31. 5. 2021.

„Големи и мали“ од Бошко Смаќоски

 „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски е задолжителна лектира за шесто одделение




Да ја составиме сложувалката!👇


                                             Белешка за писателот

     Бошко Смаќоски e македонски поет, раскажувач, романсиер и драмски писател. Роден е на 18 септември 1938 година, во селото Модрич. Завршил гимназија во Охрид, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Уште за време на студиите, се вработил како новинар во Радио телевизија Скопје. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Смаќоски починал во 1998 година, во Скопје.
    Еве дел од неговото творештво: „Мајски ѕвончиња“ (поезија за деца, 1959); „Додека роси“ (поезија за деца, 1962); „Распродажба на остатоци од пролетта“ (поезија, 1963); „Еден багрем и четири деца“ (лирски раскази за деца, 1964); „Усвојување на дневниот ред“ (поезија, 1965); „Големи и мали“ (роман за деца, 1966); „Славејот ноќева во трендафили“ (поезија за млади, 1967); „Всушност, сè е убава балада“ (поезија, 1968); „Влегување во Охрид“ (поезија, 1972); „Корениште“ (роман, 1972); „Крастава година“ (раскази, 1972); „Цвеќе од деветтиот рид“ (роман за млади, 1972); „Песни од Модрич“ (поезија, 1977) и многу други.
      Автор е на повеќе радиодрами, радиокомедии, радиоигри за деца и на телевизиски драми.


💬  Во 2000 година, во Скопје е снимена серија според романот „Големи и мали“, во режија на Душан Наумовски.

На следниот линк погледнете ја серијата снимена според делото.
                               👉    ГОЛЕМИ И МАЛИ

💬 Кратка содржина
ГОЛЕМИ И МАЛИ - БОШКО СМАЌОВСКИ
Дејството во романот започнува кога студентот Стево решава да побара соба под наем кај тетка Донка, средовечна драга жена, чиј сопруг Пандо е во затвор, а таа живее само со својот син Раде.
Така и Стево станува жител на улицата Караорманска и зградите број 13 и 14.
Самиот тој е сведок на сè што се случува, па затоа и решава да напише сопствена книга, во која ќе го опише животот и случките на сите станари од двете згради.
Најголема непријателка на тетка Донка е секако Важната, којашто е мајка на Буба, која пак е потајно вљубена во Раде. Важната ѝ забранува на својата ќерка да си игра со „секакви“ деца поради позицијата на референт за просвета и култура, што ја има нејзиниот маж, чичко Милан, кој пак е смртен непријател на топките и во секоја можност ги уништува.
Но, во зградите живеат и многу други интересни ликови, како Јордан Касапот, осамената бивша директорка и многу другари и другарки на Раде и Буба, освен Диме Такси, кој живее во една мала куќичка на почетокот од улицата Караорманска. Според мене најтрагични ликови, чија што тешка судбина навистина ме трогна, се оние коишто заборавени од сите и во крајна беда живеат во подрумите на зградите број 13 и 14. Тоа се самохраната чистачка Марта со својот син Ѓоре и чичкото судија, кој по загубата на своите најблиски живее сосема изолирано од другите луѓе во целосна тишина.
Дали Раде и Буба ќе останат заедно? Како тетка Донка и Важната од најголеми душманки ќе почнат да живеат како сестри? Кој е новиот сопруг на чистачката Марта и нов татко на Ѓоре? Како чичко Пандо ќе излезе од затвор? Што се одлучува на возрасните и детските куќни совети на зградите? И што ќе се случи со студентот Стево?- се само дел од одговорите кои ќе ги дознаете или пак на кои ќе се потсетите.
Преку оваа книга Бошко Смаќовски сака да ни укаже и да ни покаже дека луѓето неправилно ги делиме на големи и мали, бидејќи дел од возрасните по своите постапки, воопшто не се големи, додека во малите т.е. во децата навистина се кријат големи луѓе со огромно срце.
Преземено од Сакам книги

Перуновата стрела - Нина Анастасова-Шкрињариќ

 Громовитиот бој: како богот Перун го победи богот Велес

Перун

👇Поврзете ги паровите!👇


        Во словенската митологија, светот е претставен како џиновски даб, чии гранки се небото, стеблото-земјата, а корењата се подземниот свет. Перун е владетел на светот и седел на врвот, а на десното рамо имал орел. Во корењата живеел Велес кој владеел со подземниот свет. Велес бил непријател на Перун, му завидувал  и љубоморел бидејќи владеел со небото и земјата, а тој бил во подземниот свет. Дошол во горниот свет во форма на змија и ја грабнал саканата на Перун, убавата Перперуна. Перун се разлутил и гневен на Велес стрелал со молњи во обид да го совлада. Велес исплашено бегал, се криел зад карпа, дрвја, меѓу луѓе, а Перун жестоко го удирал со вжештени стрели и со неговата волшебна најгромовита секира. Перун го совладал Велес кој морал да се врати длабоко во подземниот свет. Перун-Велес е една вечна спротиставеност меѓу небото и земјата, огнот и водата.

Да ја составиме  сложувалката и да го прераскажеме митот!👇
Вежба💬

Еден ученик започнува со една реченица. Пример: Перун бил врховен владетел на светот. 
Продолжува друг ученик ... Пример: Тој владеел со... и така до крај на митот.
Прераскажуваме, правилно се изразуваме, се забавуваме... учиме!

30. 5. 2021.

Ден на македонскиот јазик и македонската азбука


Катерина Русевска, VII одд.

Марија Попоска, VII одд.

                                        

Мартина Бебекоска, IX одд.


Ден на македонскиот јазик                                                                                                   Ден на македонскиот јазик                                      


  

Каролина Калајџиеска, VII одд.


                                        ДЕН НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК; ВИДЕО

Литературен конкурс на тема: „Што ме движи кога сѐ стои

 Нашите ученици се неуморни во творењето. Нивната креативност и талент ја докажаа и на литературниот конкурс на тема: „Што нè движи кога сѐ стои“ во организација на приватната гимназија АЛГОРИТАМ.

Ученичката Симона Шекуткоска учествуваше со две свои творби, есеј и песна. Во прилог прочитајте ги! 👇


Што ме движи кога сè стои

            Животот е мистерија, бескраен лавиринт низ кој секојдневно се движиме и го бараме вистинскиот пат. Се соочуваме со проблеми и искушенија кои треба да ги надминеме и да стигнеме до саканата цел. Животот е и една црвена точка што ја означува среќата и сè она што нè развеселува, радува, восхитува, придвижува... Но, до црвената точка има и една црна дамка што ја означува тагата, болката, разочарувањето...

            Честопати,  тие две бои се испреплетуваат и доминираат една над друга. Тагата над среќата, болката над радоста, разочарувањето над восхитот... секојдневна борба за превласт.

             Ова време-невреме, борбата со пандемијата и вирусот Ковид-19, најочигледно ја прикажува таа борба  меѓу доброто и злото, нормалното и новото нормално. Нормално!? Да, сега е нормално да излезеш од дома со маска. Да, сега е нормално да не се поздравуваш со своите блиски и познати, да не се гушкаш, туку да ја испружиш раката со тупаница или  да се допреш со лактот. Твојот роденден не можеш да го славиш со другарите и блиските, туку преку ФБ и Инстаграм  споделуваш  слика од славеничката торта, а  на лицето ти „сјае“ бледа насмевка. Нема забави, журки, нема кафе-барови, слаткарници каде со пријателите ќе се почестиш и забавуваш. Вирусот те демне насекаде и те предупредува преку големиот број болни, а за жал и многуте смртни случаи. Не е нормално ни да одиш на училиште со соучениците, да се образуваш во твојот втор дом, да се смееш на шегите на твојот најдобар другар или под око да ја гледаш твојата симпатија.

Не е, не е! Се чувствувам како во некој балон од кој не можам да излезам за да вдишам свеж воздух што значи живот. Изгледа како светот да застанал, како сè да стои и  не се придвижува. Нашиот најголем непријател, таа црна дамка што ја покрива црвената точка е вирусот и неговата застрашувачка моќ да нè нападне, зарази, разболи... Тој, сите нè стави во карантин што трае цела година, нè натера да размислуваме поинаку, да се однесуваме повнимателно и да бараме нови надежи и перспективи.

            Сè стои затоа што во прашање е нашето здравје и нашиот живот. Кој е вистинскиот излез од овој испреплетен лавиринт, полн со мали патчиња низ кои се губиме барајќи го патот кон излезот, кон светлината?

            Велат дека во секое зло има и нешто добро. Можеби, доброто е она што нè движи додека сè стои. Квалитетното време поминато со нашето семејство и нашите најблиски не се споредува со ништо. Се потсетивме на сите оние заборавени игри од детството на нашите родители: табланет, Не лути се човече, домино, шах... И онлајн учењето има свои предности затоа што ги збогативме нашите технички знаења, а и се поврзавме на еден  поинаков начин со нашите наставници. Колку би било убаво кога технологијата на вистински начин ќе се поврзе со непосредноста, со погледот во живо, со допирот, со насмевките, во училница? Сонувам за враќањето назад пред пандемијата, тоа ми дава надеж дека и ова ќе помине, дека ќе бидеме победници, човекот посилен од вирусот. Овие мисли секојдневно ме движат да продолжам напред, да не потклекнувам пред лошите искушенија, да се борам и надевам дека тоа утре ќе дојде брзо. Научив многу нешта од оваа година што поминува. Научив да ги ценам моите родендени поминати со најблиските, славите и имендените со роднините, забавите со другарите, прошетките до Вевчанските извори со соучениците. Научив да молчам и во молчењето да наоѓам мир и задоволство. Со книгата во рака го прошетав целиот свет, се качив на Ајфеловата кула во Париз, гордо се исправив пред Статуата на слободата, Кинескиот ѕид го прошетав од небесната шир, а со уживање јадев од  вкусната баклава во Истанбул. Во спомените се вратив на многубројните прошетки со моите најблиски во Охрид, Скопје, бродев со кајче на мирното Охридско Езеро, се искачував низ планинските предели на Јабланица.

             Не треба многу за среќа, малите едноставни нешта нè прават радосни и задоволни. Градината полна со мирисливи цвеќиња, моето мало влакнесто милениче кое ми се вртка низ нозете и сака да се гали, кренатата рака на мојата другарка која поминува по улицата...

Надежта е таа што нè движи напред и која не запира во ничие срце. Надежта дека оваа состојба ќе заврши и ќе дојдат подобри времиња, а секоја добра вест е  мелем за потхранување на оптимизмот во нашите глави. А она што навистина нè одржува и храни цело време е и  љубовта која ја добиваме и даруваме во големи количини.  Љубовта од нашето семејство додека стравувавме за животот на некој близок или познат. Љубовта од нашите другари и пријатели пренесена преку социјалните мрежи, преку далечина, а толку силна и реална. Јас верувам, се надевам и љубам... знам дека животната временска машина за нас има уште поубави, порадосни и посреќни денови. Животот нè учи дека среќата е во малите нешта. Да се радуваме на секој нов ден, да живееме дишејќи со полни гради, бидејќи секојдневните работи нè движат напред и кога сè стои.

Есејот го напиша ученичката: Симона Шутиноска, IX одделение

ООУ„Страшо Пинџур“, Вевчани

Што ме движи кога сè стои 

Сè стои во место,

велам јас често.

Стои за да сме здрави,

па не одиме ниту на слави.

 

Дојде чудно време,

на грбот ми стои бреме.

Дома сум на час,

не можам да пуштам глас.

 

Некое ново нормално,

нешто друго е морално.

Како сè да мирува и стои,

денови до крај, секој брои.

 

Верувам во нешта убави,

први тинејџ-љубови.

Надеж пуштена преку жица,

За слобода низ шир-птица.

 

Ме движи љубовта моја,

прекриена со црвена боја.

Ме движи добра книга,

кога в рака ми стига.

 

Крикнувам на цел глас,

за подобро утре, за спас.

За весела насмевка и среќа

и  добри мисли, полна вреќа.

 

 

Да, ме движи љубовта,

ме движи надежта,

ме исполнува добра  мисла,

за подобро  наше утре,

за нормален разигран свет,

за живот во вистинска  смисла.

 

Ученичка: Симона Шутиноска  IX  одделение;                  

ООУ„Страшо Пинџур“,  Вевчани; 





11. 5. 2021.

„Малиот принц“- Антоан де Сент- Егзипери

 



„Малиот принц“ е најпознатиот роман на славниот француски писател Антоан де Сент-Егзипери. Романот е напишан во 1943 година додека писателот живеел во САД. Две години по смртта на писателот, романот е објавен во неговата родна Франција. Ова дело е преведено на повеќе од 250 странски јазици и се смета за едно од најпопуларните дела на светската книжевност.

Книжевни елементи
Книжевен род: епика
Книжевен вид: роман, современа бајка
Локализација (место и време на настанот): пустината Сахара. Планетата на малиот принц, други планети кои ги посетил пред неговото доаѓање на Земјата.
Дејството е сместено околу половината на 20 век, за време на Втората светска војна

Тема: Запознавање на Малиот принц со нараторот, следење на неговото патување низ планетите додека се запознава себеси и додека се обидува да го сфати значењето и местото на розата во неговиот живот.

Идеја: додека растат, луѓето ги губат своите добри особини и ги забораваат вистинските вредности кои како деца ги имаат. Стануваат суетни, себични, отуѓени од другите, забораваат дека вистинските нешта не се купуваат со пари. Секогаш постојат луѓе кои веруваат дека светот може да се промени на подобро.

Куќата во која била напишана книгата „Малиот принц“
„Малиот принц“ е извонредна приказна за еден пилот и воен херој, кој се урива со неговиот авион среде пустината Сахара и емотивната дружба со едно дете, принц на друга планета. Малото момче ја бара смислата на животот и патот до дома и до неговата сакана роза која ја оставил таму.

Прочитајте неколку интересни податоци за Малиот принц на следниов линк👇
Глава I

Раскажувачот започнува да раскажува за времето кога имал шест години и кога видел цртеж на змијата боа како голта еден шумски ѕвер. Восхитен од цртежот, црта свој цртеж, змија со голема испакнатина. Воодушевен од своето дело, им го покажува на возрасните, прашувајќи ги дали се плашат. Останува зачуден затоа што сите му го даваат следниот одговор:

„А зошто да ни е страв од една шапка?“

Неговата детска слика го претставувала змискиот цар кој проголтал слон. Сакајќи да им ја покаже суштината на возрасните, во средината на змијата нацртал слон. Безуспешно! Сите го убедувале дека не треба да црта, туку треба да се занимава со географија, историја, математика или граматика.

На крај, станал пилот. Летал насекаде по светот. Од време на време ќе запознаел некој соговорник за кого мислел дека е мудар и ќе му го покажел истиот цртеж. Секогаш добивал одговор дека на сликата има шешир. Разочарано се откажувал од разговор со таа личност и започнувал разговор за голф, политика и др. Така, на крајот сите биле задоволни.

Змијата голтнала слон



Глава II

Раскажувачот живеел сам и на едно од неговите патувања, авионот се расипал и се срушил во пустината Сахара. Вода имал само за осум дена. Првата ноќ ја поминал спиејќи на песокот. Во еден момент го рабудил глас кој побарал од него да му нацрта овца. Пилотот не можел да им поверува на своите очи. На сред пустина, илјадници километри оддалечен од населено место, сретнува едно момче кое изгледа сосем нормално. Пилотот го нацртал слонот заробен во змискиот цар. Неверојатно! Малото момче  побарало од пилотот овца, а не слон заробен во змија. Пилотот нацртал неколку овци кои не му се допаднале на момчето. За првата рекол дека е болна, за втората дека е овен, третата престара...

Пилотот лут и нервозен, му нацртал кутија и му рекол дека овцата е внатре. Момчето се насмевнало и рекло: 

─ Е, токму тоа го сакав! Што мислиш, ќе ѝ треба ли многу трева на овцата?

Ова неверојатно момче со бујна фантазија е всушност малиот принц.

Малиот принц



Глава III

Малиот принц постојано поставува прашања, а раскажувачот, збунет не може да открие од каде доаѓа принцот. Кога момчето го прашува за авионот, пилотот му одговара дека паднал од небото, по што тој се насмевнува и кажува дека и тој паднал од небото.

Малиот принц е таинствен во одговорот од каде доаѓа.  Концентрирано и  со задоволство ја гледа нацртаната овца во кутијата.

Глава IV

Раскажувачот сфаќа дека планетата на малиот принц е мала и претпоставува дека е тоа астероидот Б612. Возрасните се грижат за броевите и со нив дефинираат сè Кој колку години има, килограми или колку пари заработува, а не нешта кои се многу поважни.

„Тие никогаш не ви велат: „Каков е звукот на неговиот глас? Кои се игрите што ги претпочита? Дали е колекционер на пеперутки?“

Сакајќи да го запомне својот мал пријател, пилотот го црта. Не е убаво да се заборави пријател.

Глава V

Третиот ден од средбата, тие разговараат за растенијата. Пилотот дознава дека на малата планета има корисни и штетни растенија. Двајцата разговараат за големото дрво баобаб за кое е важно да се каже дека кога почнува да расте е малечко.

„Кога наутро ќе се измиеш и дотераш, треба грижливо да ја средиш планетата.“

Малиот принц објаснува дека е важно да се исчисти планетата од големите баобаби бидејќи кога ќе пораснат, тие ќе ја уништат неговата мала планета.

Пилотот црта цртеж како опомена за опасноста од големите дрвја.

Баобаб

Глава VI

Малиот принц кажува дека ги сака зајдисонцата. На неговата мала планета може да ги гледа постојано со едно обично поместување на столот.

Успеал да види 44 зајдисонца.

„Знаеш... кога сме тажни го сакаме залезот...“

Колку бил тажен принцот дента кога видел 44 зајдисонца?

Тажен ли е принцот?
Глава VII

На петтиот ден од нивната средба, раскажувачот ја открива тајната на животот на малиот принц. Разговорот започнува околу трњето и цвеќињата. 

„Цвеќињата се нежни и наивни. Тие се обезбедуваат како што можат. И мислат дека се страшни со нивните трње...“

Малиот принц е загрижен затоа што овцата би можела да го изеде неговиот цвет кој е сам меѓу милиони цветови. Плачот на момчето, пилотот мора да го смирува со ветување дека ќе му нацрта оклоп на цветот за да не може овцата да го изеде.

Глава VIII

Пилотот открива како цвеќето дошло на малата планета.  Нешто го донесло, можеби ветерот, и од семе, изникнало необично растение кое било многу нежно и барало од принцот да го чува под стаклено ѕвоно, да го залева...

Прекрасниот цвет мирисал убаво, а малиот принц вели дека не уживал во тоа: „Но јас бев премногу млад за да го сакам.“

Глава IX

Принцот зборува за неговото бегство од планетата. Ја средил планетата, го полеал цветот и го поклопил со стакленото ѕвоно. Тажниот цвет му се обратил:

„О, да, јас те сакам. Моја е грешката што ти ништо не си знаел за тоа. Тоа не е важно... Потруди се да бидеш среќен. Остави го стакленото ѕвоно. Не ми треба повеќе.“

Цветот бил горделив, не сакал принцот да го види како плаче.

Глава X

Принцот започнал да ги посетува планетите барајќи некаква работа, а имал желба да научи нешто. На првата го нашол кралот кој седел на едноставен, но величествен престол. Кралот сакал да му наредува на принцот, но тој бил многу уморен и постојано се проѕевал. 

Принцот си заминал чудејќи се на однесувањето на кралот кој бил единствен жител на таа планета.

„Возрасните се навистина чудни - рече принцот“

Глава XI

Посета на планетата каде живеел вообразениот кој  поздравувал со својот чуден шешир. 

Глава XII

Посета на планетата каде живеел пијаницата кој се срамел затоа што пиел.

Глава XIII

На следната планета го запознал бизнисменот кој постојано броел и пресметувал. Ги броел ѕвездите и му објаснил „како функционираат нештата“ и што значи да поседуваш нешто. Малиот принц е зачуден од размислувањата на возрасните.

Глава XIV

Го сретнал фенерџијата кој го палел и гаснел фенерот. Принцот заклучил дека тој има покорисна работа од другите, ги носи денот и ноќта.

Глава XV

Средбата со географот многу го растажила. Географот забележувал мориња, океани, планини, но не истражувал сам, тоа за него го правеле пронаоѓачите. Тој побарал од принцот да му ја опише малата планета за да забележи сè. Момчето многу се растажило откако географот не сакал да го запише неговиот цвет „бидејќи цвеќињата се привремени“. Малиот принц се исплашил од исчезнувањето на неговата роза.

Глава XVI

По препорака на географот, малиот принц се упатил на Земјата на која има многу луѓе и на која пред пронаоѓањето на електричната енергија имало многу фенерџии.

Глава XVII

На Земјата прво ја сретнал змијата. „А, каде се луѓето? Се чувствувам малку осамен во пустинава... - Може да се чувствуваш осамен и меѓу луѓето, рекла змијата.“ Змијата е моќна и таа може да го врати назад од каде што дошол.

Глава XVIII

Поминувајќи преку пустината малиот принц сретнал еден осамен цвет. Барајќи ги луѓето, тој му одговорил дека видел некој караван со луѓе пред неколку години.

„Ветрот ги носи. Тие немаат корења и тоа им создава тешкотии.“ 

Глава XIX

Одејќи се качил на една висока планина. Се разочарал бидејќи не видел ништо, но сепак поздравил. Му се вратило само ехо. Се разочарал.

„И луѓето немаат фантазија. Тие го повторуваат она што ќе им се каже.“

Глава XX

Во една градина со рози видел илјадници рози. Се разочарал бидејќи сите изгледале како неговата роза.

Глава XXI 

Малиот принц ја сретнал лисицата. Тој сакал да си игра со неа, но таа му објаснила дека не може да игра со него бидејќи не е припитомена и дека е како тие илјадници рози кои тој ги видел. Му објаснила на момчето како се создаваат вистински врски и пријателства.

„Ти за мене си сė уште само едно мало детенце слично на стотина илјади деца. И јас немам потреба од тебе, како што ти немаш потреба од мене. Бидејќи и јас за тебе сум слична на стотина илјади лисици. Но, ако ти ме припитомиш, ние ќе имаме потреба еден од друг. Ти за мене ќе бидеш единствен на светот. И јас за тебе ќе бидам единствена на светот...“

Малиот принц ѝ објаснил на лисицата дека е припитомен и дека на својата планета има една роза која тоа го направила. Лисицата е упорна, досадно ѝ е, живее монотоно и постојано брка кокошки. На изговорот дека тој ги бара луѓето, лисицата вели дека тие немаат време за ништо, дека купуваат кај трговците, па можеби таму ќе си најдат пријатели ако се продаваат. 

Принцот ќе ја припитоми лисицата, но ќе мора да продолжи. 

„Еве ја мојата тајна. Таа е многу едноставна: само со срцето можеме добро да видиме. Најважното е невидливо за очите.“

Малиот принц и лисицата
Глава XXII
Средба со свртничарот на возови. Децата знаат што сакаат, а возрасните со текот на годините се менуваат.

Глава XXIII
Средба со трговецот кој продавал таблети за гасење на жедта.

Глава XXIV

Осмиот ден пилотот и малиот принц по долга потрага пронашле бунар. Се чувствува неверојатна поврзаност помеѓу момчето и пилотот. Убавото е секогаш невидливо. Верноста на принцот кон розата е за восхит.

Глава XXV

Од бунарот ќе се напијат вода, а принцот зборува за луѓето кои одгледуваат 5000 рози, а не можат во нив да го најдат најважното.

„Очите се слепи. Треба да се бара со срцето.“

Глава XXVI

Крај бунарот, принцот ќе замине засекогаш, змијата го каснува, а пилотот занемено ја набљудува таа слика. Tој ќе биде ѕвезда заедно со неговата роза.

Глава XXVII

Погледнете во небото и запрашајте се:„ Дали овцата го изела или не го изела цвеќето?“ И тогаш ќе видите како сè се менува...

А ниеден возрасен човек нема никогаш да сфати дека тоа има толку големо значење!

 Составете ги сложувалките!👇