Реченицата е основна јазична единица со помош на која комуницираме.
Основни (главни) реченични членови се прирок и подмет.
Предметот (директен, индиректен и предлошки) и прилошките определби се неопходни реченични членови.
Атрибутот и апозицијата се второстепени реченични членови.
Реченицата е составена од личноглаголска форма, која врши функција на прирок (основен реченичен член).
Реченица во чиј состав има само еден прирок се вика проста реченица.
Прирокот се согласува со подметот по род, број и лице.
Повеќе од еден прирок во реченицата (два, три) значи дека реченицата по состав е сложена.
Одделните реченици во составот на сложената реченица се викаат дел - реченици.
Структура на проста реченица
Прирок
↙ ↓ ↘ ↘
директен индиректен предлошки прилошка
предмет предмет предмет определба
подмет ➝ атрибут и апозиција
Примери:
Ева пишува.
Ева пишува писмо.
Ева го пишува писмото.
Ева го пишува писмото денес.
Ева го пишува писмото во работната соба.
Љубопитната Ева го пишува писмото во татковата работна соба.
Ева, сестрата на Мими, го пишува писмото.
Ова се примери како расте бројот на реченични членови.
Прилошки определби
Прилошките определби даваат податоци за околностите во или под кои се вршело, се врши или ќе се врши глаголското дејство дадено со прирокот.
Во улога на прилошки определби се јавуваат:
- прилозите, за кои ова е основна функција;
- именки или именски групи со предлози;
- глаголскиот прилог.
Прилошките определби одговараат на прашања поставени со прашални заменски прилози, на пример: каде? кога? како? зошто? и др.
Се изделуваат следниве видови прилошки определби:
1. Прилошка определба за место - дава информација за местото на вршење на глаголското дејство искажано со прирокот.
Одговара на прашањата: каде? од каде? на каде? и сл.
Примери:
- Луѓето заминаа некаде.
прашуваме: каде заминаа?, а добиваме одговор: некаде
-Утре ќе одам Струга
-Дедо седеше на клупата.
- Од собата се слушаше гласна смеа.
2. Прилошка определба за време - дава информација за времето на вршење на глаголското дејство искажано со прирокот.
Одговара на прашањата: кога? од кога? до кога?
Примери:
- Вчера дојде дедо.
прашуваме: кога дојде?. а добиваме одговор: вчера
-Утрово не беше многу расположен.
- По полни десет години се вратија од странство.
- На излет ќе одиме во сабота.
3. Прилошка определба за начин - одговара на прашањето во врска со прашањето како се вршело, се врши или ќе се врши дејството искажано со прирокот.
Одговара на прашањето: како?
Примери:
- Таа брзо влезе во собата.
прашуваме: како влезе/ на кој начин, а одговараме: брзо
- Професорот отсечно зборуваше за проблемот.
- Ги пречекаа со аплауз.
- Во болницата влезе шепотејќи.
4. Прилошка определба за количество и степен - се изразува со прилози (малку, премногу), со именки со или без предлози ( Торбата тежеше пет килограми)
Примери: Тој малку зборуваше за проблемот.
Работи за двајца.
5. Прилошка определба за причина - одговара на прашањата: зошто? од која причина?
Примери: Скока од среќа.
прашуваме: зошто скока, од која причина, а одговараме: од среќа
- Не дојде на училиште поради болест.
6. Прилошка определба за цел - одговара на прашањето: со која цел?
примери: Отиде по млеко.
прашуваме: со која цел отиде, а одговараме: по млеко
7. Прилошка определба за услов - одговара на прашањето: под кој услов?
Пример: Без печат документот не го прифаќаме.
8. Прилошка определба за допуштање - дејството се допушта без разлика на сè.
пример: При сето внимание - падна.
Вежби за прилошки определби
1. Определи го видот на прилошката определба (само прилошките определби за време, место и начин) во речениците:
а) Сериозно му пристапи на проблемот.
б) Во дворот гласно лаеше кучето.
в) Вчера се собравме пред училиштето.
г) Лесно ја реши задачата.
2. Напиши по две реченици со прилошка определба за време, место и начин.
3. Прочитај го внимателно следниов текст!
Средба
Еден ден си играв игра на мојот телефон во дворот. Јас весело играв и седев под една сенка. Одеднаш пред вратата застана еден млад човек. Брзо отидов да му отворам. Се зачудив. Тоа беше мојот братучед. Тој живее во Франција. Тогаш, бев весела бидејќи првпат го видов.
Во текстот, пронајди ги прилошките определби за време, место и начин!
4. Дополни ги наведениве реченици со соодветна прилошка определба.
а) ___________ (кога) бев ученик во петто одделение.
б) Кристина ___________ (кога) учи, а _________ (кога) игра со другарките.
в)Ветрот ____________ (како) дуваше во гранките на дрвјата.
г) Планинарот ____________ (како) чекореше по стрмниот рид.
д) Матеј си дојде ____________(каде) и ги остави книгите___________ .(каде)
ѓ) ___________ (каде) леташе авион.
Нема коментара:
Постави коментар