4. 6. 2025.

Млади талентирани творци - Јана Билбилоска

 💬 Јана Билбилоска е ученичка во VIII а одделение, во ООУ „Живко Чинго“, Велгошти.

Јана е талентирана, креативна, вредна и исполнителна ученичка. Таа има чисто срце и отворен ум со кои го освојува светот. Со нејзините литаратурни творби учествува на голем број литературни конкурси и добива награди. На училишниот литаратурен конкурс го освои првото место пишувајќи за ликот и делото на нашиот патрон, Живко Чинго.

💬 На 2. Детски Прличеви беседи го освои првото место за најдобра поетска творба (категорија основно образование). На 4.6.2025 г. со возвишеност ги читаше стиховите посветени на нашиот еминентен преродбеник, Григор Прличев. На настанот во организација на ОО на манифестацијата во соработка со Општина Охрид,  во спомен-куќата на Григор Прличев, присуствуваа наградените ученици, нивните ментори и родители и се насладуваа од ѕвонливите зборови посветени на великанот. 

👇Погледнете неколку фотографии и прочитајте ја првонаградената песна.

Јана 
 
 
  
 















Охрид и Македонија за Прличев

 се и љубов и судба и гордост и тага и лулка и гроб

 

О, Прличев, тивок великану,

ти што зборуваше кога молчеше светот.

Од родниот Охрид направи вечност,

од маката – песна, од зборот – завет.

 

Ти, кој со перо го бранеше родот,

не со меч, туку со срцето полно.

Го запиша гласот на еден народ,

како оган што гори – но благо и силно.

 

Григоре, дали слушаш сега

како езерото ги носи стиховите твои?

Сè уште зборуваат, сè уште пеат,

тука си  – жив меѓу нас, постоиш.

 

Охрид те чуваше како дете свое,

ти беше лулка – и почеток, и свет.

А кога светот ти ја затвори вратата,

Охрид ти стана гроб – но не и крајниот лет.

 

Македонија ја носеше во болка и во слава,

вечна твоја љубов, исконска судбина.

Со гордост ја љубеше, и кога раната крвави,

ја гушкаше како што само поет знае тивко – без вина.

 

Сега ти зборувам, Григоре наш,

од тивките денови, од времето ново.

Ти си нашиот глас, ти си нашиот плач,

ти си вечен – во секое срце, во секое слово.

 

-        Јана Билбилоска   VIII a одд.

ООУ „Живко Чинго“, Велгошти


29. 5. 2025.

Млади талентирани творци - Михаела Митреска

💬 Роземак започнува со серија објави во чест на младите талентирани литературни творци од ООУ „Живко Чинго“, Велгошти

 

„Милоста кон народниот јазик јет наш долг и наше прао. Ние сме должни да милуаме нашиот јазик, зашто тој јет наш, исто така, како што ни јет наша таткоината ни.“
– Крсте Петков Мисирков
📌 Јазикот се негува и почитува со дела.
Секој напишан збор е вистински доказ за свежината и живоста на македонскиот јазик.
📣 Најголемата награда што може да ја добие еден наставник во својот работен век е да поттикне што повеќе ученици со интерес и посветеност да пишуваат на македонски јазик.
Љубовта, радоста, човечноста, тагата и болката извадени од детското срце и навезени во низа од зборови, се најубава мелодија за моите уши.
❤️ Им благодарам на сите здруженија, училишта, институции и поединци кои организираат литературни конкурси и ни помагаат да им дадеме поддршка на младите талентирани творци.
👏🏆🥇 Честитки, деца! Вие сте вистинските борци на браникот на татковината!
„Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“
– Блаже Конески
🥇 Михаела Митреска , твори од срце и плети песни со милозвучни македонски стихови!
 
💬Михаела Митреска е ученичка во VI а одделение. Скромна и трудољубива со љубов пишуваше на тема „Глас на хуманоста“. 
На 28 мај, во просториите на Црвен крст Охрид, беа доделени наградите на најуспешните учесници на ликовниот и литературниот конкурс „Гласот на хуманоста“.
 
💗Михаела Митреска -  прва награда 
👉Категорија поезија од VI до IX  одд.
 




        
 
👇Прочитајте ја песната „Гласот на хуманоста“!
 
 

Глас на хуманоста

 

Во свет полн со тага и страв

каде често молчи правдата

се раѓа глас, нежен и здрав –

тоа е гласот на хуманоста.

 

Гласот тивко низ светот се шири,

не бара моќ, ни пари, ни име,

во секој поглед нежно трепери,

разгорува искра, светло и време.

 

Рака подадена без збор,

очи во солзи за туѓа болка,

љубов за сите без изговор

надеж откриена како бисер во школка.

 

Кога детска солза ќе капне,

а топла рака нежно ќе ја избрише

тој глас  без зборови ќе те закрепне

со дела чисти, хуманост ќе испише.

 

Кога некој падне – да го кренеш!

Кога страда – со него да бидеш!

Со насмевка душа да му сретнеш,

со човечност најголема да блеснеш.

 

Низ страдања, низ премрежја тешки,

гласот на доброто пронаоѓа секогаш пат

го руши ѕидот што дели луѓе, без грешки

и гради мостови – чекор по чекор, брат до брат.