19. 12. 2020.

Фантастични раскази-лични творби (2020 година)

 Фантастични раскази ( 2020 година)

На крилјата на фантазијата

Патување на непозната планета

            Беше зимска вечер. Гледав низ прозорецот низ осветленото небо.
            – Ех, колку е убаво небото! Се прашувам дали е исто на сите планети? Кога би можела да отидам на друга планета и да видам со свои очи! Набргу заспав.
           – Станувај! –  ме разбуди гласот на мојот волшебен тротинет.
           – Јас  ќе те однесам на друга планета. Се насмеав. Ми изгледаше необично да патувам низ вселената со тротинет, но го прифатив предизвикот и заедно тргнавме во авантура. Летавме. Зад нас остана планетата Земја.
          – Колку е убава вселената! – се восхитував.
          – Сега ќе ти покажам нешто што ни во сон не можеш да го видиш.– рече тротинетот и го забрза движењето кон непознатата планета. Покрај нас поминуваа астероиди, метеори и вселенски бродови. Вистинска гужва во вселенскиот сообраќај. Набрзо се спуштивме на една друга планета. Бев и радосна и исплашена од непознатото што ме очекуваше тука. 
            На една голема табла на повеќе јазици пишуваше:  „Добредојдовте на планетата Марс!“ Марс беше навистина неверојатна планета. Имаше портокалово-црвено небо слично како нашето изгрејсонце. Тлото беше преполно со малечки кратери и личеше на сирење. Кога се движев по него, малку потскокнував. Куќите имаа полукружни покриви и личеа на печурки. Во градините имаше необични овошки во разни бои. Набргу ме обиколија неколку жители на планетата. Не знаев дали да бегам или мирно да им се претставам и да им објаснам дека не сум воопшто опасна за нив. Додека се двоумев што да направам, едно од нив ми се претстави.
        – Здраво! Јас сум Астра, а ова се моите другари Солар и Солари. 
И јас им раскажав дека сум дојдена во пријателска посета и дека сакам само да ја разгледам нивната планета. Тие пријателски ми раскажуваа за нивната планета и ми кажаа дека се ученици и ме однесоа во нивното училиште. Сè беше необично и прекрасно. Времето брзо минуваше.
        Се збогувавме и со волшебниот тротинет тргнав назад кон мојот дом. Нè зафати соларна бура и почнавме да паѓаме. – Трас! – се најдов на подот во мојата соба. Да, ова беше едно фантастично патување, а таму горе во вселената останаа моите нови пријатели.
                                        Ученичка: Ева Бебекоска VI а одделение




Посета на непозната планета
        Веќе се наѕираше крајот на денот. Падна ноќ. Креветот во мојата соба го осветлуваше полната месечина и прекрасното ѕвездено небо. Една поголема точка го привлече моето внимание. Долго гледав во неа, постојано ме привлекуваше.  Во еден миг трепнав и се најдов на сосема друго место. 
        Сè изгледаше многу почудно и поголемо од вообичаено. Имаше куќи со разни форми и сите изгледаа различно. Почнав да се вртам околу една точка. Бев сигурна дека ми треба помош од некој што го познава местото. Зад еден голем проѕирен камен се криеше едно чудно, розово суштество. Бавно се приближуваше кон мене, чудно ме гледаше. За еден момент си помислив дека ќе ме нападне, ама тоа ми пружи рака и го изговори своето име: „Розел!“ И јас му се претставив и почнавме долго да зборуваме. Му кажав дека ми треба помош за да го разгледам невообичаеното и чудно место. Розел беше многу љубезен и ме информираше дека се наоѓам на планетата Розелија. Тоа име ми звучеше многу симпатично и интересено.
        Насекаде  имаше необични дупки. Розел ми кажа дека тие се тунели кои носат жители од Земјата. Јас поставував многу прашања, а Розел трпеливо ми одговараше. Додека се движевме, од секаде се стркалаа проѕирни камчиња, а јас се плашав дека ќе паднам во околните дупки. Во еден момент ја изгубив рамнотежата и почувствував како некој ми ја допре раката.
      – Збогум!, ме поздрави Розел, мојот нов пријател. 
        Кога се вратив во мојата детска соба, помиислив дека сè што поминало е еден чуден сон. Но подарокот од Розел на мојата ноќна масичка ми потврди дека ова беше една прекрасна и возбудлива авантура на непознатата планета Розелија.
                                 Ученичка: Воведа Србакоска VI б одделение  


Посета на непозната планета
        
        Тоа беше едно необично утро. Се разбудив сам, без да ме разбуди алармот на часовникот или мајка ми. Се подготвив и тргнав на училиште. 
        Додека одев по патот, во далечината видов чудна светлина. Кога стигнав до светлината, видов вселенски брод и две чудни влакнести суштества. Ме прашаа како се викам, а јас одговорив: „Се вика Андреј и учам во VI одделение.“ Тие ми се претставија на некој чуден неразбирлив јазик. Се викаа Алфи и Далфи и доаѓаа од Филија, планета од некоја чудна галаксија. Ме поканија на нивниот вселенски брод, а Далфи ми се обрати: „Сакаш ли на патување какво што  не си имал досега?“ Јас прифатив. Тие притиснаа неколку копчиња  и одлетавме на планетата Филија. Кога стигнавме таму, видов суштества како Алфи и Далфи и многу интересни куќарки. Уживав во прекрасната прошетка низ планетата. Јадев необични плодови какви нема на Земјата и пиев некој сок со вкус на малина. Навистина, волшебно!
        Времето брзо поминуваше, а јас се сетив дека тргнав на училиште и дека сите ќе ме бараат. Им кажав дека мора да си одам, а Алфи и Далфи со натажено лице прифатија дека ќе се разделиме. Ми посакаа среќен пат и желба повторно да се видиме. Јас се вратив и неверојатно, времето за училиште не поминало. Отидов во мојата училница со збунет израз на лицето и чекав да започне часот.
                                 Ученик: Андреј Ѓорејлиески VI б одделение



Посета на непозната планета
        Денот беше обичен како и секој друг кога ја шетам Дејзи, моето куче. Но денот сега побрзо се троши, па на половина пат нè стемни. Не бев исплашен, но ја забележав Дејзи како нервозно почна да 'ржи. Наеднаш, пред нас, во темнината се појави голема светлечка топка. 
        Глетката ме зачуди, но и ме маѓепса. Необични и силни бои почнаа да се врткаат пред моите очи и се почувствував како да лебдам. Бев возбуден  и по малку исплашен, но боите стануваа поинтензивни и јас како едвај да чекав да видам што има позади таа голема топка светлина. Голема наезда на ситни, портокалови и зелени светилки ме обиколуваа и направија моето тело да се крене нагоре, да лебди. Звукот на мојот глас одекна и одеднаш просторот околу мене се исполни со чудни двоглави суштества. Сите беа малечки, црвеникави со беззаба насмевка. Нивната радост ме направи да не се плашам, а кога едно од нив ми подаде рака, јас без двоумење прифатив. Дејзи само нè следеше мафтајќи со опашката. Брзо, но сигурно се движевме со нивните тркалезни бродови и ми се чинеше како цела планета да сум ја видел за неколку мига. Просторот беше темен, но силно осветлен од сини и зелени светилки кои даваа чуден мир. Нивните живеалишта беа на крошните од високите дрвја. Под високите дрвја имаше разни растенија со големи цветови низ кои летаа птици и инсекти. Потоци со жуборлива вода ја исполнуваа тишината и му даваа свежина на пејзажот. Ми понудија да каснам нешто, а тоа беше највкусното овошје што сум го пробал досега. Дејзи беше разиграна и весела. На среќата ѝ немаше крај. 
        Кога светилките почнаа полека да се затемнуваат, бевме вратени од каде што нè зедоа. Ние си посакавме брзо следно видување и си заминавме секој на својата страна.
                                   Ученик: Марко Калајџиески VI б одделение


Посета на непозната планета
        Уште како мала сакав да истаржувам и да откривам нови непознати нешта, да се среќавам со нови непознати суштества од други непознати планети. Понекогаш уживам да се качувам на таванот, да претурам и пребарувам по стари заборавени работи. И тоа утро се качив на дрвените скалички и забележав нешто чудно. 
        Во аголот на таванот забележав блескава сребрена светлина. Се искачив да погледнам што е. Се израдував кога најдов една книга со дебели црвени корици на која имаше нацртана сребрена пеперутка која блескаше на сите страни. Побрзав да ја отворам кога од неа излетаа безброј пеперутки. Погледнав на мојата рака, а на неа заблеска сребрена нараквица со силна светлина и ме однесе на друго непознато место. Кога погледнав, се најдов во една голема шума со безброј разнобојни дрвја. Наеднаш пред мене се појавија две самовили со сребрени крилја. Тие се викаа Темјанушка и Виолета. Така започна нашето пријателство. Ме прошетаа низ волшебната шума. Таму имаше водопади низ кои течеше розова вода, коњчиња со крилја, прекрасни куќи од кои наместо чад излегуваше светкав сјај. Одеднаш засвири и засветка мојата нараквица и јас се најдов на таванот.
        Времето за посета изминало и јас се вратив дома. Оттогаш, па сè до денес ги сонувам моите пријателки, Темјанушка и Виолета. Би било убаво кога и тие би можеле да дојдат на мојата планета за да се дружиме и забавуваме. 
                                             Ученичка: Марија Чочороска VI а одделение


Посета на непозната планета
        Сите беа среќни и возбудени. Со нетрпение го очекуваа полетувањето во вселената. Јас бев највозбудена бидејќи тоа ќе значи средба со суштества од други планети. Веднаш штом полетавме, јас заспав. 
        Се разбудив и забележав дека се приближуваме до некоја непозната планета. Вселенскиот брод запре и ние слеговме од него. Нè пречекаа непознати суштества кои воопшто не личеа на нас. Тие беа со зелена боја, беа многу пониски и зборуваа на некој чуден јазик. Тие ни посакаа добредојде на нивната  Шеќерна планета. Нè одведоа во нивните домови кои беа изрдаени од чоколада. Дрвјата беа од шеќерна волна, а низ реките течеше чоколадно млеко. Наутро изгреваа две прекрасни жолти сонца, а навечер имаше две сребрени месечини. Мостовите беа од чоколадни стапчиња, а наместо трева имаше мармалад. На нашата среќа и немаше крај! Домаќините беа многу љубезни кон нас, а ние уживавме на нивната планета. 
        ─ Јас сакам да живеам овде, извикуваа некои, да останам засекогаш, зборуваа други.
        ─ Ах, колку е убава оваа планета! ─ воздивнувавме сите.
Сите возбудено и весело трчаа наоколу и не можеа да ѝ се изнарадуваат на новата планета. Но за големо наше разочарување, го слушнавме звукот на сирената на нашиот вселенски брод којшто нè повикуваше назад.
        Сите ние, со голема тага  во очите гледавме низ малите прозорчиња на вселенскиот брод кој се оддалечуваше од Шеќерната планета и нашите гостопримливи домаќини. Наеднаш, планетата се обои во црвено што беше знак за поздрав од нашите пријатели кои ни посакаа пријатен и сигурен лет до нашата планета Земја. 
                                  Ученичка: Евгенија Пешиноска VI б одделение



Нема коментара:

Постави коментар