мулон веднаш почнал да плете нова кошница.
     Таруно отишол во селото  за да продава кошници. Таму ги сретнал Рапуш и Насиха, но по кратко време им се прибрижиле и селските деца коишто ги навредувале.
     Рано в зори баба Мулон го разбудил Таруно и двајцата отишле да жнеат ориз. Баба Мулон со љубов и почитување му објаснил на Таруно дека земјата е наша мајка, нашиот живот.
     На селските гумна, околу големиот јавор на Мадра, допатувале Цигани од разни краишта и местото заличило на населба. Една вечер додека другарчињата го слушале Рапуш како свири и пее, настанала страшна гужва. Се степале некои Цигани од различни черги за една девојка. Еден од Циганите бил и Базел, брат му на Рапуш. Утредента слепиот Рапуш бил загрижен за брата си.
     Едно утро умрела Белка. Поради нејзината смрт баба Мулон и Таруно биле многу тажни, но уште потажно било ждребето Бреско кое почнало да слабее и да пропаѓа. Сите се откажале од него, но не и Таруно. Тој секој ден му давал да јаде и го носел на еловите орманишта и кории на Мадра, во чија внатрешност имало мали полјанки. Тука го оставал Бреско и по неколку дена. Па по кратко време Бреско успеал да си ја поврати силата и разиграноста.
     Селските деца, дружината на дамкавото дете почесто доаѓале на гумното. Дамкавото дете дури му понудило на Таруно да се трампаат, Бреско за магаре, но Таруно не сакал да го даде своето ждребе. Веќе подолго време Бреско го немало никаде. Поради тоа Таруно бил тажен и загрижен.
     Летото било при крај. Ноќите станале подолги и постудени. Со студот пристигнала и лошата Хенза, молејќи го баба Мулон да ја прими назад, но залудно. Последната ноќ, таа рамнина, додека се спремала чергата за да си оди, баба Мулон и некој селанец разговарале со Таруно, дека тој не е Циган и поради тоа треба да остане зимата во селото кај селанецот.
     Отишол Таруно со селанецот во неговата колиба. Таму ги пречекала неговата жена. Првпат во животот имал топла вечера и покрив на главата, но сето тоа не го правело среќен. Напротив тој бил се повеќе тажен, а утре дента додека ги пасел овците, ја видел напуштената циганска населба, па тргнал да ги бара. Тогаш некој човек му кажал каде ги видел последен пат.
     Зимата се' повеќе се приближувала, ладните ноќи станувале подолги. Циганскиот караван се движел во непознат правец. Им се придружил некој Циган со магаре и мечка.
      Конечно стигнале до едно село. Надвор од селото имало напуштена штала, во која им било дозволено да ја поминат зимата. Конечно можеле малку да се опуштат. Покрај огнот се раскажувале приказни за циганскиот бог Пенга, за мечкарот и мечката.
     Ја преградиле пола штала за да ги сместат животните на топло, а за мечката, Демир изградил посебно простор. Ковачот Демир им раскажувал како ја пронашол мечката и како ја дресирал.
     Пролетта пристигнала. Топлото пролетно сонце го растопило снегот. Ковачот Демир си заминал заедно со својата мечка и магаре. Баба Мулон почнал да плете кошници. Децата уживале во пролетните цветови.
     Детските игри немале крај. Еден пролетен ден децата решиле да играат свадба. Таруно бил младоженецот, Насиха невеста, а Рапуш свирач. Но само што почнала играта биле свикани. Караванот спремен тргнал на ново патување. Ова патување ги донело до Мадра. Место полно со спомени. Но овој пат не им дозволиле да се сместат под истата врба, како претходната година. Па караванот тргнал кон селото, под јаворот.
     Први посетители им биле селските деца. Тие му раскажале за некој див коњ, што цела зима ја поминал во близина на селото. Коњот бил прекрасен. Селаните почнале да измислуваат секакви приказни за него. Таруно долго време не можел да спие мирно. Постојано мислел и го сонувал дивиот коњ.
     Само што го заборавил дивиот коњ, една ноќ тој дошол блиску до нивната колиба. Таруно го следел и трчал по него цела ноќ. Дури ни калливото мочуриште не го вратило назад, да се откаже. Кога му се приближил на дивиот коњ целиот се наежил. За некое чудо тоа бил Бреско, неговото ждребе. Таму на ногата под коленото стоел белиот белег.
     Бреско и Таруно биле повторно заедно. Сите се чуделе и се радувале на Бреско. Дури и селските деца пристигнале за да го видат. Но среќата кратко траела. Една летна вечер во чергата пристигнале полицајци со група селани, коишто се жалеле дека Циганите им ги украле коњите. Така биле однесени сите коњи, дури и Бреско.
     За тагата да биде поголема, Таруно го снашла друга несреќа. Додека береле лескови прачки баба Мулон го каснала змија. За кратко време тој починал. А Таруно останал  сам на светот. Тажен, избезумен не знаел што да прави. После некој ден, седел со главата во дланките и солзи во очите. Кај него дошол Бреско, неговиот коњ. Додека тој плачел прегрнат со својот коњ, им се приближил Базел. Се распрашал каде се наоѓа домот за сирачиња од војната и  му помогнал на Таруно да се смести во него. Детството на Таруно завршило и започнало едно ново поглавје од неговиот живот.
 
👉Со учениците од 6. одделение изработивме интересни постери за Таруно. 👇









 
 

Нема коментара:

Постави коментар