10. 7. 2012.

Глаголи

                         
Девојчето чита книга.

Глаголите  се зборови кои означуваат дејство или состојба.
Според морфолошката класификација, тие се менливи зборови, а според синтаксичката класификација на зборовите, глаголите се полнозначни зборови.
💬Граматички категории на глаголот
1. Време
Со оваа категорија се определува времето кога се врши дејството.
Времето се определува според моментот на соопштувањето, а тоа е сегашниот момент.
Основни глаголски времиња се:
-сегашно време (дејството се случува во моментот на зборувањето)
Пр.Јас играм со топка.
-минато време (дејството се случува пред моментот на зборувањето)
Пр.Јас играв со топка.
-идно време (дејството ќе се случува по моментот на зборувањето)
Пр.Јас ќе играм со топка.
Македонскиот јазик има многу времиња: сегашно, минато определено свршено, минато определено несвршено, минато неопределено свршено време, минато неопределено несвршено време, предминато, идно, минато-идно и идно прекажано време.
2.Начин
Начинот го означува ставот на говорителот кон дејството.
-исказен начин (дејството е во вид на исказ, соопштение)
Пр. Тој чита добро.
-заповеден начин (дејството е во вид на заповед)
Пр.Читај добро, те молам!
-можен начин (дејството е во вид на можност да се изврши)
Пр.Би читал добро, ако вежбаше дома.
3.Лице и број
Со оваа категорија се искажува односот на учесниците во општењето.
Глаголите имаат три лица и два броја: прво, второ и трето лице во еднина и множина.
еднина
1.лице(јас) играм --------- е лицето кое зборува(говорителот)
2.лице(ти)играш ---------- е лицето со кое зборува говорителот
3.лице(тој, таа, тоа)игра---- е лицето за кое зборува говорителот
множина
1.лице(ние)играме---------говорителот е во групата која врши дејство
2.лице(вие)играте----------говорителот ѝ припишува дејство на групата
3.лице (тие)играат---------гобворителот припишува дејство, но е надвор од дејството
Забелешка: Кај личните заменки лицето се искажува со зборови (јас, ти, тој...), а кај глаголите со наставки (-м,-ш...).
Глаголските форми кои имаат промени по лице се викаат лични глаголски форми (оди, пие, чита).
Глаголските форми кои не разликуваат лице се викаат нелични глаголски форми (одејќи, одење, оден).
Глаголските форми кои имаат само трето лице, а не го означуваат подметот се викаат безлични глаголски форми (грми, сека, зароси).
4.Вид
Видот го означува траењето на дејството или состојбата кои се означени со глаголот.
Во македонскиот јазик, глаголите се делат на свршени и несвршени.
Несвршените глаголи го означуваат дејството во процес, во одвивање, траење
(чита, игра, гледа, купува, пишува, работи).
Подгрупа на  несвршените глаголи се повторливите глаголи (прелистува,
потскокнува,тропнува). Повторливите глаголи означуваат дејство во траење што се одвива со прекини.
Свршените означуваат дејство во неговата заокруженост (прочита, купи, напише, падне).
Кај одредени глаголи видот може да се определи во реченицата, со контекстот. Тие глаголи се во помал број и се наречни двовидски глаголи (вечера, руча, информира, телефонира).
5.Преодност
Глаголите кои бараат предмет до нив т.е. се поврзуваат со предмет, се викаат преодни глаголи.
Глаголите кои не се поврзуваат со предмет се викаат непреодни.
Пример за преодни глаголи: Тој носи книга. (Што носи?)
Пример за непреодни глаголи: Јас одам по патот.
Повратни глаголи-дејството преоѓа врз лицето што ја врши работата, но не секогаш.  Повратни се сите глаголи со кратката заменска форма од  повратната заменка себе,се.
Пр. се радува, се мие, се облекува и др.
6.Залог
Со залогот се означува односот на граматичкиот подмет кон дејството.
Актив (подмет е лицето што го врши дејството)
Пр.:Мире пишува писмо. (Мире е подмет.)
Пасив(подметот не е вршител на дејството, туку предметот или лицето врз кое се врши дејството станува граматички подмет)
Пр.:Писмото беше пишувано од Мире.(Писмото е подмет.)

Нема коментара:

Постави коментар