Страници

28. 2. 2020.

Кочо Рацин- живот и дело

         Учениците од деветто одделение имаат голем потенцијал да бидат предавачи. По дадената задача: Предавање за животот и делото на Кочо Рацин, тие подготвија одлични презентации, плакати, фотографии и на многу креативен начин  зборуваа за ликот и делото на нашиот голем поет. Во прилог ви презентираме некои нивни презентации, а преку сликите ќе ви ја покажеме атмосферата на часот.


























21. 2. 2020.

Езерска слика - лични творби, 2019/2020 година

 Визуелни и аудитивни елементи во песна 
Новите поетски надежи пишуваа за езерото. Прочитајте!

Езерска слика

Езеро сино  волшебно блика
прави  прекрасна езерска слика.
Сонцето  златно сјае силно
езерото го гали нежно и милно.

Некогаш е разбранувано цело,
а јас по кејот трчам смело.

Лебеди бели низ езеро пловат
рибари во кајчиња риби ловат.
Галеб над езерото гордо лета
езерска љубов насекаде цвета.

            ─ Марија Попоска 


Езерска слика
Бистра вода и сончев зрак
камчиња бели на брегот пак.
Галеб сребренест над езеро светка
а рибарот е восхитен од таа глетка.

Езерската убавина секој ја слика
прекрасна на сонцето, таа блика.
 Силен бран гордо пружа рака
од песокот кула да прави сака.

─ Симона Јанкоска


Езерска слика
Езерската вода мирно стои,
блеска синилото во очите мои.
Во далечината рибарот плови,
најчесто риби да лови.

Ја гледам оваа убава слика,
во срцето радост ми блика.
Најубаво е езерово наше,
сакајте го, тоа е и ваше.

      ─ Дора Парталоска



Езерска слика
Крај езеро бистро седам
во бранови сини гледам.
Во душава радост ми блика
од езерската лична слика.

Ој, езеро, бисеру сјаен,
од убавини целиот исткаен.
Дури залезот ми злати коси
песнава моја кон тебе ме носи.

─ Надица Лазороска


Езерска слика
По езерото кајче плови
рибарот риби лови.
Ветерот силно дува
езерото како стражар го чува.

Езерото знае да биде тивко и мирно
големо, бескрајно и ширно.
Лебеди бели него го красат
галеби во лет високо се гласат.

               ─ Каролина Калајџиеска


Езерска слика
Покрај езерото седам
безброј мисли редам.
Езерото со сина боја
омилена твоја и моја.

Со восхит гледам
безброј мисли редам.
Езерскава слика моја
нека биде и твоја.

Лебед крилја шири
сака водата да се смири.
Насекаде бранови има
слушни ги и ти Мима.

ㅡ Катерина  Русевска


Песна за езерото
Задува ветер тивок,
ги разбрани сите води
сонцето силно грее
денот сончев се роди

Нежни бранови се леат
децата радосно се смеат
Бел галеб над езеро лета
и на кајчето весело слета.

Езерото јас го гледам
со восхит постојано го следам
 бели камчиња си редам
и на дрвена клупа си седам.

ー Мартина Мурџеска

Езерска слика
Езерото е мила слика
рибарот од радост блика.
Небото има боја сина
среќа за девојчето Мина 

Птицата волшебно пее
топлото сонце милно нè грее.
Ведра се шири смеа
Мила си игра со Леа.

ー Исидора Бетоска

Езерска слика

Галебот бел високо лета
над езерската шир гордо шета
 Лебедот во водата  се смее
со ветерот песна пее.

Рибари со кајчиња пловат
со јадици риби ловат.
Сончев изгрев зад трски се роди
низ езерски бескрај нè води.

ー Антоние Парталоски
                                                             


Езерска слика
Езерска убавина
секој ја слика
секогаш и секаде
од радост блика.

Езерото наше
како небо сино
понекогаш е мирно,
а понекогаш диво.

一 Немања Галичароски

Езеро

Над езерото рибар пловеше
големи риби ловеше
Галебот бел низ езеро броди,
лебедот лебетчиња води.

Некои деца со трски играа
родителите во вода пливаа
На брегот журка се спрема
тоа е нова езерска шема.

ー Божидар Влајнкиноски
                                                                

Езерска слика
Езерото рајско убаво
Сонцето светло го грее
бисерно, чудесно блеска
со убавина, ведро ни се смее.

Лебедот како украс бел
низ езерото броди
со рашиени крилја цел
како крал низ водата оди.

ー Јована Парталоска

Езерска слика
Сонцето силно над планина пече,
а езерската вода бавно се влече.
Рибар со кајче по езерото плови,
со јадица вешто риби лови.

Сината боја во очи блеска.
Ах, колку убаво ни се смешка!
Ладно езеро се шаренее во есен 
бран се игра со ветерот бесен.

ー Илина Мукоска










4. 2. 2020.

Говор - обраќање


           Обраќање по повод некој празник, свеченост, манифестација во училиште, но и поради некој проблем искажан на конференции се вика говор
           Говорителот се обраќа пред присутните искажувајќи почит, осврнувајќи се на поводот со одбрани зборови, на разбирлив јазик, но со возвишен тон и убав стил во говорењето. Говорот треба да биде исполнет со најбитното за да предизвикува внимание со атрактивноста на изразот.
             За успешен говор (обраќање) треба да:
  -  знаеме која е публиката на која ѝ се обраќаме;
  -  ја дефинираме целта на говорот;  
  -   размислиме за пристапот, согласно потребите и желбите на публиката.
              Неколку едноставни правила:
  1. Зборувајте јасно;
  2. Зборувајте полека и доволно гласно за да ве чујат; 
  3. Зборувајте ѝ на публиката, не на компјутерот, таблата или на екранот. 


            Во продолжение, прочитајте ги најдобрите и најкреативните говори на нашите ученици. Мојата работа продолжува, сега, со учениците на ООУ „Страшо Пинџур“, Вевчани.
          На сите ученици од ОУ „ Единство“, Октиси им се заблагодарувам на соработката, креативноста и ангажирањето, а Роземак ќе остане отворен прозорец кон нашата училница.
        Почитувани, пред сѐ да ви посакам добредојде и да ви се заблагодарам за вашето присуство на оваа конференција за заштита на животната средина.
              Ова е тема која сите  нѐ засега. Животната средина е повредена од нашето несовесно однесување кон неа, но ако не се свестиме исто така и таа ќе ни возврати. Одржувањето на чиста и здрава животна средина е сечија одговорност. За да  имаме здрава планета, за здрави поколенија неопходно е да ја одржиме чиста почвата, водата и воздухот.
               Еколошките прашања се од животна важност и приоритет  над сите други. Здравата животна средина е  наше право, па затоа секој од нас е подеднакво должен да го чува и унапредува природниот еко систем.

Ви благодарам!
                                                                                                    Надица Иваноска



            Драги пријатели, истомисленици!
           Јас сум Сергеј Димитриески и член сум на еко друштвото „ Вевчани“  кое брои триесетина  члена од кои на работните акции присутни се околу дваесет члена. Ние сме ентузијасти и вредно учествуваме во голем број работни акции. Ние го исчистивме училишниот двор, фудбалското и тениското игралиште, Вевчанските извори и преубавата Вевчанска река, како и неколку улици на нашата општина. Наша цел е да се грижиме за околината во која живееме, па ви се обраќам со апел и покана за да ни се придружите. Нашиот следен предизвик е да засадиме што повеќе дрвца низ Вевчани. Зелено и чисто Вевчани е нашето мото.
                                                  Ви благодарам на вниманието!
                                                                                                   Сергеј Димитриески

                                                                         
          Се занимавам со пишување песни и прозни текстови. Уште како мала сакав да станам поет. Благодарение на моите родители кои ме поддржуваа во сѐ, успеав да ја напишам мојата прва книга „ Патот по кој одам“. Оваа книга е моето патување низ детството. Се надевам дека и понатаму ќе има вакви свечени и величествени моменти за мене. Тука сум, заедно со вас, да го промовирам моето првенче. Чест и задоволство ми е што сте присутни во овие најсреќни моменти од мојот живот.
           Уживајте во програмата што ви ја подготвив. Ви благодарам на вниманието!
                    
                                                                                            Верица Пешиноска



               Пред сè, да ви посакам едно големо добредојде и благодарност за присуството. 
              Драги пријатели, граѓани на нашата населба!
 Ќе зборуваме за хигиената на нашата средина и ќе се обидеме да донесеме неколку заклучоци со цел нејзино подобрување. Свесни сме дека природата ни дала убава шума, зеленило и бистри планински води за да ги искористиме и уживаме во нив. Ние не го цениме тоа, не ја чуваме природата, туку ја уништуваме. Фрламе отпадоци по улиците, реката и потоците, без трошка грижа на нашата совест. За оваа тема има многу да се зборува, но јас ќе се потрудам да бидам кратка и да испратам еден апел.
             Ве молам, собирајте го отпадот и одложувајте го во корпите за отпадоци. Комуналната служба редовно е на терен и грижливо го собира отпадот. Доколку оваа порака биде прифатена од сите присутни, ние, со нашето грижливо однесување ќе придонесеме кон почиста средина. 
             За чисто Вевчани, да се обединиме сите!
                                                                     
                                                                                             Голабинка Мукоска  

               Почитувани верници!
               По повод, верскиот празник Богојавление - Водици, на ден, 19. 1. 2020 година, во 8:30 часот, ќе се одржи света литургија, а потоа следи спуштање на светиот крст во водата, со што се одбележува крштевањето како една од светите тајни на христијанството.
               Од година во година, сè помасовно е учеството на верниците во осветување на водите во Охридското Езеро. Ви се обраќам со пораки за здравје, среќа и бериќет. Нека најбрзиот стигне до светиот крст, а сите кои ќе нурнат во ладните езерски води да бидат исполнети со духовен мир и задоволство. 
                                                                                     
                                                                                               Мартина Бебекоска
                          

                           Вечерва се наоѓаме повторно меѓу ѕвездите. 
                          Дами и господа! Овде сме меѓу ѕвездите за да ја избереме најсјајната ѕвезда. Добредојдовте на доделувањето на Оскарите. Чест ни е да учествуваме на ова волшепство и магија. Нашата најголема ѕвезда е документарниот филм Медена земја кој како стрела се протна насекаде во светот, носејќи со себе една оригиналност и порака за зачувување на природата. За нас, како Македонија, најважно е да ја сфатиме пораката што ни ја испраќа Атиџе: „ Пола земи од природата, а пола остави ѝ  нејзе“. Само така може да се зачува планетата. Доволно е да се пренесе оваа порака кај нас и низ светот. Уживајте во убавините на оваа вистинска приказна. 
                                                                                               Иван Димитриески




          Прекрасно мартовско утро. Врвулица на деца и возрасни, сите со иста цел, да стигнат до училиштето. По патот се слуша нежниот и мил детски глас кој се меша заедно со гласот на птиците кои го отсликуваат денешниот ден.
          Драги гости,  драги посетители добредојдовте на овој светол ден, на патронатот на нашето училиште кое го носи името на нашиот народен херој, Страшо Пинџур.
 Страшо Пинџур е роден  на 3 март 1915 година во Ваташа. Долга и тешка е неговата голгота во животот.Од мали нозе останал сам без родители, но на нивно место го поставил човековото ЈАС.Се зачленил во КП, учествувал во НОБ за ослободување на Македонија, но не ја дочекал слободата. Реалноста е сурова, но вистинита.
          Во негова чест, денес, наставниците и учениците Ви приредија богата културно - уметничка програма.
                                                                                            
                                                                               Зорица Мурџеска



          Дами и господа, љубители на музиката! 
Чест и задоволство ни е што учествувате на музичкиот концерт  за 2020 год.! Со нетрпение ги очекуваме познатите композиции преработени на најдобар начин од страна на виртуозот, Симон Трпчески! Како што знаете сите, Симон Трпчески својот талент го распространува насекаде низ светот, има многу концерти, а  еве го, тука е за нас.  Тој со задоволство сака да ги поучи најмладите пијанисти со нешто што го стекнал во текот на целата кариера и тоа тука, на бината! А потоа, ќе  ни се претстави со четири композиции кои  ќе ги изведе тој, а 5-тата со повозрасните пијанисти кои цели 10 дена работеа со него. Симон Трпчески, маестро, повелете   на сцената!
                                                                                 Георгина Србакоска