Страници

8. 4. 2020.

Односни зависносложени реченици


Односните реченици како сврзувачки средства ги употребуваат сите односни заменски зборови.
Тоа се:

  • односните заменки: што; кој и којшто; чиј и чијшто;
  • односни заменски придавки: каков што; колкав што;
  • односни заменски прилози: каде што; кога; како што; колку што.
Односните реченици се делат  врз три основи.
  1.  Поделба врз основа на местото на зависната односна дел - реченица наспрема главната;
  2.  Поделба според тоа дали односната заменка се однесува на целата главна дел - реченица или на некој нејзин именски дел;
  3.  Поделба на односните реченици според тоа на која основа се воспоставува односот меѓу главната и зависната дел - реченица.
Поделба според тоа дали односната заменка се однесува на целата главна дел - реченица или на некој нејзин именски дел

Пример:
На овој натпревар, Кире Лазаров постигна осум гола,  што беше за поздравување.

Објаснување: Во зависната  дел- реченица: што беше за поздравување, релативната заменка што се однесува на глаголското дејство во главната реченица. 

Пример: 
Донесоа седум чаши  колку што имаше гости.

Објаснување:  Зависната дел - реченица: колку што имаше гости, се однесува на предметот во главната речница. 

Пример: Кој учи, ќе научи. 

Објаснување: Зависната дел - реченица (во инверзија) се однесува на подметот во главната реченица.

                        ДРУГИ ПРИМЕРИ ЗА ОДНОСНИ РЕЧЕНИЦИ
  1. Постигнавме гол што предизвика аплауз. 
Објаснување: Односната дел - реченица се однесува на главната реченица (на прирокот).

     2. Лаеше кучето чиј сопственик е нашиот сосед.

Објаснување: Односната дел - реченица се однесува на подметот во главната реченица.

     3.  Прашуваа деца кои не внимаваа на часот. 

Објаснување: Односната дел - реченица  може да се замени со атрибут 
(Прашуваа невнимателните деца) 

    4. Го пречекав човекот што ја носи поштата.

Објаснување: Односната дел - реченица  може да се замени со зборот поштар кој би бил предмет ( Го пречекав поштарот.)

Правописни правила:
  1.  Ако односната реченица е пред главната се одделува со запирка: Кој рано рани, две среќи граби.
  2. Ако односната реченица е по главната може да се оддели или да не се оддели со запирка : Ја купив сликата што одамна ја посакував.
  3. Кога односната е вметната пред и по неа се става запирка: Детето, коешто се изгуби на пазарот, ги најде родителите.
 Забелешка: Користен е учебникот за средно образование од Лилјана Минова-Ѓуркова, Живко Цветкоски, Стојка Бојковска и Димитар Пандев  и учебникот за деветто одделение од Соња Јовановска и Снежана Велкова.                     
                                                            
                                                                     Вежби:
Прочитај го внимателно текстов, а потоа во тетратка препиши ги односните зависносложени реченци!
Солза за капка вода

  ... Окото на Квазимодо му болсна. Тоа беше Циганката што се обиде да ја грабне минатата ноќ. Таа се качи на столбот и му пријде на маченикот, кој се оттргнуваше да ја избегне. Девојката го откачи грнчето што ѝ висеше на појасот, па благо го принесе кон сувите усни на Квазимодо.
       И тогаш во тоа толку суво и толку вжештено око заигра една крупна солза, која полека капна од тоа изнакажано лице. На него долго се гледаше само очај. Можеби таа беше права солза која некогаш ја пуштил несреќниот ѕвонар. 
       Кога се напи, тој бедник ја подаде својата црна уста за да ја бакне раката што му ги ублажи маките. Таа ја тргна исплашено како дете кое се плаши да не го касне некое животно... 
                                                    
                       (извадок од романот „Богородичната црква во Париз“-Виктор Иго)

Нема коментара:

Постави коментар