💬 Во рамки на манифестацијата „Денови на литература за деца – Охрид 2025“, денеска (12.9.2025 г.) на плоштадот „Вангел Наумоски“ се одржа промоција на четвртата книга од едицијата „Тие доаѓаат“, во која се поместени творби на ученици од основното и средното образование од Охрид.
💬 На овој настан, ООУ„Живко Чинго“, Велгошти беше претставено со 14 млади талентирани творци кои учествуваа во оваа стихозбирка.
👇 Во продолжение прочитајте ги инспиративните ученички творби!
Детска радост, детска љубов
Ех, кога ќе погледнеш дете
кое со другари другарува,
трча, скока, се смее и пее,
се радуваш, од срце се смееш.
Ех, кога ќе погледнеш дете
кое се санка низ падини стрмни
и со рачиња прави другар снежен бел,
се чуствуваш исполнет, цел.
Ех, кога ќе погледнеш дете
кое брзо потскокнува и трча
по крајбрежната, ситна песок,
знаеш дека тое е бисер редок.
Ех, кога ќе погледнеш дете
кое радосно те гледа
со насмевка топла, блага,
трпериш со душа драга.
Кога тоа дете,
ќе те прегрне силно,
ќе почувствуваш топлина
која те гали срдечно и милно.
Дури тогаш, знај,
ќе откриеш радост
и детска љубов до бескрај.
Сите деца треба да се среќни,
по цели денови да се смеат,
бидејќи детството е едно,
и тоа е најважно и највредно.
- Александар Балоски VII а одд.
Мојата татковина
Уште како тукушто родено бебе
би зборувала од срце за тебе,
полна со волшебни убавини,
од Бога целувани, дарувани.
Ти имаш грандиозни тврдини,
наши наследства дедини,
езера како бистри очи,
од кои чиста вода се точи.
Птица над тебе, татковино, лета,
многу земји, таа ќе прошета,
ќе бара како тебе место
но го нема на светот често.
Татковино моја, ти се поклонувам јас
крикнувам гордо на цел глас
зароби ме во прегратки твои,
јас ќе те чувам како очите мои.
Јас те сакам до бескрај,
со љубов што нема крај,
ех, колку си убава и мила,
в срце топло гнездо си свила.
Татковино моја, единствена родино,
врутоку, недоречена големино!
- Евгенија Апостолоска VII б одд.
Лебеди
Лебедите се прекрасни птици,
низ езерото гордо пловат,
исправени со крилјата стојат,
восхитени погледи ловат.
Љувовта е заштитен знак,
во пар се секогаш тие,
срцето копнежи крие,
нека топло гнездо свие.
Месечина во ноќта блеска,
низ водата сребрени траги,
мали лебеди, деца драги,
на мајка и татко се благи.
Белината е волшебна,
убавина езерска сјајна,
нека биде мојата тајна,
за лебедите љубов бескрајна.
- Ане Петковска VIII а одд.
Пролет
Топла пролет дојде во мојот крај
убава, зелена, вистински рај.
Славејот пролетна песна пее,
другарот весело се смее.
Насмевки детски ечат гласно
златното сонце грее јасно.
Насекаде шарени бои,
кокиче и лале се другари мои.
Развигорот воздишки крие
априлско дожде лице ми мие.
Мирис опоен нека се шири,
небесна музика нека се свири.
- Деспина Арнаудоска VIII а одд.
Пролет
Пролет зелена дојде,
ја испрати сосетката зима
и од неа наредби веќе не прима.
Снегот на планините се стопи,
земјата со вода се натопи.
Дрвјата расцутени, мирис се шири,
ветерот пролетна мелодија свири.
Кокиче бело гордо се крева,
во шумата се слуша пролетна врева.
Езерото со бранчиња поздрав праќа
лебедите во водата ги враќа.
Рибарот со кајчето плови,
рипчиња со јадица ќе лови.
Пролетна возбуда се крие
од цветниот нектар ќе се пие,
Сонцето насмевки ни дарува
детска радост нека царува.
- Евгениа Пентелашоска VIII б одд.
Среќа
Сонце светлозрачно свети
топлината тивко плови
во утрото свежо вети
ќе ми донесе надежи нови.
Месечина сребрена сјае
спокојна тишина владее
ноќта магична килим ткае,
а срцето искрено се смее.
Ѕвезди на небо блескаат
соништа - искри летаат
бескрајна љубов и радост
во душа моминска ми цветаат.
Среќа е убав волшебен збор
нека секој ја добива и чува
таа нека биде нашиот прв избор
кој секого го дружи и дарува.
- Евгенија Китрозоска VIII б одд.
Убавина
Ах, таа убавина!
Ах, тие прекрасни зраци,
секој ден моето лице го галат,
зрачат со бескрајна љубов
и милиони срца ќе прегрнат.
Ах, таа убавина!
Ах, тие волшебни звуци,
птици-песнопојки весело пеат,
нежна мелодија ѕвони со радост
среќа и надеж за нашата младост.
Ах, таа убавина!
Ах, тие шарени бои,
цветови исткаени во килим,
мирис опоен насекаде се шири,
штурче во ливада весело свири.
Убаво е сонцето сите нè грее,
убава е птицата песни ни пее,
убава е ливадата во шарени бои,
но сепак, најубава е насмевката
што на среќно дете, од уво до уво стои.
- Елена Јоноска VIII б одд.
Книга
Најдобар другар имам
од него мудрости примам.
Книгата е пријател мој,
нека биде и твој.
Песни, приказни и сказни,
читам интересни разни.
Светови необични чудни
со возбуда нè држат будни.
Книгата е мојот свет,
прекрасен мирислив цвет.
Порака важна испраќам
да читам со љубов сакам.
- Елиф Љуман VIII а одд.
Во мене живее свет
Во мене живее свет што никој не го гледа,
во очите молк, но во срцето – поезија врие.
Секој здив е песна, секој поглед надеж,
а секое тивко ,,зошто’’ – почеток на битие.
Јас не сум само тело низ денови што минува,
јас сум мисла, искра, пламен што не гасне.
Во мене зборуваат дождови и ѕвезди,
во мене се креваат светови – гласно и јасно.
Кога молчам слушај ме со срце,
зашто тогаш зборува душата во тајна.
Јас сум сон што не спие,
јас сум вистина – тивка, но сјајна.
И кога ќе паднам – ќе станам со стих,
не со болка, туку со светлина скриена.
Зашто во мене живее свет,
што никој не може да ми го земе.
Но не сум сама – со мене се тишините,
оние што ги слушаат само срца будни.
Во секое молчење носам илјада зборови,
што не бараат глас, туку душа што љуби.
И ако светот некогаш ме заборави,
ќе останам трага во нечија мисла.
Зашто светот во мене не се гаси –
тој сјае кога срцето чисто дише.
- Јана Билбилоска IX a одд.
Еко песна
Во утрински пролетен час,
се слушна силен исплашен глас
шумата плаче, во паника,
за помош итно сите ги вика.
Луѓето смислиле страшен план,
како да им фали уште некој стан.
Дрвјата од корен ќе ги сечат,
песок и тули ќе донесат.
Кај стариот даб и зелената смрека
Мечката на средба чека.
Животните ги вика на протест,
да се најде спас од оваа болест.
Шумата мора да се спаси,
пораката така гласи,
домот зелен и луѓето ги чува
од силен дожд и ветер кога дува.
Пораката е многу јасна,
хумана, и еко-гласна.
Таткото на градот пресече
за зграда, не, одлучно рече.
- Јана Ристеска VIII б одд.
Македонија
Македонија земја со сјај
под сонце златно, со вечен мај
со планини горди небо што допираат
со реки што пеат, ливади мирисаат.
Охридското Езеро скапоцен дар
со манастири тивки, со вечен жар
на Пелистер природата царува,
историја горда низ времето пишува.
Вино од Тиквеш на земја жива
традиција што не стивнува
во Битола уметност без збор
и глас на кавалот како извор.
Камениот мост над Вардар се простира
Гевгелија со добредојде те повикува
во Крушево јуначко се пее гласно
во Прилеп тутунот расте прекрасно
Секој град - приказна, секое село – рај
љубов македонска до бескрај
со иднина силна и младост чесна
Македонија нека живее и во песна.
- Леонардо Аџиоски VIII б одд.
Тишина во ноќта
Тивка ноќ светка месечина
од две блескави ѕвезди
се спушта самовила фина
кај нас сака да се вгнезди.
Со волшебно стапче в рака
во златножолта прекрасна свила
тишина да расее сака
над земјата наша мила.
Птиците со восхит ја следат
другари нејзини се тие
животните како војници се редат
шумата во мир ќе се скрие.
Самовилска прашина се шири
над секое село и град
спокојна рапсодија се свири
во сон паднаа стар и млад.
- Марко Лиотоски VIII а одд.
Македонија
Од Пирин планина и Шара висока,
од Вардар долг и Егеј син,
се слуша громогласен звук,
од прадедо, дедо и внук,
за една земја моја родна грутка
Македонија вечна, Македонија џин.
Александар Македонски создаде империја
ја распосла на три континенти
соедини многу народи разни
почитуван и од големи непријатели
кои знаеше жестоко да ги казни.
Гоце Делчев во Баница загина славно
за Македонија борејќи се храбро
името негово вечно ќе се спомнува
кога срце за слобода пламнува.
Партизани, борци, патриоти,
со почит пишувам стих,
Македонија мајка ќе ја чувам,
од душмани клети ќе ја бранам.
- Петар Ристов VIII б одд.
Татковина
Под небото сино,
во земјава мила,
растат деца среќни
и пеат со сета сила.
Птиците летаат
од исток до запад
од север до југ,
како тебе Охриде мој
нема никаде друг.
Во најубавата земја
сум родена јас,
гордо песна пишувам,
да чуе секој за нас.
Македонијо наша,
убавицо, кралице знајна,
од искона до бескрајот,
тоа не е тајна.
- Софија Калачоска VIII а одд.