6. 11. 2012.

Рима

Римата е гласовно совпаѓање на исти слогови на крајот на два или повеќе стихови.

Според местото на акцентот во зборовите римата може да биде:
*машка(рај-крај);зборот е составен од еден слог.
*женска(мила-свила);зборот е составен од два слога.
*дактилска(долетува-полетува);зборот е составен од три и повеќе слогови.
Примери:
 1.Машка рима
„Пролет,чинам беше-ноќ убава,красна,
  зборевме на сокак со младинска жар,
  за новиот човек што ко сонце јасно,
  ќе изгрее славно на земниот шар.
             („За новата пролет“-Гого Ивановски)
2.Женска рима
„Чуј како стенка ветер низ нашите рамници пусти
  и вала во влажниот дол маглишта-слоеви густи...
  Со пискот летнува гарван и кружи над моето чело.
  матно е небото цело.
           („Во доцна есен“-Воислав Илиќ)
3.Дактилска рима
„Стадо в кавал заљубено
 ѕвоно в песна изгубено
око в божур залудено.
Румено!Румено!Румено!“
           („Залез“-Матеја Матевски)

Според местото во стиховите,римата може да биде:
*паралелна(ако римуваните зборови се во неколку(најмалку два) стихови еден по друг)
*вкрстена(римите се наоѓаат на првиот и третиот стих и вториот и четвртиот стих во строфата)
*обгрлена(римувани се зборовите од првиот и четвртиот стих и вториот и третиот стих)

Примери:
1.Паралелна рима
„Ене го крајот во возбуда сина.
таму детството мое ми мина.
Плачат оние планини за мене!
         („Од возот“-Блаже Конески)
„Стани си уре порано
  дојди си вечер подоцна,
  наутро радост понеси,
  Навечер тага донеси.
        („Денови“-Кочо Рацин)

1._________________
2._________________
3._________________        1-2;3-4
4._________________
2.Вкрстена рима
„Два конца парај од срцето драги,
  едниот црн е,а другиот црвен,
  едниот буди морничави таги,
  другиот копнеж и светол и стрвен.“
        („Везилка“-Блаже Конески)


1._____________________
2._____________________
3._____________________         1-3;2-4
4._____________________
3.Обгрлена рима
„Светка, зимски, мраз по улиците.
Снегот од кровови обвиснува
 во мразулци.А што ни смислува
 ќе кажат допрва капавиците.

1______________________
2______________________
3______________________           1-4;2-3
4______________________



                            
    
      
                Римата во песната„Везилка“-Блаже Конески

20. 10. 2012.

Разговор -комуникација


            Пред некој ден забележав две жени кои седеа на клупата во паркот. Едната упорно зборуваше, а другата ја завртила главата кон езерото без да возврати на  прашањата на првата. Не знам, можеби подоцна сѐ течело нормално, но во тој краток момент разговорот не течеше вообичаено.
Разговорот не е монолог.Тој е комуникација  на две страни  кои поставуваат прашања, даваат одговори и искажуваат мислења.Учесниците во разговорот се слушаат еден со друг, не се игнорираат.
Разговараме дома, во автобус, во продавница, банка, библиотека, во различни животни ситуации. Најважно од сѐ е културниот разговор во кој ќе се користат зборовите: молам, повелете, извинете, благодарам и др.
Културната комуникација  е важна во животот на секоја личност бидејќи со тоа се остава впечаток за нивото на воспитување.

ЗАПОМНИ!!
Моите вредни ученици-шестоодделенци направија кратки драматизации за културен разговор во различни животни ситуации.


    

        КОНЕЧНО!! Видеото од ученичките драматизации за разговор.
     
    

12. 9. 2012.

Социјални песни

Литературата се дели на три рода: лирика, епика и драма.
Лирска песна е куса, сликовита поетска творба исполнета со многу чувства (радосни или тажни).
Мотив е основна мисла водилка-поттик што го тера авторот да создаде песна.
Според мотивот песните може да бидат: родољубиви, хумористични,
љубовни, пејзажни, социјални и др.
Во социјалните песни поетите ги искажуваат своите мисли и чувства за неправдите кои ги доживуваат угнетените и експлоатираните работници.
Во македонската литература социјални песни пишувале: Кочо Рацин, Коле Неделковски, Константин Миладинов, Рајко Жинзифов и други.

Коле Неделковски
     
    Работник
По земници влажни
ноќеви тежат,
а векови тажни
на срце лежат.

А брзам сабајле
и полн со гајле
у мугра да станам
лимња да фанам.

Се` работа сакам,
по клубови акам,
а никој ме нејќе-
ех,стар сум веќе.

Се` така се молкнам
парталав-кален,
се` така го тегнам
животот жален.

А младост-црнина
по скелиња мина,
се` малтер си носев,
без стра се јазев.

А сега ме свило-
злото ме пие
и драго и мило
без ден ќе згние.

До кога ли вака
шепот без екот?
Па доста сме браќа,
робја на векот.

Од матен ни поглед
да молсне веда
да стокмиме довлет
за наш`те чеда.
       Коле Неделковски

На скелињата секој ден со кофи во рацете ...
                                                 
    Со тешка мисла, секое утро работникот оди да најде работа со цел да заработи дневница. Борбата за егзистенција е тешка бидејќи староста е пречка да заработи. Цела младост ја поминал по скелињата носејќи малтер. Со болка, разочарување, тешка мисла дека и многу други браќа се во иста ситуација: ,,До кога ли вака
                                шепот без екот?“
Гласот за подобро утре мора да се крене, од погледот да,, молсне веда“ за идните генерации да живеат  подобро утре.

 Денови
Како на вратот ѓердани
ниски камења студени
така на плешки денови
легнале та натежнале.

Денови ли се -денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси-

ај,пуст да е,пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек-роб биди
роди се човек-скот умри,
скотски цел живот работи
за други,туѓи имоти.

За туѓи бели дворови
копај си црни гробови!

За себе само ргај си
за себе маки тргај си-
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезен.
          Кочо Рацин
 
Кочо Рацин
Песната ,,Денови“ е една од највпечатливите социјални песни од легендарната збирка ,,Бели мугри“. Поетот е мотивиран од бедата во која живеат аргатите .
  Неправда е што тие работат многу, а заработуваат малку, стануваат рано, а доаѓаат доцна. Утрата им се полни со радост, а навечер ја носат тагата во нивните домови. Секој ден го проклонуваат ,,животот кучешки“:
,,ај,пуст да е,пуст да би
останал живот кучешки!“
Се раѓаат како луѓе, живеат како робови,  умираат ,,скотски“. И сето тоа за ,,туѓи бели дворови“. Затоа поетот, аргатските денови ги споредува со ѓердан нанижан од ,,камења студени“ и ,, алки ковани“.
Тежок е аргатскиот живот!!
        👇   Слушнете ја „Денови“! 
   
          

👇 Да ја составиме сложувалката!