29. 4. 2024.

Моето Вевчани во пролет - лични творби на ученици

 💬Учениците од шесто одделение го опишуваа Вевчани во пролет. Од нивните умни глави изникнаа прекрасни мисли кои се преточија во волшебни зборови и реченици.

👇Прочитајте ги нивните прозни творби.


 

Моето Вевчани во пролет

        Дојде пролетта, моето омилено годишно време. Најшарено е, најубаво е, најволшебно е! Цвеќињата, дрвјата, птиците, тревата и другите растенија повторно се вратија и ја заживеаја природата и околината.
        Едно мирно утро ме разбуди црцорењето на птиците, а косата ми ја разбушави убавото свежо  пролетно ветре кое дувкаше низ прозорецот од  мојата детска соба. Станав, се облеков и отидов да појадувам. По појадокот веднаш излегов надвор во мојот раззеленет двор. Го зедов дрвеното столче и почнав да ја читам мојата омилена книга „Хајди“. Откако со Хајди се прошетавме низ магичните планински предели, решив да не губам повеќе време, туку да тргнам во обиколка на Вевчани. Ја повикав мојата другарка и со нашите велосипеди отидовме до Вевчанските извори. Возејќи се кон изворите, со восхит гледав како планините се позлатиле од сончевата прашина. Шумите ги имаа најзелените дрвја кои личеа на најдотераните принцови и принцези од највеселиот бал, разиграни во најголемото оро на Земјава. Ветрот упорно дуваше и ми даваше мотив да продолжам со мојата обиколка низ пролетниот мозаик. Веќе стигнавме кај изворите, седнавме на една клупа и се напивме од бистрата и чиста вода. Уживавме во жуборот на изворот и се насладувавме од овој прекрасен пролетен ден. Се вративме дома, а по ручекот излегов надвор и го чекав омилениот дел од денот - зајдисонцето. Небото се зацрвенило гушкајќи се со сонцето и планината. Таа глетка ме воодушеви и ме подготви за вечерниот одмор. Со топло млеко во раката се подготвив за спиење. Легнав и сите спомени од тој ден ми се вратија, па низ сеќавања повторно го преживеав овој ден.
        Треба да сме благодарни за сите дарови кои ни ги нуди природата. Пролетта е магична и сите треба да уживаме во природата и нејзините убавини.
                                                         - Ирина Димитриеска

Нема коментара:

Постави коментар