7. 12. 2012.

Македонски народни приказни-„Мрзливата жена“

Драматизација на приказната „Мрзливата жена“

Мажот: Дај, жено, една кошула да се променам!
Жената: Не можам, не ти давам кошула!
(Седи на столче и одмара со кафенце)
Мажот:Оти вака, жено, не ми дааш кошула за да се променам? Вошките ќе ме изеат.
Жената: Море, ами кај да најдам, мажу, кога немам ни за тебе, ни за мене.
Мажот: Ами зошто да немаш, мори жено? Како што имаат сите жени, така да имаш и ти.
Жената: Дејди мажу, дејди домаќине, ами зошто си будала? Море, ами кај имам време јас да ткаам платно, тики да го белам, да после кошула да ти шијам. Ами кој ден да работам и јас не знам. Секи ден работа имам: во понеделник си месам посен зелник, торник, пототолник, стреда ќе ја врзам за греда, четврток- неврток, петок-миоглаец, сабота ќе одам на пазар, во недела ќе седам на порта. Еве, бре,  домаќине, овие сет дните, кажи сега во кој ден да ткаам платно за да ти напраам кошула, да коа немам празен ден; сакаш-неќиш, без кошула ќе си одиш.
(Мажот се фаќа за глава и излегува надвор, а жената продолжува да седи на столчето и да си пие кафе)
             (Од Народни приказни, Марко Цепенков, книга шеста)



За мрзливата жена секој ден е недела!:))
     

5. 12. 2012.

Македонски народни приказни

                                     Свекорот,свекрвата и снаата
    Едно време си биле две жени-снаа и свекрва и свекор.
Двете жени си седеле дома покрај огниште,та си пределе,а свекорот си работел по надворешна работа,а пак син му му бил на туѓина.Невестата им
била трудна.
   Еден ден предејќи си крај огниште снаа и свекрва,снаата ја праша свекрва си:„А мори нано,кога ќе ни се роди детево што го носам во мене,какво име ќе му кладеме?“
-Петко,одговорила свекрва и`,ќе го викаме!
-Ами,кај ќе го кладеме да лежи?,повторила снаата.
-Овде,на катов,крај огништево,рекла свекрвата.А над полицата,што била над кактот,тогај имало еден скепар.
-Ами ако падне на него скепарон?,опитала невестата.
Ќе го опери!,одговорила свекрвата.
-Аааа!Кога е така,рекла мајката на нероден Петко,ајде да го плачеме!
-Ајде, да го плачеме!,си рекле обете умници жени.И така си ја оставиле работата и седнале да го плачат,да го тажат и да го редат нероден Петко.
    Вечерта, кога си дошол од работа,свекорот се почудил гледајќи ги жените да плачат над ништо и за ништо,та ги опитал кого така плачеле и тажеле.Тие му раскажале како од снаата ќе се родело дете,како ќе го викале Петко,како ќе го 
повиеле и ќе го кладеле да лежи на катот;а најпосле како скепарот што бил на полица ќе паднел на него,та ќе го оперел Петка и ќе умерел,та затова тие уште отсега го плачеле и го тажеле.
-Од бога нашле,мори жени,господ ви платил!,извикал свекорот;што е оваа будалаштина од вас!Како се плачело за нероден уште и неумрен Петко?Таква будалаштина,повторил стариот,не ќе се наоѓа на веков!Јас ќе излезам и ќе шетам по сиов свет и ќе барам дали се наоѓаат побудали луѓе од вас.
                                 (извадок од хумористична приказна)

На нероден Петко,капа му кројат.
              

26. 11. 2012.

Љубов и такси

    
13 Ноември,Светски ден на љубезноста
                    
           Пред некој ден се возев во такси заедно со една пријателка.На излегување,мојата пријателка му рече на таксистот:
„Благодарам за возењето.Беше одлично!“
Таксистот за момент се збуни,но потоа рече:
„Добро,Вие, со мене најдовте да се мајтапите?“
„Не,сериозна сум,се чудам како можете да бидете смирен во ваква гужва.“
„Да!?“ одговори возачот и замина.
„Што ти стана?“ја запрашав.
„Се обидувам да ја вратам љубовта во градов“,одговори таа, „мислам дека само таа може да го спаси.“
„Како може една жена да спаси град?“
„Не се работи само за една жена.Да претпоставиме дека му го разубавив денот на таксистот.Замисли тој денес да има уште дваесет тури.Ќе биде љубезен со сите тие,дваесет патници бидејќи некој пред тоа бил фин со него.Тие дваесетмина пак ќе бидат пољубезни со своите вработени,келнери или продавачи или ако ништо друго со своите семејства.На крај добрата волја ќе може да се прошири дури на илјада лица.Ова не е лошо,нели?“
„Но, ти зависиш од добрата волја на таксистот.“
„Па,не е баш така“,рече мојата пријателка.
„Јасно ми е дека системот не е сто проценти.Но, јас во денот ќе се сретнам со
десет различни луѓе.Ако од тие  десет ,успеам да направам среќни барем тројца ,тогаш ќе можам индиректно да влијаам на ставот на три илјади луѓе.“
„Ова убаво изгледа на хартија“,признав, „но не сум сигурна дека така функционира и во пракса.“
 „Не можеш да изгубиш нешто што немаш.Јас не изгубив ништо со тоа што му кажав на таксистот дека е добар.Не му платив ни помалку ни повеќе.Таксистот не ме разбрал,па што?Утре ќе дојде друг таксист.Ќе се обидам повторно“.
„Ти навистина си откачила!“-и` реков.
„Ова покажува колку си станала цинична.Јас за ова имам направено цела студија.“
Во тој момент поминувавме покрај едно градилиште каде што петмина работници ручаа.Мојата пријателка застана:
„Алал да ви е мајстори!Каква работа сте завршиле!Сигурно не ви е лесно.“
Мајсторите ја погледнаа сомнително.
„Кога ќе биде готова зградата?“
Еден од работниците промрмори:„Јуни.“
„Секоја чест.Треба да се гордеете.“
Си заминавме.Јас и` реков:„Се` до денес мислев дека Дон Кихот е измислен јунак“.
„Не брзај.Кога тие луѓе ќе го сфатат тоа што им го реков ,ќе се чувствуваат подобро.На некој начин,градот ќе има корист од нивната среќа.“
„Ти не можеш сама да го правиш ова“,протестирав, „ти си сама..“
„Најважно е да не се обесхрабруваш.Да ги натераш луѓето да бидат љубезни не е лесно,но ако успеам да вклучам и други луѓе во мојата кампања....“
Во тој момент следеше ново изненадување.Покрај нас помина сосем обична жена.Мојата пријателка љубезно ја поздрави и и` рече дека има убави чевли.
Жената се изненади,но не се збуни и продолжи,вниманието,очигледно и` годеше.
Јас застанав прашално и ја погледнав мојата пријателка во очи.
Таа се насмеа и ми одговори:
„Да,знам.Но замисли дека таа е учителка.Нејзиниот клас ќе има прекрасен ден.“

Забелешка:Текстот е преземен од една од работилниците на проектот ПХВ(Промоција на хумани вредности).Еден од најдобрите и најкорисни проекти во кои сум учествувала.