31. 8. 2021.

Прв ден на училиште: Интересни игри за успешен почеток на учебната година

 


       Првиот час по македонски јазик е време за запознавање, забава и разговор. Во продолжение прочитајте неколку предлози за игри во одделението. Преку овие игри учениците ја вежбаат својата концентрација, се запознаваат со наставникот (6 одд.) и се забавуваат. Избрани се игри кои се во согласност со протоколите за настава во време на пандемија, донесени  од МОН.

                                     Патување на Месечината

    Играта започнува со зборовите: „Јас сум капетан на вселенски брод. Одам на излет на Месечината. Кој сака да оди со мене и што ќе понесе со себе?“

На Месечината ќе бидат земени само оние кои ќе изберат предмет што почнува со иста буква како нивното име. Овој услов не смее да им се открие на учениците. Тие треба да откријат сами!

Ученикот кој одговара на прашањето мора да стане и да одговори: „Здраво, јас се викам ..... и на Месечината ќе понесам....“ Ако предметот не почнува со истата буква како името на ученикот, наставникот одговара: „Жал ми е, не можеш да дојдеш со нас.“ Следува одговорот на друг ученик. Ако ученикот сфати за што станува збор или случајно избере предмет кој почнува со првата буква од неговото име, му се посакува добредојде на вселенскиот брод и се забележува неговото име (на таблата, паното или др.)

    Со тек на време, учениците ќе сфатат за што се работи. Играта може да се искористи за поставување дополнителни прашања за подобро запознавање.


Одиме на Месечината!

 

          Претставување со име, звук и движење

    Наставникот дава упатство.  Секој ученик се претставува (Јас сум...) прави некое едноставно движење со телото и произведува некој звук. Цело одделение заедно го повторува неговото/нејзиното име и го прави истото движење и звук. Вежбата се повторува за сите ученици.

Играта може да се надградува со приказна  и со помош на фантазијата учениците треба да замислат дека дошле од некоја далечна, сѐ уште неоткриена земја со необично име, каде суштествата се поздравуваат поинаку  од нас. Во еден момент се наоѓаат во училиштето, на годишниот собир на неоткриени земји и планети, па мора да се претстават со нивното вистинско име и поздрав, пр. Јас сум Ема Бум-бим, Плоп-плоп, Зип-зап... Сите ученици го повторуваат името и поздравот (може да се комбинира движење и звук)

Оваа игра има многу варијанти. Постарите ученици покрај своето име може да додадат некоја нивна особина (која ја имаат или би сакале да ја имаат), а која почнува со истата буква како нивното име... 

                              


                        А-ХА

    Оваа вежба го развива помнењето и ритамот. Ученикот со десната рака треба да го допре левото рамo и да каже „А“, потоа со левата рака да го допре десното рамo и да каже „Ха“, со десната рака го допира левото колено и го кажува своето име, а со левата рака десното колено кажувајќи го името на некој/a другар/ка од одделението.

Играта ја продолжува ученикот чие име е кажано. Тој ги повторува истите движења и повикува следен ученик да продолжи. 

Пример: „А-ХА, Мите - Соња“, продолжува Соња: „А-ХА, Соња - Иван“, па Иван... сѐ додека не се направи круг од сите ученици. Важно е да се држи ритамот на вежбата.

Се почнува сo бавен ритам, па се забрзува вежбата. Нормално е да се прават грешки, а сето тоа се прифаќа на забавен начин.


                       Мојата реченица
    Секој ученик на лист хартија вертикално го пишува своето име.  За своето име, ученикот смислува реченица така што секоја буква од името ќе биде на почеток или дел од некој збор во реченицата. Буквите од името може да ги напишат големи или со друга боја. Реченицата мора да има смисла.
Пример: Роза - РоЗа гО Зеде Албумот.
Речениците се читаат и се избираат најинтересните и најуспешно составените реченици.

*Забелешка: Игрите се преземени од различни интернет страници

--------------------------------------

Извор: Teach This

           http://www.profil-klett.hr/


Вевчанско културно лето, 2021 година

 

Блаже Конески (1921-1993)

На 11 август 2021 година (среда) започна културната манифестација Вевчанско културно лето- ВЕВКУЛ, 2021.

Манифестацијата се одржува под мотото „Вевчани за Блаже Конески“, а со тоа се одбележува 100-годишнината од неговото раѓање. Настанот започна со изложбата на  фотографии и факсимили од и за Блаже Конески, а подготвена од познатиот новинар  Мишо Китаноски.

Програмата ја водеше Верица Мукоска, а песни од Блаже Конески читаа Андреј Ѓорејлиески („Враќање“), Теона Плушкоска („Тешкото“), Катерина Русевска („Сончева колона“), Сергеј Димитриевски и Георгина Србакоска („Везилка“).

Прекрасен настан овековечен од фоторепортерот Стојан Кукунешоски.

Благодариме, ВЕВКУЛ!



Теона

Катерина

Андреј

Георгина

*Забелешка: сликано со мобилен телефон (Роземак)

31. 5. 2021.

„Големи и мали“ од Бошко Смаќоски

 „Големи и мали“ од Бошко Смаќоски е задолжителна лектира за шесто одделение




Да ја составиме сложувалката!👇


                                             Белешка за писателот

     Бошко Смаќоски e македонски поет, раскажувач, романсиер и драмски писател. Роден е на 18 септември 1938 година, во селото Модрич. Завршил гимназија во Охрид, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Уште за време на студиите, се вработил како новинар во Радио телевизија Скопје. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Смаќоски починал во 1998 година, во Скопје.
    Еве дел од неговото творештво: „Мајски ѕвончиња“ (поезија за деца, 1959); „Додека роси“ (поезија за деца, 1962); „Распродажба на остатоци од пролетта“ (поезија, 1963); „Еден багрем и четири деца“ (лирски раскази за деца, 1964); „Усвојување на дневниот ред“ (поезија, 1965); „Големи и мали“ (роман за деца, 1966); „Славејот ноќева во трендафили“ (поезија за млади, 1967); „Всушност, сè е убава балада“ (поезија, 1968); „Влегување во Охрид“ (поезија, 1972); „Корениште“ (роман, 1972); „Крастава година“ (раскази, 1972); „Цвеќе од деветтиот рид“ (роман за млади, 1972); „Песни од Модрич“ (поезија, 1977) и многу други.
      Автор е на повеќе радиодрами, радиокомедии, радиоигри за деца и на телевизиски драми.


💬  Во 2000 година, во Скопје е снимена серија според романот „Големи и мали“, во режија на Душан Наумовски.

На следниот линк погледнете ја серијата снимена според делото.
                               👉    ГОЛЕМИ И МАЛИ

💬 Кратка содржина
ГОЛЕМИ И МАЛИ - БОШКО СМАЌОВСКИ
Дејството во романот започнува кога студентот Стево решава да побара соба под наем кај тетка Донка, средовечна драга жена, чиј сопруг Пандо е во затвор, а таа живее само со својот син Раде.
Така и Стево станува жител на улицата Караорманска и зградите број 13 и 14.
Самиот тој е сведок на сè што се случува, па затоа и решава да напише сопствена книга, во која ќе го опише животот и случките на сите станари од двете згради.
Најголема непријателка на тетка Донка е секако Важната, којашто е мајка на Буба, која пак е потајно вљубена во Раде. Важната ѝ забранува на својата ќерка да си игра со „секакви“ деца поради позицијата на референт за просвета и култура, што ја има нејзиниот маж, чичко Милан, кој пак е смртен непријател на топките и во секоја можност ги уништува.
Но, во зградите живеат и многу други интересни ликови, како Јордан Касапот, осамената бивша директорка и многу другари и другарки на Раде и Буба, освен Диме Такси, кој живее во една мала куќичка на почетокот од улицата Караорманска. Според мене најтрагични ликови, чија што тешка судбина навистина ме трогна, се оние коишто заборавени од сите и во крајна беда живеат во подрумите на зградите број 13 и 14. Тоа се самохраната чистачка Марта со својот син Ѓоре и чичкото судија, кој по загубата на своите најблиски живее сосема изолирано од другите луѓе во целосна тишина.
Дали Раде и Буба ќе останат заедно? Како тетка Донка и Важната од најголеми душманки ќе почнат да живеат како сестри? Кој е новиот сопруг на чистачката Марта и нов татко на Ѓоре? Како чичко Пандо ќе излезе од затвор? Што се одлучува на возрасните и детските куќни совети на зградите? И што ќе се случи со студентот Стево?- се само дел од одговорите кои ќе ги дознаете или пак на кои ќе се потсетите.
Преку оваа книга Бошко Смаќовски сака да ни укаже и да ни покаже дека луѓето неправилно ги делиме на големи и мали, бидејќи дел од возрасните по своите постапки, воопшто не се големи, додека во малите т.е. во децата навистина се кријат големи луѓе со огромно срце.
Преземено од Сакам книги