29. 4. 2024.

Моето Вевчани во пролет - лични творби на ученици

 💬Учениците од шесто одделение го опишуваа Вевчани во пролет. Од нивните умни глави изникнаа прекрасни мисли кои се преточија во волшебни зборови и реченици.

👇Прочитајте ги нивните прозни творби.


 

Моето Вевчани во пролет

        Дојде пролетта, моето омилено годишно време. Најшарено е, најубаво е, најволшебно е! Цвеќињата, дрвјата, птиците, тревата и другите растенија повторно се вратија и ја заживеаја природата и околината.
        Едно мирно утро ме разбуди црцорењето на птиците, а косата ми ја разбушави убавото свежо  пролетно ветре кое дувкаше низ прозорецот од  мојата детска соба. Станав, се облеков и отидов да појадувам. По појадокот веднаш излегов надвор во мојот раззеленет двор. Го зедов дрвеното столче и почнав да ја читам мојата омилена книга „Хајди“. Откако со Хајди се прошетавме низ магичните планински предели, решив да не губам повеќе време, туку да тргнам во обиколка на Вевчани. Ја повикав мојата другарка и со нашите велосипеди отидовме до Вевчанските извори. Возејќи се кон изворите, со восхит гледав како планините се позлатиле од сончевата прашина. Шумите ги имаа најзелените дрвја кои личеа на најдотераните принцови и принцези од највеселиот бал, разиграни во најголемото оро на Земјава. Ветрот упорно дуваше и ми даваше мотив да продолжам со мојата обиколка низ пролетниот мозаик. Веќе стигнавме кај изворите, седнавме на една клупа и се напивме од бистрата и чиста вода. Уживавме во жуборот на изворот и се насладувавме од овој прекрасен пролетен ден. Се вративме дома, а по ручекот излегов надвор и го чекав омилениот дел од денот - зајдисонцето. Небото се зацрвенило гушкајќи се со сонцето и планината. Таа глетка ме воодушеви и ме подготви за вечерниот одмор. Со топло млеко во раката се подготвив за спиење. Легнав и сите спомени од тој ден ми се вратија, па низ сеќавања повторно го преживеав овој ден.
        Треба да сме благодарни за сите дарови кои ни ги нуди природата. Пролетта е магична и сите треба да уживаме во природата и нејзините убавини.
                                                         - Ирина Димитриеска

31. 3. 2024.

1. ДЕТСКИ ПРЛИЧЕВИ БЕСЕДИ, ОХРИД

     💬Во чест на големиот Григор Прличев, Здружението за литература и култура „Охридски поетски бисер Охрид“, во соработка со Општина Охрид ги организираше 1. Детски Прличеви беседи.

    💬 На манифестацијата која се одржа на 30.3.2024 год., нашата ученичка од VIII одделение, Аспасија Чочороска,  со песната „Мајка имаме една, а татковината е илјада мајки“ го освои првото место во категоријата за основно образование.

👇 Со задоволство преку слики и видеа ќе ве пренесеме на овој одлично организиран настан. Честа беше наша. Нека премине во традиција!























👇👇👇 Прочитајте ја песната!👇👇👇

„Мајка имаме една, а таткојната је хилјади мајки“-Г. Прличев

 

Многу силна ти си била

Татковино, моја мила,

да претрпиш, да издржиш,

крвави маки и страдања

долги ропства, војни тешки,

со трпеливост, храброст и јаки плешки.

 

Мрачни, срамни поделби

Ти претрпе, мајко моја,

Ти парчеа и кинеа снага твоја.

Но, Ти си Пирејот на Андреевски,

кој простум, гордо се издигна,

вивна ко  вековен пламен,

и дигна достоинствено знаме.

 

Чиниш, сè се среди,

сонце жолтоцрвено светна,

ете ти, мајко нови политики подли,

и радоста од слободата твоја,

ко пердувче лесно од тебе летна.

 

Како Рациновите денови тешки

кои „легнале, та натежнале,“

така и сега врз тебе Татковино,

уцени нечесни стежнале.

 

„Мајка имаме една,

а таткојната је хилјади мајки“,

одѕвонува низ бескрајот

Прличевиот  поетски глас,

а јас гордо со исправен стас,

за тебе стихови пишувам и пеам,

со молитви кон Бога се обраќам,

да ни бидеш среќна, непокорна и вечна.

 

Ученичка: Аспасија Чочороска, VIII а одделение

ООУ„Страшо Пинџур“, Вевчани


22. 3. 2024.

25.3.2024 - Содржини за расказ и роман

                                                                 Реши го ребусот!



                                              Реши го ребусот!


Прочитајте на следниот линк РАСКАЗ НАСПРОТИ РОМАН

14. 2. 2024.

Креативен пристап при обработка на лектира (2023/2024)

💬 При обработката на лектирите се обидуваме да бидеме креативни и да додадеме нов мотив за читање на некое литературно дело. Честопати на  блогот објавуваме содржини од нашите часови по лектира. 

👇Со оваа објава ќе ви покажеме некои од креативните изработки за Црни и жолти, Македонските хумористични приказни, Белото Циганче, Хајди  и Бојан.


Христијан, Јован, Љупчо, Коста и Ламбуш

Ирина


Луција

Ивона


Креативна визуелизација (Црни и жолти)



Стрип (Македонски хумористични приказни)
Ирина Димитриеска

Стрип
Љупчо Јанкоски


Белото Циганче-лик














Бојан - изработено од вредните осмоодделенци