Љубовен роман е книжевен вид кој ги опишува чувствата на главните јунаци.
Љубовниот роман е полн со дијалози и читателот ужива во приказната. Дејството започнува лесно и опуштено, а авторот, најчесто уште на првите страници нè запознава со главните ликови. Многу брзо главните јунаци се заљубуваат еден во друг, но нивната приказна често е проткаена со проблеми и е тешко остварлива. Заплетот на приказната носи разделба на заљубените, проблеми, тага и очај. Расплетот доаѓа брзо кога проблемите се решаваат и главните ликови ја остваруваат својата љубов (иако има и романи со несреќен крај).
Детските романи што обработуваат теми како првата љубов, симпатиите и емоционалното созревање се наоѓаат на границата меѓу детската и младинската литература. Во нив љубовта не е прикажана како сложена романтична врска, туку како нежно, невино и ново чувство што се јавува во периодот на пубертетот.
Во овие романи љубовта најчесто се појавува преку: симпатии меѓу соученици, прва љубомора и недоразбирање, срамежливост и несигурност, откривање на сопствените чувства.
Во споредба со класичниот љубовен роман, каде централна тема е зрела романтична врска, во детските романи љубовта има воспитна и психолошка функција. Таа служи за прикажување на процесот на растење, созревање и градење на идентитетот на младите ликови.
Пубертетот во овие дела често се прикажува како период на: силни емоции, конфликти со себе и околината, нови пријателства и симпатии.
Затоа ваквите романи може да се сметаат за почетна форма на љубовен роман, бидејќи љубовта е важна тема, но е претставена преку перспективата на детството и првите емотивни искуства.
Со учениците од 9. одд. читавме извадоци од романот „Снеговите на Климентина Евин“ и „Збунети години“, па разговаравме за симпатиите, првата љубов, емоционалното созревање.
Учениците, навистина, дадоа свои зрели размислувања на овие теми. Имавме и една интересна активност: учениците направија писмо, а малку, со помош на „чичко“ Chat Gpt, напишавме неколку пораки.







Нема коментара:
Постави коментар