Страници

31. 8. 2021.

Прв ден на училиште: Интересни игри за успешен почеток на учебната година

 


       Првиот час по македонски јазик е време за запознавање, забава и разговор. Во продолжение прочитајте неколку предлози за игри во одделението. Преку овие игри учениците ја вежбаат својата концентрација, се запознаваат со наставникот (6 одд.) и се забавуваат. Избрани се игри кои се во согласност со протоколите за настава во време на пандемија, донесени  од МОН.

                                     Патување на Месечината

    Играта започнува со зборовите: „Јас сум капетан на вселенски брод. Одам на излет на Месечината. Кој сака да оди со мене и што ќе понесе со себе?“

На Месечината ќе бидат земени само оние кои ќе изберат предмет што почнува со иста буква како нивното име. Овој услов не смее да им се открие на учениците. Тие треба да откријат сами!

Ученикот кој одговара на прашањето мора да стане и да одговори: „Здраво, јас се викам ..... и на Месечината ќе понесам....“ Ако предметот не почнува со истата буква како името на ученикот, наставникот одговара: „Жал ми е, не можеш да дојдеш со нас.“ Следува одговорот на друг ученик. Ако ученикот сфати за што станува збор или случајно избере предмет кој почнува со првата буква од неговото име, му се посакува добредојде на вселенскиот брод и се забележува неговото име (на таблата, паното или др.)

    Со тек на време, учениците ќе сфатат за што се работи. Играта може да се искористи за поставување дополнителни прашања за подобро запознавање.


Одиме на Месечината!

 

          Претставување со име, звук и движење

    Наставникот дава упатство.  Секој ученик се претставува (Јас сум...) прави некое едноставно движење со телото и произведува некој звук. Цело одделение заедно го повторува неговото/нејзиното име и го прави истото движење и звук. Вежбата се повторува за сите ученици.

Играта може да се надградува со приказна  и со помош на фантазијата учениците треба да замислат дека дошле од некоја далечна, сѐ уште неоткриена земја со необично име, каде суштествата се поздравуваат поинаку  од нас. Во еден момент се наоѓаат во училиштето, на годишниот собир на неоткриени земји и планети, па мора да се претстават со нивното вистинско име и поздрав, пр. Јас сум Ема Бум-бим, Плоп-плоп, Зип-зап... Сите ученици го повторуваат името и поздравот (може да се комбинира движење и звук)

Оваа игра има многу варијанти. Постарите ученици покрај своето име може да додадат некоја нивна особина (која ја имаат или би сакале да ја имаат), а која почнува со истата буква како нивното име... 

                              


                        А-ХА

    Оваа вежба го развива помнењето и ритамот. Ученикот со десната рака треба да го допре левото рамo и да каже „А“, потоа со левата рака да го допре десното рамo и да каже „Ха“, со десната рака го допира левото колено и го кажува своето име, а со левата рака десното колено кажувајќи го името на некој/a другар/ка од одделението.

Играта ја продолжува ученикот чие име е кажано. Тој ги повторува истите движења и повикува следен ученик да продолжи. 

Пример: „А-ХА, Мите - Соња“, продолжува Соња: „А-ХА, Соња - Иван“, па Иван... сѐ додека не се направи круг од сите ученици. Важно е да се држи ритамот на вежбата.

Се почнува сo бавен ритам, па се забрзува вежбата. Нормално е да се прават грешки, а сето тоа се прифаќа на забавен начин.


                       Мојата реченица
    Секој ученик на лист хартија вертикално го пишува своето име.  За своето име, ученикот смислува реченица така што секоја буква од името ќе биде на почеток или дел од некој збор во реченицата. Буквите од името може да ги напишат големи или со друга боја. Реченицата мора да има смисла.
Пример: Роза - РоЗа гО Зеде Албумот.
Речениците се читаат и се избираат најинтересните и најуспешно составените реченици.

*Забелешка: Игрите се преземени од различни интернет страници

--------------------------------------

Извор: Teach This

           http://www.profil-klett.hr/


Нема коментара:

Постави коментар