Страници

7. 4. 2020.

Составни независносложени реченици


Независносложени реченици се следниве:

1. Составни независносложени реченици;
2. Спротивни независносложени реченици;
3. Разделни независносложени реченици;
4. Исклучни независносложени реченици;
5. Заклучни независносложени реченици.

Составните независносложени реченици  донесуваат содржини што се поврзани меѓу себе според вршителот, според времето или според местото на вршење на дејството и сл.
СВРЗНИЦИ: И, НИ, НИТУ, ПА, ТА, НЕ САМО ШТО — ТУКУ И.


  • Сврзникот и поврзува реченици во кои се искажуваат истовремени дејства.

Пример: Поштарот стоеше пред вратата и чекаше да му отворат. 

  • Сврзникот и поврзува дејства што следуваат едно по друго.

Пример: Момчето ја зеде чантата, си стави чевли и излезе надвор.
  • Сврзникот и поврзува и дејства што се последица на други дејства.  
Пример:  Таа беше болна и цела недела не одеше на работа. 
  • Кога меѓу двете содржини има спротивен однос, со сврзникот и се јавува пак или сепак 
Пример: Јас можам да ти објаснувам цел ден и пак ќе направиш поинаку.
  • Во одречни реченици со значење и + не, се употребуваат сврзниците  ни и ниту
Пример: Не зборуваше многу ни рака креваше на часовите.
  • Сврзниците па и та се употребуваат во реченици во кои врзуваме дејства што следуваат едно по друго.
Пример: Татко ми го виде докторот, па тргна кон него.
                 Јас ќе напишам домашна, та ќе ти испратам тебе.
  • Со сврзниците та и па се поврзуваат дејства кај кои второто е последица на првото.
Пример: Солзите и се тркалаа по лицето, та не можеше да зборува. 
                 Викањето го налути професорот, па им подвикна на присутните. 
  • Кај составните независносложени реченици се јавува и сложениот сврзнички состав не само што - туку ( ама, но, ами, и).
Пример: Не само што не плачев, туку за мое изненадување не ми изби ниедна солза. 
(В. Подгорец)

Правописно правило: Составните независносложени реченици со сврзниците и, ни, ниту, не се одделуваат со запирка. (освен во речениците во кои се изведува заклучок, на пример: За нас се сите, и ние ќе победиме.)
Пред па и та се пишува запирка.
Речениците со сврзничкиот состав не само што - туку/ами/но и (не) ㅡ не се одделуваат со запирка.

Забелешка: Користен е учебникот за средно образование од С. Бојковска, Д. Пандев, Лилјана Минова-Ѓуркова и Живко Цветковски.


                                           
                          Вежби за составни независносложени реченици
1. Состави три реченици со  сврзник по твој избор, за составните независносложени реченици (и, па, та, ни, ниту, не само што-туку ( ама, но, ами, и).
2. Прошири ги следниве реченици во составни:
  • Тренерот не дојде _________________________.
  • Матеј ги изми рацете _______________________. 
  • Пеев гласно_____________________________. 
3. Во следниов текст пронајди ги составните реченици и препиши ги!
Ропство и слобода
        Носело едно дете кафез со две птички. Тие очајно колвале и со крилцата удирале по жиците. Некој човек го сретнал детето и го прашал: 
ㅡ Малечко, колку ги продаваш птиците?
ㅡ Петстотини  денари ㅡ рекло детето.
Човекот извадил од џебот пари, му ги дал на детето и ги пуштил птиците на слобода.
Детето зачудено прашало:
ㅡ Што направи?
ㅡ Јас, дете мое, четири години бев во ропство, па знам како е црно ропството.
Откако му одговорил на детето, човекот  си заминал.
                                                                                   (Р. Баумвол)

Нема коментара:

Постави коментар