Страници

4. 2. 2020.

Говор - обраќање


           Обраќање по повод некој празник, свеченост, манифестација во училиште, но и поради некој проблем искажан на конференции се вика говор
           Говорителот се обраќа пред присутните искажувајќи почит, осврнувајќи се на поводот со одбрани зборови, на разбирлив јазик, но со возвишен тон и убав стил во говорењето. Говорот треба да биде исполнет со најбитното за да предизвикува внимание со атрактивноста на изразот.
             За успешен говор (обраќање) треба да:
  -  знаеме која е публиката на која ѝ се обраќаме;
  -  ја дефинираме целта на говорот;  
  -   размислиме за пристапот, согласно потребите и желбите на публиката.
              Неколку едноставни правила:
  1. Зборувајте јасно;
  2. Зборувајте полека и доволно гласно за да ве чујат; 
  3. Зборувајте ѝ на публиката, не на компјутерот, таблата или на екранот. 


            Во продолжение, прочитајте ги најдобрите и најкреативните говори на нашите ученици. Мојата работа продолжува, сега, со учениците на ООУ „Страшо Пинџур“, Вевчани.
          На сите ученици од ОУ „ Единство“, Октиси им се заблагодарувам на соработката, креативноста и ангажирањето, а Роземак ќе остане отворен прозорец кон нашата училница.
        Почитувани, пред сѐ да ви посакам добредојде и да ви се заблагодарам за вашето присуство на оваа конференција за заштита на животната средина.
              Ова е тема која сите  нѐ засега. Животната средина е повредена од нашето несовесно однесување кон неа, но ако не се свестиме исто така и таа ќе ни возврати. Одржувањето на чиста и здрава животна средина е сечија одговорност. За да  имаме здрава планета, за здрави поколенија неопходно е да ја одржиме чиста почвата, водата и воздухот.
               Еколошките прашања се од животна важност и приоритет  над сите други. Здравата животна средина е  наше право, па затоа секој од нас е подеднакво должен да го чува и унапредува природниот еко систем.

Ви благодарам!
                                                                                                    Надица Иваноска



            Драги пријатели, истомисленици!
           Јас сум Сергеј Димитриески и член сум на еко друштвото „ Вевчани“  кое брои триесетина  члена од кои на работните акции присутни се околу дваесет члена. Ние сме ентузијасти и вредно учествуваме во голем број работни акции. Ние го исчистивме училишниот двор, фудбалското и тениското игралиште, Вевчанските извори и преубавата Вевчанска река, како и неколку улици на нашата општина. Наша цел е да се грижиме за околината во која живееме, па ви се обраќам со апел и покана за да ни се придружите. Нашиот следен предизвик е да засадиме што повеќе дрвца низ Вевчани. Зелено и чисто Вевчани е нашето мото.
                                                  Ви благодарам на вниманието!
                                                                                                   Сергеј Димитриески

                                                                         
          Се занимавам со пишување песни и прозни текстови. Уште како мала сакав да станам поет. Благодарение на моите родители кои ме поддржуваа во сѐ, успеав да ја напишам мојата прва книга „ Патот по кој одам“. Оваа книга е моето патување низ детството. Се надевам дека и понатаму ќе има вакви свечени и величествени моменти за мене. Тука сум, заедно со вас, да го промовирам моето првенче. Чест и задоволство ми е што сте присутни во овие најсреќни моменти од мојот живот.
           Уживајте во програмата што ви ја подготвив. Ви благодарам на вниманието!
                    
                                                                                            Верица Пешиноска



               Пред сè, да ви посакам едно големо добредојде и благодарност за присуството. 
              Драги пријатели, граѓани на нашата населба!
 Ќе зборуваме за хигиената на нашата средина и ќе се обидеме да донесеме неколку заклучоци со цел нејзино подобрување. Свесни сме дека природата ни дала убава шума, зеленило и бистри планински води за да ги искористиме и уживаме во нив. Ние не го цениме тоа, не ја чуваме природата, туку ја уништуваме. Фрламе отпадоци по улиците, реката и потоците, без трошка грижа на нашата совест. За оваа тема има многу да се зборува, но јас ќе се потрудам да бидам кратка и да испратам еден апел.
             Ве молам, собирајте го отпадот и одложувајте го во корпите за отпадоци. Комуналната служба редовно е на терен и грижливо го собира отпадот. Доколку оваа порака биде прифатена од сите присутни, ние, со нашето грижливо однесување ќе придонесеме кон почиста средина. 
             За чисто Вевчани, да се обединиме сите!
                                                                     
                                                                                             Голабинка Мукоска  

               Почитувани верници!
               По повод, верскиот празник Богојавление - Водици, на ден, 19. 1. 2020 година, во 8:30 часот, ќе се одржи света литургија, а потоа следи спуштање на светиот крст во водата, со што се одбележува крштевањето како една од светите тајни на христијанството.
               Од година во година, сè помасовно е учеството на верниците во осветување на водите во Охридското Езеро. Ви се обраќам со пораки за здравје, среќа и бериќет. Нека најбрзиот стигне до светиот крст, а сите кои ќе нурнат во ладните езерски води да бидат исполнети со духовен мир и задоволство. 
                                                                                     
                                                                                               Мартина Бебекоска
                          

                           Вечерва се наоѓаме повторно меѓу ѕвездите. 
                          Дами и господа! Овде сме меѓу ѕвездите за да ја избереме најсјајната ѕвезда. Добредојдовте на доделувањето на Оскарите. Чест ни е да учествуваме на ова волшепство и магија. Нашата најголема ѕвезда е документарниот филм Медена земја кој како стрела се протна насекаде во светот, носејќи со себе една оригиналност и порака за зачувување на природата. За нас, како Македонија, најважно е да ја сфатиме пораката што ни ја испраќа Атиџе: „ Пола земи од природата, а пола остави ѝ  нејзе“. Само така може да се зачува планетата. Доволно е да се пренесе оваа порака кај нас и низ светот. Уживајте во убавините на оваа вистинска приказна. 
                                                                                               Иван Димитриески




          Прекрасно мартовско утро. Врвулица на деца и возрасни, сите со иста цел, да стигнат до училиштето. По патот се слуша нежниот и мил детски глас кој се меша заедно со гласот на птиците кои го отсликуваат денешниот ден.
          Драги гости,  драги посетители добредојдовте на овој светол ден, на патронатот на нашето училиште кое го носи името на нашиот народен херој, Страшо Пинџур.
 Страшо Пинџур е роден  на 3 март 1915 година во Ваташа. Долга и тешка е неговата голгота во животот.Од мали нозе останал сам без родители, но на нивно место го поставил човековото ЈАС.Се зачленил во КП, учествувал во НОБ за ослободување на Македонија, но не ја дочекал слободата. Реалноста е сурова, но вистинита.
          Во негова чест, денес, наставниците и учениците Ви приредија богата културно - уметничка програма.
                                                                                            
                                                                               Зорица Мурџеска



          Дами и господа, љубители на музиката! 
Чест и задоволство ни е што учествувате на музичкиот концерт  за 2020 год.! Со нетрпение ги очекуваме познатите композиции преработени на најдобар начин од страна на виртуозот, Симон Трпчески! Како што знаете сите, Симон Трпчески својот талент го распространува насекаде низ светот, има многу концерти, а  еве го, тука е за нас.  Тој со задоволство сака да ги поучи најмладите пијанисти со нешто што го стекнал во текот на целата кариера и тоа тука, на бината! А потоа, ќе  ни се претстави со четири композиции кои  ќе ги изведе тој, а 5-тата со повозрасните пијанисти кои цели 10 дена работеа со него. Симон Трпчески, маестро, повелете   на сцената!
                                                                                 Георгина Србакоска

Нема коментара:

Постави коментар